Архива за ознаката: донатори

Финансиското опкружување и ликот на граѓанските организации во Македонија: време за промени?

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Милка Ивановска Хаџиевска

Граѓанските иницијативи често можат да бидат успешни и без никаква финансиска поддршка, но сепак, за голем број на активности потребни се ресурси – финансиски и нефинансиски. Така граѓанските (невладини) организации (понатаму ГО) значително зависат и во голема мера се обликувани од финансиското опкружување во кое делуваат. Во Македонија, во услови на ограничена државна финансиска поддршка и скромни пракси на индивидуална и корпоративна филантропија, ГО доминантно зависат од поддршката на странски донатори. Иако има правна основа, давањето на услуги како економска активност и извор на средства за организациите не е многу развиено во пракса. На локално ниво, општините не овозможуваат значајна финансиска поддршка, а дополнително, и даночниот режим не е стимулативен за работата на граѓанските организации.

Критиките упатени кон ГО во Македонија за нивното „претерано“ и „некритичко“ прилагодување кон донаторските агенди превидуваат дека НВО-изацијата во голема мера е резултат на самите модели на финансирање кои доминираат. Со други зборови, донаторите се во позиција на моќ и тие заедно со државата ги креираат условите во кои организациите се развиваат и со тоа влијаат на нивниот карактер. Моделите на финансирање и отчетност кои ги воспоставија меѓународните донатори охрабруваа(т) професионализација и бирократизација на организациите, учество во институциите на системот, тематска специјализација, брендирање и изразено компетитивно однесување. Организациите кои не успеваат да ги развијат овие карактеристики се третираат како неуспешни и честопати не можат да се квалификуваат за (понатамошна) финансиска поддршка. Оттаму, граѓанското општество во Македонија го населија мал број на главно формални, централизирани и професионализирани ГО, способни да управуваат со финансиски средства и континуирано да аплицираат за грантови како главен извор на финансиска одржливост.

Бидејќи ваквите ГО главно се потпираат на алатки за експертско и институционално застапување и спроведување на проектни активности (конференции, јавни дебати, извештаи, мониторинг вежби) кои имаат за цел да го коригираат системот на владеење, тие имаат ограничен капацитет за мобилизирање на граѓаните и вон-институционално делување. Па така, како последица на затворањето на институциите и медиумскиот простор за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од страна на некои донатори и ГО се увиде потребата од поинакво граѓанско општество и активизам, кои се темелат на вмрежување и мобилизирање на граѓанско учество преку неформални инцијативи. Се погласно почна да се зборува за потребата од ГО кои имаат темели во заедниците (се засноваат на конституенти/ имаат членство) и поттикнување на граѓанско општество кое би било јадро на отпорот против авторитарната власт.

Како последица на ваквите согледувања од страна на донаторите и граѓанските активисти, се појавија донаторски програми кои поддржуваат вмрежување и заеднички акции на ГО, грантови за неформални групи, ад хок, акциски и мали грантови кои се наменети за актери кои не се формално организирани (пр. проектот на УСАИД за граѓанско општество, програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас, 2014-2018“). Се чини дека неформалното граѓанско здружување и активизам беа подзаборавени, па сега одново откриени од страна на донаторите и гласноговорниците за граѓански активизам во Македонија.

И покрај обидот за адаптирање на моделите на финансирање на неколку клучни странски донатори во Македонија, финансирање преку грантови за кои можат да се квалификуваат веќе професионализираните ГО останува доминантен модел на поддршка за граѓанското општество. Ова донекаде се должи на искуствата на донаторите, според кои финансирањето на професионализирани ГО им гарантира чесно и транспарентно управување со средствата и завршени проекти кои постигнале прифатлива „вредност за парите“. Од друга страна, донаторите ги креираат нивните програми честопати без активно и суштинско учество на различни граѓански организации и активисти, а нивните одлуки се условени од сопствените основачки мисии и институционални механизми за отчетност. Тие самите се производ на „непрофитниот индустриски комплекс“ и како такви имаат ограничен потенцијал за отстапување од веќе проверените модели на поддршка за ГО.

Не треба да се заборави и потцени придонесот на веќе воспоставените ГО, кои прават што можат во дадените услови и честопати со значајни резултати. Но истовремено, постои итна потреба од критичко промислување на механизмите кои ги туркаат ГО кон еден одреден тип на организациски модел, бидејќи тоа директно влијае на врската меѓу организираното граѓанско општество и граѓаните и неговиот потенцијал да поттикне темелни општествени промени. „Новото“ граѓанско општество, кое би било двигател на демократизацијата на Македонија, има потреба од алтернативни модели за негово стимулирање и одржливост. Повеќе од било кога потребни се мерки за диверзификација на финансиските извори и модели со цел да се поттикне разнолико граѓанско општество втемелено во заедниците, активно и ориентирано кон остварување на општествена промена, а не организациско преживување. Средствата и влијанието на странските донатори во земјата (пр. ЕУ) треба да се насочат кон реформирање на државното финансирање за ГО и негова децентрализација. Потребно е поттикнување на нови граѓански инцијативи на локално ниво, поттикнување на организации засновани на членство и финансирање преку членарини, воспоставување на онлајн платформи за индивидуални донации и crowdfunding за граѓански инцијативи. Време е за експерименти.