Архива за ознаката: правото_на_град

Насловна фотографија

Редовно заседание: Урбанизацијата и правото на градот

Во предвечерјето на првиот локален референдум во Македонија закажан за 26 април 2015 година, ова заседание се осврнува на значењето на сегашниот момент, граѓаните за првпат со директна одлука да го обликуваат својот град. Околу 43.000 жители на општина Центар ќе може да се изјаснат за или против зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар (ГТЦ), за чие значење можеа да се информираат преку референдумската кампања и новата публикација за ГТЦ.

Постоечките аргументи на страните за и против смена на автентичниот израз на ГТЦ се костат околу функцијата и значењето на објектот. Од една страна, поддржувачите на планираните промени аргументираат дека ГТЦ треба да се преобликува во простор кој ќе биде попријатен за потрошувачите, затворен и заштитен од временски непогоди. Од друга страна, граѓанските иницијативи и Асоцијацијата на архитекти аргументираат против обликување на ГТЦ кое би го свело од изграден простор отворен за различни искуства што не се ограничени на потрошувачкото, во шопинг комплекси.

Заседанието ги става во разговор постоечките аргументи околу преобликувањето на ГТЦ како урбанистички зафат со општествените врски што опстојуваат за и околу концептите за урбанизацијата и за можноста и/или неопходноста граѓаните директно да учествуваат во обликувањето на градот. Граѓанскиот референдум го заменува честопати оневозможеното и симболично право за учеството во консултативниот процес на урбанистичките планови. Со директно учество, граѓаните прават чекор кон остварувањето на правото на град— колективно да одлучуваат во уредувањето на просторот околу нив. Остварувајќи го правото на град ги менуваат односите со светот што ги опкружува.

Оттука прашуваме, какви можности, простори и врски се создаваат со граѓанското директно дејствување во планирањето на градот? Дали урбанистичкото планирање и архитектурата можат да го помогнат тоа дејствување и дали можат да го осознаат градот преку граѓаните и нивните искуства? И конечно, дали планерите, архитектите и институциите во Македонија може да овозможат планирање на град на и за сите граѓани?

На овие прашања се осврнаа:

Координаторки на заседание: Мила Шопова и Леонора Грчева

Фото: Леонора Грчева

За Скопје и неолибералниот град

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Александар Шопов

Дејвид Харви го карактеризира неолибералниот град меѓу другото како простор во кој со воспоставувањето на нови начини на градско управување или создавање јавно-приватно партнерство, на шпекулативен начин се подобрува сликата наместо условите на градско живеење, како што се образованието или достапноста на станбен простор. Целта е да се создадат нови простори за зголемување на потрошувачката.

Токму во центaрот на Скопје возможно е да се види тоа ново партнерство. Изградба на деловни и станбени простори преку приватизацијата на државно земјиште и уништувањето на јавни површини можеше да се оправда само со барокно шминкање кое требаше да го претвори градот во европска метропола. Новата форма на градско управување започна токму во центарот на градот каде трговскиот центар Рамстор беше изграден со продажба на државно земјиште по повластени цени и непосредни преговори. Тука беа и првите обиди да се претстави ова партнерство како придобивка за граѓаните кои добија современ простор кој одговара на нивните потреби. Бројни се примерите во последните 10 години на продажба на земјиште во центарот, но и во останати делови од градот, преку слични партнерства помеѓу владата, градските власти и инвеститорите, при што со буџетски средства владата дирекно учествува во самата изградба, а користењето и сопственоста се отстапуваат на приватни фирми. Еден таков пример е изградбата на луксузната населба Сончев град каде владата одвојува десетина милиони евра во изградбата на инфраструктурата за странската инвестиција.

Во неолибералниот град насилство од ваквите партнерства се дистрибуира врз веќе маргинализирани групи на население. Жителите на селото Патишка Река кое се наоѓа на падините на Караџица се жртва на урбаниот процес, нивната вода се одзема и ќе се користи за елитната населба Сончев град. Потенцијалот да се претвори ова насилство во застрашувачка катастрофа е огромен за стотици ромски семејства во Топаана кои, доколку успеат плановите за трансформација на касарната Илинден во меѓународна финансиска зона, ќе се најдат притиснати помеѓу новата американска амбасада и просторот во кој инвеститори ќе се натпреваруваат за што повеќе градежен простор. Обезпоседувањето кое се анализира во Правото на град од Харви, а се случува во дузина светски метрополи, веќе е на повидок. Урбанизацијата на општина Аеродром добива форма на отворена расна дискриминација кон Ромите чии привремени живеалишта се претвораат во паркинг и парк. Неолибералниот град ја зголемува верската, етничката и расна нетрпеливост. Приватизацијата на огромен простор во централното градско јадро не можеше да се изврши без создавање на нова естетска вредност како необарокниот идеал. А изградбата на десетици споменици низ центарот на градот кои го фаворизираат минатото на една етничка група е во голема мера насочено кон маргинализирање на оние етнички и религиозни групи кои му стојат на патот на новиот урбан процес.

Урбанизацијата во Скопје е класен феномен. Автомеханичарски работилници и работници кои се дел од историјата на скопското Ново Маало беа насилно отстранети со цел да се изгради трговскиот центар Веро спроти Народна банка. Неолиберализмот во Македонија и светот ја засили класната моќ на богатите и ја намали можноста на останатите да се спротистават на економската експлоатација и новиот урбан процес. Со новото просторно организирање на градот дури и паркот-шума Водно стана жртва на неолибералниот град. Во вакви услови обидот за зачувување на ликот на ГТЦ од барокните планови до кои ќе се пристигне со ново јавно-приватно партнерство, треба да биде неразделив од борбата против новите форми на градско управување и отпорот против ново-воспоставената хегемонија.

Правото на град и референдумот за ГТЦ

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Мила Шопова

Слоганот „правото на град“ е составен дел од референдумската кампања за зачувување на изгледот на ГТЦ. Се спомнуваше на дебати, во публикации и интервјуа. Се употребуваше со значење на јавна политика, индивидуално право, свест. Што значи да се употребува синтагмата „правото на град“ кога се зборува за урбанизацијата и организирањето на просторот?

Со ковањето на овој слоган во 1968 година, социологот Анри Лефевр повика на радикална промена на севкупните општествени односи во капитализмот—преку зголемена граѓанска контрола врз одлуки за процесот на урбанизација до социјална еднаквост. Четириесет години подоцна, географот Дејвид Харви го присвои правото на град за негов работен слоган и политички идеал, повикувајќи на здружен отпор против финансискиот капитал кој ја дефинира урбанизацијата во светот денес. За Лефевр и Харви, во најголем дел, либералната демократија не ги остварува социјалните права на граѓаните—домувањето, образованието и здравјето.

Слоганот „правото на град“ го употребуваат кога пред очи им се одвива драматична трансформација на урбаниот простор и кога социјалните права на граѓаните се нападнати. Во шеесеттите, кога Лефевр пишува во Париз, се рушат старите маала во центарот на градот за да никнат висококатници, а граѓаните се организираат против изградба на ринг крај реката Сена. Надвор од Париз, земјоделско земјиште се пренаменува за комерцијално уживање. Во Њујорк, Харви ги гледа последиците од финансиската криза во 2008 година кога високоризични хипотекарни заеми и вредностa на недвижностите пропаѓаат, а над милион граѓани ги губат домовите. Истиснувањето на понеимотните, самохраните жени и афроамериканците од градот, Харви го објаснува процесуално и нераздвојно од обидот на градските власти заедно со финансиските институции да создадат нови стилови на живеење. Централни градски делови, како Менхетен, стануваат туристички дестинации и места каде што само богатите можат да живеат.

Правото на град како слоган треба да се примени во Скопје. Моќта на одлучување за урбанизацијата е во контрола на државно-приватни елити. А променaта на законите и прописите сѐ почесто е во корист на концентрирањето на вишокот производ во приватни раце. Зад естетското преоблекување на фасадите, проширените булевари и галиите-ресторани се крие нееднаквост и дискриминација. На 16 април 2015 година, над 150 работници од државното претпријатие „Еурокомпозит“ чекореа во протест покрај новата фасада на владината зграда, за чија изградба произвеле безбедносен заштитен ѕид. Заради ненадоместените трошоци од државата, со месеци останале без плата и придонеси. Јасно е дека во изградбата на овој објект овие работници учествувале со неколкумесечното недобивање на плата. Исто и планираната смена на фасадата и доградба на ГТЦ ги засега сопствениците, закупците и работниците во тој простор. Најавата за промена на сопственичката структура на ГТЦ се совпаѓа со предлогот за смена на фасадата и укажува на тоа дека естетското преобликување на градот е поврзано со економски процеси коишто ја намалуваат можноста на корисниците на просторот да остварат работничко, сопственичко и други права. Паралелно со овие промени во градот, земјоделско, зелено и заштитено земјиште се одзема од локалните заедници преку менување на статусот на тоа земјиште. Активностите во Охрид, Лазарополе и Маврово за изградба на марини, туристички развојни зони и хидроцентрали се еден таков пример.

Урбанизацијата што се случува во Скопје и други градови е симптом на структурната нееднаквост, окрупнувањето на приватниот капитал и неговиот обид за завладување на простори кадешто ќе се репродуцира. Вака заснованата урбанизација не е само осмислување на просторот денес, туку напад на правото на град. Дали сме против структурна нееднаквост, насилство, против распродажба на државните објекти и земјиште и окрупнување на приватниот капитал и дали здружено ќе ја превземеме контролата врз урбанизацијата со која се материјализираат овие неправди е вистинското референдумско прашање. Oтпорот на граѓаните за поинакво Скопје и општествени односи што растеше последниве години е олицетворен во граѓански референдум за зачувување на ГТЦ, еден од чекорите со кои градот ќе им се врати на граѓаните.