Архива за ознаката: ГТЦ

Насловна фотографија

Редовно заседание: Урбанизацијата и правото на градот

Во предвечерјето на првиот локален референдум во Македонија закажан за 26 април 2015 година, ова заседание се осврнува на значењето на сегашниот момент, граѓаните за првпат со директна одлука да го обликуваат својот град. Околу 43.000 жители на општина Центар ќе може да се изјаснат за или против зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар (ГТЦ), за чие значење можеа да се информираат преку референдумската кампања и новата публикација за ГТЦ.

Постоечките аргументи на страните за и против смена на автентичниот израз на ГТЦ се костат околу функцијата и значењето на објектот. Од една страна, поддржувачите на планираните промени аргументираат дека ГТЦ треба да се преобликува во простор кој ќе биде попријатен за потрошувачите, затворен и заштитен од временски непогоди. Од друга страна, граѓанските иницијативи и Асоцијацијата на архитекти аргументираат против обликување на ГТЦ кое би го свело од изграден простор отворен за различни искуства што не се ограничени на потрошувачкото, во шопинг комплекси.

Заседанието ги става во разговор постоечките аргументи околу преобликувањето на ГТЦ како урбанистички зафат со општествените врски што опстојуваат за и околу концептите за урбанизацијата и за можноста и/или неопходноста граѓаните директно да учествуваат во обликувањето на градот. Граѓанскиот референдум го заменува честопати оневозможеното и симболично право за учеството во консултативниот процес на урбанистичките планови. Со директно учество, граѓаните прават чекор кон остварувањето на правото на град— колективно да одлучуваат во уредувањето на просторот околу нив. Остварувајќи го правото на град ги менуваат односите со светот што ги опкружува.

Оттука прашуваме, какви можности, простори и врски се создаваат со граѓанското директно дејствување во планирањето на градот? Дали урбанистичкото планирање и архитектурата можат да го помогнат тоа дејствување и дали можат да го осознаат градот преку граѓаните и нивните искуства? И конечно, дали планерите, архитектите и институциите во Македонија може да овозможат планирање на град на и за сите граѓани?

На овие прашања се осврнаа:

Координаторки на заседание: Мила Шопова и Леонора Грчева

Фото: Леонора Грчева

Урбанистичката легислатива како алатка за маргинализирање на граѓаните

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Леонора Грчева

Урбаното планирање станува популарна тема во нашата јавност тогаш кога има нови најави за проектот „Скопје 2014“, кога се тепаат студенти на плоштад, кога корумпираните урбанистички планови се тема на „бомбите“ или, деновиве, кога се организира првиот граѓански референдум за ГТЦ. Но системските последици на комерцијално-политичката узурпација на планирањето на просторот се многу пошироки од уништеното централно подрачје на Скопје.

Огромен дел од законските измени во изминативе осум години се донесени за да се создадат услови за непречена реализација на проектот „Скопје 2014“ и да се елиминираат сите можни законски пречки, но и за лично богатење на политичкиот врв. Меѓутоа, законите еднакво важат на целата територија на Македонија и ова пречесто и парцијално менување на планерската легислатива – од 2006-та година, Законот за просторно и урбанистичко планирање е изменет дванаесет, а Законот за градење седумнаесет пати – остава катастрофални последици во сите градови, села и природни подрачја. На пример, законските измени донесени за да го овозможат пренаменувањето на зелените падини на Водно во градежни парцели како колатерална штета го легализираат распространетото уништување на зелените и пошумени површини низ целата држава.

Но, можеби една од најтешките последици од избрзаните промени на законите е постепеното укинување на граѓанското право за учество во планирањето на просторот. Додека низ светот урбанистичката пракса се трансформира во локализирана, инклузивна дејност во која граѓаните земаат активно учество, во Македонија се развива обратен тренд на централизација на планирањето и маргинализација на граѓаните. Основната алатка за партиципација во локалното планирање, од почетоците на независна Македонија е јавната анкета на која по кратка презентација, се изложуваат деталните урбанистички планови и граѓаните имаат можност да остават писмени забелешки, кои потоа се разгледуваат од стручна комисија и евентуално се усвојуваат во финалниот план. Вообичаено, плановите презентирани на јавните анкети се комплексни и хаотични, тешко читливи дури и за професионалните планери и практично неразбирливи за граѓаните. Досегашните искуства покажуваат дека посетеноста на анкетите е мала, а процентот на прифатени жалби е уште помал.

Наместо законските измени да одат во насока на тоа анкетата да се надгради и надополни со современи методи на граѓанска партиципација, како што се работилници, интерактивни дискусии или дебати, тие се посветени на одземање на одлучувачката моќ од граѓаните (и од професионалните планери) и нејзино пренасочување кон градоначалниците и Министерот за транспорт и врски. Така, со измените во Законот за урбанистичко планирање, јавната анкета се скрати од 15 на 10 дена за градовите и на 5 дена за селата и ненаселените зони. По успешната иницијатива поднесена до Уставниот суд во 2010 година за укинување на деталниот урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје – „Мал Ринг“, во чијшто плански опфат е концентриран проектот „Скопје 2014“, се воведуваат механизми за скратени постапки за донесување на урбанистичките планови, кои го скратуваат времето за стручна и јавна граѓанска дебата, како и разни нови неуставни форми на урбанистички документации кои им дозволуваат на Владата на Република Македонија, Министерот и/или градоначалниците непречено донесување на измени, прескокнувајќи ги вообичаените процедури и регулативни рамки. За да се заобиколат протестите на граѓаните од централно Скопје, кои не дозволуваа „барокна“ реконструкција на нивните фасади, со Законот за градење им се даде моќ на општинските или градските совети до детаљ да решаваат за изгледот на градбите, доколку тоа е „од значење за општината“. За новите градби, пак, да бидат во „барокниот“ стил на „Скопје 2014“, инвеститорите кои ќе го одберат архитектонскиот стил наложен од општините се ослободуваат од 50% од комуналиите!

Сите овие одлуки и измени ја централизираат одлучувачката моќ за просторното и урбанистичкото планирање и развој и постепено сосема ги исклучуваат граѓаните како одлучувачки фактор. Чекајќи го првиот автентичен продор во дискриминативните урбани политики – локалниот референдум за ГТЦ, не смееме да заборавиме дека темелното реструктурирање на легислативата мора да биде неизбежен дел од процесот за повторната демократизација на државата и градењето на инклузивно општество каде што учеството на граѓаните во креирањето на просторните политики ќе биде не само овозможено, туку и активно, законски поттикнато.

Отворено наспроти затворено општество

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Дијана Омерагиќ Апостолоски

Како инженер-архитект и граѓанин на град Скопје, размислувањата за развитоците на архитектурата и урбанизмот на градот ги прифаќам како секојдневие и неразделен дел од професионалниот, но и од личниот живот. Засегната од актуелните случувања околу Градскиот трговски центар, непосредно бев инспирирана да пишувам, бидејќи овој објект е дело на еден од најзначајните македонски архитекти, Живко Поповски и своевидна (алегориска) нишка која го поврзува и сплотува центарот на Скопје. Во овие мигови на делегирање на голема одговорност на граѓаните на општина Центар се чини соодветно да се дискутира значењето на ова дело за општина Центар и за Скопје. Последователно, фокусот на овој текст ќе биде само еден негов квалитет, нешто подискретно и чувствително – значењето на неговиот отворен, наспроти значењето на предложениот затворен простор.

За почеток, пристапувајќи етимолошки кон зборот отворен/о (придавка) – во дигиталниот речник на македонскиот јазик постојат точно десет дефиниции (толкувања) на овој збор, некои од нив се: „[простор] што не е ограден, низ кој може слободно да се помине, потоа „што работи, што функционира, „достапен, слободен, „искрен, неприкриен, јавен, итн. Очекувано, како негов антоним се појавува зборот затворен, а за него пишува: „[простор] што е ограничен, ограден од сите страни, „што е ставен во затвор, „за бојашто не е светла, што е темна, „за човек што е повлечен, неразговорлив. Навидум, ништо повеќе не е потребно да се рече/напише во поддршка на изборот на отворен трговски центар (типолошки), наспроти предложениот затворен трговски центар. Меѓутоа, разликата помеѓу овие два вида на трговски центри уште повеќе се кристализира ако се погледнат некои влијателни глобални трендови во просторното планирање и архитектурата.

Имено, денес актуелните трендови во архитектурата револвираат околу отворањето на трговските центри, пред сѐ заради важноста на интегрирањето на урбаното ткиво на градовите. Градовите со долгогодишно искуство, односно соживот со затворените трговски центри, веќе заклучиле дека вметнувањето на едифиси на потрошувачката најчесто резултира со развивање на сегментирани жаришта во урбаното ткиво. Наспроти затворените трговски центри, отворените трговски центри докажано се простори на комплексна разновидност и раздвиженост, а според Џон Монтгомери тие се предусловите за создавање долгорочни витални урбани простори. Овој процес на интегрирање на клетките на градовите, кои навидум функционираат подвоени, е експлицитно наречен „de-malling the world“. Поставувањето на монументални споменици на конзумеризмот, затворени и изолирани од надворешноста – а кои постојат само заради стимулирање на потрошувачката (како концепт), вртоглаво се напушта во градовите кои се грижат за своите граѓани. Она што е извесно, е дека отворените урбани простори и општествени објекти стимулираат интеракција помеѓу посетителите, го зајакнуваат чувството на заедница преку интеракцијата, односно се фокусираат на инволвирање наместо на сегментирање.

Букет Коџаили во своето истражување „Еволуција на трговските центри“, пишува дека денес трговските центри спонтано и/или интенционално се „преточуваат повторно во јавни простори“. Во случајот на ГТЦ во Скопје, ние веќе „поседуваме“ јавен простор. Неговите продори и пешачки улици нудат многу повеќе од едноставна поврзаност, нудат просторна интеграција, нудат визури кон паркот и реката, нудат искрен, неприкриен, достапен, слободен простор кој функционира и навидум не нуди ниту една легитимна причина за менување на оваа негова состојба.

За Скопје и неолибералниот град

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Александар Шопов

Дејвид Харви го карактеризира неолибералниот град меѓу другото како простор во кој со воспоставувањето на нови начини на градско управување или создавање јавно-приватно партнерство, на шпекулативен начин се подобрува сликата наместо условите на градско живеење, како што се образованието или достапноста на станбен простор. Целта е да се создадат нови простори за зголемување на потрошувачката.

Токму во центaрот на Скопје возможно е да се види тоа ново партнерство. Изградба на деловни и станбени простори преку приватизацијата на државно земјиште и уништувањето на јавни површини можеше да се оправда само со барокно шминкање кое требаше да го претвори градот во европска метропола. Новата форма на градско управување започна токму во центарот на градот каде трговскиот центар Рамстор беше изграден со продажба на државно земјиште по повластени цени и непосредни преговори. Тука беа и првите обиди да се претстави ова партнерство како придобивка за граѓаните кои добија современ простор кој одговара на нивните потреби. Бројни се примерите во последните 10 години на продажба на земјиште во центарот, но и во останати делови од градот, преку слични партнерства помеѓу владата, градските власти и инвеститорите, при што со буџетски средства владата дирекно учествува во самата изградба, а користењето и сопственоста се отстапуваат на приватни фирми. Еден таков пример е изградбата на луксузната населба Сончев град каде владата одвојува десетина милиони евра во изградбата на инфраструктурата за странската инвестиција.

Во неолибералниот град насилство од ваквите партнерства се дистрибуира врз веќе маргинализирани групи на население. Жителите на селото Патишка Река кое се наоѓа на падините на Караџица се жртва на урбаниот процес, нивната вода се одзема и ќе се користи за елитната населба Сончев град. Потенцијалот да се претвори ова насилство во застрашувачка катастрофа е огромен за стотици ромски семејства во Топаана кои, доколку успеат плановите за трансформација на касарната Илинден во меѓународна финансиска зона, ќе се најдат притиснати помеѓу новата американска амбасада и просторот во кој инвеститори ќе се натпреваруваат за што повеќе градежен простор. Обезпоседувањето кое се анализира во Правото на град од Харви, а се случува во дузина светски метрополи, веќе е на повидок. Урбанизацијата на општина Аеродром добива форма на отворена расна дискриминација кон Ромите чии привремени живеалишта се претвораат во паркинг и парк. Неолибералниот град ја зголемува верската, етничката и расна нетрпеливост. Приватизацијата на огромен простор во централното градско јадро не можеше да се изврши без создавање на нова естетска вредност како необарокниот идеал. А изградбата на десетици споменици низ центарот на градот кои го фаворизираат минатото на една етничка група е во голема мера насочено кон маргинализирање на оние етнички и религиозни групи кои му стојат на патот на новиот урбан процес.

Урбанизацијата во Скопје е класен феномен. Автомеханичарски работилници и работници кои се дел од историјата на скопското Ново Маало беа насилно отстранети со цел да се изгради трговскиот центар Веро спроти Народна банка. Неолиберализмот во Македонија и светот ја засили класната моќ на богатите и ја намали можноста на останатите да се спротистават на економската експлоатација и новиот урбан процес. Со новото просторно организирање на градот дури и паркот-шума Водно стана жртва на неолибералниот град. Во вакви услови обидот за зачувување на ликот на ГТЦ од барокните планови до кои ќе се пристигне со ново јавно-приватно партнерство, треба да биде неразделив од борбата против новите форми на градско управување и отпорот против ново-воспоставената хегемонија.

Правото на град и референдумот за ГТЦ

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Мила Шопова

Слоганот „правото на град“ е составен дел од референдумската кампања за зачувување на изгледот на ГТЦ. Се спомнуваше на дебати, во публикации и интервјуа. Се употребуваше со значење на јавна политика, индивидуално право, свест. Што значи да се употребува синтагмата „правото на град“ кога се зборува за урбанизацијата и организирањето на просторот?

Со ковањето на овој слоган во 1968 година, социологот Анри Лефевр повика на радикална промена на севкупните општествени односи во капитализмот—преку зголемена граѓанска контрола врз одлуки за процесот на урбанизација до социјална еднаквост. Четириесет години подоцна, географот Дејвид Харви го присвои правото на град за негов работен слоган и политички идеал, повикувајќи на здружен отпор против финансискиот капитал кој ја дефинира урбанизацијата во светот денес. За Лефевр и Харви, во најголем дел, либералната демократија не ги остварува социјалните права на граѓаните—домувањето, образованието и здравјето.

Слоганот „правото на град“ го употребуваат кога пред очи им се одвива драматична трансформација на урбаниот простор и кога социјалните права на граѓаните се нападнати. Во шеесеттите, кога Лефевр пишува во Париз, се рушат старите маала во центарот на градот за да никнат висококатници, а граѓаните се организираат против изградба на ринг крај реката Сена. Надвор од Париз, земјоделско земјиште се пренаменува за комерцијално уживање. Во Њујорк, Харви ги гледа последиците од финансиската криза во 2008 година кога високоризични хипотекарни заеми и вредностa на недвижностите пропаѓаат, а над милион граѓани ги губат домовите. Истиснувањето на понеимотните, самохраните жени и афроамериканците од градот, Харви го објаснува процесуално и нераздвојно од обидот на градските власти заедно со финансиските институции да создадат нови стилови на живеење. Централни градски делови, како Менхетен, стануваат туристички дестинации и места каде што само богатите можат да живеат.

Правото на град како слоган треба да се примени во Скопје. Моќта на одлучување за урбанизацијата е во контрола на државно-приватни елити. А променaта на законите и прописите сѐ почесто е во корист на концентрирањето на вишокот производ во приватни раце. Зад естетското преоблекување на фасадите, проширените булевари и галиите-ресторани се крие нееднаквост и дискриминација. На 16 април 2015 година, над 150 работници од државното претпријатие „Еурокомпозит“ чекореа во протест покрај новата фасада на владината зграда, за чија изградба произвеле безбедносен заштитен ѕид. Заради ненадоместените трошоци од државата, со месеци останале без плата и придонеси. Јасно е дека во изградбата на овој објект овие работници учествувале со неколкумесечното недобивање на плата. Исто и планираната смена на фасадата и доградба на ГТЦ ги засега сопствениците, закупците и работниците во тој простор. Најавата за промена на сопственичката структура на ГТЦ се совпаѓа со предлогот за смена на фасадата и укажува на тоа дека естетското преобликување на градот е поврзано со економски процеси коишто ја намалуваат можноста на корисниците на просторот да остварат работничко, сопственичко и други права. Паралелно со овие промени во градот, земјоделско, зелено и заштитено земјиште се одзема од локалните заедници преку менување на статусот на тоа земјиште. Активностите во Охрид, Лазарополе и Маврово за изградба на марини, туристички развојни зони и хидроцентрали се еден таков пример.

Урбанизацијата што се случува во Скопје и други градови е симптом на структурната нееднаквост, окрупнувањето на приватниот капитал и неговиот обид за завладување на простори кадешто ќе се репродуцира. Вака заснованата урбанизација не е само осмислување на просторот денес, туку напад на правото на град. Дали сме против структурна нееднаквост, насилство, против распродажба на државните објекти и земјиште и окрупнување на приватниот капитал и дали здружено ќе ја превземеме контролата врз урбанизацијата со која се материјализираат овие неправди е вистинското референдумско прашање. Oтпорот на граѓаните за поинакво Скопје и општествени односи што растеше последниве години е олицетворен во граѓански референдум за зачувување на ГТЦ, еден од чекорите со кои градот ќе им се врати на граѓаните.

Град за сите: утопија или можна реалност

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Ана Ацеска

Референдумот за ГТЦ во одреден поглед го демократизира процесот на урбанизација во Скопје. Соочени за првпат со таков процес, нужно е сега да се прашаме што е навистина „град за сите“ и дали институциите во Скопје можат да го овозможат.

ГТЦ, како и трговскиот „Бисер“ или пазарчето во Бутел, или како било кој друг објект во било кој друг град, нема никогаш и во ниеден контекст да биде место на и за сите граѓани. Но, токму во тоа е суштината и убавината на градот: тој е место во кое живеат луѓе кои имаат различни идентитети, навики, потреби и вкусови, потекнуваат од различни места и говорат на различни јазици. Во идеалниот град тие имаат еднаков пристап до ресурси и привилегии, живеат во солидарност, заедништво и разбирање, и токму во градот можат да бараат и добијат правда. Но, ниеден град не е толку совршен. Иронично, токму тие различности во кои е вплеткан и комплексноста на неговиот систем него го прават ранлив и поразен. Затоа добриот град постојано се преиспитува себеси, се преобликува и променува за да се доближи до вредноста „град за сите“ најблиску што може.

Скопје не е таков град. Неговите жители со децении се дискриминирани по разни основи, немаат еднаков пристап до инфраструктура, ресурси и информации, и меѓу другото се соочени со неправедна приватизација, небалансирана моќ и отсуство на правда. Тоа што се нарекува „Проект Скопје 2014“ ги одбегнува не само овие, туку и сите останати принципи на градење на град, и е погрешен во секој поглед.

Скопје, понатаму, се соочува со проблемот на отсуство на основното разбирање на процесите на системската и општествена нееднаквост кај сите актери кои учествуваат во градењето на градот. На пример, не само во општото поимање и секојдневиот говор, туку и во стручните анализи градот се разбира само во дихотомии: оваа и таа страна на Вардар, центар и периферија, еден начин на „градско“ живеење и „многу други“, една вистина и многу лаги. Неговата етничка и класна поделеност се сметаат за нормални. За него се зборува најчесто во метафори и ретки се искрените крици ослободени од доминантинте наративи кои кружат наоколу. Пример за ова е сеприсутната теза изнесена во јавноста дека „градот имаше дух (само еден!?) и дојдоа (некои, неписмени) и ни го земаа“ која стана несоборлива догма која во секој поглед ја легитимира нееднаквоста во градот. И оттука прашањето: а тие другите, различните, родени на друго место, со поинакви вкусови и потреби немаат право на град? Или: што со тие жители на кои духот на градот (како и да го дефинираме тој поим) е поинаков и е поврзан со други простори? Скопје не се познава на поинаков начин и неговите социолошки димензии не се истражуваат, ниту се разбираат.

Системската и општествена неедкаквост најчесто се создава и репродуцира на ниво на државата, но важно е да се разбере дека во тие процеси градот е многу важен. Тој не е само центар на големите социјални и економски процеси, туку голем дел од конфликтите произлезени од тие процеси ги имаат своите непосредни и директни последици токму во секојдневниот живот во градот. Тие процеси се репродуцираат и токму во градот се создаваат нови форми на нееднаквост кои веќе не потекнуваат само од државата, туку стануваат суштествено градски – затоа токму на тоа микро ниво треба да се насочат правилните политики за да се создадат услови за градење на град за сите. Оттаму, идното урбано планирање на Скопје треба да се ослободи од симболичките димензии и директно да се соочи со процесите на системска нееднаквост.

Токму тоа е уште една причина поради која треба да го одбраниме сегашниот изглед на ГТЦ и да ги поддржиме настаните и дебатите кои му се посветени. ГТЦ ни сега, ни по референдумот, нема и не треба да биде место на и за сите граѓани. Но, ако вистински се соочиме со прашањата и проблемите на нееднаквост во градот и ако доволно силно се обидеме, токму на тој референдум и токму ние треба да ја започнеме долгата борба за „град за сите“.