Архива за ознаката: леонора_грчева

Насловна фотографија

Редовно заседание: Урбанизацијата и правото на градот

Во предвечерјето на првиот локален референдум во Македонија закажан за 26 април 2015 година, ова заседание се осврнува на значењето на сегашниот момент, граѓаните за првпат со директна одлука да го обликуваат својот град. Околу 43.000 жители на општина Центар ќе може да се изјаснат за или против зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар (ГТЦ), за чие значење можеа да се информираат преку референдумската кампања и новата публикација за ГТЦ.

Постоечките аргументи на страните за и против смена на автентичниот израз на ГТЦ се костат околу функцијата и значењето на објектот. Од една страна, поддржувачите на планираните промени аргументираат дека ГТЦ треба да се преобликува во простор кој ќе биде попријатен за потрошувачите, затворен и заштитен од временски непогоди. Од друга страна, граѓанските иницијативи и Асоцијацијата на архитекти аргументираат против обликување на ГТЦ кое би го свело од изграден простор отворен за различни искуства што не се ограничени на потрошувачкото, во шопинг комплекси.

Заседанието ги става во разговор постоечките аргументи околу преобликувањето на ГТЦ како урбанистички зафат со општествените врски што опстојуваат за и околу концептите за урбанизацијата и за можноста и/или неопходноста граѓаните директно да учествуваат во обликувањето на градот. Граѓанскиот референдум го заменува честопати оневозможеното и симболично право за учеството во консултативниот процес на урбанистичките планови. Со директно учество, граѓаните прават чекор кон остварувањето на правото на град— колективно да одлучуваат во уредувањето на просторот околу нив. Остварувајќи го правото на град ги менуваат односите со светот што ги опкружува.

Оттука прашуваме, какви можности, простори и врски се создаваат со граѓанското директно дејствување во планирањето на градот? Дали урбанистичкото планирање и архитектурата можат да го помогнат тоа дејствување и дали можат да го осознаат градот преку граѓаните и нивните искуства? И конечно, дали планерите, архитектите и институциите во Македонија може да овозможат планирање на град на и за сите граѓани?

На овие прашања се осврнаа:

Координаторки на заседание: Мила Шопова и Леонора Грчева

Фото: Леонора Грчева

Урбанистичката легислатива како алатка за маргинализирање на граѓаните

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Леонора Грчева

Урбаното планирање станува популарна тема во нашата јавност тогаш кога има нови најави за проектот „Скопје 2014“, кога се тепаат студенти на плоштад, кога корумпираните урбанистички планови се тема на „бомбите“ или, деновиве, кога се организира првиот граѓански референдум за ГТЦ. Но системските последици на комерцијално-политичката узурпација на планирањето на просторот се многу пошироки од уништеното централно подрачје на Скопје.

Огромен дел од законските измени во изминативе осум години се донесени за да се создадат услови за непречена реализација на проектот „Скопје 2014“ и да се елиминираат сите можни законски пречки, но и за лично богатење на политичкиот врв. Меѓутоа, законите еднакво важат на целата територија на Македонија и ова пречесто и парцијално менување на планерската легислатива – од 2006-та година, Законот за просторно и урбанистичко планирање е изменет дванаесет, а Законот за градење седумнаесет пати – остава катастрофални последици во сите градови, села и природни подрачја. На пример, законските измени донесени за да го овозможат пренаменувањето на зелените падини на Водно во градежни парцели како колатерална штета го легализираат распространетото уништување на зелените и пошумени површини низ целата држава.

Но, можеби една од најтешките последици од избрзаните промени на законите е постепеното укинување на граѓанското право за учество во планирањето на просторот. Додека низ светот урбанистичката пракса се трансформира во локализирана, инклузивна дејност во која граѓаните земаат активно учество, во Македонија се развива обратен тренд на централизација на планирањето и маргинализација на граѓаните. Основната алатка за партиципација во локалното планирање, од почетоците на независна Македонија е јавната анкета на која по кратка презентација, се изложуваат деталните урбанистички планови и граѓаните имаат можност да остават писмени забелешки, кои потоа се разгледуваат од стручна комисија и евентуално се усвојуваат во финалниот план. Вообичаено, плановите презентирани на јавните анкети се комплексни и хаотични, тешко читливи дури и за професионалните планери и практично неразбирливи за граѓаните. Досегашните искуства покажуваат дека посетеноста на анкетите е мала, а процентот на прифатени жалби е уште помал.

Наместо законските измени да одат во насока на тоа анкетата да се надгради и надополни со современи методи на граѓанска партиципација, како што се работилници, интерактивни дискусии или дебати, тие се посветени на одземање на одлучувачката моќ од граѓаните (и од професионалните планери) и нејзино пренасочување кон градоначалниците и Министерот за транспорт и врски. Така, со измените во Законот за урбанистичко планирање, јавната анкета се скрати од 15 на 10 дена за градовите и на 5 дена за селата и ненаселените зони. По успешната иницијатива поднесена до Уставниот суд во 2010 година за укинување на деталниот урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје – „Мал Ринг“, во чијшто плански опфат е концентриран проектот „Скопје 2014“, се воведуваат механизми за скратени постапки за донесување на урбанистичките планови, кои го скратуваат времето за стручна и јавна граѓанска дебата, како и разни нови неуставни форми на урбанистички документации кои им дозволуваат на Владата на Република Македонија, Министерот и/или градоначалниците непречено донесување на измени, прескокнувајќи ги вообичаените процедури и регулативни рамки. За да се заобиколат протестите на граѓаните од централно Скопје, кои не дозволуваа „барокна“ реконструкција на нивните фасади, со Законот за градење им се даде моќ на општинските или градските совети до детаљ да решаваат за изгледот на градбите, доколку тоа е „од значење за општината“. За новите градби, пак, да бидат во „барокниот“ стил на „Скопје 2014“, инвеститорите кои ќе го одберат архитектонскиот стил наложен од општините се ослободуваат од 50% од комуналиите!

Сите овие одлуки и измени ја централизираат одлучувачката моќ за просторното и урбанистичкото планирање и развој и постепено сосема ги исклучуваат граѓаните како одлучувачки фактор. Чекајќи го првиот автентичен продор во дискриминативните урбани политики – локалниот референдум за ГТЦ, не смееме да заборавиме дека темелното реструктурирање на легислативата мора да биде неизбежен дел од процесот за повторната демократизација на државата и градењето на инклузивно општество каде што учеството на граѓаните во креирањето на просторните политики ќе биде не само овозможено, туку и активно, законски поттикнато.