Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Дане Талески
Македонија е подолго време во длабока политичка криза. Првата голема манифестација на политичката криза беше на 24 декември 2012, кога на „црниот понеделник“ пратеници од опозицијата и новирани беа насилно исфрлени од Собранието на Република Македонија. Последователни манифестации на политичката криза имаше на следните циклуси на избори, локалните во 2013 и предвремените парламентарни и редовните претседателски избори во 2014 година. Тогаш видовме дека во Македонија целиот државен апарат е во служба на партијата на власт, дека медиумите се под силна политичка контрола, дека има сериозни недоследности во избирачките списоци и во документите за идентификација (на пример, гласачите од Пустец) и дека има сериозни политички притисоци врз личното право на глас. Кулминацијата на кризата дојде со најавата на опозицијата дека ќе ја бојкотира работата на Собранието. Понатаму, документот што го спреми експертска група за настаните од 24.12.2012, а кој можеше да понуди насока за излез од кризата, беше оквалификуван како „тоалетна хартија“ од страна на власта.
Со објавувањето на „бомбите“, започнува расплетот на кризата. Слушајќи ги веселите разговори на властодршците, како со неподнослива леснотија уништуваат човечки животи, злоупотребуваат деца без родители и починати, како државните институции ги претвориле во партиски штабови, медиумите во партиски телали, граѓаните во човечиња со патент на уста, како нѐ водат во економска катастрофа мантрајќи јавно за потемкиновите села, стануваме свесни за метастазите на политичката криза. Слушаме дека темното сениште што ја гуши демократијата во Македонија било во полн замав од 2010 наваму, а можеби и порано. Тоа значи дека најмалку 5 години, а можеби и повеќе, во Македонија има консолидиран авторитарен режим кој има воспоставено корпоративна контрола врз целиот јавен сектор и голем дел од приватниот сектор.
Во една нормална држава кризата, која пред се произлегува од политичката злоупотреба на власта, би се решавала по институционален пат, со истрага на обвинителството и преку непристрасна судска постапка. Но бидејќи судската власт е под политичка контрола, а авторитарната власт нема да дозволи спроведување на независна и објективна истрага, тогаш поверојатно е дека излезот од кризата ќе биде политички. Барањата за преговори меѓу власта и опозицијата се увертира во создавањето на услови за рамноправно учество во следните избори кои мора да бидат фер и демократски. Меѓународната заедница веќе е вклучена во наоѓањето на решение и ќе ги помага нашите напори да се врати нормалноста, слободата и демократијата. Но тие нема да ги решаваат нашите проблеми. Мора да покажеме дека имаме демократска зрелост да издејствуваме политички промени. Важно е да се каже дека политичката разрешница нема да ја замени институционалната, туку ќе ја одложи до моментот кога во Македонија ќе има услови за објективна истрага и непристрасна судска постапка.
Во идниот период опозицијата ќе ја има клучната улога во обидот да се врати слободата и демократијата во Македонија. Опозицијата мора да биде истрајна, храбра и доследна. Со објавувањето на „бомбите“, опозицијата успеа да врати голем дел од својот кредибилитет. Но сега не смее да дозволи да биде понесена од чувството на морална супериорност. Напротив, опозицијата треба да покаже дека ги научила лекциите на кои се темели релативниот успех на студентскиот и професорскиот пленум во борбата со авторитарната власт. Опозицијата мора да повика на еднаквост, на социјална и етничка солидарност, и да биде отворена и инклузивна. Опозицијата мора да создаде граѓански пленум. Мора да се создаде сенародна критична маса во која ќе се слее мнозинството на граѓани, без разлика на вера и партија, која ќе издејствува заминување на авторитарната власт, враќање на демократијата и формирање на нова власт што ќе биде сервис на граѓаните, а не нејзин владетел.
Секоја криза е и шанса. Ова е шанса за создавање на нова Македонија. Демократска и слободна. Мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална. Толерантна и солидарна. Со почит и заштита на различностите. Држава која ќе биде пристојно место за живеење. Ако не успееме, тогаш. . . Не размислувајте така. Сега нема место за неуспех. Мора да успееме. Ќе победиме!