Архива за ознаката: историја

Zasedanie_populizam

Редовно заседание: Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам

По разголувањето на вистинското лице на авторитарната и корумпирана власт во Република Македонија, се поставува прашањето зошто власта сѐ уште не се соочува со масовно изразено незадоволство и зошто сѐ уште голем дел од граѓаните ѝ веруваат. Дел од причините за ова може да се бараат во клиентелистичкиот систем на „морков и стап“ кој сѐ уште приморува голем број граѓани да ја поддржуваат политиката на власта бидејќи од тоа зависи нивната егзистенција. Дополнително, за ова придонесува и ограничениот пристап до објективни информации за што беше пишувано во претходното редовно заседание за медиумската (не)слобода. Еднакво важно, дел од причините за сѐ уште присутната поддршка на власта треба да се бараат и во симболички елементи врз кои се потпира македонскиот авторитарен популизам предводен од ВМРО–ДПМНЕ.

За таа цел, ова заседание опфаќа неколку различни социјални конструкции кои меѓусебно се надополнуваат и заеднички придонесуваат кон градење на популистичкиот мит за ВМРО–ДПМНЕ и нејзиниот претседател, Никола Груевски. Петте осврти дискутираат како преку манипулација со јазикот, себе-идентификацијата, историјата, родот и стравот од непријателите се создава инертно и некритичко гласачко тело кое има изразено колективистички и илиберален дух, што сериозно ги загрозува основните вредности на либералната демократија:

 

Координатор на заседание: Борјан Ѓузелов

Фото: Република

„Историската неправда“ како алатка во рацете на популистичката и авторитарна власт: спомени од митотворните музејски зандани

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Дарко Стојанов

Во литературата за историски митови на Балканот, Македонија е дел од дебатата преку три конкретни митови: митот за вечната жртва, митот за вековниот политички континуитет и, во поново време, митот за античкото потекло. Накратко ќе се осврнам на првиот – митот за (себе-)виктимизација.

Својата основа овој мит ја бара во идејата за „историска неправда“. Во академската историографија, концептот за историска неправда има точно определено значење во контекст на конфликтите од 20 век и во таа смисла, најчесто го среќаваме како дел од меѓународните дебати за воени уништувања и плаќање отштета. Настрана од тоа, изразот се среќава и во националистички дискурси, но со полабаво значење. Во последните две-три децении историската неправда беше централен дел во политичките и интелектуалните дискурси на Балканот и имаше важна функција во крвавите војни при распадот на Југославија. Во регионот не постои држава која не верува дека била или е жртва на историска неправда. Во Македонија, националистичкото сфаќање за „историска неправда“ сѐ уште е лајт мотив во популистичката реторика на владејачката партија. „Товарот на историјата“ се наметнува преку политички говори, учебници по историја, историографски дела, документарни филмови, па и преку јавниот простор.

Во тој контекст, неодамна бев фасциниран од еден интересен случај. Минатата година, Музејот на македонската борба во Скопје свечено ја промовираше својата втора поставка во присуство на државниот врв. Во тоа време, како историчар заинтересиран за современите сфаќања на минатото, веќе двапати ја имав посетено и анализирано главната поставка на музејот, и сметав дека веќе ништо не може да ме изненади. Но… Во 20-минутниот хорор кој следеше се соочив со едно сфаќање на историјата кое се среќава само при проучувањата на одамна згаснати режими и идеологии. Во клаустрофобично тесен и темен простор, украсен со исечени глави набиени на кол, осакатени тела и справи за мачење, придружени од постојани врисоци од мачени патриоти и нивните сопруги и мајки во истрошени црни облеки, османските, бугарските и српските (или комунистички) џелати во уверлива актерска игра ги мачат своите жртви, тормозејќи ги притоа и посетителите на музејот.

Музејот го доживеав како фабрика за создавање на историски митови со силна визуелизација на националистичката крвава реторика. Место каде историската неправда преоѓа во мит, а потоа и во пропаганда. Митот за виктимизација, кој се базира на идејата/чувството за историска неправда, се смета за еден од најопасните историски/политички митови. Неговиот запаллив потенцијал лежи во задирањето во најдлабоките човечки емоции на страв и несигурност. Тој имплицира изразено непријателска и фиксна претстава за „Другиот“, како и чувство на морална супериорност. Овие две заедно во одредени околности можат да доведат до агресија.

Музејот не е само приказ на мрачно минато, туку е и повик за мрачна иднина. Човек оттаму излегува со гнев кон луѓе кои не постојат и со траума од настани кои никогаш не ги доживеал. Овој феномен, и покрај својата ирационалност, е сепак моќно орудие во рацете на власта. Инсистирањето на историја на страдања, на митот за себевиктимизација, е доста успешно во мобилизацијата на граѓаните преку поигрување со атавистичките емоции на толпата. Крајната улога на таков тип на музеј е создавање на еден ментален пејзаж во кој сите архетипни непријатели се оживеани, а посетителот влегува во улогата на жртва на злите намери на разни странски и домашни непријатели. Токму ова, всушност, е една од главните алатки на власта денес – постојаното посочување на непријатели и шпиони, поделбата на граѓаните на патриоти и предавници.

Накратко, оваа приказна е пример за тоа како една популистичка и авторитарна власт може да го користи т.н. „употребливо минато“ како алатка за практикување на својата моќ. Така, во одреден контекст, инсистирањето на виктимизацијата, т.е. на историската неправда, е всушност мобилизација, повик за униформност и слепо следење на водачот и партијата.