Архива за ознаката: елена_б_ставревска

%d0%b4%d0%b8%d1%98%d0%b0%d1%81%d0%bf%d0%be%d1%80%d0%b0

Политика на далечина: Предизборни осврти на „дијаспората“

Република Македонија е неспорно емигрантска држава. Според податоците на Светска банка, се проценува дека до 2013 година од Македонија се иселиле 630.000 луѓе. Вистинската бројка на тоа колку македонски државјани има низ светот денес е веројатно многу поголема. Од нив, 20.573 се пријавиле за да го искористат своето право на глас на престојните парламентарни избори. Иако дијаспорското гласање и улогата на дијаспората се многу присутни во предизборната реторика, од иселувањето на младите до немање на национална стратегија, речиси и не постои сериозна анализа на тоа какво е влијанието на дијаспората во Македонија и обратно. Во обид да отпочнат процес на проблематизирање на оваа тема, текстовите во ова заседание нудат кратки анализи на јавните перцепции и наративи за поимот „дома“, што е суштински поврзано со поимањето за дијаспората, на економската улога на дијаспората, политичкиот аспект на овозможување на гласање во странство, како и адаптираноста на македонската правна рамка на мобилноста на нејзиното население.

Во ова заседание ви претставуваме четири осврти:

Уреднички на заседание: Елена Б. Ставревска и Ана Ацеска

Фото: xkcd

Дијаспорски дилеми: кој, зошто и како гласа во странство

Дел од виртуелното заседание „Политика на далечина: Предизборни осврти на „дијаспората““. Авторка: Елена Б. Ставревска

 

Треба ли дијаспората да гласа? Ова е прашање кое се враќа во македонскиот јавен дискурс пред секои парламентарни и претседателски избори од 2011 година, кога првпат беше спроведено такво гласање.

Во дискусијата може да се идентификуваат најмалку три различни аспекти. Едниот, би го нарекла социјализирачки аспект, се однесува на врската помеѓу „татковината“ и (привремено) иселените. Додека едни тврдат дека давањето глас на дијаспората ја зајакнува таа врска, други сметаат дека врската не е доволно силна за иселените да бидат добро запознаени со политичкиот контекст во земјата како би можеле информирано да гласаат. Во време на лесно достапни онлајн информации и на сѐ поширока употреба на социјалните мрежи и онлајн алатките за комуникација, станува полесно за иселениците не само да добијат информации за состојбата во државата, туку и да го почувствуваат секојдневието преку искуствата на нивните блиски кои останале во Македонија. Оттаму, социјализирачкиот аспект во дискусијата станува помалку релевантен.

Друг аспект кој неретко се споменува е економскиот. Овој аспект конкретно се однесува на уделот на дознаките во македонската економија. Иако дознаките значително придонесуваат кон подобрување на економската состојба на многу семејства, како што е објаснето во друг текст во ова заседание, неопходно е да се укаже дека не постои очигледна каузална врска помеѓу правото на глас на дијаспората и бројот на дознаки. Во македонскиот случај, ова лесно може да се согледа преку споредба на дознаките пред и по воведувањето на таканареченото дијаспорско гласање. Покрај тоа, многу земји со рекордно мал број на дознаки овозможуваат гласање вон државата. Во тој контекст, и економскиот аспект на дискусијата за правото на глас станува помалку релевантен.

И најпосле, третиот важен аспект во дискусијата е демократскиот, односно републиканскиот аспект. Во изминативе неколку години се бележи растечки тренд во светот на воведување можност за гласање во странство; така денес поголемиот број демократски земји ја има воведено оваа изборна можност. Во таа насока, прашањето дали државјаните кои се привремено во странство треба да гласаат е неспорно. Членот 22 од Уставот на Република Македонија јасно предвидува дека секоја граѓанка и граѓанин над 18 години има избирачко право, кое е еднакво, општо, тајно и непосредно. Ова секако ги вклучува и граѓаните, односно државјанките кои имаат „пријавено последно живеалиште во Република Македонија, a на денот на изборите привремено престојуваат во странство повеќе од три месеци или се на привремена работа или престој во странство повеќе од една година“. Важно е да се напомене дека иако имаат право на државјанство на Република Македонија, како земја каде државјанство се добива според потекло, а не место на раѓање, генерациите иселеници кои никогаш немаат живеено во Македонија не можат да гласаат на избори. Ова е една од почестите грешни претпоставки во јавната дискусија на оваа тема. Со тоа, избирачко право всушност има само еден дел од дијаспората. Концептот на „дијаспора“ самиот по себе не е правен, туку идентитетски концепт и зависи исклучително од чувството на припадност кон таа заедница. Таквите заедници се широки, лабави и недефинирани, па може да опфаќаат и луѓе кои имаат одредено потекло и државјанство но никогаш и не ја посетиле земјата, како и луѓе кои воопшто немаат државјанство на таа земја.

Што е тогаш спорно околу гласањето во странство? Ако ги тргнеме настрана изборните нерегуларности забележани кај гласањето во странство досега, можеби најспорниот елемент е нееднаквоста на гласот во Македонија и во странство. Имено, од една страна, до неодамна постоеја три изборни единици вон Македонија: ИЕ7 (Европа и Африка), ИЕ8 (Северна и Јужна Америка) и ИЕ9 (Австралија и Азија) и шест во земјата. На изборите во 2014 во ИЕ9 доволно беа само 800 гласа за избор на пратеник, додека потребниот број на гласови за избор во шестата изборна единица на територијата на Македонија, каде одзивот беше најнизок, беше околу 7.000. Со измените на Изборниот законик кои произлегоа од Пржинскиот договор, ова значително се менува. Сега сите гласачи вон територијата на Македонија гласаат во една изборна единица (ИЕ7). Освен тоа, овојпат како и во останатите изборни единици, и во ИЕ7 ќе се применува пропорционален изборен модел. Со други зборови, овојпат и во дијаспората ќе се гласа за кандидатски листи на партии, а не за поединечни канидати. Со најновите измени, најнискиот неопходен број гласови за кандидатка од дијаспората да биде избрана за пратеничка е еднаков на најнискиот потребен број гласови за избран кандидат на територијата на Република Македонија на претходните избори. Во случајов, тој број е некаде околу 6.500 гласови. Овие измени овозможуваат делумна еднаквост на гласот.

Сепак, тоа што останува спорно е репрезентативноста. Ваквиот модел претпоставува, од една страна, одредена хомогеност на дијаспората и нејзините интереси, а од друга страна, врска помеѓу еден пратеник и електоратот распространет низ целиот свет. Интересно е што и покрај тоа што моделот нуди можност за надетничка кампања и позиционирање, кандидатите остануваат во таканаречените етнички кампови, каде македонските кандидати ја бараат довербата на етнички македонските иселеници, а албанските кандидати на етнички албанските иселеници.

Постојат најмалку два начини за целосно решавање на проблемот на еднаквоста на гласот, иако тие би го нужно решиле и проблемот на репресентативноста. Во рамките на постоечкиот модел на шест изборни едници во Македонија, најбезболниот и најправеден начин е интегрирање на гласовите од странство во изборните единици асоцирани со местото на живеење на гласачот пред напуштањето на земјата. Ова е нешто што го практикуваат голем број земји. Другиот начин е со можна промена на моделот во една изборна единица, како предлог кој често го слушаме во јавноста, со што нееднаквоста на гласот како проблем целосно се отстранува.

Посебна анализа е потребна за трошоците што ги наметнува гласањето во странство, како и ограничувањата поврзани со личното гласање, но тие две теми не се предмет на овој текст. Засега, останува во недела да видиме како ќе функционира новиот модел и дали дијаспората воопшто ќе успее да изгласа претставник. Но во секој случај, со постепеното еволуирање на изборниот модел за нашите сограѓанки и сограѓани кои живеат во странство, Македонија полека се обидува да го најде балансот помеѓу демократските и републикански вредности и мобилноста на нејзиното население во глобални рамки.

969780_206260143047677_2408807666267817011_n

Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија

Граѓанското општество е концепт кој опфаќа широк дијапазон на значења. Најопштата дефиниција за граѓанско општество ги опфаќа сите форми на организирање помеѓу семејството и државата. Правото на здружување е основно политичко право на секој граѓанин и е клучен аспект на секое демократско општество. Во посткомунистичкиот период во новите демократии, особено во текот на 1990-тите и 2000-тите, „граѓанско општество” беше релативно нов концепт, чие значење допрва требаше да се оформува. Тоа, во голема мера финансирано од странски развојни фондации, најчесто беше видено како своевиден синоним на прогресивно, демократско и праведно дејствување. Значителното присуство на донатори кои преферираа финансирање на формални организации придонесе кон тоа граѓанските невладини организации да се наметнат како доминантна форма на здружување и кон своевидна НВО-изација на граѓанското општество. Од друга страна, особено во последните неколку години, се јавија и многу општествени, често студентски и активистички движења кои ги активираа граѓаните, вон редовните активности на невладините организации. Ваквите различни концепти креираа своевидна тензија помеѓу формалните и неформалните облици на граѓанско здружување. Оттаму, ова заседание го става под лупа концептот на граѓанско општество во Македонија и неговиот развој, навлегува во разликите кои постојат помеѓу различните видови здружувања на граѓан(к)и, но и го анализира односот помеѓу општествените активистички движења, самоникнатите и самоорганизирани иницијативи и невладините организации.

Во ова заседание ви претставуваме четири осврти на оваа тема:

 

Уредници на заседание: Борјан Ѓузелов и Елена Б. Ставревска

Фото: Битола – град на културата

Активист(к)и и невладини: љубов и нетрпеливост во време на „заробена држава“

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Елена Б. Ставревска

Една од дистинкциите кои се прават во однос на граѓанското општество е таа помеѓу граѓански иницијативи и движења, од една страна, и граѓански, односно невладини организации, од друга. Ваквото разграничување на глобално ниво стана уште понагласено и повидливо во периодот на дејствување на движењето Occupy, но на истото укажуваат и приказните од студентското организирање во Загреб, граѓанските пленуми низ Босна и Херцеговина, па и различните пленуми и движења во Македонија кои зедоа замав во 2014/2015. Критиките на невладиниот сектор глобално се бројни и многустрани.

Во периферните и полупериферните земји со недемократски системи, невладините организации (НВО-и) се често јавно претставувани како ентитети во служба на интересите на странските донатори, наместо на потребите и интересите на населението во земјите каде дејствуваат. Понатаму, критикувани се дека и покрај тоа што немаат сопствени конституенти често се вклучени во процесот на креирање политики на институционално ниво „во име“ на граѓан(к)ите и граѓанското општество, на тој начин давајќи легитимитет на одредени политики и одлуки. Друга критика е во насока на оние НВО-и кои пружаат различни видови социјални и хуманитарни услуги, за кои се смета дека на тој начин придонесуваат кон прикривање на неспособноста на државата да ги пружи тие исти услуги на своите граѓан(к)и. Притоа ваквото своевидно аутсорсирање на грижата за најранливите категории граѓани не значи дека улогата на државата севкупно е намалена, туку дека истата има простор да вложи ресурси во други области. Со дејствувањето во оваа област, иако успеваат привремено да помогнат на дел од маргинализираните граѓан(к)и, се маскираат последиците и се придонесува кон амортизирање на народниот гнев.

Со други зборови, суштината на критиката е дека поголемиот дел од невладините, кои особено во транзиционите општества никнуваат како печурки после дожд, се составен дел на системот кој е трул и неправеден. Оттаму, нивното дејствување единствено може да придонесе кон негова реформа во постоечките рамки, но не и кон темелна промена на целиот систем.

Дел од овие критики се основа и за анимозитетот кој е присутен помеѓу граѓанските, често хоризонтални во структура, активистички, самоорганизирани движења и граѓанските, често проектно насочени, професионализирани невладини организации во Македонија. Меѓутоа, она што ја прави дискусијата специфична во македонскиот контекст е постоењето на таканаречената „заробена држава“, односно значајното институционализирано влијание и контрола, водени од лични интереси, на нерепрезентативни чинители врз јавните финансии, медиумите и донесувањето и спроведувањето одлуки. Во вакви услови, функционирањето на НВО-и кои се во улога на watchdogs е не само под огромен притисок, туку и речиси целосно оневозможено. Медиумската машинерија на режимот е ставена во улога на делегитимирање на оние општествени чинители, како што се невладините организации, кои ги доведуваат во прашање различните одлуки и политики на власта. Оттаму, нетрпеливоста помеѓу активистичките движења и невладините организации не придонесува само кон ситнење на отпорот против опресивниот режим, туку и директно помага во процесот на делегитимирање на различните гласови и ставови во општеството. Преку етикетирање, на пример упоребата на недефинираниот, но погрден израз „соросоиди“, се избегнува дискусија околу содржината на ставот и фокусот останува на површното неполитичко ниво околу носителот на ставот, што придонесува кон уште подлабоко деполитизирање на македонското општество.

Второ и можеби поважно е разграничувањето помеѓу индивидуалната дејствителност и агентност на луѓето кои се вработени во различните невладини организации и колективното дејствување на организациите. Дејствителноста, односно агентноста, овде се однесува на способноста и моќта за дејствување во одредена средина. Во услови на комплетна поклопеност на државата, државните институции, па и државните универзитети од страна на партиите на власт, невладиниот сектор е едно од последните упоришта за поголемиот дел млади прогресивни луѓе во земјата, особено за оние од општествените науки. Со тоа работата во невладиниот сектор, наместо барање на одредено партиско вработување и вклучување во постоечкиот клиентелистички систем, е и своевидна форма на отпор кон владејачкиот режим. Покрај ова, голем дел од луѓето вработени во невладиниот сектор се всушност дел од активистички движења во своето слободно време и се често во првите редови на различните самоорганизирани протести. Оттаму, исцртувањето јасна граница помеѓу невладини организации и граѓански движења, доколку се занемари индивидуалната дејствителност, не е само проблематично, туку и невозможно. Колективната способност за дејствување на граѓанските движења, обединети околу заеднички вредности, извира од индивидуалните дејствувања на различните граѓан(к)и, вклучувајќи ги оние кои се единствено активни во конкретното движење, но и оние кои се и вработени во невладини организации или се волонтерски дел од асоцијации од кои немаат директни финансиски бенефиции.

Невладините организации, а со тоа и индивидуите кои работат во нив, и граѓанските движења во кои тие заедно со другите граѓан(к)и учествуваат се централните двигатели на демократизацијата и ослободувањето на државата. За дискусијата околу улогата на НВО-и во суштинска системска и општествена промена воопшто да се случи, неопходно е да се премостат нетрпеливостите во процесот на одзаробување на државата.

 

photo: Nebojša Gelevski

Македонија: Анатомија на криза

Текстот првично и интегрално беше објавен на openDemocracy на 12 јуни. Автор: Елена Б. Ставревска

Од Русија на Путин, до Турција на Ердоган, Унгарија на Орбан, Србија на Вучиќ и Македонија на Груевски, новите авторитарни режими глумат демократија организирајќи повеќепартиски избори, имитирајќи демократски институции и усвојувајќи демократски јазик. За разлика од старите авторитарни режими, овие властодршци немаат потреба да користат насилство за да се одржат на власт. Наместо тоа, тие владеат преку контрола на информациите и манипулација на верувањата, како и развивање на неопатримонијални и неопребендални економски системи. Една неодамнешна студија на ваквите режими идентификува четири тактики кои обично се користат за одржување на власт: кооптација, цензура, пропаганда и репресија. Особено е важно што студијата укажува на тоа дека режимот е подготвен да употреби репресија, односно насилство против јавноста, само кога масовните верувања не можат да се манипулираат со првите три тактики. Неодамна имаше навестување за токму таков потег во Македонија.

Земјата се соочува со скандал поврзан со масовно прислушување од почетокот на февруари, кога најголемата опозициска партија почна јавно да претставува материјали кои укажуваат на целосно „заробување“ на државата, односно state capture. На 5 мај, нов сет објавени прислушувани материјали содржеше наводни докази за истиот случај на фатална полициска бруталност којшто во 2011 доведе до масовни протести против полициска бруталност. Со повторното покренување на движењето против полициска бруталност како одговор на новите сознанија, илјадници граѓани се собраа пред зградата на Владата да побараат оставки и одговорност. Мирниот протест на крај се претвори во насилен, со голем број приведени и повредени демонстранти. Покрај користењето брутална сила против демонстрантите, полицијата направи и упад во јавна библиотека, каде беа малтретирани студенти.

Полициската репресија имаше контраефект. Таа предизвика протестите да се зголемуваат со секој нареден ден како во бројност, така и географски, ширејќи се низ земјата и низ дијаспората. Протестите единствено беа прекинати на неколку денови за време на безбедносната криза во Куманово. Ова, сепак, им дозволи на демонстрантите да ги кристализираат барањата и да ги обединат дејствувањата околу ново неформално општествено движење познато како #Протестирам. Протестите продолжија секој ден до 17 мај.

Искажувањето граѓанско незадоволство кулминираше на 17 мај, кога илјадници македонски граѓани побараа оставки од Груевски и неговиот најблизок тим. По протестот, кој беше организиран од коалицијата наречена „Граѓаните за Македонија“, координирана од најголемата опозициска партија и голем број на невладини организации, коалицијата постави протестен камп пред седиштето на Владата. На 18 мај, од друга страна, голем провладин митинг се одржа во Скопје, кој резултираше во поставувањето на камп на владини поддржувачи пред зградата на Парламентот. Двата протести всушност беа начин за лидерите на најголемите политички партии, Премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев, да се легитимираат себе и своите барања пред престојниот преговарачки процес.

Преговорите, кои главно се случуваат во Скопје и во Брисел, ги вклучуваат лидерите на четирите најголеми политички партии (две кои се видени како претежно етнички македонски и други две кои се видени како претежно етнички албански партии), а се со посредништво на претставници на Европската унија. Со преговарачкиот процес целосно скриен од очите на јавноста и со многу малку информации достапни на граѓаните, политичкото е одземено и изолирано од јавниот домен. Како резултат на таквото празнење на политичкото од јавното, протестното движење се чини дека ја загуби својата причина за постоење, а камповите се на работ да се сведат на театралност.

Она што се чини јасно е дека преговорите ќе резултираат со исход кој нема да ги задоволи очекувањата на ниедна страна. Опозицијата ги зголеми очекувањата до тој степен што каков било исход кој би дозволил Груевски и неговиот тим да ги задржат позициите во транзиционата влада би се сметал за неприфатлив од оние кои се критички поставени кон владата. Делот од јавноста кој сѐ уште го поддржува Груевски, пак, би го сфатил неговото заминување како отстранување на легитимно избран државник.

Вклученоста на ЕУ во процесот е особено важна. Надвор од секакви заблудни видувања на Унијата како Добриот Самарјанин, во овој случај она што е доведено во прашање е и капацитетот на ЕУ да делува како актер во надворешната политика. Балканот отсекогаш бил не само родното место на надворешната политика на ЕУ, туку и плодна почва за тестирање на сите инструменти во овој домен. Многумина се сеќаваат на злогласната изјава од 1991 година на Жак Пус, тогашниот Министер за надворешни работи на Луксембург, кој зборувајќи во името на Европската заедница рече дека „осамна часот на Европа“, непосредно пред фијаското со југословенските војни. Надворешната политика на ЕУ значително напредна оттогаш, меѓу другото, придонесувајќи кон напорите кои успешно спречија ескалација на етничкиот конфликт во Македонија во 2001 година. Во годините потоа, ЕУ беше клучен актер во процесот на изградбата на македонската држава. Оттаму, повторното поставување на нивната „успешна приказна“ на Балканот на патот кон членство во Унијата е од суштинско значење во зачувувањето на капацитетот на ЕУ како надворешнополитички актер. Истовремено, стравувајќи од креирањето преседани во нестабилно соседство, ЕУ се чини посебно внимателна и свесна за степенот до кој интервенира.

Сето ова ја става Унијата во позиција уште еднаш да даде приоритет на стабилизација пред демократизација, како двете да не се интимно поврзани и како да можат успешно да се случат едноподруго. Ова е пристап од кој можеме да најдеме бројни примери на Балканот. Конкретно во Македонија, меѓународната заедница долго време гледаше на Груевски како на „стабилизатор“, замижувајќи пред назадувањето на демократијата што се случува во земјата последните неколку години. Оттаму, има најмалку три проблеми со начинот на кој моментално се одвиваат преговорите.

Првиот проблем е непостоењето на каква било транспарентност во процесот. Кратките неинформативни, често контрадикторни изјави на инволвираните, вклучувајќи ги и претставниците на ЕУ, се единствените информации достапни на јавноста. Во општество кое со години се соочува со медиумски мрак, недостатокот на информации ги прави преговорите, како и судбината на земјата, уште подалечна од граѓаните. Тоа, истовремено, придонесува и кон продолженото чувство на неизвесност.

Второ, се чини дека постои претпоставка дека сегашните авторитарни тенденции, иако никогаш експлицитно ненаречени така од страна на меѓународни претставници, се во директна спротивставеност со демократијата. Како двете да постојат во дихотомија и како да се очекува, по колапсот на тековниот нелиберален систем, демократија некако природно да се појави. Како ставање фластер на неисчистена рана, се преговара за договор без никакви гаранции за неговата имплементација. Неуспехот на договорот од март 2014 година, исто така постигнат со посредство на ЕУ, да донесе какви било значајни промени или дури и целосно да ја реши кризата, на пример, треба да биде суров потсетник за ограничувањата на овој пристап.

Последен и најважен е проблемот на застапеноста, односно претставеноста. Преговарачкиот процес ја поставува моменталната политичка криза во земјата како конфликт помеѓу политички партии наместо како криза на легитимноста на институциите. Она низ што Македонија поминува е конфликт помеѓу граѓанството и властодршците. Има три важни нешта кои лидерите на политичките партии можеби згодно ги забораваат, но претставниците на ЕУ не смеат. Прво е фактот дека мајскиот излив на јавно незадоволство не се случи во вакуум и не беше единствено резултат на протечените материјали. Всушност, последните протести се случија после месеци исполнети со огромни протести, почнувајќи со протестите на студентите на крајот на 2014 година, хонорарците, медиумските работници, протестите против Министерот за здравство по трагичната смрт на малата Тамара, средношколците и нивните родитени, итн. Вториот важен факт е дека просечната излезност на избори во Македонија е 57.49%, со голем дел од квалификуваните гласачи во земјата кои одбиваат да гласаат, што ги прави непретставени од која било политичка партија, а уште помалку од четирите најголеми. Овие две се поврзани со третата важна реалност, а тоа е постоењето на вистински grassroots, самоорганизиран, автономен капацитет за акција во форма на движењето #Протестирам. Сѐ до 17 мај, секојдневните протести на #Протестирам успеаја да вклучат дел од населението кое е незадоволно не само од тековната влада, туку и од начинот на кој се води политиката во земјата севкупно. Верувајќи дека граѓаните мора да бидат способни да дејствуваат политички и вон политичките партии, демонстрантите бараат одговорност кон граѓаните, не единствено кон партиските членови. Преку маршови и пленуми, овој локален капацитет за акција, и покрај тоа што е неодржлив и со неизвесна иднина, успеа да им даде платформа на непретставените граѓани, за да го искажат своето мислење. Затоа, овој капацитет мора да биде препознаен и искористен во процесот на демократизација на земјата.

Севкупно, ова е ретка можност за „рестартирање“ на системот. Ова е можност одново да се напише општествениот договор помеѓу институциите, владата и граѓаните. Ова е можност каква што се укажува само после тектонски придвижувања и пукнатини, како што се војни или огромни кризи. Во Македонија, ова е можност за конечно да се постават основите на демократско општество и одговорни институции, што неизбежно ќе биде долг и мачен процес, но истовремено и процес којшто најпосле ќе овозможи напредок на земјата.

Фото: Небојша Гелевски

слика2

Вонредно заседание, втор дел: Сценарија за излез од политичката криза

Со објавувањето на „бомбите“ на Заев, Македонија влегува во една од најголемите политички кризи во својата историја. Влоговите се високи и на двете страни. Каква предвидувате дека ќе биде разврската на оваа криза? Како би требало да се постави опозицијата во текот на настаните што следат?

Вториот дел од ова дводелно вонредно заседание донесува пет осврти:

 

Фото: Небојша Гелевски

Доста е од понуди што не можат да се одбијат

Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Елена Б. Ставревска

Некои од разговорите објавени како дел од „бомбите“ потсетуваат на сцената во првиот дел на култниот филм „Кум“ во која Мајкл Корлеоне, планирајќи го убиството на полицискиот началник Меккласки, прашува дали немаат новинари на нивниот платен список кои би ја спинувале сторијата во нивна корист. Но големата слика на овој скандал повеќе наликува на третиот дел на „Кум“: фокусот останува на динамиката и работењето на фамијата, но со потпросечни глумци и лошо сценарио. Единствено е неизвесно дали и крајот на оваа политичка криза ќе наликува на тој во филмот.

Деновиве и меѓународната заедница се обидува активно да се вклучи во режирањето на крајот на кризата. Последниве неколку години, кога меѓународниот фактор во Македонија замижуваше пред бројните загрозувања на демократијата и човековите права, покажаа дека меѓународната заедница, вклучително Европската унија, секогаш ќе приоритизира стабилизација пред демократизација во својата „периферија“. Меѓутоа, во ситуација кога политичкиот капитал на Груевски е недоволен за гаранција на стабилноста, вклучувањето на ЕУ и НАТО е очекувано. Соочени со недостаток на „моркови“ заради грчкото вето, многу поверојатно е да играат на картата „раздели, па владеј“ во однос на владејачката коалиција. Имено, двете најголеми партии на власт имаат некомпатибилни дискурси: ВМРО-ДПМНЕ, особено од 2008 наваму, активно работи на градењето имиџ на „чувар“ на името и идентитетот, додека ДУИ се профилираше како партија според која промена на името е ниска цена за плаќање во однос на членството во ЕУ и НАТО. Единствено со оваа стратегија мирна политичка разврска и формирање на преодна влада со мандат да ги спроведе неопходните реформи и да организира избори се чини возможна.

Но, која и да е стратегијата на меѓународната заедница, оваа криза ќе послужи како рестартирање на процесот на градење демократска држава со функционални институции и контрола на политичката моќ ако и само ако во процесот се вклучат граѓаните и граѓанското општество. Ова не смее да се сведе единствено на предавање на палката на власт, ниту на меѓупартиски калкулирања и препукувања на партиски митинзи.

Политичките случувања во земјава од нејзиното осамостојување, со изминативе девет години како невиден катализатор, резултираа не само во целосна блокада, нефункционирање и недоверба во институциите и медиумски мрак, туку и во атомизирано и поларизирано општество со уништени многубројни меѓучовечки односи и агресивна и непродуктивна политичка култура. Жртви на ваквата општествена поставеност не се членовите на оваа или онаа политичка партија, туку буквално сите граѓани на Република Македонија, освен неколкумината одбрани властодршци и луѓето блиски ним. Оттаму, процесот на презентирање на снимките мора да биде поинклузивен и потранспарентен од сегашната стратегија на опозицијата, неоставајќи простор за сомнеж дека презентираното е всушност соџвакана и калкулирано ограничена верзија на вистината. Само со активно вклучување на граѓанското општество, сфатено во поширока смисла, е возможно да се избегне реваншизам и да се постави овој процес на надпартиска и надетничка патека.

Паралелно со запознавањето со содржината на снимките на сѐ поголем дел од јавноста, станува појасно против што треба да се обединат граѓаните, но за долготрајна и одржлива промена на корумпираниот систем и општеството на страв неопходно е и кристализирање на визијата за што точно е тоа обединување. Доста е, се чини, од понуди што не можат да се одбијат.

Bomba

Казино Македонија: шпиони, предавници и патриоти

Текстот првично и интегрално беше објавен на openDemocracy. Автор: Елена Б. Ставревска

Постојат две теми за кои во Македонија никогаш нема недостаток на ‘експерти’ и мислења: фудбал и политика. И покрај тоа што вторава се смета за игра на моќ недостапна за обичниот човек, повеќето луѓе се вклучуваат во дискусии на актуелни теми, иако претежно во затворени кругови во последно време. А последниве две недели има многу материјал за такви дискусии поврзани со наводниот „пуч“ и она што меѓу народот е познато како „бомба“.

Целиот скандал предизвика своевидна хистерија меѓу македонската јавност, резултирајќи во многу различни теории на заговор и интензивно вклучување на фантазијата. Многу работи поврзани со целиот случај остануваат нејасни. Прашањата генерално можат да се групираат во две категории: поврзани со потеклото и поврзани со содржината на материјалите.

Општо гледано, постојат два наративи во поглед на потеклото на материјалите. Според едниот, прислушувањето го организирале странски разузнавачки служби и во таквото сценарио Премиерот Груевски е прикажан како патриот кој ја брани државата, а лидер на опозицијата Заев како предавник кој соработува со странски служби во поткопувањето на државниот суверенитет и стабилност. Другиот наратив е заснован на претпоставката дека зад прислушувањето стојат македонските разузнавачки служби и во таквиот наратив Груевски е предваник заради нелегалното прислушување на граѓаните, а Заев се поставува како патриот изјавувајќи дека ги објавува материјалите имајќи ги демократијата и слободата во Македонија како крајна цел. За да се разбере за што точно станува збор, двете хипотези треба да бидат деконструирани.

Првата хипотеза се заснова на изјавата на Премиерот на прес конференција за јавноста, на која тврдеше дека и самиот Заев за време на нивните состаноци му потврдил дека материјали се добиени преку странски служби. Истото може да се слушне и на протеченото видео од тајно снимениот состанок во премиерскиот кабинет. Она што е важно во оваа хипотеза е дека се претпоставува дека или некоја од земјите која има пристап до сателитска оперма неопходна за ваква операција има интерес во шпионирањето на повеќе од 1% од населението на земјата, или дека некоја друга земја е потпомогната во операцијата од внатрешни елементи во македонските разузнавачки служби. Без оглед на минималната веројатност на првата претпоставка, вистинитоста на која било од овие две би значело груба повреда на безбедноста и продор во разузнавачките служби на земјата во подолг временски период, за што владејачките структури мора да бидат повикани на одговорност. Истовремено, зачудува и тоа што Владата сѐ уште никому нема упатено протестна дипломатска нота во врска со скандалот.

Втората хипотеза се заснова на изјавата на Заев дека материјалите се добиени преку„патриотски“ свиркачи во разузнавачките служби на државата, кои го спровеле прислушувањето преку мрежите на мобилните оператори. Легално, прислушувањето може да трае само четири месеци, со можност да се продолжи за уште четири. Покрај тоа, неопходна е судска одлука донесена по барање на јавниот обвинител што е возможно само во случаи кога постои причина да се верува дека се подготвува, се спроведува или е сторено кривично дело. Без вакви судски налози, оваа хипотеза би значела дека тие кои го наредиле прислушување дејствувале незаконски и неуставно. Во ваков случај, исто така, неопходно би било владините структури да се повикаат на одговорност.

Сепак, наведените последици на двете можни сценарија претпоставуваат дека станува збор за правна земја во која постои владеење на правото, има јасна поделба на власта и постои граница помеѓу државните институции и политичките партии на власт. Ова, како што многу извештаи вклучувајќи го и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата кон членство во ЕУ, не е случај во Македонија веќе некое време. Суштината на скандалот, во таков случај, треба да ја бараме во содржината на материјалите.

За целосно да се сфати влијанието на скандалот неопходно е да се контекстуализира во општество кое е сосема поларизирано и деполитизирано, каде се чини едно до друго постојат две паралелни општества и секоја форма на политички дијалог е целосно отстранета од јавната сфера. Покрај тоа, ова е и земја во која слободата на медиумите во 2014 година беше рангирана најниско во регионот, при што „Репортери без граници“ истакнуваат и дека Македонија досега никогаш не била рангирана толку ниско. Исто така, ова е и земја во која последниот попис се одржа во 2002 година, а стапката на невработеност според Меѓународниот монетарен фонд во 2012 година била проектирана на повеќе од 31%. Ова е општество на страв, без доверба во непристрасноста на судскиот систем и со проширена контрола на власта во сите сфери на животот на луѓето. Еднакво важно, овој скандал се случува во време на јавно незадоволство кои резултира со чести штрајкови и протести на студенти и професори, хонорарци, наставници и новинари.

Со значително малиот незадушен медиумски простор на располагање, имајќи предвид дека многу мал дел од поголемите медиуми, повеќето од кои имаат блиски односи со власта, воопшто и објавија нешто за материјали, влијанието досега е ограничено . Сепак, она што досега објавените материјали успеаја да постигнат е одредена демистификација на јадрото на владејачката елита и најблиските сојузници на Премиерот. Објавениот разговор меѓу двајцата министри и фактот дека дури и еден од водачите на пропагандната машинерија на власта бил прислушуван, укажува на некохерентност, непочитување и параноја меѓу оние кои претходно се веруваше дека функционираат како добро подмачкана машина. Вториот и поважен аспект на содржината на материјалите е дека, ако она што е кажано за нив досега е точно, тие укажуваат на тоа како мала група на луѓе неверојатно многу се збогатила преку сомнителни активности. Прислушувањето само по себе, особено со оглед на комунистичкото минато на државата, можеби и не ги изненади повеќето од обичните луѓе. Но доказите дека властодршците во земјата, чиј јавен имиџ како вредни и чесни луѓе внимателно се градисо години, се вклучени во тешки финансиски криминални дела би можеле да погодат нерв во време на општа економска криза.

Останува да се види дали опозицијата ќе успее да го обликува целокупниот наратив на начин кој би ги обединил обичните граѓани и би ја надминал општествената поларизација. Она што е сепак сигурно е дека, за разлика од состојбата во македонскиот фудбал, политички, сведоци сме еден од ако не и најинтересниот период во историјата на земјата од нејзината независност.

 

Фото: Ceci n’est pas un site web

„Народот е нашата сила“: дали некои животни се поеднакви од другите на македонската фарма?

Дел од виртуелното заседание „Во каква состојба е демократијата во Македонија?“ Автор: Елена Б. Ставревска

Она што дефиницијата на „демократија“ како облик на државно уредување каде суверената власт му припаѓа на народот, односно мнозинството, не го појаснува е позицијата и улогата на делот од народот вон мнозинството. Изразувајќи сомнеж во апсолутна власт концентрирана во рацете на мнозинството, Алексис де Токвил уште во 1835 во „Демократијата во Америка“пишува за ризикот од таканаречена тиранија на мнозинството. „Ако се признае дека човек со апсолутна власт може да ја злоупотреби таа моќ напакостувајќи им на неговите противници, зошто не би било и мнозинството подложно на истиот суд?“ прашува де Токвил. Имено, повеќето функционални демократии денес имаат различни механизми за заштита на малцинствата, биле тие идеолошки, културолошки или малцинства од некој друг вид. Во случајот на Република Македонија, која е со Уставот дефинирана како демократска држава, со години разноразни политики се оправдувани преку гласот на мнозинството дискутабилно претставен во форма на демократски легитимитет. Меѓутоа, праксата неспорно покажува постоење на тиранија на мнозинството.

Од една страна, во последните неколку години слободата на изразување и независност на медиумите во земјата е во постојан пад, за што говори и рангирањето од страна на „Репортери без граници“, според кои во 2009 година Македонија беше на 34-то место, а во 2014 е на 123-то место. Забелешките во речиси сите меѓународни извештаи се однесуваат на затворањето и притисоците врз медиумите кои не се блиски до власта, но и на општата клима на автоцензура заради страв од можни тужби за клевета и високи парични казни во услови на партизирано судство. Во тој поглед, постои агресивно маргинализирање на неистомислениците.

Од друга страна, тиранија на мнозинството постои и во однос на парламентарната опозиција. Тешко е да се најде посимболично олицетворение на ваквата тиранија од случувањата на 24 декември 2012. Но дури и денес, а во контекст на непризнавањето на априлските избори од страна на СДСМ и враќањето на мандатите, Парламентот функционира без опозиција. Неспорејќи дека за решавање на политичката криза се потребни напори и од власта и од опозицијата, она што загрижува е инсистирањето на парламентарното мнозинство на усвојување на низа уставни измени, без оглед на кризата и невклученоста на идеолошкото малцинство во овој процес.

Најпосле, гледано низ призмата на различните демократски алатки замислени како можни корективи на власта, меѓу кои и јавната дискусија, истите во Македонија се сведени на церемонијални собири на истомисленици. Од речиси 9-годишното непостоење на какво било јавно соочување на Премиерот со лидерите на опозицијата, до трагикомично несреќно наречената „јавна“ дебата зад затворени врати во Министерството на образование и наука по повод измените на Законот за високото образование, властодршците одбиваат воопшто да се изложат на она што според нивните сфаќања се мислења на малцинството. Во ретките случаи кога тоа се случува, како што е примерот со студентските протести, свесно затвораат очи пред различните мислења, повторно повикувајќи се на нивниот наводен демократски легитимитет заснован врз изборот на мнозинството гласачи.

Историски гледано, денешната идеолошка тиранија е особено парадоксална и шизофренична во контекст на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, партија која е гласен застапник на наратив со кој се осудува тиранијата врз малцинството кое се залагало за поголема самостојност на Републиката во услови на владеење на пројугословенско мнозинство во пост-асномска Македонија.

Време e конечно да го деконструираме митот дека гласот на мнозинството, кој иако е неопходен, е доволен услов за владеењето да биде демократско. Ако ги наречеме нештата според нивното вистинско име, денешна Македонија е во најдобар случај оклократија или народски кажано – толпократија, односно владеење на толпата. Во најлош и многу пореален случај, ова е клептократија, во која сите животни се еднакви, но блиските на македонскиот Наполеон се сепак многу поеднакви од другите.

 

Други текстови на ова заседание:

Студентската борба е борба во прво лице множина

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Елена Б. Ставревска

Студентскиот марш на 10 декември беше еден од најдобрите примери на студентско здружување, но и на солидарност во историјата на независна Македонија. Второво затоа што заедно со илјадниците студенти маршираа и илјадници граѓани од сите возрасти. Многумина се приклучија солидаризирајќи се со каузата како луѓе кои некогаш самите биле студенти или еден ден ќе бидат родители на студенти. Меѓутоа, предложените измени во Законот за високото образование кои во корен ја поткопуваат автономијата на универзитетот го тангираат буквално секој граѓанин на Република Македонија од следниве три причини:

  1. Прогрес. Универзитетите се сметаат за главните двигатели на општествениот напредок. Концептот на автономија на универзитетот не е нова и влече корени уште од времето на Аристотел. За важноста универзитетите и универзитетските професори да имаат автономија при одлучувањето на наставните, но и на истражувачките приоритети, говори и фактот што автономијата на универзитетот и академската слобода се загарантирана со Уставот на Република Македонија, со членовите 46 и 47. Улогата на универзитетите, меѓу другото, е преиспитување на утврдените верувања и општествени догми и промовирање на прогресивни идеи. Реформите што се предлагаат наметнуваат научни приоритети одредени од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, наместо од самите академици и научници. Ова неспорно лесно може да послужи како инструмент за цензура на академската мисла и кочница на општествениот прогрес.
  1. Плурализам на мислења. Како пост-комунистичко општество, критичката мисла во Македонија е сѐ уште во зародиш, а преминот од високообразовен систем што промовира унифицирано размислување кон систем што охрабрува разновидност на мислења ни блиску до целосен. Овој процес целосно би бил загрозен од воведување на испит што оценувањето на целокупниот повеќегодишен интелектуален развој во една област го сведува на неколку прашања со четири точно дефинирани, понудени решенија. Со други зборови, државниот испит би бил уште една алатка за вкалапување мислења и создавање послушни граѓани, односно општествено едноумие.
  1. Пари. Предложените реформи, особено државниот испит, имаат најмалку две очигледни финансиски последици. Првата е неопходноста на обезбедување на техничка опрема и кадар што би можел административно да ги спроведе и содржински да ги обмисли и евалуира испитите во области за кои често имаме не повеќе од еден-два експерти во земјата, кои веќе се дел од наставниот кадар на универзитетите. Според предлог законот, двајца од деветчлениот Одборот за акредитација и евалуација на високото образование би биле странски државјани од некои од 500-те највисоко рангирани високообразовни установи според Шангајската листа. Сето ова бездруго наметнува нови буџетски трошоци. Другата е, секако, поврзана со најчесто родителската повеќегодишна инвестиција наречена школување на детето што е доведена во прашање со еден испит.

За крај, несомнено е дека на македонскиот високообразовен систем му се неопходни суштински промени. Но предложените реформи се далеку од соодветни. Во таа насока, деновиве слушнавме изјави дека државниот испит се воведува со цел подобрување на квалитетот на образованието. Дури и да постои корелација помеѓу предложениот испит и квалитетот на дипломираните кадри (не со квалитетот на самото образование), што секако е спорно, причинско-последична врска во никој случај не постои. Со други зборови, државниот испит би компензирал за недостатоците во наставниот процес колку што нови ќерамиди би компензирале за слаби темели. Можеби предлагачите на реформите би ја забележале проблематичноста и неоснованоста на ваквиот аргумент доколку постоеше државен испит по логика за министри.