Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Елена Б. Ставревска
Некои од разговорите објавени како дел од „бомбите“ потсетуваат на сцената во првиот дел на култниот филм „Кум“ во која Мајкл Корлеоне, планирајќи го убиството на полицискиот началник Меккласки, прашува дали немаат новинари на нивниот платен список кои би ја спинувале сторијата во нивна корист. Но големата слика на овој скандал повеќе наликува на третиот дел на „Кум“: фокусот останува на динамиката и работењето на фамијата, но со потпросечни глумци и лошо сценарио. Единствено е неизвесно дали и крајот на оваа политичка криза ќе наликува на тој во филмот.
Деновиве и меѓународната заедница се обидува активно да се вклучи во режирањето на крајот на кризата. Последниве неколку години, кога меѓународниот фактор во Македонија замижуваше пред бројните загрозувања на демократијата и човековите права, покажаа дека меѓународната заедница, вклучително Европската унија, секогаш ќе приоритизира стабилизација пред демократизација во својата „периферија“. Меѓутоа, во ситуација кога политичкиот капитал на Груевски е недоволен за гаранција на стабилноста, вклучувањето на ЕУ и НАТО е очекувано. Соочени со недостаток на „моркови“ заради грчкото вето, многу поверојатно е да играат на картата „раздели, па владеј“ во однос на владејачката коалиција. Имено, двете најголеми партии на власт имаат некомпатибилни дискурси: ВМРО-ДПМНЕ, особено од 2008 наваму, активно работи на градењето имиџ на „чувар“ на името и идентитетот, додека ДУИ се профилираше како партија според која промена на името е ниска цена за плаќање во однос на членството во ЕУ и НАТО. Единствено со оваа стратегија мирна политичка разврска и формирање на преодна влада со мандат да ги спроведе неопходните реформи и да организира избори се чини возможна.
Но, која и да е стратегијата на меѓународната заедница, оваа криза ќе послужи како рестартирање на процесот на градење демократска држава со функционални институции и контрола на политичката моќ ако и само ако во процесот се вклучат граѓаните и граѓанското општество. Ова не смее да се сведе единствено на предавање на палката на власт, ниту на меѓупартиски калкулирања и препукувања на партиски митинзи.
Политичките случувања во земјава од нејзиното осамостојување, со изминативе девет години како невиден катализатор, резултираа не само во целосна блокада, нефункционирање и недоверба во институциите и медиумски мрак, туку и во атомизирано и поларизирано општество со уништени многубројни меѓучовечки односи и агресивна и непродуктивна политичка култура. Жртви на ваквата општествена поставеност не се членовите на оваа или онаа политичка партија, туку буквално сите граѓани на Република Македонија, освен неколкумината одбрани властодршци и луѓето блиски ним. Оттаму, процесот на презентирање на снимките мора да биде поинклузивен и потранспарентен од сегашната стратегија на опозицијата, неоставајќи простор за сомнеж дека презентираното е всушност соџвакана и калкулирано ограничена верзија на вистината. Само со активно вклучување на граѓанското општество, сфатено во поширока смисла, е возможно да се избегне реваншизам и да се постави овој процес на надпартиска и надетничка патека.
Паралелно со запознавањето со содржината на снимките на сѐ поголем дел од јавноста, станува појасно против што треба да се обединат граѓаните, но за долготрајна и одржлива промена на корумпираниот систем и општеството на страв неопходно е и кристализирање на визијата за што точно е тоа обединување. Доста е, се чини, од понуди што не можат да се одбијат.