Архива за ознаката: Косово

New authoritarian tendencies_pic

Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?

Политички партии кои функционираат како агенции за вработување, предизвикувајќи и одржувајќи култура на вкоренета корупција и клиентелизам; слаби државни институции; политичка контрола врз медиумите; распространета нееднаквост; изумирање на државата на благосостојба.„Авторитарното искушение“ се покажа премногу големо за повеќето од новите постјугословенски елити. Додека низ целиот политички спектар (во различна мера) постојат силни тенденции социјалистичкото минато да се претстави како девијација и да се криминализира, намерно бришејќи го од јавниот простор и јавната историја / меморија, и во интелектуалниот и медиумскиот дискурс постои некритичко присвојување на линеарен, површен наратив – присутен во посткомунистичките земји од Централна и Источна Европа – кој сите современи негативни појави му ги припишува на „тоталитарното“ социјалистичко минато.

Ни државите наследнички на СФРЈ не се имуни на тоа што може да се нарече вгнезден антикомунизам (nesting anti-communism, од nesting orientalism). Во Република Македонија, инсистирајќи на недемократската природа на социјалистичкиот режим, владејачката политичка елита успеа да произведе (преку контроверзниот Закон за лустрација, Музејот на жртвите на комунизмот и уништувањето на социјалистичкото / модернистичко архитектонско наследство во главниот град) еден хегемонистички режим на меморија (memory regime) кој всушност е олицетворение на најлошите практики на истиот систем што самите го демонизираат. Сепак, прашањето дали и во која мера новата авторитарна политичка култура во регионот е наследство на еднопартиското социјалистичкото минато вреди да се постави.

Генерално, а и поконкретно во македонскиот случај, припишување на вината за современите проблеми и ововековниот авторитаризам на Тито, елитата околу него, или на „комунизмот“ е само погоден начин за екстремно корумпираните и неодговорни елити на себеамнестирање. Она што е шокантно е дека во некои клучни аспекти состојбата во Македонија во 2015 година е многу полоша отколку пред 40 години. Индексот на нееднаквост (Gini) се зголемил од 28,1 во 1998 на 43,6; речиси една третина од населението живее под линијата на сиромаштијата; земјата падна од 34-то во 2009 година на 117-то место во 2015 година на светскиот индексот за слобода на медиумите; околу една четвртина од населението емигрирала во странство; и стана невозможно да се најде вработување без познанства и членство во партијата на власт (спротивно на популарното мислење дека дури и во социјализмот партиската книшка била пресудна, вреди да се спомене дека Сојузот на комунисти на Југославија најголем дел од своето постоење имал околу 1 милион членови).

Потсетувањето на некои од позитивните карактеристики на социјалистичкиот период не значи и некритичка глорификација или идеализирање на тој систем; тоа е пред сѐ обид да се истакне фактот дека позитивното наследство од тој период (еманципаторските практики, работничките права, социјалната заштита и солидарност, еднаквоста, социјална мобилност, релативната меритократија, активната надворешна политика и компетентната дипломатија) е редуцирано или целосно уништено, а негативното (политичкиот авторитаризам, култот на личноста, контрола врз слободата на говор) е проширено и „усовршено“. Оттука, визијата на Ненси Фрејзер за еден поинаков постсоцијализам – што ќе го инкорпорира, а нема да го отфрли најдоброто од социјализмот – сѐ уште се чини значајна.

Во ова заседание ви пренесуваме четири размислувања на оваа тема со фокус на постјугословенскиот простор:

 

Уредничка на заседание:  Љубица Спасковска

Фото: Љубица Спасковска

Новиот авторитаризам и новата борба против „старите демони“

Дел од редовното заседание „Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?.  Автор: Гзим Красниќи. Превод: Љ.С.

Четврт век по падот на Берлинскиот ѕид, (полу)авторитарните тенденции и практики сѐ уште се присутни во постјугословенските земји, но и пошироко. Научниците и локалните аналитичари ги припишуваат или на недостатокот на либерално демократска традиција, особено кога станува збор за граѓанското општество, на наследството од комунизмот или, уште полошо, ѝ се враќаат на добро познатата перспектива на автоориентализација која го посматра регионот како неспособен за модерна државотворност и демократизација. Иако причините за овој феномен на ограничена демократизација се многубројни и сложени, често му се приоѓа низ призмата на историски детерминизам, односно поконкретно низ онаа на комунистичкото наследство.

И покрај тоа што не може да се занемари половината век комунистичко владеење во анализата на тековната ситуација, сепак тоа е недоволно. Особено затоа што претставува премногу поедноставен поглед врз минатото, сегашната состојба и социо-економските фактори. Директната корелација која често се поставува помеѓу претходниот систем и современите (полу)авторитарни режими е проблематична од неколку причини. Прво, ова гледиште е најчесто прифатено од страна на десните, анти-комунистички или националистички партии чија raison d’être стана антагонизирањето на идеолошки „другиот“ – било тоа да е социјалистичка Југославија, Сојузот на комунисти на Југославија (СКЈ) или неговите партии-наследнички. Нивниот дискурс како таков имплицира дека она што го имаме денес е само поинаква верзија на стариот партиски систем и нејзините институции. Меѓутоа, насекаде во постјугословенскиот политички простор, антикомунистичките и десничарски партии се тие кои се олицетворение на авторитарните тенденции.

Второ, и можеби најважно, актуелните политички системи во регионот често покажуваат полоши тенденции на монополизација и централизација отколку во социјалистичкиот период. Најголем дел од постјугословенските земји само имаат изградено фасада на институционална демократија. Со исклучок на Словенија, а до одреден степен и на Хрватска, другите држави се она што Лукан Веј и Стивен Левицки (2010) го дефинираат како „компетитивни авторитарните режими“, односно граѓански режими во коишто постојат формални демократски институции што во голема мера се примарно средство за стекнување моќ, но кадешто злоупотребата на јавните функции ги става во значајна предност vis-à-vis нивните политички противници. Претежно националистички десничарски партии и „моќници“ успеаја да создадат илузија на повеќепартиска демократија на локално и национално ниво, истовремено обезличувајќи го изборниот процес. Преку „заробеноста“ на државните институции, медиумската контрола, купувањето гласови, фрагментацијата на опозицијата, тие го кршат еден од клучните принципи на демократијата – непредвидливоста на изборниот процес и промената на власта. Згора на тоа, монополизацијата на власта од страна на сегашните економски, политички и често криминални елити во регионот е далеку поширока и подлабока отколку во социјализмот. Секако, во социјализмот немаше повеќепартиски избори, но социјалната, политичка и економска институционална рамка беше во многу аспекти далеку поинклузивна, подецентрализирана и поправична.

Во крајна линија тоа води до еден поширок парадокс поврзан со посткомунизмот. Во пресрет на големите општествени промени во доцните 1980-ти, антикомунистичките сили во Југославија ветуваа демократизација и слобода преку слободни повеќепартиски избори, и економски просперитет преку либерални економски реформи и приватизација. 25 години подоцна, ниту едно од овие ветувања не е исполнето. Транспарентни, демократски институции постојат само на хартија; граѓанското општество е сведено на неколку невладини организации финансирани од странство; јазот меѓу малцинството на екстремно богати и мнозинството кое се бори за опстанок постојано се зголемува. Во центарот на сето ова е новиот „посткомунистички“ тип на партија која има свои членови и гласачи во јавните институции, медиумите, економскиот сектор, полицијата, армијата, дипломатската служба, во образовните институции. Накусо, посткомунистичките елити не донесоа ниту демократизација, ниту пак економски напредок. Единствената вистинска промена е во економската сфера, односно во економската политика на приватизација и дерегулација, за којашто се залагаше „Новата десница“ во осумдесетите. Но, ова не е нешто со коешто десничарски партии може да се гордеат. Иронично, комунистичките партии во Кина и Виетнам докажаа дека се поспособни во управувањето со државните капиталистички економии од десничарските партии во постјугословенските повеќепартиски системи.

Овој модел на семоќни и сеприсутни партии на чело на „компетититвни авторитарни режими“ е присутен во целиот регион, со извесни разлики. Што се однесува до Косово, најсложената и најатипична постјугословенска држава, и „Косовската алтернатива“ предводена од ЛДК (Демократскиот сојуз на Косово) на Ибрахим Ругова и Ослободителната војска на Косово (ОВК) и нејзиниот наследник, партијата ПДК (Демократска партија на Косово) имаа нескриен антијугословенски и антикомунистички став. Поради специфичноста на Косово во рамките на Југославија, како и поради развојот на настаните во доцните 1980-ти, социјалистичка Југославија, Србија и комунизмот често се изедначуваат. ЛДК се појави како популарно и национално движење кое ѝ се спротивстави и на југословенската држава која не го третираше Косово како еднаква федерална единица, и на комунизмот во името на демократијата, слободата и независноста. Сепак, и покрај исклучителната посветеност на мирен отпор, во пракса ЛДК имаше авторитарни тенденции да го контролира целиот „паралелен систем“ во деведесеттите. Иако нејзината моќ беше прилично ограничена во рамките на српската полициска и воена контрола, ЛДК не беше многу толерантна кон внатрешната опозиција. Слично на тоа, и во УЧК, а подоцна и кај раководството на ПДК има сѐ поголеми тенденции на контрола врз политичките, јавните и економските институции.

И покрај тоа, заробената држава и авторитаризмот во Косово се помалку консолидирани отколку во Македонија, Србија или Црна Гора. Сепак, ова не е резултат на отвореноста и посветеноста на демократските вредности од страна на актуелните косовски политичари. Напротив, тоа е резултат на меѓународниот надзор, на фрагментираната политичка сцена и пропорционалниот изборен систем (со една изборна единица).

Современите авторитарни режими не се директна последица на комунистичкото минато. Тие се производ на процесот на неуспешна демократизација кој произведе национални конфликти, економска и социјална стагнација и еден нов тип на политички партии кои успеаја да ја заробат државата, истовремено проектирајќи илузија на повеќепартиска демократија.