Архива за ознаката: љубица_спасковска

Дали корените на денешната феудална демократија се наоѓаат во „феудалниот социјализам“?

Дел од виртуелното заседание „Во каква состојба е демократијата во Македонија?“ Автор: Љубица Спасковска

Оваа година се одбележуваат дваесет и пет години од падот на Берлинскиот ѕид и со тоа и почетокот на падот на советскиот, источно-европскиот и југословенскиот социјализам. После четвртина век од радикалните политички и општествено-економски промени кои југословенскиот „плурализам на самоуправни интереси„ и пазарниот социјализам го заменија со новата „либерална утопија,“ етно-национализам, де-секуларизација и сомнителна приватизација на општествената сопственост, повелкувањето на неколку паралели и критичко промислување и споредба на сегашниот со моментот пред две ипол децении би ни помогнало не само да го согледаме актуелниот контекст вон некои политички/медиумски наметнати рамки, туку и да трасираме патеки за иден, поодржлив развој.

Во годишниот извештај за човекови права на американскиот Стејт департмент за Македонија за 2013 година се подвлекува дека „Членството во партија од владеачката коалиција сѐ повеќе претставува услов за вработување во државната администрација.“ Извештајот понатаму посочува дека „Најкритичен проблем на човековите права беше неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото, вклучително преку мешање на државните и партиските активности, мешање во судството и медиумите, и селективно гонење на политичките противници, како и значителни нивоа на корупцијата во владата и неказнивост на полицијата. „Иако честопати се посочува дека ваквата политичка култура е резултат на авторитарното наследство и еднопартискиот политички систем од 1945 до 1991, податоците всушност говорат за многу подраматично назадување. Имено, спротивно на широко прифатениот наратив дека и за време на социјализмот вработувањето и напредувањето биле привилегија на „подобните“ и на партиските членови, според податоците од Статистичкиот годишник на Југославија од 1985, во 1984 година Сојузот на комунисти на Југославија (СКЈ) броел 2,041,270 членови, односно околу 9% од вкупното население во целата федерација. 32% (649,428) од членовите биле помлади од 28 години, а само за една година, во 1985 бројот на млади членови во СКЈ паднал на 504,368 (23%), што всушност потврдува еден обратен процес од оној чиишто сведоци сме денес – имено, дека огромен број на млади се зачленуваат во владејачката партија само за да добијат било какво вработување. Така, „недоволната одвоеност помеѓу државните и партиските активности и притисокот врз вработените во јавната администрација да ја поддржуваат владејачката коалиција“ останува рак-рана на македонската демократија, односно на систем што сѐ повеќе поприма обележја на нешто што би можело да се нарече „авторитарен консоцијализам.“

Во студијата насловена Отворени граници, неврзаност и политичката еволуција на Југославија објавена во 1987 година, американскиот професор Вилијам Цимерман за да го опише постоечкиот политички и уставен систем во СФРЈ ја воведува синтагмата „консоцијална авторитарност“ (consociational authoritarianism). Две години подоцна, студијата Југославија во криза, пак, говори за „феудален социјализам.“ Доцниот социјалистички период во којшто локалните, етнички поделени политички елити ја монополизираат и злоупотребуваат власта е точката во којашто многумина научници и странски аналитичари во осумдесетите години, а и подоцна, ја посочуваат клучната причина за југословенската криза. Македонската „феудална демократија“ кадешто отсуството на граѓанскиот принцип во политичкиот живот е помножено со тотална партизација на општеството и огромен јаз помеѓу најбогатите и најсиромашните граѓани, инаку типичен за земјите од „третиот свет,“ во таа смисла е назадување (дури и) во однос на доцниот социјалистички период.

 

Други текстови на ова заседание:

Студенти на новото време

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Љубица Спасковска

„Сите школи на македонски“, „Кој експериментира со педагошкиот факултет“, „За Шиптари гасни комори“… Пред седумнаесет години дел од подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ – Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Антонио Милошевски, беа упорни, бунтовни протестанти кои беа спремни да штрајкуваат со глад и да колабираат во име на тоа да не им се дозволи на нивните врсници-Албанци да посетуваат настава на мајчин јазик на скопската Педагошка академија. Влатко Ѓорчев беше средношколец кој дојде и во мојата гимназија да нѐ убедува да им се придружиме на протестите. Денес, овие луѓе се дел од македонската владејачка политичка елита. Овој дел од нивните биографии е ретуширан или подзаборавен, а нивните коалициони партнери очигледно немаат проблем со фактот што соработуваат со луѓе кои флагрантно ги оспорувале јазичните права и повикувале на екстерминација на нивната етничка заедница.

До минатата недела, овие срамни протести важеа за најмасовниот студентски бунт во независна Македонија. Сѐ до минатата недела, шовинистичкиот национализам од 1997 беше најкрупната дамка на македонското студентско организирање. Но, по седумнаесет години, се чини дека една нова политичка генерација е родена. Социолошки, генерациите нужно не се поистоветуваат со специфични возрасни/биолошки групи; Карл Манхајм ја иденитификува како сродни возрасни групи инволвирани во одреден историски-општествен процес. Во овој случај, една нова политичка генерација на прекрасен начин ни покажа дека ерата во која национал-шовинизмот поминуваше како субверзивност и како најефикасниот начин за мобилизација – е завршена. Политичката елита на ДПМНЕ која со години црпеше симболичен капитал од нивното наводно визионерско анти-југословенство, од нивниот анти-албанизам, од анти-комунизмот со кој успејаа да го дестабилизираат македонското антифашистичко наследство и самата македонска државотворност, тој дискурс е поразен од новиот политички јазик на оваа генерација. Паролите на македонски и на албански јазик кои се појавија на протестите, како и сите јавни соопштенија на Студентскиот пленум беа исклучително интелигентни, умно срочени и на едно толку многу повисоко ниво од сѐ што произведе 1997 и од општото дискурзивно и интелектуално ниво на владеачката коалиција и најголемиот дел од медиумите. Овие млади луѓе ни ја вратија вербата дека една поинаква Македонија е возможна! Нивниот протест не е насочен единствено кон овој специфичен контраверзен „државен испит“ – тој е насочен кон целокупната состојба на високото образование, а нивната елоквентност, интелигенција, ентузијазам и ерудиција ќе внесат, односно веќе ја внесоа долгоочекуваната свежина во јавниот простор кој последниве години е буквално загаден од загрижувачки примитивното ниво на политичка и медиумска комуникација.

I have a dream… дека еден ден најдоброто од оваа генерација ќе биде дел од идната, нова македонска елита на вистински високо-образовани, толерантни, отворени, само-критични индивидуи. “Каде што завршува стравот, таму почнува слободата“!

Од феудален социјализам до феудална демократија – проблемите и јадовите на Република Македонија

Во земја каде што политичките противници се етикетирани како „предавници“, каде поединците се сметаат како прво и основно припадници на етнички заедници, а не граѓани, каде слободата на медиумите е под закана и политичките партии не ја почитуваат независноста на државните институции, ескалацијата на насилството е единствено симптом, пишува Љубица Спасковска во колумна за Open Democracy.

Иднината на минатото: зошто крајот на Југославија е сè уште важен

Нов социјалистички модел се појавува во Западен Балкан. Може ли неговиот политички речник да ги надмине етно-националните линии на поделба во регионот, во колумна за Open Democracy прашува Љубица Спасковска.