Архива за ознаката: флоријан_бибер

Сценарија

Вонредно заседание, прв дел: Сценарија за излез од политичката криза

Со објавувањето на „бомбите“ на Заев, Македонија влегува во една од најголемите политички кризи во својата историја. Влоговите се високи и на двете страни. Каква предвидувате дека ќе биде разврската на оваа криза? Како би требало да се постави опозицијата во текот на настаните што следат?

Првиот дел од ова дводелно вонредно заседание донесува четири осврти:

 

фото: НОВА

Со преговори до излез?

Дел од првиот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза. Автор: Флоријан Бибер

Во изминативе недели, со ескалација на политичката криза во Македонија, се огласија неколку функционери од Европската Унија повикувајќи ја Владата и опозицијата на преговори со посредништво на ЕУ. Меѓу функционерите се и Јоханес Хан—Комесар за проширување и Федерика Могерини—Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносни политики. Се поставува прашањето, дали преговори се правецот што води до излез од кризата? Додека Владата го обвинува лидерот на опозицијата Зоран Заев за шпионажа и планирање на државен удар, опозицијата продолжува да објавува аудио записи што посочуваат на конкретна злоупотреба на јавни функции, контрола на судството и медиумите и манипулација на изборите од страна на партијата на власт. Имајќи ја предвид сериозната квалификација на обвинувањата, можноста за договор по пат на преговори станува сѐ понеизвесна. Но, треба да сме предострожни кога зборуваме за можноста на преговори, не само заради веројатноста да вродат со успех или не. Како прво, природата на обвинувањата не е предмет на посредништво, туку на истрага. Ако аудио снимките се и само делумно вистинити, тие посочуваат на опсег на злоупотреба што не е компатибилна со демократско управување. Дотолку повеќе, аудио снимките го засегаат сето општество, не само власта и опозицијата. Оттука, решение постигнато само меѓу двете политички партии, ќе ги исклучи сите останати кои се засегнати.

Да се потсетиме на два различни наврати на Балканот кога ЕУ посредуваше во конфликти, обата пред 18 години. Во 1997 година, посредството се оствари во преговорите меѓу опозицијата и Владата на Слободан Милошевиќ по протести за местење на локалните избори. Исходот беше делумно отстапување на режимот, кој продолжи да управува со државата во следните три години и се втурна во страотна војна на Косово. Речиси истовремено, ЕУ настапи како посредник и во Албанија, при колапсот на државата по авторитарното владење на првата влада на Бериша и уривањето на пирамидалните штедилници во земјата. Во овој случај, целта беше да се преговара пренос на политичката моќ, што резултирше со нов устав и избори што поведоа до таа смена. Овие два примера се поучни. Посредството на ЕУ треба да се стреми кон изнаоѓање излез по структурен пат, а не само со разрешување на различностите, дури и тоа да е возможно. Квалификациите и основаноста на обвинувањата изискуваат договорот постигнат со преговори да вклучи независна (не само номенклатурно) истрага на обвинувањата и експертска влада што ќе ја води државата во нови избори. Со сегашната власт, слободна и независна истрага се чини невозможна, а дури и да се случи, ќе биде предизвик имајќи ги предвид доказите за контролата што владејачката партија ја има врз државните процеси. ЕУ е соочена со два предизвици во постигнувањето вакво посредство. Прво, нејзината преговарачка моќ е сериозно ограничена. Со грчкото вето, ЕУ на располагање има малку што да понуди, а се соочува и со нарушен кредибилитет во Македонија. Второ, влоговите се високи. За двете страни конфликтот е прашање на сѐ или ништо, подготвени да вложат сѐ за да не изгубат. Ако обвинувањата се вистинити, водството на владејачката партија ќе заврши во затвор. Оттука, ограничен е еланот за отворена истрага.