Архива за ознаката: родова_еднаквост

Жената во македонскиот мачо-популизам

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Ана Василева

Како и во повеќето режими што се стремат кон тоталитарност и во кои моќта е сконцентрирана во рацете на многу ограничен број на луѓе (или можеби подобро би било да речам – хетеро, привилегирани мажи), така и македонското општество позициите на моќ во голема мера ги гради врз дихотомијата маж – жена, дефинирани во согласност со традиционалните вредности.

Во голем степен мачо-популизмот на Владата се базира врз идентификување со „чистиот Македонец“ како категорија на која припаѓа мнозинството гласачи и што се дефинира најмногу преку она што не е: не-муслиман, не-хомосексуалец, не-жена. Разбирливо, сите овие останати категории на симболичко ниво стануваат непосакувани или во најмала рака второстепени. Следствено на тоа, жената, неопходна поради нејзината репродуктивна функција во општество кое сака евтина работна рака и партиски војници е сведена на нужно зло, слично на останатите сексуални, етнички, идеолошки малцинства. Ретките новокомпонирани скулптури и споменици на жени, потпикнати меѓу гордите војсководци и крвопролевачи што ги освоија нашите јавни простори, се или мајки, или трудници или наречени со сомнителниот назив „шмизли“, што реално ја одразува и јавната перцепција за улогата на жената во општеството денес. Владините кампањи за многудетност и против правото на избор добиваат форма преку телото на жената, кое својата вредност ја стекнува преку способноста и продуктивноста во процесот на создавање на нови гласачи за партијата.

Сликата во политичкиот живот е конзистентна со онаа на општествено ниво. И покрај Законот за еднакви можности од 2006 година со кој се воведе квота од задолжително присуство на 30 проценти жени во Парламентот, типичната пратеничка во Македонија не успеа да избега од сенката на патријархалниот императив на „послушна ќерка“. Небулозно дозволувајќи закони што директно задираат и го силуваат женското право на избор воопшто да дојдат на дневен ред, жените во Парламентот не покажаа политичка зрелост да ги одржат женските права кои и онака беа под опсада, а не пак да направат некаков суштински исчекор кон подобро за непривилегираните жени низ земјата. Освен тоа, и покрај огромната јавна поддршка против родово-базираното насилство и кампањите за подигнување свест, во пракса имаме еден тромав и неефикасен институционален систем што не нуди никаква заштита и е светлосни години далеку од тоа да обезбеди можност за економска поддршка и реинтеграција на жртвите во општеството.

Врзани за сферата на приватното, на жените најголемо поле за докажување традиционално им остана она на разните тортијади, пифтијади и други „јади“ во кои својата покорност ја докажуваат креативно зачинувајќи ги делата со декорации во чест на „Пастирот“. На оние жени со поголеми амбиции, повторно, во согласност со маскулинистичката патријархална општествена идеологија најдостапна и најпожелна опција за напредување (и покрај реалните или претпоставени високи професионални квалификации) им е таа преку умилкување на машки авторитети. Тука се и оние што го прифаќаат традиционално „машкиот“ модел на однесување играјќи ја улогата на строги, „челични дами“, кои на никаков начин не се разликуваат од своите колеги мажи, дури и ги надминуваат во суровоста.

Може да се заклучи дека местото на жената во мачо-популизмот и понатаму останува врзано за стереотипните поимања за женскоста во најрудиментарна форма. Ограничени со нормите на „пристоен“ изглед и „дамско“ однесување, обременети со низа закони и кампањи, и понатаму остануваме во меѓупростор, растргнати помеѓу надворешните очекувања и внатрешниот порив за ослободување и самореализација.