Архива за ознаката: тања_петровиќ

New authoritarian tendencies_pic

Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?

Политички партии кои функционираат како агенции за вработување, предизвикувајќи и одржувајќи култура на вкоренета корупција и клиентелизам; слаби државни институции; политичка контрола врз медиумите; распространета нееднаквост; изумирање на државата на благосостојба.„Авторитарното искушение“ се покажа премногу големо за повеќето од новите постјугословенски елити. Додека низ целиот политички спектар (во различна мера) постојат силни тенденции социјалистичкото минато да се претстави како девијација и да се криминализира, намерно бришејќи го од јавниот простор и јавната историја / меморија, и во интелектуалниот и медиумскиот дискурс постои некритичко присвојување на линеарен, површен наратив – присутен во посткомунистичките земји од Централна и Источна Европа – кој сите современи негативни појави му ги припишува на „тоталитарното“ социјалистичко минато.

Ни државите наследнички на СФРЈ не се имуни на тоа што може да се нарече вгнезден антикомунизам (nesting anti-communism, од nesting orientalism). Во Република Македонија, инсистирајќи на недемократската природа на социјалистичкиот режим, владејачката политичка елита успеа да произведе (преку контроверзниот Закон за лустрација, Музејот на жртвите на комунизмот и уништувањето на социјалистичкото / модернистичко архитектонско наследство во главниот град) еден хегемонистички режим на меморија (memory regime) кој всушност е олицетворение на најлошите практики на истиот систем што самите го демонизираат. Сепак, прашањето дали и во која мера новата авторитарна политичка култура во регионот е наследство на еднопартиското социјалистичкото минато вреди да се постави.

Генерално, а и поконкретно во македонскиот случај, припишување на вината за современите проблеми и ововековниот авторитаризам на Тито, елитата околу него, или на „комунизмот“ е само погоден начин за екстремно корумпираните и неодговорни елити на себеамнестирање. Она што е шокантно е дека во некои клучни аспекти состојбата во Македонија во 2015 година е многу полоша отколку пред 40 години. Индексот на нееднаквост (Gini) се зголемил од 28,1 во 1998 на 43,6; речиси една третина од населението живее под линијата на сиромаштијата; земјата падна од 34-то во 2009 година на 117-то место во 2015 година на светскиот индексот за слобода на медиумите; околу една четвртина од населението емигрирала во странство; и стана невозможно да се најде вработување без познанства и членство во партијата на власт (спротивно на популарното мислење дека дури и во социјализмот партиската книшка била пресудна, вреди да се спомене дека Сојузот на комунисти на Југославија најголем дел од своето постоење имал околу 1 милион членови).

Потсетувањето на некои од позитивните карактеристики на социјалистичкиот период не значи и некритичка глорификација или идеализирање на тој систем; тоа е пред сѐ обид да се истакне фактот дека позитивното наследство од тој период (еманципаторските практики, работничките права, социјалната заштита и солидарност, еднаквоста, социјална мобилност, релативната меритократија, активната надворешна политика и компетентната дипломатија) е редуцирано или целосно уништено, а негативното (политичкиот авторитаризам, култот на личноста, контрола врз слободата на говор) е проширено и „усовршено“. Оттука, визијата на Ненси Фрејзер за еден поинаков постсоцијализам – што ќе го инкорпорира, а нема да го отфрли најдоброто од социјализмот – сѐ уште се чини значајна.

Во ова заседание ви пренесуваме четири размислувања на оваа тема со фокус на постјугословенскиот простор:

 

Уредничка на заседание:  Љубица Спасковска

Фото: Љубица Спасковска

Копнеж по изгубената способност за делување

Дел од редовното заседание „Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?“. Авторка: Тања Петровиќ. Превод: Е.Б.С.

Хрватскиот филозоф Борис Буден зборува за постсоцијалистички субјекти како деца на комунизмот, притоа предупредувајќи дека тоа не е метафора, туку симптом на имагинација во која транзицијата кон демократија е радикална реконструкција што започнува од ништо: „Источна Европа по 1989 година наликува на предел на историски урнатини кој е населен само со деца, незрели луѓе неспособни да ги организираат своите животи на демократски начин без водството на некој друг.“

Оваа слика на постсоцијалистичките индивидуи како беспомошни, незрели и зависни деца многу често одекнува во начинот на кој им се пристапува на луѓето од поранешните југословенски општества од многу различни позиции на моќ: од претставниците на „меѓународната заедница“, кои ги гледаат овие општества како табула раза, полигон за спроведување различни општествени и политички експерименти, како и од новите локални елити, кои за катастрофалната економска ситуација одговорноста ја препишуваат на самите граѓани, обвинувајќи ги за неможност или неволност да се адаптираат на новата, пазарно ориентирана реалност, која изискува индивидуална иницијатива и самостојност. Многу често причините за оваа неможност и неволност „да се грижат за себе“ се лоцираат во проблематичното социјалистичко наследство, кога луѓето живееја со верување дека државата или некој друг треба и ќе се грижи за нив.

Таков поглед на социјализмот не само што го поддржува брзото размонтирање на социјалната држава во постјугословенските општества, туку и често служи како корисно објаснување за секакви видови реакционерски политички ставови, коишто се присутни во регионот од 90-тите наваму. На „децата на комунизмот“, се вели, не само што им се потребни водство, заштита и надзор, туку тие копнеат и по силен лидер со широка контрола, којшто ќе се грижи за сѐ – авторитетна татковска фигура како таа на Јосип Броз Тито за време на југословенскиот социјализам. Во овој контекст, каква било носталгија или позитивен став кон социјализмот се смета за знак на слабост, нерационалност и неможност за снаоѓање во тековните социјални и економски трансформации. Се гледа како „резултат на чувство на загуба во транзицијата од комунизам кон демократија“, како што тврдат политиколозите Јоаким Екман и Јонас Линде.

Но ако посериозно ги разгледаме позитивните референци на граѓаните во постјугословенските општества, согласно она што го предлага американскиот антрополог Доминик Бојер, ќе видиме дека позитивните аспекти на нивните социјалистички искуства не се однесуваат единствено на изгубената социјална сигурност, социјалната заштита и имањето некој којшто се грижи за сѐ. Тие многу повеќе се однесуваат на изгубената способност за делување и самопоимањето како чинител во сопствениот живот, но и во пошироките економски и општествени процеси. Спротивно на укажувањата на распространетите неолиберални и „транзициски“ политички дискурси во однос на социјализмот, граѓаните многу повеќе се сметаа себеси за чинители за време на социјализмот отколку денес, кога се чувствуваат неспособни да ги реализираат своите желби и визии. Во случајот на постсоцијалистичка Србија, Маја Петровиќ Штегер опишува како нејзините испитаници „често наведувале дека секојдневните факти од нивните животи им отежнуваат да се замислат како активни учесници во преобликувањето, или само во оспорувањето на политичкото и економското ткиво во современа Србија.“

Тоа е причината зошто ретки и исклучителни настани во кои граѓаните успеваат повторно да добијат одреден степен на способност за делување – како масовните мобилизации за пружање помош и солидаризирање за време на катастрофалните поплави во регионот во мај 2014 година или граѓанските пленуми како форми на директна демократија во Босна и Херцеговина – се преполни со повикувања на формите на општествена организација и акција карактеристични за југословенскиот социјализам.

Во ваков контекст, видена како копнеж по изгубената способност за делување, носталгијата по социјализмот не е реакционерен, ирационален и прототалитарен став, туку пракса од мобилизирачки, легитимирачки, па дури и еманципирачки карактер. Таа е потсетник не само на минатото, туку и на неопходните вредности за замислување иднина, како што се меѓугенерациска и универзална солидарност, одговорност, заедништво, вредност на работата како таква и можеби пред сѐ, лична и колективна автономија.