Архива за ознаката: граѓанско_учество

969780_206260143047677_2408807666267817011_n

Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија

Граѓанското општество е концепт кој опфаќа широк дијапазон на значења. Најопштата дефиниција за граѓанско општество ги опфаќа сите форми на организирање помеѓу семејството и државата. Правото на здружување е основно политичко право на секој граѓанин и е клучен аспект на секое демократско општество. Во посткомунистичкиот период во новите демократии, особено во текот на 1990-тите и 2000-тите, „граѓанско општество” беше релативно нов концепт, чие значење допрва требаше да се оформува. Тоа, во голема мера финансирано од странски развојни фондации, најчесто беше видено како своевиден синоним на прогресивно, демократско и праведно дејствување. Значителното присуство на донатори кои преферираа финансирање на формални организации придонесе кон тоа граѓанските невладини организации да се наметнат како доминантна форма на здружување и кон своевидна НВО-изација на граѓанското општество. Од друга страна, особено во последните неколку години, се јавија и многу општествени, често студентски и активистички движења кои ги активираа граѓаните, вон редовните активности на невладините организации. Ваквите различни концепти креираа своевидна тензија помеѓу формалните и неформалните облици на граѓанско здружување. Оттаму, ова заседание го става под лупа концептот на граѓанско општество во Македонија и неговиот развој, навлегува во разликите кои постојат помеѓу различните видови здружувања на граѓан(к)и, но и го анализира односот помеѓу општествените активистички движења, самоникнатите и самоорганизирани иницијативи и невладините организации.

Во ова заседание ви претставуваме четири осврти на оваа тема:

 

Уредници на заседание: Борјан Ѓузелов и Елена Б. Ставревска

Фото: Битола – град на културата

Активист(к)и и невладини: љубов и нетрпеливост во време на „заробена држава“

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Елена Б. Ставревска

Една од дистинкциите кои се прават во однос на граѓанското општество е таа помеѓу граѓански иницијативи и движења, од една страна, и граѓански, односно невладини организации, од друга. Ваквото разграничување на глобално ниво стана уште понагласено и повидливо во периодот на дејствување на движењето Occupy, но на истото укажуваат и приказните од студентското организирање во Загреб, граѓанските пленуми низ Босна и Херцеговина, па и различните пленуми и движења во Македонија кои зедоа замав во 2014/2015. Критиките на невладиниот сектор глобално се бројни и многустрани.

Во периферните и полупериферните земји со недемократски системи, невладините организации (НВО-и) се често јавно претставувани како ентитети во служба на интересите на странските донатори, наместо на потребите и интересите на населението во земјите каде дејствуваат. Понатаму, критикувани се дека и покрај тоа што немаат сопствени конституенти често се вклучени во процесот на креирање политики на институционално ниво „во име“ на граѓан(к)ите и граѓанското општество, на тој начин давајќи легитимитет на одредени политики и одлуки. Друга критика е во насока на оние НВО-и кои пружаат различни видови социјални и хуманитарни услуги, за кои се смета дека на тој начин придонесуваат кон прикривање на неспособноста на државата да ги пружи тие исти услуги на своите граѓан(к)и. Притоа ваквото своевидно аутсорсирање на грижата за најранливите категории граѓани не значи дека улогата на државата севкупно е намалена, туку дека истата има простор да вложи ресурси во други области. Со дејствувањето во оваа област, иако успеваат привремено да помогнат на дел од маргинализираните граѓан(к)и, се маскираат последиците и се придонесува кон амортизирање на народниот гнев.

Со други зборови, суштината на критиката е дека поголемиот дел од невладините, кои особено во транзиционите општества никнуваат како печурки после дожд, се составен дел на системот кој е трул и неправеден. Оттаму, нивното дејствување единствено може да придонесе кон негова реформа во постоечките рамки, но не и кон темелна промена на целиот систем.

Дел од овие критики се основа и за анимозитетот кој е присутен помеѓу граѓанските, често хоризонтални во структура, активистички, самоорганизирани движења и граѓанските, често проектно насочени, професионализирани невладини организации во Македонија. Меѓутоа, она што ја прави дискусијата специфична во македонскиот контекст е постоењето на таканаречената „заробена држава“, односно значајното институционализирано влијание и контрола, водени од лични интереси, на нерепрезентативни чинители врз јавните финансии, медиумите и донесувањето и спроведувањето одлуки. Во вакви услови, функционирањето на НВО-и кои се во улога на watchdogs е не само под огромен притисок, туку и речиси целосно оневозможено. Медиумската машинерија на режимот е ставена во улога на делегитимирање на оние општествени чинители, како што се невладините организации, кои ги доведуваат во прашање различните одлуки и политики на власта. Оттаму, нетрпеливоста помеѓу активистичките движења и невладините организации не придонесува само кон ситнење на отпорот против опресивниот режим, туку и директно помага во процесот на делегитимирање на различните гласови и ставови во општеството. Преку етикетирање, на пример упоребата на недефинираниот, но погрден израз „соросоиди“, се избегнува дискусија околу содржината на ставот и фокусот останува на површното неполитичко ниво околу носителот на ставот, што придонесува кон уште подлабоко деполитизирање на македонското општество.

Второ и можеби поважно е разграничувањето помеѓу индивидуалната дејствителност и агентност на луѓето кои се вработени во различните невладини организации и колективното дејствување на организациите. Дејствителноста, односно агентноста, овде се однесува на способноста и моќта за дејствување во одредена средина. Во услови на комплетна поклопеност на државата, државните институции, па и државните универзитети од страна на партиите на власт, невладиниот сектор е едно од последните упоришта за поголемиот дел млади прогресивни луѓе во земјата, особено за оние од општествените науки. Со тоа работата во невладиниот сектор, наместо барање на одредено партиско вработување и вклучување во постоечкиот клиентелистички систем, е и своевидна форма на отпор кон владејачкиот режим. Покрај ова, голем дел од луѓето вработени во невладиниот сектор се всушност дел од активистички движења во своето слободно време и се често во првите редови на различните самоорганизирани протести. Оттаму, исцртувањето јасна граница помеѓу невладини организации и граѓански движења, доколку се занемари индивидуалната дејствителност, не е само проблематично, туку и невозможно. Колективната способност за дејствување на граѓанските движења, обединети околу заеднички вредности, извира од индивидуалните дејствувања на различните граѓан(к)и, вклучувајќи ги оние кои се единствено активни во конкретното движење, но и оние кои се и вработени во невладини организации или се волонтерски дел од асоцијации од кои немаат директни финансиски бенефиции.

Невладините организации, а со тоа и индивидуите кои работат во нив, и граѓанските движења во кои тие заедно со другите граѓан(к)и учествуваат се централните двигатели на демократизацијата и ослободувањето на државата. За дискусијата околу улогата на НВО-и во суштинска системска и општествена промена воопшто да се случи, неопходно е да се премостат нетрпеливостите во процесот на одзаробување на државата.

 

За граѓаните, граѓанските иницијативи и организации

Дел од виртуелното заседание „Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија“. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 2015 година граѓанското организирање во Македонија го достигна својот врв. Се организираа студентите, средношколците, професорите, хонорарците и многумина граѓани кои кафеаните ги заменија со улицата и граѓанските пленуми. Активни беа граѓани од различни позадини (етнички, возрасни, професионални) кои застанаа зад заеднички вредности и цели. Покрај граѓанското здружување, важна улога имаа и граѓанските организации кои будно ја следеа работа на институциите и политичките елити. Иако денес изгледа дека организираните граѓани сепак не ја победија летаргијата и партизираниот политички дискурс, сепак тие направија поместување во процесот на „учење“ на демократијата.

Зголемената граѓанска активност на виделина извади и повеќе стари и нови полемики и несогласувања помеѓу различните актери во граѓанското општество кои на моменти изгледаа како монтипајтоновска битка за тоа кој е поголем опозиционер, „полев“ левичар осносно поавтентичен претставник на граѓаните и граѓанските вредности.

Ширината на концептот на граѓанско општество во Македонија, како и во другите земји, вклучува многу различни форми на организирање кои пак вклучуваат повеќе дихотомии: волонтеризам наспроти професионализам, идеолошки наспроти ад хок, ад хок наспроти проектен пристап, членство и членарина наспроти донаторска поддршка итн. Иако не е исклучено овие дихтомии да се испреплетуваат и меѓусебно неутрализираат, од нив произлегуваат две идеалтипски форми на граѓанско општество: граѓански иницијативи (движења) и граѓански (невладини) организации. И покрај тоа што двете форми несомнено припаѓаат на граѓанското општество и дел од својот легитимитет црпат од уставно загарантираното право на здружување, сепак изгледа како тие меѓу себе да имаат повеќе разлики отколку сличности.

Граѓанските иницијативи (движења) ги сочинуваат самоорганизирани граѓани кои застануваат зад една цел и споделуваат исти или слични вредности. Основен двигател на овие движења е ентузијазмот и волонтеризмот – нивниот мотив е активистички, а нивната структура е најчесто хоризонтална. Тие потекнуваат од граѓаните и влијаат позитивно врз мобилизацијата на нови граѓани. Во таа смисла, ваквите иницијативи имаат свои конституенти и се продукт на пошироко граѓанско организирање и притоа знаат да бидат многу респонзивни кон тековните општествени проблеми. Од друга страна, најголем број вакви движења немаат посериозно воспоставена (институционална) структура, ниту пак финансиски ресурси што ги прави ранливи и неодржливи. Оттука, голем дел од ваквите иницијативи и покрај тоа што се во можност да мобилизираат луѓе на улица, не секогаш се способни успешно да влијаат врз јавните политики во рамките на постоечките институции.

Граѓански (невладини) организации имаат постабилна институционализирана структура со раководни и извршни органи, како и дефинирани (барем на хартија) вредности. Најчесто се финансираат од донатори и работат на проектна основа: нивните активности се однапред предвидени и се во линија на тоа што донаторите очекуваат од нив. Ваквиот начин на работа им овозможува одржливост и конзистентност. Граѓанските (невладини) организации иако се нарекуваат граѓански, со чест на исклучоци, немаат база на граѓани (конституенти) позади нив. Нивната агенда во голема мера е исцртана од донаторските стратегии на странските развојни фондови. Сепак тоа не значи дека граѓанските организации се нелегитимни: наместо граѓани, граѓанските организации со помош на донаторските пари застапуваат и едуцираат вредности, обезбедуваат социјални услуги и обезбедуваат развојна поддршка. За жал нивниот опфат е прилично тесен – иако имаат капацитет и знаење во одредени специфични области, најчесто не се способни да анимираат и организираат поширока група на граѓани.

Граѓанските иницијативи (движења) и граѓанските (невладини) организации треба да заземат уште позначајна улога во 2016 година. Иако имаат повеќе разлики отколку сличности, нивното коегзистирање, соработка и меѓусебно надополнување ќе бидат клучни за опстанокот на и онака кревката македонска демократија. Во услови кога симболичкиот популизам и заробените медиуми се закануваат да воспостават монопол врз (не)вистината, токму плурализмот и различностите треба да бидат сржта на македонското граѓанско општество. Оттука, секој треба да биде свесен за својата улога и вредност, почитувајќи ја улогата и вредноста на различниот… На македонското општество му се потребни повеќе и различни граѓански чинители.

Нека победи плурализмот!

Финансиското опкружување и ликот на граѓанските организации во Македонија: време за промени?

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Милка Ивановска Хаџиевска

Граѓанските иницијативи често можат да бидат успешни и без никаква финансиска поддршка, но сепак, за голем број на активности потребни се ресурси – финансиски и нефинансиски. Така граѓанските (невладини) организации (понатаму ГО) значително зависат и во голема мера се обликувани од финансиското опкружување во кое делуваат. Во Македонија, во услови на ограничена државна финансиска поддршка и скромни пракси на индивидуална и корпоративна филантропија, ГО доминантно зависат од поддршката на странски донатори. Иако има правна основа, давањето на услуги како економска активност и извор на средства за организациите не е многу развиено во пракса. На локално ниво, општините не овозможуваат значајна финансиска поддршка, а дополнително, и даночниот режим не е стимулативен за работата на граѓанските организации.

Критиките упатени кон ГО во Македонија за нивното „претерано“ и „некритичко“ прилагодување кон донаторските агенди превидуваат дека НВО-изацијата во голема мера е резултат на самите модели на финансирање кои доминираат. Со други зборови, донаторите се во позиција на моќ и тие заедно со државата ги креираат условите во кои организациите се развиваат и со тоа влијаат на нивниот карактер. Моделите на финансирање и отчетност кои ги воспоставија меѓународните донатори охрабруваа(т) професионализација и бирократизација на организациите, учество во институциите на системот, тематска специјализација, брендирање и изразено компетитивно однесување. Организациите кои не успеваат да ги развијат овие карактеристики се третираат како неуспешни и честопати не можат да се квалификуваат за (понатамошна) финансиска поддршка. Оттаму, граѓанското општество во Македонија го населија мал број на главно формални, централизирани и професионализирани ГО, способни да управуваат со финансиски средства и континуирано да аплицираат за грантови како главен извор на финансиска одржливост.

Бидејќи ваквите ГО главно се потпираат на алатки за експертско и институционално застапување и спроведување на проектни активности (конференции, јавни дебати, извештаи, мониторинг вежби) кои имаат за цел да го коригираат системот на владеење, тие имаат ограничен капацитет за мобилизирање на граѓаните и вон-институционално делување. Па така, како последица на затворањето на институциите и медиумскиот простор за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од страна на некои донатори и ГО се увиде потребата од поинакво граѓанско општество и активизам, кои се темелат на вмрежување и мобилизирање на граѓанско учество преку неформални инцијативи. Се погласно почна да се зборува за потребата од ГО кои имаат темели во заедниците (се засноваат на конституенти/ имаат членство) и поттикнување на граѓанско општество кое би било јадро на отпорот против авторитарната власт.

Како последица на ваквите согледувања од страна на донаторите и граѓанските активисти, се појавија донаторски програми кои поддржуваат вмрежување и заеднички акции на ГО, грантови за неформални групи, ад хок, акциски и мали грантови кои се наменети за актери кои не се формално организирани (пр. проектот на УСАИД за граѓанско општество, програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас, 2014-2018“). Се чини дека неформалното граѓанско здружување и активизам беа подзаборавени, па сега одново откриени од страна на донаторите и гласноговорниците за граѓански активизам во Македонија.

И покрај обидот за адаптирање на моделите на финансирање на неколку клучни странски донатори во Македонија, финансирање преку грантови за кои можат да се квалификуваат веќе професионализираните ГО останува доминантен модел на поддршка за граѓанското општество. Ова донекаде се должи на искуствата на донаторите, според кои финансирањето на професионализирани ГО им гарантира чесно и транспарентно управување со средствата и завршени проекти кои постигнале прифатлива „вредност за парите“. Од друга страна, донаторите ги креираат нивните програми честопати без активно и суштинско учество на различни граѓански организации и активисти, а нивните одлуки се условени од сопствените основачки мисии и институционални механизми за отчетност. Тие самите се производ на „непрофитниот индустриски комплекс“ и како такви имаат ограничен потенцијал за отстапување од веќе проверените модели на поддршка за ГО.

Не треба да се заборави и потцени придонесот на веќе воспоставените ГО, кои прават што можат во дадените услови и честопати со значајни резултати. Но истовремено, постои итна потреба од критичко промислување на механизмите кои ги туркаат ГО кон еден одреден тип на организациски модел, бидејќи тоа директно влијае на врската меѓу организираното граѓанско општество и граѓаните и неговиот потенцијал да поттикне темелни општествени промени. „Новото“ граѓанско општество, кое би било двигател на демократизацијата на Македонија, има потреба од алтернативни модели за негово стимулирање и одржливост. Повеќе од било кога потребни се мерки за диверзификација на финансиските извори и модели со цел да се поттикне разнолико граѓанско општество втемелено во заедниците, активно и ориентирано кон остварување на општествена промена, а не организациско преживување. Средствата и влијанието на странските донатори во земјата (пр. ЕУ) треба да се насочат кон реформирање на државното финансирање за ГО и негова децентрализација. Потребно е поттикнување на нови граѓански инцијативи на локално ниво, поттикнување на организации засновани на членство и финансирање преку членарини, воспоставување на онлајн платформи за индивидуални донации и crowdfunding за граѓански инцијативи. Време е за експерименти.

#РетвитниОброк значи достоинствен оброк за сите

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторки: Ана Голејшка и Злата Голабоска

Сѐ почна од еден твит во кој оброкот што е сликан претставува пресврт за група млади готвачи-аматери. Зошто? Затоа што идејата е да се готви по волја на индивидуата, за заедничка општествена корист. Во Скопје има безброј гладни граѓани со кои секојдневно се разминуваме. Воедно, има исто толку граѓани кои ја фрлаат храната (foodwaste), а истата може да биде преиначена во достоинствен оброк. Кога подготвуваш оброк за себе, влогот, материјален и временски, за уште еден дополнителен оброк  е незначаен и кога тоа би преминало во секојдневна навика кај секој од нас, нема да постои глад во светот. Тоа е нашата стратегија, теоретски. Првиот #РетвитниОброк беше на 4 април 2015 година. Група ентузијасти направија преку стотина оброци и оттогаш, секоја сабота, околу пладне, на платото на Домот на АРМ (позади спомен куќата на Мајка Тереза) овој настан се повторува.

Во реализирањето на оваа идеја, како врска помеѓу волните готвачи и социјално загрозените граѓани, од самиот почеток помага неформалното здружение на граѓани „Вистински дела на љубезност“, кое за овие граѓани се грижи од повеќе аспекти (им обезбедува облека, медикаменти, средства за хигиена…)

Со иницијативата #РетвитниОброк целиме да го поттикнеме секој кој сака да зготви и да сподели оброк со оној кој нема. Поентата на #РетвитниОброк е да се зготви и донесе, без ограничување во поглед на количина. Некои основни начела кои се пренесуваат и меѓу самите нас, кои редовно готвиме, се дека е важно активно да се учествува во чинот на споделување. Секоја донација во облик на продукти е успешно искористена. Истовремено, не сакаме да примаме финансиски донации. Тоа би претставувало не само административен проблем, со оглед на тоа дека #РетвитниОброк нема строго дефинирана структура, туку и би било спротивно на политиката на иницијативата да се труди да поттикне активност. Со донирани финансии, донаторот нема претстава што се случува со неговиот гест. Од друга страна, со донирани намирници или готвена храна, оној кој споделува има проекција за тоа како ќе изгледа нечиј оброк. Идејата почна како храна и враќање на основното достоинство кај нашите најранливи категории граѓани, но и како колективно будење на свеста дека секому му е потребен топол оброк, достоинствен живот и прифаќање. Тие луѓе се на раб на егзистенција, со проблеми што ние не ги разбираме. Пристапуваме човечки и со желба барем за миг да се почувствуваат како дел од заедницата и прифатени од системот кој за жал ги отфрлил.

Многу е важно што во групата волонтери секој е со различна професионална определба и доаѓа со цел да ја одржи иницијативата во континуитет. Емпатијата нѐ поврзува сите и создава убава прилика да си помогнеме не само како сограѓани, туку и како индивидуи кои со оваа акција докажуваат дека со многу малку се постигнува голем ефект. А тоа е доволно за да создадеме подобри услови за заедничка цел што во иднина ќе прави многу повеќе за општеството.

Нашите амбиции се оваа иницијатива да се претвори во секојдневна навика во сите населени места: кога спремаш оброк за себе, спреми два, едниот запакувај го со љубов и подари го некому посакувајќи му добар апетит!

16762642034_099069b947_o

Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување (прв дел)

Во новото дводелно вонредно заседание, ангажираме различни искуства на политичкото организирање и граѓанскиот отпор против владеачки режими.

Поттик за новото заседание се протестите што отпочнаа во Македонија на 5 мај 2015 година за правда и против полициско насилство. Секојдневните протести дополнително се проширија со барање за оставка и правна одговорност на целата Влада и се надоврзаа на долгогодишната приказна за граѓанско незадоволство од владините политики. Ангажирани граѓани и организации дотогаш веќе имаа отворено различни фронтови и бараа увид и поголема контрола на граѓаните во одлуки што политичари од институциите ги носат во нивно име. Освен против полициско насилство, се протестираше против моделите на урбанизација, загадувањето, во одбрана на студентските права и достапноста на квалитетно јавно образование, за еднаквост пред институциите, во име на социјалната правда и работничките права, против хомофобијата и хетеронормативните закони, и за медиумската слобода.

Целта на заседанието е да ангажираме искуства од различни простори што критички се осврнуваат на прашањето за омасовување на отпорот, неговата кохезија и начините на застапеност (кој зборува, за кого и за што дејствува). Вклучуваме искуства на граѓанскиот отпор против владеачки режими преку границите, низ светот и во Македонија. Прашуваме, кон што е насочен граѓанскиот отпор и како се гради?

Првиот дел од ова заседание донесува четири меѓународни осврти:

 

Уредници на заседание: Мила Шопова, Елена Б. Ставревска и Анастас Вангели

Фото: Ванчо Џамбаски

За борбите, протестите и пленумите во Босна и Херцеговина

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автори: Зоран Вучковац и Емин Еминагиќ

Сликите од Босна и Херцеговина во пламен кои за време на протестите во февруари 2014 година го обиколија светот беа само врвот на сантата лед која ја парализира земјата од војната наваму. Демонстрантите излегоа на улиците и ги запалија владините згради како симболичен чин кој укажува на суштината на бројните проблеми. Поддржани од Дејтонскиот мировен договор, институциите во земјата во голем дел станаа партиска олигархија, активно зачувувајќи и репродуцирајќи ги етничките поделби веќе дваесет години. Никнати од огнот, пленумите или јавните заседанија се појавија не само како резултат на потребата за активно граѓанство и директна демократија, туку и како негодување и повик да се престане со бесрамниот грабеж на јавноста и на природните ресурси преку клиентелизам и криминални приватизации. Во даден момент, имаше и извици на бестрашен говор помеѓу граѓаните на Босна и Херцеговина во обид да се преосвои политичкиот јазик кој им беше оспоруван од крајот на војната. Првпат во повоениот период, во медиумите можеа да се сретнат изрази како солидарност, социјална правда и еднаквост, наместо вообичаената етно-националистичка идентитетска реторика, која е постојано присутна во јавниот дискурс во Босна и Херцеговина.[1]

Барањата кои се оформија за време на протестите и пленумите не се појавија во вакуум; тие се резултат на долгогодишно искажување јавна непослушност и повици за зголемена солидарност. На протестите и пленумите им претходеа неколку настани во кои Босанците и Херцеговците ги надминаа етничките поделби во борбата за заедничкото. Такви беа примерите на Тузланскиот студентски пленум во 2009, протестите на работниците во Тузла во последните десет години, протестите во Пицин парк во Бања Лука во 2012 и сараевската „бебелуција“ годината потоа.

Во случајот со Пицин парк, граѓаните јасно кажаа дека борбата за паркот е „метафора за заедништво што отвора простори за комуникација и акција“ против употребата на „сила и контрола во секојдневниот живот и надмените политичари, а за праведно општество“. Протестот беше поддржан од двете страни на ентитетската линија, маргинализирајќи ги етно-националистичките проблеми за сметка на заедничката кауза – борбата за јавен простор. Бебелуцијата или протестите за ЕМБГ се случија година подоцна и повторно укажаа на недостатокот на функционална држава и отчовечувањето на граѓаните низ етно-националистичката матрица.[2]

За тузланските протести и претставувањето

Иако Босна и Херцеговина е полна со примери за солидарност во акција, станува очигледно дека секој нов протест има сопствена нулта точка. Малку е направено за да се зачува наследството од претходните борби, а уште помалку да се креира платформа за споделување искуства и капацитети помеѓу локалните активисти. Демонстрантите и активистите лесно се изолираат и криминализираат без соодветна правна и медиумска поддршка. Во Босна недостасуваат физички ослободени простори, а и левицата и НВО секторот функционираат во герилски стил, без јасна визија за промена и реформа или систематски пристап кон целосно нефункционалната држава. Пример за тоа е новиот Компакт за раст и работни места, пакет реформски мерки на ЕУ за Босна, резултат на британско-германската иницијатива. Инсистирајќи на економски наместо политички реформи и наводно земајќи ги предвид потребите на луѓето, Компактот буквално ги киднапира босанските протести од 2014 со цел да се изврши притисок за нови мерки на штедење и реформи на пазарот на трудот, но преку истите неолиберални политики кои се користат од војната наваму. Истовремено, во Република Српска во забрзана процедура се неколку закони за јавните простори и за правото на протест, што значајно ја стеснува можноста за искажување незадоволство. Иако постојат знаци на здружување преку ентитетската граница и акции кои ги надминуваат идентитетските политики, Босна и Херцеговина мора да ги задржи сеќавањата на работнички, антифашистички и антинационалистички борби, како и на урбани (од кои сите се политички, секако) борби. Покрај ова, има потреба и од подобро координирана регионална акција, како би се избегнало повторување на истите грешки од слични групи.

[1] Arsenijevic, Damir (ed.) Unbribable Bosnia and Herzegovina – The Fight for the Commons, Nomos, 2014.

[2] Заради политичките несогласувања околу единствените матични броеви (ЕМБГ), на новороденчињата не можеше да им бидат издадени пасоши и тие не можеа да патуваат во странство. Берина Хамидовиќ, тромесечно бебе, почина затоа што не можеше да добие соодветна медицинска грижа во странство.

(Евро)Мајдан заврши, Револуцијата на достоинството продолжува

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Олга Зелинска 

Во зимата 2013-2014 година, Украина се појави на насловите на меѓународните вести. (Евро)Мајдан беше второто, по „Портокаловата револуција“ во 2004 година, сенародно несогласување во кратката историја на земјата. Во двата случаи луѓето излегоа на улиците заради чувството на растечка неправда (непочитување на властите, несфаќање на потребите на луѓето и зголемена корупција), придружена со продлабочена социо-економска криза.

Пред настаните, всушност, социолозите укажуваа на високо и стабилно ниво на незадоволство и подготвеност да се протестира. Ова беше игнорирано од страна на Јанукович. Претходните обиди за протести (против даноци, јазична политика, прикривање од страна на полицијата и корупција во судството) не успеаја да се омасоват под неговиот репресивен режим. Пролетта 2013 година опозицијата не успеа да добие доволно поддршка за кампањата „Дигни се Украино“. Оттаму, излегувањето на луѓето на улиците на Киев беше изненадување за владата, опозицијата и аналитичарите.

Одложувањето на потпишувањето договор помеѓу ЕУ и Украина беше искрата за првиот „граѓански“ Мајдан на Плоштадот на независноста, што ги обедини граѓанските активисти, студентите и обичните Киевчани. Реакцијата на опозицијата беше брза – не можеше да се игнорира таков важен елемент од предизборната промоција. Неколку дена подоцна, 300 метри подолу, на Европскиот плоштад, се појави „политички“ Мајдан. Цела недела лидерите на двата Мајдани дискутираа планови за здружување на напорите. На крај, она што ги обедини нив, но и илјадници други кои пристигнуваа од бројни градови каде се протестираше и од источниот, и од западниот дел на земјата беше бруталното тепање на студентите.

Како што режимот ја зголемуваше бруталноста со полициски напади и правна репресија, демонстрантите продолжија да пристигнуваат во Киев, се менуваа, градеа барикади и учеа самоодбрана. Анкетите покажуваат дека 70% од учесниците во киевскиот Мајдан дошле самоиницијативно, 12% преку невладини организации и само 12 до 13% (во различни периоди) дошле преку политичка партија. Оттаму, тие не беа наклонети кон послушност кон ниедна институција и истовремено самите сносеа одговорност за своите дела.

Опозицијата мораше да побара мандат од Мајдан да преговара со властите. Тоа не беше лесно. 83% од демонстрантите беа одлучни да останат на Мајдан до задоволувањето на сите барања. Барањата беа обемни, особено откако полицијата пукаше на демонстраторите. Тие вклучуваа оставки на Претседателот, Парламентот и Владата, како и промена на односите на моќ преку предвремени избори. Со оглед на тоа дека властите единствено беа подготвени за мали отстапки, преговорите се соочија со „невозможна мисија“. Така и се случи.

По јавното негодување од страна на толпата на резултатите од преговорите кои ги соопшти опозицијата, лидерот на еден од Мајданите се качи на бина и му даде ултиматум на Претседателот: „поднеси оставка до утре, 10:00“. Немаше потреба двапати да му се повторува на Јанукович; тој ја напушти земјата уште истата вечер.

Но, сепак немаше „среќен крај“. Мајдан заврши, но Револуцијата на достоинството продолжува. Земјата се соочи со претседателски и парламентарни избори, но и со битка околу анексијата на Крим и со болниот конфликт со Русја на исток. Реформите се спори, а очекувањата на граница од разочарувања. Ако суштинските причини за протестот продолжат да се игнорираат, експерите велат дека Мајдан 3 е возможен.

Начини на отпор и плоштадот Тахрир

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Дина Фергани

Плоштадот Тахрир зазема посебно место во современата политичка мисла. Тој прерасна во иконичен сон за урбаниот отпор во светот и место да се испитаат можните начини на отпорот што го градеа Египќаните.

Во раната фаза на египетската револуција, Тахрир функционираше како обединувачка алатка и оттука и прерасна во утописка скица на која се исцртуваа сите политички планови. Во тој период беше прилично едноставно да се организираат различни политички струи и лица околу заедничка цел—падот на Мубарак и сето она што ја претставуваше неговата полициска држава. Околу ова барање се зближија исламисти, марксисти, националисти, либерали и сѐ што се најде во редовите помеѓу, вклучувајќи и мислители, работници, студенти, свештени лица и други. Плоштадот Тахрир сплоти безброј луѓе и врски што надвор од ова место одвоени активно ги држеше хегемонистичката моќ на капитализмот и државата. Но, како напредуваше револуцијата, така Тахрир стануваше сѐ поисполнет со контрадикции.

Во текот на египетската револуција, спријателените на плоштадот прераснаа во непријатели, во класична дијалектика на борба за моќ. Привременото сојузништво меѓу Муслиманското братство и неколку револуционерни сили се распадна кога Братството дојде на власт и ги исклучи сите струи од кои претходно добија поддршка за време на општите избори. Како реакција, револуционерните сили се појавија во голем број на протестите што се оддржаа на 30 јуни 2013 година и што како последица на власт го донесоа Сиси. Истовремено беа објавени неколку извештаи за насилство врз жени што се случуваше во екот на револуцијата, додека траеше ослободувањето и при прославите. Инцидентите не ја разводнија потентноста на плоштадот како алатка на отпорот. Напротив, на виделина ја изнесоа комплексноста на урбаниот отпор.

Плоштадот Тахрир функционираше како алтернативен град и беше поделен на три главни области: воен фронт, тампон зона и област за социјални услуги (теренски амбуланти, уметнички зони, колективни училишта). Врската меѓу луѓето на овие места не беше егалитарна. Класата и родот беа одлучувачки фактори во распределбата на луѓе и моќ. Воениот фронт беше на маргините на плоштадот, таму каде што демонстрантите влегуваа во судир со полицијата за да задржат контрола на територијата. Оваа област беше сржта на Тахрир зашто ниту едно заседнување на простор немаше да биде возможно без активна борба да се оствари право на просторот. Во оваа област насилството беше најизразено и областа првенствено (но не исклучиво) беше окупирана од мажи, млади работници и припадници на средната класа. Родовата одвоеност и тука беше видлива, зашто жените често беа обесхрабрувани да се движат кон фронтот. Сепак, нив ги имаше во поголем број на маргините од фронтот кадешто даваа лекови, ги ублажуваа ефектите од солзавец, вршеа преврски и залекуваа рани од гумени куршуми. Втората област од плоштадот беше тампон зоната, простор меѓу фронтот и останатиот дел од градот. Од оваа област се влегуваше на плоштадот и таа беше опсипана со различни контролни пунктови што ги организираа граѓани. Областа видливо ја одразуваше политичката волја на оние граѓани што беа присутни и беше најразновидната област, гледано по општествени групи. Во последната област се наоѓаа теренските амбуланти во кои волонтерски работеа доктори и фармацевти. Лицата за медицинска помош ги имаше на ќошињата, но често беа лоцирани и во околни џамии и цркви зашто затворената архитектура ги правеше овие места побезбедни. Интересно е што религиски институции беа место во кое се нудеше помош и во пошироките градски подрачја, особено заради лошата состојба на јавните установи. Плоштадот претставуваше град управуван од граѓаните, со ригидна структура што соодветствува на познати форми за организирање на просторот својствен за неколку урбани места. Граѓаните нудеа услуги, не во индивидуалистичката неолиберална смисла каде пристап им се гарантира само на потрошувачи што може да акумулираат капитал, туку како колектив.

Во разговор за потентноста на колективното организирање, корисно е сега да се осврнеме на Грамши, италијанскиот политички теоретичар којшто ја разгледуваше хегемонијата како поим и согледа ограничување на политичкото дејствување во капитилистичкото владеење: чинот на отпор во капитализмот одново ќе ги создава односите на моќ во системот наместо да ги менува. Грамши посочува на два вида контрадикторна свест. Една ја формира колективот со организирање и трансформирање на светот. Другата се заснова на некритичко восприемање на старите општествени односи. Дијалектиката меѓу двете создава политичка акција што води кон промена. Може да се каже дека плоштадот Тахрир беше посредникот на оваа дијалектика; на тој простор демонстрантите ги искусија двата вида свесност. Оваа дијалектика од плоштадот направи место на промена на свеста и место на кое се испитуваа можните начини на отпор, а тоа беше првиот чекор во изблиците на отпор што продолжија.

 

Користена литература:

  • Gramsci, Antonio, Quintin Hoare, and Geoffrey Nowell-Smith. Selections from The Prison Notebooks of Antonio Gramsci. New York: International Publishers, 1971.

Отпорот во Тајланд една година по воениот удар во 2014

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Рангсиман Ром

Состојбата и формите на отпор во Тајланд денес се нераздвојни од последиците со кои секојдневно живееме по воениот удар што се случи во мај 2014 година. За да се разбере воениот удар од 2014 година, ќе се осврнам кратко на денешниот контекст, и тоа на неколку специфични последици што настанаа како резултат на друг воен удар, тој од 19 септември 2006 година.

Воениот удар во 2006 година имаше намера да го отстрани тогашниот премиер Таксин Шинават од политичката партија Тај Рак Тај. Со јавните политики што ги скрои, како на пример „здравствена нега за 30 тај бати [50 денари]‟ и „месен фонд‟, Шинават уживаше висока поддршка меѓу населението во осиромашените региони во Тајланд, северот и североистокот. Но, Шинават не беше омилен кај средната и високата класа, пред сѐ од главниот град Бангкок, а и на елитите во земјата кои се поврзани со виша политичка инситутција (што не смеам да ја именувам). Овие луѓе се уверени дека Таксин е против монархијата, едно единствено тврдење, но доволно за Тајланѓаните да мразат некого. Следбениците на Партијата на демократите го делат истиот став за Таксин. Истото обвинување продолжуваат да го користат против сите со спротивставени ставови. По воениот удар од 2006 година, се појавија Црвенокошулашите (Red Shirts)—граѓанско движење против воениот удар, про-демократско, со поддршка за и поддржано од партијата на Шинават, Тај Рак Тај.

Конфликтот и политичката подвоеност на ројалисти и продемократско движење продолжи дури и откако партијата Пуа Тај (тогаш со име Моќта на народот, партија што се оформи од забранетата Тај Рак Тај по воениот удар) оствари значителна победа на изборите во 2007 година. Низ годините, Црвенокошулашите организираа протести, но исто и граѓанското движење од опозицијата, Жолтокошулашите (поддржано од елитите и од вишата политичка институција). Раздорот продолжи да расте кога Партијата на демократите без избори го презеде премиерското место. Во 2010 година, над 70 цивили беа убиени кога армијата насилно растури демонстранти што со месеци го окупираа делот во Бангкок што важи за финасиски и шопинг центар. Ниту еден функционер нема понесено одговорност за тоа што се случи, иако партијата Пуа Тај ги доби изборите следната година.

Воениот удар што се случи на 22 мај 2014 година со поддршка на тајландските елити беше уште еден обид да се уништат Црвенокошулашите, но и други продемократски групи граѓани што не се поврзани со политички партии. Сепак по ударот во 2014 година, немаше знак на отпор ниту од Црвенокошулашите, ниту од партијата Пуа Тај. Двете како да се потчинија што им се одметна моќта. Тогаш се појави движењето против воениот удар, денес составено првенствено од студенти-активисти и други граѓански групи. На пример, „Лигата за демократија на либералниот Тамасат‟ е група на студенти-активисти која дебатира за тековната политичка структура и се бори против злоупотребата на функции, воениот удар и неправедните закони. Ова, како и други движења имаат мал капацитет, ако ги споредиме со Црвенокошулашите, но се независни од политички партии. Секаква поврзаност на движење со постоечка политичка партија претставува основа за напад врз движењето, независно на намерата на движењето. Исто така, се случува политички партии да не застанат зад своите поддржувачи. На пример, голем број Црвенокошулаши беа окривени и добија обвиненија за сериозни дела само затоа што ја бранеа партијата Пуа Тај во овој период, но партијата не застана во нивна одбрана.

Протестите против воениот удар од 2014 година почнаа следниот ден. Веќе на 23 мај на улиците излегоа и се придружија во отпорот студенти од повеќе универзитети и граѓани активисти. Движењето држеше на интензитет приближно три недели и наиде на голема поддршка кај граѓаните. Во екот на протестите имаше илјадници по улиците. Социјалните медиуми беа одлучувачки фактор во движењето. Во првите две недели по воениот удар социјалните медиуми се покажаа како успешен метод. Студентите и активистите можеа да се обратат на многумина за да ги повикаат на отпор. Но, јавните објави ненамерно ги издаваа на хунтата и местата на собир, па хунтата се појавуваше на најавените места за да ги растера насобраните, некогаш и со примена на насилство. Предводници на групите беа повикувани на информативни разговори, апсени или добиваа закани и затоа организирањето на отпорот одеше многу тешко. Членови од некои групи и понатаму редовно се посетувани од воени лица на т.н. дсициплински разговори. Други членови се соочуваат со обвиненија за непочитување на наредби издадени од хунтата, престап за кој може да уследи и доживотен затвор. Заради тоа, многумина од групите на отпор побегнаа од земјата.

Денес е тешко да се изрази отпор. Јавен политички собир, дури и со неколку луѓе, се смета за прекршување на наредбите на хунтата. Се прекинуваат или под принуда се откажуваат настани на кои се промовираат ставови различни од тие на хунтата. На пример, во мај 2015 на годишнината од последниот воен удар, повеќе студенти и граѓани кои имаа намера да се придружат на мирољубив и симболичен настан беа повредени и уапсени од полицијата. Неодамна, по наредба на хунтата беше откажан разговор за човекови права во Тајланд што требаше да се оддржи во новинарски клуб во Бангкок. Сѐ на сѐ, отпорот денес се јавува суптилно. Со настани како јадење сендвич или гледање на филмот „Игрите на гладните‟ на оние кои сметаат дека хунтата не влијае на текот на нашите животи им покажуваме дека дури и вообичаена активност, како јадење сендвич или гледање филм, може да биде суспендирана во диктатура. Најмалку суптилен беше чинот во текот на годишната политичка парада на Универзитетот Тамасат. Тамасат има водечка улога во политичката историја на Тајланд и затоа се очекуваше студентите да се искажат против владата. И покрај ова, организирањето станува сѐ потешко. Активистите станаа цел на тајните служби. Добиваат и директни закани. Иако хунтата изјави дека нема да поднесе обвиненија против студентите кои беа уапсени во мај 2015 година, неколумина од нив добија покани да се пријават кај полициските служби и извесно е дека против нив ќе има обвинение. Граѓаните се исплашени и обесхрабрени да се придружат или искажат поддршка на отпорот од причина што движењето се оцрнува во медиумите и на социјалните мрежи. Се упатуваат лажни обвинувања дека движењето е поддржано од Таксин Шинават или дека движењето е само форма на Црвенокошулашите, движење што нема поддршка кај средната и високата класа во главниот град Бангкок. Кампања за оцрнување тече и на социјалните медиуми, еден вид на лов на вештерки, за да се дискредитираат студенти и активисти.

 

Слика на студент активист и професор со продемократска ориентација, за кого јавно се знае деке е хомосексуалец, објавена со хомофобичен сленг испишан на тајландски и со значење „педерска банда.‟ 2014
Слика на студент активист и професор со продемократска ориентација, за кого јавно се знае дека е хомосексуалец, објавена со хомофобичен сленг испишан на тајландски и со значење „педерска банда.‟ 2014

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Кратко по 22 мај 2015 година, на насловни страници се појави сликата на студент активист како се противи на полицијата. Фејсбук страница ја користи сликата од насловната за да ја спореди со фотографија од некој друг за да ја наведе јавноста на мислење дека студентот активист е човек што тепа будистички свештеник. Мај 2015.
Кратко по 22 мај 2015 година, на насловни страници се појави сликата на студент активист како се противи на полицијата. Фејсбук страница ја користи сликата од насловната за да ја спореди со фотографија од некој друг за да ја наведе јавноста на мислење дека студентот активист е човек што тепа будистички свештеник. Мај 2015.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Студентите и граѓаните активисти упорно работат против оваа кампања, но напорите се чинат недоволни. Лаги, оцрнување и напад на репутацијата претставуваат пречки за отпорот да се прошири меѓу луѓето. Во Тајланд оштеството ќе се исклучи од фреквенцијата на нашата програма ако им се сервира дека нашата цел и таа на политичките партии не се водени од интересот на народот. Затоа, нашето движење според мене мора да остане верно на својата цел и да опстои. Сакаме да зборуваме со нашите симпатизери, но и со тие што се против нас.

Граѓаните на Тајланд секојдневно се сооочуваат со абсурдите на хунтата.

Ние ќе продолжиме со борбата!