Архива за ознаката: отпор

Слика

Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување (втор дел)

Во вториот дел од дводелното вонредно заседание, ангажираме различни искуства на политичкото организирање и граѓанскиот отпор против владеачкиот режим во Република Македонија.

Поттик за вонредното заседание беа протестите што отпочнаа во Македонија на 5 мај 2015 година за правда и против полициско насилство. Секојдневните протести дополнително се проширија со барање за оставка и правна одговорност на целата Влада и се надоврзаа на долгогодишната приказна за граѓанско незадоволство од владините политики. Ангажирани граѓани и организации дотогаш веќе имаа отворено различни фронтови и бараа увид и поголема контрола на граѓаните во одлуки што политичари од институциите ги носат во нивно име. Освен против полициско насилство, се протестираше против моделите на урбанизација, загадувањето, во одбрана на студентските права и достапноста на квалитетно јавно образование, за еднаквост пред институциите, во име на социјалната правда и работничките права, против хомофобијата и хетеронормативните закони, и за медиумската слобода.

Целта на вториот дел на заседанието е да ангажираме искуства што критички се осврнуваат на прашањето за омасовување на отпорот, неговата кохезија и начините на застапеност (кој зборува, за кого и за што дејствува). Во првиот дел вклучивме меѓународни искуства, додека во вториот се фокусираме на искуства на граѓанскиот отпор во Македонија. Прашуваме, кон што е насочен граѓанскиот отпор и како се гради?

Вториот дел од ова заседание донесува четири осврти:

 

Уредници на заседание: Елена Б. СтавревскаМила Шопова и Анастас Вангели

Фото: Небојша Гелевски

Урбаниот протест како еколошка борба

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Аријанит Џафери

Зимската сезона е период кога луѓето се затвораат во топлината на сопствените домови и хибернираат некое време, воздржувајќи се од активности на отворено. Зимата е период и кога воздухот е најзагаден, поради различни фактори и чинители. Беше декември кога во 2013 година група засегнати граѓани од различна професионална провиненција (сега здружени во „Еко герила “) одлучија да превземат нешто во врска со загадениот воздух и повикаа на протест за да ги разбудат хибернираните граѓани на Тетово и полошкиот регион.

Локалните и државните медиуми и тогаш соопштуваа за високата концентрација на карциногени честички во воздухот во Скопје и Битола. Тетово, пак, воопшто не се спомнуваше, иако многу позагаден од другите градови во Македонија според јавно достапните информации од Министерството за животна средина и просторно планирање. „Еко герила “ (тогаш „Советот“) одлучи дека е време да се стори нешто по ова прашање. Се состанавме и разговаравме за формите на загадување присутно во градот и потенцијалните чинители за секоја од нив, ги препознавме најголемите регионални загадувачи, ги проверивме Уставот и регулативите и дојдовме до заклучок дека има сериозно кршење на Уставот и уште многу други закони и меѓународни договори, на кои Македонија е потписник, а се однесуваат на заштита на животната средина. Штом собравме доволно информации, составивме листа со барања што ја исптративме до надлежните власти (и на локално и на државно ниво) и со која побаравме да направат нешто околу воочените проблеми. За да ја подигнеме свеста меѓу луѓето, повикавме на протест во декември 2013 година (точен датум и други подетални информации за сите протести се достапни на www.ecoguerilla.mk). За првпат, нешто повеќе од 200 луѓе излегоа на протест кој не беше поврзан со национална или партиска агенда. Иако заради излезноста протестот го доживеавме како фијаско, сепак успевме да го добиеме вниманието на локалните и еден државен медиум, а со тоа се информираа многу повеќе луѓе. Кога и на вториот протест (јануари 2014 година) потклекнавме во обидот да собереме поголема група, одлучивме дека е време да изнајдеме нова стратегија со која свеста ќе се подигне побрзо и на поголема територија, а во тоа и успеавме.

На почетокот беше тешко да се доведат луѓе што ќе работат заедно и доброволно на низа активности што ги обмисливме. Но, на крајот успеавме да „регрутираме“ доктори, адвокати, новинари и стотици активисти што работеа на терен. Кон сите имавме отворен пристап и на сите посветивме многу енергија и време за да ги споделиме сите информации. Новинарите пишуваа за проблемот, а според сознанија што ги добиваа од докторите, за сите здравствени прашања на кои влијание има загадувањето. Адвокатите подготвуваа различни документи и акти како одговор на уставни одредби. Активисти работеа на тоа информациите да се распространат што е можно пошироко.

Интерес за нашите барања и активности не пројавија ниту партиите од опозицијата ниту владеачките партии, сѐ додека проблемот со загадувањето не им го ставивме под гуша. Дури и тогаш, само неколкумина меѓу парламентарците од опозицијата пуштија глас и кажаа неколку збора во изјава за медиумите. Разбирање за „Еко герила“ главно доаѓа од политички партии во опозиција што сѐ уште немаат претставници во Парламентот.

Да повторам, стратегијата на „Еко герила“ беше да ги обедини докторите, новинарите, адвокатите и активистите, сите заедно, за да се дознае што се случува. Во своите реакции луѓето се водат пред сѐ од сопствен инстерес или страв. Воздухот е апстрактен концепт за многумина да можат да разберат или да го препознаат загадувањето и затоа насоката за нас беше да им кажеме на граѓаните каква штета по здравјето може да нанесе загадувањето. Се разбира, користевме официјални податоци кога информиравме за порастот од 80% кај карциногените заболувања во изминатите три години, за порастот на астматични и респираторни заболувања, за зголемениот број спонтани абортуси и високата стапка на неплодност, но и за ред други заболувања на нашите сограѓани и сограѓанки. Веднаш имаше рекации. Веќе на следните протести, во 2014 година, излезноста беше многу поголема од претходните, а бројките продолжија да растат со секој нареден настан.

На „Еко герила“ сѐ уште и претстои успех во обидот да ја убеди власта да ги присили загадувачите да се придржуваат до еколошките стандарди и да престанат да ги загадуваат воздухот, водата и почвата. Сепак, се гордееме и со радост гледаме на критичната маса што ја изградивме. Граѓаните на Тетово се посвесни на квалитетот на воздухот што го дишат и воопшто не се среќни со тоа што го знаат. И покрај тоа, политичките преврати и безбедносните прашања што се отворија во изминатиот период ја ставија еколошката борба во заден план, а власта сосем ги исфрли од колосек прашањата за животната средина.

„Од 5 мај до крај“

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Авторка: Биљана Гинова

На петти мај лидерот на опозицијата ја објави 29-тата „бомба“ во која го чувме сето она во што се сомневавме за убиството на Нешкоски и за што со денови протестиравме во 2011. Тоа беше тригерот да се излезе на улица, но револтот на граѓан(к)ите таму беше многу постар од „бомбите“ на Заев. Гневот кој со години го голтавме, згуснат како голема кнедла во грлото која не ти дава да изустиш ни збор без да го згрчи целото тело од болка, изби во прескокнување на барикадите и окупирање на владиниот двор. Илјадници луѓе, преминувајќи ја оградата ги преминуваа сопствените граници на очекуваното, а окупирајќи го владиниот двор, си ја враќаа политичката одговорност во свои раце. Тој ден се вадеше секое делче гнев насобран низ угнетувачката историја на независна Македонија: од букурешкото разочарување и болката од ударите врз студентите од архитектонски, преку гладот на стечајците пред Собрание и лутината за убиството на Мартин Нешкоски, до угнетувањето со еден врз друг лоши закони за заштита од дискриминација, за абортус, за хонорари, за високо образование, за да кулминира со безначајноста на човечкиот живот за владеачката елита.

Протестите кои започнаа овој петти мај обединија илјадници граѓан(к)и во движење кое беше индивидуално и сеопфатно во исто време – #Протестирам. Луѓето во ова движење, сите со своите лични приказни, се наметнаа како политички одговорни субјекти кои се посветени на промените кои сакаме да ги видиме во оваа земја. Како и што започна движењето, барањата се дефинираа на уличен пленум и ги обединија сите лични борби и стремежи во дадениот контекст. Иако за остварување на тие барања природен сојузник беше партиската опозиција, голем дел од граѓаните беа скептични за нивните методи и за нивната посветеност кон целосна ревизија и демократизација на општеството.

Како и за многумина, петти мај беше изненадување за опозицијата. Се покажа дека тие сакаа народ на улица, ама народ кој ќе им даде преговарачка моќ и ќе го следи нивниот план и темпо, а не самоорганизирани граѓани кои конечно бараат суштинска промена. Па, иако логично, наместо да се приклучи на самоорганизираниот граѓански отпор, опозицијата по 17 мај се обиде да го стави револтот под еден чадор и да го пренасочи кон партиски организираниот отпор прикажан во камп пред владината зграда. На тоа се приклучија и ad hominem напади и етикетирања од страна на активист(к)и блиски до овој отпор во обид да се делегитимира #Протестирам и активист(к)ите кои го критикуваат (не)влијанието од преговорите кои започнаа во меѓувреме.

Преговорите помеѓу четирите лидери на најголемите партии се водеа далеку од очите на јавноста, без граѓанско учество и без гаранција дека граѓанските барања се застапувани во тие преговори. Во недостиг на целосен увид во самите преговори, единствен извор на информации беа изјавите на лидерите после средбите кои често беа различни, а понекогаш и спротивни. Договорот од 2 јуни, пак, од кој се очекуваше да ја постави рамката за понатамошни преговори, остави многу отворени прашања, а забележливо беше и отсуството на клучни барања кои ги имаа граѓаните. Со седнувањето на преговарачка маса, се изгуби смислата на отпорот на улица, а исто така ја снема и паниката кај врхушката на власт која ја видовме уште со самата најава на „бомбите“ на Заев. Преговорите завршија со прогласување на победа од страна на сите вклучени во преговарањето. А таму во ниеден момент, на никаков начин не беа вклучени граѓан(к)ите кои не се претставувани од политичките партии чии лидери преговараа до самиот крај.

И покрај предизвиците и загушувањето, сметам дека протестите беа успешни. Ја направија улицата место за политичка артикулација на граѓан(к)ите, но исто така покажаа дека во овој контекст во кој се наоѓа државата, отпорот треба да се отцепи од партиската опозиција и да еволуира во некоја поинаква форма на политичко учество. Како тоа ќе изгледа, ќе видиме во деновите што следат, но секако би сакала да видам позиционирање на што е можно повеќе граѓан(к)и како независни политички субјекти во државава кои ќе нудат лична визија без (оглед на) партиска припадност.

Граѓаните во средиштето на политиката – стара борба за нови вредности

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Бојан Маричиќ

По неколкуте големи студентски протести и слободни студентски зони на универзитетите низ Македонија кон крајот на 2014 и почеток на 2015 година, граѓаните се охрабрија и повеќе различни групи на граѓани со различни каузи (новинари, хонорарци и сл.) организираа протести со кои ги заземаа улиците како центар на политичките збиднувања. Во овој текст елаборирам за моментално најмасовната форма на граѓански отпор кон власта во Македонија и Груевизмот како концепт која се појави во овој активистички бран, а тоа е коалицијата „Граѓаните за Македонија“.

Зошто „Граѓаните за Македонија“?

По објавувањето на серија таканеречени бомби од страна на опозициската СДСМ, најголем дел од граѓанските активисти и граѓанските организации ги потврдија стравовите и претпоставките кои со години ги потенцираа во својата работа. Имено, тие снимки покажаа дека институциите се заробени од грст моќници на власт, дека владеачките партии ги контролираат сите гранки на власта (законодавна, извршна и судска), дека практично не постои институција, независно тело или политички процес во кој граѓаните можат да веруваат или пак да влијаат.

Нормалната улога на граѓанското општество во демократските држави е да биде коректор на политиките на власта во име на граѓанскиот (јавниот) интерес, притоа не борејќи се да стекне власт. Тоа е клучната дистинкција меѓу призмата на граѓанското општество и онаа на политичките партии, кои јавниот, но и партикуларниот интерес на нивната идеолошка програма го остваруваат преку борбата за власт и влијание во институциите на претставничка демократија. Сепак, во ненормални услови каде граѓанските организации и активисти се секојдневна мета на демонизација, говор на омраза, институционална репресија и медиумска хајка, невозможно е границите меѓу политичкото и партиското, макар привремено, да не се толкуваат екстензивно.

Желбата за окрупнување на опозицискиот фронт против Груевски и неговата врхушка лежи во немоќта на која било политичка група (без разлика дали се бори за власт или пак за влијание во јавен интерес) самостојно да направи широк и успешен фронт кој ќе ги надминува границите на сопственото досегашно делување во услови на тотална медиумска контрола, институционална заробеност и оркестрирана репресија од страна на власта. Бидејќи општеството повеќе не е демократско, а власта одбива да се вразуми, преостануваше да се направи обид за единствената варијанта која до сега не беше испробана – натпартиска, граѓанска коалиција од политички партии од опозицијата предводени од СДСМ и граѓански организации и активистички групи (но и поединци) која беше создадена во мај 2015 година под името „Граѓаните за Македонија“ (ГзМ) и обелоденета со заедничка Декларација.

Нови вредности кои се создадоа низ досегашната борба

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ овозможи артикулација на најголем дел од оние помали фронтови против Груевски и Груевизмот како концепт да се слеат во еден поголем фронт кој ниту Груевски ниту меѓународната заедница ќе можат да го игнорираат повеќе. Дополнително, кампот пред Влада стана симбол за истрајноста и решеноста во заедничката борба за заминување на актуелниот режим. Населувањето на сериозна бројка граѓани, кои притоа не доаѓаат само од политичките партии на опозицијата, пред зградата на Владата на Македонија изврши притисок врз Груевски и неговата клика која секојдневно мора да се соочува со граѓанскиот револт. Тоа не е единствена точка на револтот, но е единствена која трае 24 часа на едно видливо место.

Понатаму, тоа е симболичен простор кој беше затворен за граѓански протести од 6 мај до 17 мај, периодот кога траеше секојдневното протестирање како резултат на објавувањето на снимките од разговорите како власта се обидувала да го затскрие трагичниот случај на убиството на Мартин Нешкоски во јуни 2011 година. Со повторното освојување на овој простор, од 17 мај наваму, на власта ѝ беше предочено дека граѓанскиот отпор нема да се потчини на „забранети зони“ како форма на ограничување на правото на протест, а револтот ќе се излева секојдневно токму под прозорецот на владетелот.

„Граѓаните за Македонија“ како концепт охрабри многумина кои себеси се гледаат како „неутрални“, „аполитични“, „неопределени“, а сепак воедно и крајно незадоволни од актуелната власт. Во таа смисла концептот покажа дека конфронтацијата со врхушката на власт ја надминува обичната меѓупартиска битка за власт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Оваа платформа докажа дека всушност се работи за темелен судир меѓу најголем дел од граѓаните од различен профил кои бараат демократија, слобода и социјална правда од една страна и Груевски и неговата партиска и лична владеачка врхушка која посегнува кон антидемократски методи за одржување и злоупотреба на власта од друга страна.

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ изроди нов граѓански дух на заедништво кој ги надминува вообичаените етнички, верски, родови, морални, идеолошки, па и интересни разлики. Чинот на повлекување на партиските знамиња на масовниот граѓански протест е повеќе од симболичен. Тој претставува подготвеност на жртвување на доминацијата на партиите во опозицискиот кампус и отворање на форум за заеднички акции без никакво условување или уценување. Кампот, исто така, обезбеди простор за различни луѓе со иста цел да бидат на едно место. Тоа подразбираше меѓусебно учење и комуникација меѓу партиски членови и граѓански активисти, луѓе од Скопје и луѓе од другите градови, луѓе од различни етникуми и определби, луѓе подготвени за отворени дискусии и акции кои ќе придонесат кон повеќе демократија.

„Граѓаните за Македонија“ е најголемиот и најмоќниот фронт со над 15 политички партии и над 80 граѓански организации или активистички групи. Овој фронт не е, ниту пак претендира да биде единствен во борбата против Груевизмот како метод на владеење. Страничните фронтови надвор од ГзМ само можат да помогнат да се разбере многузначноста на борбата против владеачкиот концепт во Македонија.

Една од клучните пораки на „Граѓаните за Македонија“ е дека моќта на која било идна власт мора да се намали и дека мора да се обезбедат услови, поттик и поддршка за активни, гласни и критички граѓани. Тоа значи дека секоја идна власт мора да се откаже од репресивните инструменти против неистомислениците или пак од методите за медиумско, институционално или вонинститционално гушење на критиката и граѓанскиот активизам. Оваа лекција е почетна точка за граѓанското општество во неговото идно делување како коректив на идната власт. Всушност гласноста на граѓанското општество денес, во овие тешки услови, обезбедува простор за зајакнување на граѓанското општество како можност за притисок врз секоја идна власт и поголемо демократско учество во обликувањето на јавните политики.

Најпосле, времетраењето на оваа коалиција е временски ограничено до падот на Груевски. Потешката задача на искоренување на Груевизмот како метод останува заеднички потфат на сите субјекти од „Граѓаните за Македонија“. Сепак, таа борба ќе ја води секој од својата позиција, ние од позиција на граѓани кои организирано се борат за јавниот интерес без желба за власт, а партиите во борба за власт и остварување на својата програма. Оваа коалиција нема да биде пречка за граѓанските организации да ја критикуваат и СДСМ како идна власт, напротив. Граѓанското општество има обврска да покаже дека не се откажува од политиката ниту им ја препушта само на политичарите, а секогаш ќе биде тука да го критикува и контролира оној кој ја држи палката на моќта.

Давид против Голијат

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Јордан Шишовски

После 17 мај отпорот влезе во длабока криза. Протестите издишаа, а најавуваниот пресврт не се случи. За да можеме воопшто да ги промислиме стратешките насоки на дејствување првин треба да ги испитаме идентитетот на отпорот и природата на неговата криза.

Митингот на 17 мај само го покажа она што многумина одамна јасно го гледаат: СДСМ нема ниту стратегија, ниту визија, ниту сила да предизвика суштинска промена во општеството. Долго најавуваните „бомби“ неосновано ги кренаа очекувањата за посакуваната промена, додека истовремено раководствата на партијата, на коалиционите партии и на коалиционите невладини организации здружени под „Чадорот“, целосно потфрлија во нивната проценка на: (1) силата и решителноста на режимот, (2) сопствените сили и капацитети, (3) интересот на „меѓународната заедница“ за демократијата во земјава и (4) довербата на народот. Последната и најважна грешна проценка укажа дека народот е целосно свесен за степенот на корумпираност на елитите и дека при континуираното исправување пред изборот меѓу две зла веќе нема намера да избира зло, па макар било тоа и помалото зло! Народот избра резигнација. Митингот беше најавуван како помпезен настан со патетичното „Доаѓаме“. На самиот ден излегоа многу луѓе, но нивните очекувања за промена беа изневерени. СДСМ покажа дека не знае зошто извадило толку луѓе на улица. Наредните денови безидејните проектни менаџери на „Кампот на слободата“ лажната надеж ја преточија во апатија.

Во ова светло треба да ја промислиме природата на кризата во отпорот што покажа голема енергија на 5 мај и набргу се вообличи во движењето #Протестирам. Уште првите денови по 5 мај веќе беа воочливи идентитетските проблеми на ова движење. Стануваше збор за идеолошки некохерентно тело. Од една страна тука беа активистите што гравитираат кон СДСМ, а од друга страна тука беа и активистите што се обидуваа да ја потиснат својата недоверба кон СДСМ во име на борба против поголемото зло – авторитарниот режим. Главниот недостаток на движењето се состоеше во суштинската неодржливост на идејата за закопување на сите разлики дур не падне режимот. Се покажа дека разликите се суштински и идеолошки. Додека едните покажуваа силни слободарски и антиавторитарни тенденции, про-СДСМ групацијата се покажа во прилично авторитарно светло. Постојаното инсистирање на целосна и слепа поддршка за раководството на СДСМ, логиката или-сте-со-нас-или-против-нас и демонизирањето на сите што не ја даваат својата безрезервна поддршка на СДСМ, со погрдното „неутралци“, само ја изнесе на виделина авторитарната тенденција во редовите на про-СДСМ крило на отпорот.

Со помпезното „Доаѓаме!“, на 17 мај про-СДСМ крилото целосно беше вовлечено во лажната победоносна еуфорија произлезена од катастрофалната проценка на СДСМ. Лажното чувство на големина и сила произлегуваше од грешната хегелијанска претпоставка дека квантитетот самиот од себе преминува во квалитет. Самата импозантна бројка на излезени граѓани не беше гаранција дека истите се и мотивирани за акција. Ова совршено беше проценето од страна на органите за безбедност – додека на 5 мај на улиците на Скопје имаше илјадници специјалци – „желки“, на 17 мај и целиот нареден период Владата ја „чуваа(т)“ смешно мал број на полицајци. „Доаѓањето“ всушност значеше замена на политичкото со политички импотентен спектакл. Масивноста на митингот со својата гравитација комплетно вовлече голем дел од (про-СДСМ) активистичкото јадро во орбитата на СДСМ/ГМ. Тоа доби лажна аура на триумфалност и уште пред да падне режимот влезе во лешинарско растргнување на „колачот“ на проектираната власт и пресметка со проектираните претенденти на „тронот“. Ова ја изјалови неговата последна, очајничка пресметка со режимот

Наравоучение. Народот ја има целосно загубено довербата во политичката каста. Тој не е подготвен да се вложи повторно во смена на едно зло со помало зло. „Меѓународната“ не е подготвена да ризикува промена на статус кво во Македонија. Режимот покажува висок степен на рационален себе-интерес, флексибилност и моќ за одржување по секоја цена, истовремено со целосното отсуство на морал, одговорност и интерес за иднината на земјата. СДСМ и коалицијата „Граѓаните за Македонија“ покажуваат целосно отсуство на стратегија, визија и моќ како за сопствена промена, така и за општествена промена. Ова може да се види и од договорот од Пржино од 15.07.2015 кој е само обичен технички договор за поделба на власта меѓу коалициони партнери. Во него не се ни споменуваат вредностите како слобода, демократија, правда! Оттука произлегува дека сите прогресивни слободарски сили во општеството треба да се подготват за долготрајна Давид-против-Голијат битка. СДСМ е јалов политички аполитичен ентитет што ниту е корисен сојузник, ниту достоен противник. Борбата против режимот не е борба против личност, ниту против група. Тоа е борба против дводецениските авторитарни, реакционерни тенденции. На оваа обезвреднетост треба да ѝ се спротивстави сила со јасни слободарски и прогресивни вредности. Само преку радикалното практикување на слободарството, демократичноста и транспарентноста на дејствувањето може да се разрови крутата авторитарно логика на политичката каста. Потребно е да се отворат нови авении на отпорот, да се политизира тивкото мнозинство и да се поттикне отпор-од-долу и во-свое-име. Неопходна ни е лудачка надеж и верба во моќта на нашата слабост!

Ќе победиме!

16762642034_099069b947_o

Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување (прв дел)

Во новото дводелно вонредно заседание, ангажираме различни искуства на политичкото организирање и граѓанскиот отпор против владеачки режими.

Поттик за новото заседание се протестите што отпочнаа во Македонија на 5 мај 2015 година за правда и против полициско насилство. Секојдневните протести дополнително се проширија со барање за оставка и правна одговорност на целата Влада и се надоврзаа на долгогодишната приказна за граѓанско незадоволство од владините политики. Ангажирани граѓани и организации дотогаш веќе имаа отворено различни фронтови и бараа увид и поголема контрола на граѓаните во одлуки што политичари од институциите ги носат во нивно име. Освен против полициско насилство, се протестираше против моделите на урбанизација, загадувањето, во одбрана на студентските права и достапноста на квалитетно јавно образование, за еднаквост пред институциите, во име на социјалната правда и работничките права, против хомофобијата и хетеронормативните закони, и за медиумската слобода.

Целта на заседанието е да ангажираме искуства од различни простори што критички се осврнуваат на прашањето за омасовување на отпорот, неговата кохезија и начините на застапеност (кој зборува, за кого и за што дејствува). Вклучуваме искуства на граѓанскиот отпор против владеачки режими преку границите, низ светот и во Македонија. Прашуваме, кон што е насочен граѓанскиот отпор и како се гради?

Првиот дел од ова заседание донесува четири меѓународни осврти:

 

Уредници на заседание: Мила Шопова, Елена Б. Ставревска и Анастас Вангели

Фото: Ванчо Џамбаски

За борбите, протестите и пленумите во Босна и Херцеговина

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автори: Зоран Вучковац и Емин Еминагиќ

Сликите од Босна и Херцеговина во пламен кои за време на протестите во февруари 2014 година го обиколија светот беа само врвот на сантата лед која ја парализира земјата од војната наваму. Демонстрантите излегоа на улиците и ги запалија владините згради како симболичен чин кој укажува на суштината на бројните проблеми. Поддржани од Дејтонскиот мировен договор, институциите во земјата во голем дел станаа партиска олигархија, активно зачувувајќи и репродуцирајќи ги етничките поделби веќе дваесет години. Никнати од огнот, пленумите или јавните заседанија се појавија не само како резултат на потребата за активно граѓанство и директна демократија, туку и како негодување и повик да се престане со бесрамниот грабеж на јавноста и на природните ресурси преку клиентелизам и криминални приватизации. Во даден момент, имаше и извици на бестрашен говор помеѓу граѓаните на Босна и Херцеговина во обид да се преосвои политичкиот јазик кој им беше оспоруван од крајот на војната. Првпат во повоениот период, во медиумите можеа да се сретнат изрази како солидарност, социјална правда и еднаквост, наместо вообичаената етно-националистичка идентитетска реторика, која е постојано присутна во јавниот дискурс во Босна и Херцеговина.[1]

Барањата кои се оформија за време на протестите и пленумите не се појавија во вакуум; тие се резултат на долгогодишно искажување јавна непослушност и повици за зголемена солидарност. На протестите и пленумите им претходеа неколку настани во кои Босанците и Херцеговците ги надминаа етничките поделби во борбата за заедничкото. Такви беа примерите на Тузланскиот студентски пленум во 2009, протестите на работниците во Тузла во последните десет години, протестите во Пицин парк во Бања Лука во 2012 и сараевската „бебелуција“ годината потоа.

Во случајот со Пицин парк, граѓаните јасно кажаа дека борбата за паркот е „метафора за заедништво што отвора простори за комуникација и акција“ против употребата на „сила и контрола во секојдневниот живот и надмените политичари, а за праведно општество“. Протестот беше поддржан од двете страни на ентитетската линија, маргинализирајќи ги етно-националистичките проблеми за сметка на заедничката кауза – борбата за јавен простор. Бебелуцијата или протестите за ЕМБГ се случија година подоцна и повторно укажаа на недостатокот на функционална држава и отчовечувањето на граѓаните низ етно-националистичката матрица.[2]

За тузланските протести и претставувањето

Иако Босна и Херцеговина е полна со примери за солидарност во акција, станува очигледно дека секој нов протест има сопствена нулта точка. Малку е направено за да се зачува наследството од претходните борби, а уште помалку да се креира платформа за споделување искуства и капацитети помеѓу локалните активисти. Демонстрантите и активистите лесно се изолираат и криминализираат без соодветна правна и медиумска поддршка. Во Босна недостасуваат физички ослободени простори, а и левицата и НВО секторот функционираат во герилски стил, без јасна визија за промена и реформа или систематски пристап кон целосно нефункционалната држава. Пример за тоа е новиот Компакт за раст и работни места, пакет реформски мерки на ЕУ за Босна, резултат на британско-германската иницијатива. Инсистирајќи на економски наместо политички реформи и наводно земајќи ги предвид потребите на луѓето, Компактот буквално ги киднапира босанските протести од 2014 со цел да се изврши притисок за нови мерки на штедење и реформи на пазарот на трудот, но преку истите неолиберални политики кои се користат од војната наваму. Истовремено, во Република Српска во забрзана процедура се неколку закони за јавните простори и за правото на протест, што значајно ја стеснува можноста за искажување незадоволство. Иако постојат знаци на здружување преку ентитетската граница и акции кои ги надминуваат идентитетските политики, Босна и Херцеговина мора да ги задржи сеќавањата на работнички, антифашистички и антинационалистички борби, како и на урбани (од кои сите се политички, секако) борби. Покрај ова, има потреба и од подобро координирана регионална акција, како би се избегнало повторување на истите грешки од слични групи.

[1] Arsenijevic, Damir (ed.) Unbribable Bosnia and Herzegovina – The Fight for the Commons, Nomos, 2014.

[2] Заради политичките несогласувања околу единствените матични броеви (ЕМБГ), на новороденчињата не можеше да им бидат издадени пасоши и тие не можеа да патуваат во странство. Берина Хамидовиќ, тромесечно бебе, почина затоа што не можеше да добие соодветна медицинска грижа во странство.

(Евро)Мајдан заврши, Револуцијата на достоинството продолжува

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Олга Зелинска 

Во зимата 2013-2014 година, Украина се појави на насловите на меѓународните вести. (Евро)Мајдан беше второто, по „Портокаловата револуција“ во 2004 година, сенародно несогласување во кратката историја на земјата. Во двата случаи луѓето излегоа на улиците заради чувството на растечка неправда (непочитување на властите, несфаќање на потребите на луѓето и зголемена корупција), придружена со продлабочена социо-економска криза.

Пред настаните, всушност, социолозите укажуваа на високо и стабилно ниво на незадоволство и подготвеност да се протестира. Ова беше игнорирано од страна на Јанукович. Претходните обиди за протести (против даноци, јазична политика, прикривање од страна на полицијата и корупција во судството) не успеаја да се омасоват под неговиот репресивен режим. Пролетта 2013 година опозицијата не успеа да добие доволно поддршка за кампањата „Дигни се Украино“. Оттаму, излегувањето на луѓето на улиците на Киев беше изненадување за владата, опозицијата и аналитичарите.

Одложувањето на потпишувањето договор помеѓу ЕУ и Украина беше искрата за првиот „граѓански“ Мајдан на Плоштадот на независноста, што ги обедини граѓанските активисти, студентите и обичните Киевчани. Реакцијата на опозицијата беше брза – не можеше да се игнорира таков важен елемент од предизборната промоција. Неколку дена подоцна, 300 метри подолу, на Европскиот плоштад, се појави „политички“ Мајдан. Цела недела лидерите на двата Мајдани дискутираа планови за здружување на напорите. На крај, она што ги обедини нив, но и илјадници други кои пристигнуваа од бројни градови каде се протестираше и од источниот, и од западниот дел на земјата беше бруталното тепање на студентите.

Како што режимот ја зголемуваше бруталноста со полициски напади и правна репресија, демонстрантите продолжија да пристигнуваат во Киев, се менуваа, градеа барикади и учеа самоодбрана. Анкетите покажуваат дека 70% од учесниците во киевскиот Мајдан дошле самоиницијативно, 12% преку невладини организации и само 12 до 13% (во различни периоди) дошле преку политичка партија. Оттаму, тие не беа наклонети кон послушност кон ниедна институција и истовремено самите сносеа одговорност за своите дела.

Опозицијата мораше да побара мандат од Мајдан да преговара со властите. Тоа не беше лесно. 83% од демонстрантите беа одлучни да останат на Мајдан до задоволувањето на сите барања. Барањата беа обемни, особено откако полицијата пукаше на демонстраторите. Тие вклучуваа оставки на Претседателот, Парламентот и Владата, како и промена на односите на моќ преку предвремени избори. Со оглед на тоа дека властите единствено беа подготвени за мали отстапки, преговорите се соочија со „невозможна мисија“. Така и се случи.

По јавното негодување од страна на толпата на резултатите од преговорите кои ги соопшти опозицијата, лидерот на еден од Мајданите се качи на бина и му даде ултиматум на Претседателот: „поднеси оставка до утре, 10:00“. Немаше потреба двапати да му се повторува на Јанукович; тој ја напушти земјата уште истата вечер.

Но, сепак немаше „среќен крај“. Мајдан заврши, но Револуцијата на достоинството продолжува. Земјата се соочи со претседателски и парламентарни избори, но и со битка околу анексијата на Крим и со болниот конфликт со Русја на исток. Реформите се спори, а очекувањата на граница од разочарувања. Ако суштинските причини за протестот продолжат да се игнорираат, експерите велат дека Мајдан 3 е возможен.

Начини на отпор и плоштадот Тахрир

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Дина Фергани

Плоштадот Тахрир зазема посебно место во современата политичка мисла. Тој прерасна во иконичен сон за урбаниот отпор во светот и место да се испитаат можните начини на отпорот што го градеа Египќаните.

Во раната фаза на египетската револуција, Тахрир функционираше како обединувачка алатка и оттука и прерасна во утописка скица на која се исцртуваа сите политички планови. Во тој период беше прилично едноставно да се организираат различни политички струи и лица околу заедничка цел—падот на Мубарак и сето она што ја претставуваше неговата полициска држава. Околу ова барање се зближија исламисти, марксисти, националисти, либерали и сѐ што се најде во редовите помеѓу, вклучувајќи и мислители, работници, студенти, свештени лица и други. Плоштадот Тахрир сплоти безброј луѓе и врски што надвор од ова место одвоени активно ги држеше хегемонистичката моќ на капитализмот и државата. Но, како напредуваше револуцијата, така Тахрир стануваше сѐ поисполнет со контрадикции.

Во текот на египетската револуција, спријателените на плоштадот прераснаа во непријатели, во класична дијалектика на борба за моќ. Привременото сојузништво меѓу Муслиманското братство и неколку револуционерни сили се распадна кога Братството дојде на власт и ги исклучи сите струи од кои претходно добија поддршка за време на општите избори. Како реакција, револуционерните сили се појавија во голем број на протестите што се оддржаа на 30 јуни 2013 година и што како последица на власт го донесоа Сиси. Истовремено беа објавени неколку извештаи за насилство врз жени што се случуваше во екот на револуцијата, додека траеше ослободувањето и при прославите. Инцидентите не ја разводнија потентноста на плоштадот како алатка на отпорот. Напротив, на виделина ја изнесоа комплексноста на урбаниот отпор.

Плоштадот Тахрир функционираше како алтернативен град и беше поделен на три главни области: воен фронт, тампон зона и област за социјални услуги (теренски амбуланти, уметнички зони, колективни училишта). Врската меѓу луѓето на овие места не беше егалитарна. Класата и родот беа одлучувачки фактори во распределбата на луѓе и моќ. Воениот фронт беше на маргините на плоштадот, таму каде што демонстрантите влегуваа во судир со полицијата за да задржат контрола на територијата. Оваа област беше сржта на Тахрир зашто ниту едно заседнување на простор немаше да биде возможно без активна борба да се оствари право на просторот. Во оваа област насилството беше најизразено и областа првенствено (но не исклучиво) беше окупирана од мажи, млади работници и припадници на средната класа. Родовата одвоеност и тука беше видлива, зашто жените често беа обесхрабрувани да се движат кон фронтот. Сепак, нив ги имаше во поголем број на маргините од фронтот кадешто даваа лекови, ги ублажуваа ефектите од солзавец, вршеа преврски и залекуваа рани од гумени куршуми. Втората област од плоштадот беше тампон зоната, простор меѓу фронтот и останатиот дел од градот. Од оваа област се влегуваше на плоштадот и таа беше опсипана со различни контролни пунктови што ги организираа граѓани. Областа видливо ја одразуваше политичката волја на оние граѓани што беа присутни и беше најразновидната област, гледано по општествени групи. Во последната област се наоѓаа теренските амбуланти во кои волонтерски работеа доктори и фармацевти. Лицата за медицинска помош ги имаше на ќошињата, но често беа лоцирани и во околни џамии и цркви зашто затворената архитектура ги правеше овие места побезбедни. Интересно е што религиски институции беа место во кое се нудеше помош и во пошироките градски подрачја, особено заради лошата состојба на јавните установи. Плоштадот претставуваше град управуван од граѓаните, со ригидна структура што соодветствува на познати форми за организирање на просторот својствен за неколку урбани места. Граѓаните нудеа услуги, не во индивидуалистичката неолиберална смисла каде пристап им се гарантира само на потрошувачи што може да акумулираат капитал, туку како колектив.

Во разговор за потентноста на колективното организирање, корисно е сега да се осврнеме на Грамши, италијанскиот политички теоретичар којшто ја разгледуваше хегемонијата како поим и согледа ограничување на политичкото дејствување во капитилистичкото владеење: чинот на отпор во капитализмот одново ќе ги создава односите на моќ во системот наместо да ги менува. Грамши посочува на два вида контрадикторна свест. Една ја формира колективот со организирање и трансформирање на светот. Другата се заснова на некритичко восприемање на старите општествени односи. Дијалектиката меѓу двете создава политичка акција што води кон промена. Може да се каже дека плоштадот Тахрир беше посредникот на оваа дијалектика; на тој простор демонстрантите ги искусија двата вида свесност. Оваа дијалектика од плоштадот направи место на промена на свеста и место на кое се испитуваа можните начини на отпор, а тоа беше првиот чекор во изблиците на отпор што продолжија.

 

Користена литература:

  • Gramsci, Antonio, Quintin Hoare, and Geoffrey Nowell-Smith. Selections from The Prison Notebooks of Antonio Gramsci. New York: International Publishers, 1971.

Отпорот во Тајланд една година по воениот удар во 2014

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Рангсиман Ром

Состојбата и формите на отпор во Тајланд денес се нераздвојни од последиците со кои секојдневно живееме по воениот удар што се случи во мај 2014 година. За да се разбере воениот удар од 2014 година, ќе се осврнам кратко на денешниот контекст, и тоа на неколку специфични последици што настанаа како резултат на друг воен удар, тој од 19 септември 2006 година.

Воениот удар во 2006 година имаше намера да го отстрани тогашниот премиер Таксин Шинават од политичката партија Тај Рак Тај. Со јавните политики што ги скрои, како на пример „здравствена нега за 30 тај бати [50 денари]‟ и „месен фонд‟, Шинават уживаше висока поддршка меѓу населението во осиромашените региони во Тајланд, северот и североистокот. Но, Шинават не беше омилен кај средната и високата класа, пред сѐ од главниот град Бангкок, а и на елитите во земјата кои се поврзани со виша политичка инситутција (што не смеам да ја именувам). Овие луѓе се уверени дека Таксин е против монархијата, едно единствено тврдење, но доволно за Тајланѓаните да мразат некого. Следбениците на Партијата на демократите го делат истиот став за Таксин. Истото обвинување продолжуваат да го користат против сите со спротивставени ставови. По воениот удар од 2006 година, се појавија Црвенокошулашите (Red Shirts)—граѓанско движење против воениот удар, про-демократско, со поддршка за и поддржано од партијата на Шинават, Тај Рак Тај.

Конфликтот и политичката подвоеност на ројалисти и продемократско движење продолжи дури и откако партијата Пуа Тај (тогаш со име Моќта на народот, партија што се оформи од забранетата Тај Рак Тај по воениот удар) оствари значителна победа на изборите во 2007 година. Низ годините, Црвенокошулашите организираа протести, но исто и граѓанското движење од опозицијата, Жолтокошулашите (поддржано од елитите и од вишата политичка институција). Раздорот продолжи да расте кога Партијата на демократите без избори го презеде премиерското место. Во 2010 година, над 70 цивили беа убиени кога армијата насилно растури демонстранти што со месеци го окупираа делот во Бангкок што важи за финасиски и шопинг центар. Ниту еден функционер нема понесено одговорност за тоа што се случи, иако партијата Пуа Тај ги доби изборите следната година.

Воениот удар што се случи на 22 мај 2014 година со поддршка на тајландските елити беше уште еден обид да се уништат Црвенокошулашите, но и други продемократски групи граѓани што не се поврзани со политички партии. Сепак по ударот во 2014 година, немаше знак на отпор ниту од Црвенокошулашите, ниту од партијата Пуа Тај. Двете како да се потчинија што им се одметна моќта. Тогаш се појави движењето против воениот удар, денес составено првенствено од студенти-активисти и други граѓански групи. На пример, „Лигата за демократија на либералниот Тамасат‟ е група на студенти-активисти која дебатира за тековната политичка структура и се бори против злоупотребата на функции, воениот удар и неправедните закони. Ова, како и други движења имаат мал капацитет, ако ги споредиме со Црвенокошулашите, но се независни од политички партии. Секаква поврзаност на движење со постоечка политичка партија претставува основа за напад врз движењето, независно на намерата на движењето. Исто така, се случува политички партии да не застанат зад своите поддржувачи. На пример, голем број Црвенокошулаши беа окривени и добија обвиненија за сериозни дела само затоа што ја бранеа партијата Пуа Тај во овој период, но партијата не застана во нивна одбрана.

Протестите против воениот удар од 2014 година почнаа следниот ден. Веќе на 23 мај на улиците излегоа и се придружија во отпорот студенти од повеќе универзитети и граѓани активисти. Движењето држеше на интензитет приближно три недели и наиде на голема поддршка кај граѓаните. Во екот на протестите имаше илјадници по улиците. Социјалните медиуми беа одлучувачки фактор во движењето. Во првите две недели по воениот удар социјалните медиуми се покажаа како успешен метод. Студентите и активистите можеа да се обратат на многумина за да ги повикаат на отпор. Но, јавните објави ненамерно ги издаваа на хунтата и местата на собир, па хунтата се појавуваше на најавените места за да ги растера насобраните, некогаш и со примена на насилство. Предводници на групите беа повикувани на информативни разговори, апсени или добиваа закани и затоа организирањето на отпорот одеше многу тешко. Членови од некои групи и понатаму редовно се посетувани од воени лица на т.н. дсициплински разговори. Други членови се соочуваат со обвиненија за непочитување на наредби издадени од хунтата, престап за кој може да уследи и доживотен затвор. Заради тоа, многумина од групите на отпор побегнаа од земјата.

Денес е тешко да се изрази отпор. Јавен политички собир, дури и со неколку луѓе, се смета за прекршување на наредбите на хунтата. Се прекинуваат или под принуда се откажуваат настани на кои се промовираат ставови различни од тие на хунтата. На пример, во мај 2015 на годишнината од последниот воен удар, повеќе студенти и граѓани кои имаа намера да се придружат на мирољубив и симболичен настан беа повредени и уапсени од полицијата. Неодамна, по наредба на хунтата беше откажан разговор за човекови права во Тајланд што требаше да се оддржи во новинарски клуб во Бангкок. Сѐ на сѐ, отпорот денес се јавува суптилно. Со настани како јадење сендвич или гледање на филмот „Игрите на гладните‟ на оние кои сметаат дека хунтата не влијае на текот на нашите животи им покажуваме дека дури и вообичаена активност, како јадење сендвич или гледање филм, може да биде суспендирана во диктатура. Најмалку суптилен беше чинот во текот на годишната политичка парада на Универзитетот Тамасат. Тамасат има водечка улога во политичката историја на Тајланд и затоа се очекуваше студентите да се искажат против владата. И покрај ова, организирањето станува сѐ потешко. Активистите станаа цел на тајните служби. Добиваат и директни закани. Иако хунтата изјави дека нема да поднесе обвиненија против студентите кои беа уапсени во мај 2015 година, неколумина од нив добија покани да се пријават кај полициските служби и извесно е дека против нив ќе има обвинение. Граѓаните се исплашени и обесхрабрени да се придружат или искажат поддршка на отпорот од причина што движењето се оцрнува во медиумите и на социјалните мрежи. Се упатуваат лажни обвинувања дека движењето е поддржано од Таксин Шинават или дека движењето е само форма на Црвенокошулашите, движење што нема поддршка кај средната и високата класа во главниот град Бангкок. Кампања за оцрнување тече и на социјалните медиуми, еден вид на лов на вештерки, за да се дискредитираат студенти и активисти.

 

Слика на студент активист и професор со продемократска ориентација, за кого јавно се знае деке е хомосексуалец, објавена со хомофобичен сленг испишан на тајландски и со значење „педерска банда.‟ 2014
Слика на студент активист и професор со продемократска ориентација, за кого јавно се знае дека е хомосексуалец, објавена со хомофобичен сленг испишан на тајландски и со значење „педерска банда.‟ 2014

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Кратко по 22 мај 2015 година, на насловни страници се појави сликата на студент активист како се противи на полицијата. Фејсбук страница ја користи сликата од насловната за да ја спореди со фотографија од некој друг за да ја наведе јавноста на мислење дека студентот активист е човек што тепа будистички свештеник. Мај 2015.
Кратко по 22 мај 2015 година, на насловни страници се појави сликата на студент активист како се противи на полицијата. Фејсбук страница ја користи сликата од насловната за да ја спореди со фотографија од некој друг за да ја наведе јавноста на мислење дека студентот активист е човек што тепа будистички свештеник. Мај 2015.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Студентите и граѓаните активисти упорно работат против оваа кампања, но напорите се чинат недоволни. Лаги, оцрнување и напад на репутацијата претставуваат пречки за отпорот да се прошири меѓу луѓето. Во Тајланд оштеството ќе се исклучи од фреквенцијата на нашата програма ако им се сервира дека нашата цел и таа на политичките партии не се водени од интересот на народот. Затоа, нашето движење според мене мора да остане верно на својата цел и да опстои. Сакаме да зборуваме со нашите симпатизери, но и со тие што се против нас.

Граѓаните на Тајланд секојдневно се сооочуваат со абсурдите на хунтата.

Ние ќе продолжиме со борбата!