Архива за ознаката: горан_лазаревски

Сценарија

Вонредно заседание, прв дел: Сценарија за излез од политичката криза

Со објавувањето на „бомбите“ на Заев, Македонија влегува во една од најголемите политички кризи во својата историја. Влоговите се високи и на двете страни. Каква предвидувате дека ќе биде разврската на оваа криза? Како би требало да се постави опозицијата во текот на настаните што следат?

Првиот дел од ова дводелно вонредно заседание донесува четири осврти:

 

фото: НОВА

Мост на спасот

Дел од првиот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза. Автор: Горан Лазаревски

Македонските интелектуалци се генерално лоши прогнозери. Повеќето со години предвидуваат пад на Владата, но на секои избори реалноста ги демантира. И овој пат, во игра се неколку сценарија, кои се повеќе листа на желби отколку издржана анализа.

Груевски да си поднесе оставка и да распише избори. Оние кои реално се надеваа(т) на ваков хепи-ендинг, чиј главен пропонент беше токму Заев пред да ги активира бомбите, очигледно не го познаваат менталниот склоп на Премиерот. Некој што е во состојба да изврши такви злосторства за какви што чувме е опериран од секаква морална совест. Од психопатолошки аспект, нарцисоидните личности веруваат дека се безгрешни и непобедливи, што се потврдува од неговото поведение. Поважно можеби, евентуален пораз на избори за Груевски е end game – крај на неговата политичка кариера и почеток на неговиот затворенички живот. Како што и самиот најави: повлекување нема, ќе се бори до последно.

Малку пософистицирана варијација на истата тема е меѓународната заедница да го притисне Груевски да се повлече. Ова доаѓа од истите оние типови кои 9 години чекаат од странците да им ја донесат власта на тацна и постојано остануваат разочарани. Прво, во ситуација кога пристапните преговори со ЕУ/НАТО се блокирани од Грција, меѓународната заедница има на располагање многу малку инструменти за притисок. Второ и поважно, странците за Груевски не се никаков авторитет, туку се непријател за внатрешна употреба со кој веќе со години се мобилизира членството. Секаков притисок од надвор лесно ќе биде спинуван како дел од заверата против Македонија да го смени името и совршено ќе се вклопи во приказната за странски служби, која колку и да е неиздржана, по сѐ изгледа има значителен број приврзаници дома. Мислам дека Груевски е во состојба и сосема да му го сврти грбот на Запад ако добие руска поддршка, судејќи според проруската ориентираност на ударните пропагандистички перјаници на режимот (Никовски, Велиновска, Латас). Русија и официјално изрази претензии за зголемено влијание на Балканот и го поддржа Груевски да се справи со “обидот за пуч“. Ваквиот развој би ја направил поделбата меѓу граѓаните уште подраматична со несогледливи последици за стабилноста на земјата.

Третото сценарио е да дојде до некаков внатрешен преврат во ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето што го заговараат ова несомнено не ја познаваат внатрешната структура на оваа партија. Тоа е всушност помалку партија, а повеќе секта, односно мафија, составена од безрбетници, условени со меници, поткупени со работни места, уценувани со прљав веш, заплашувани со прислушување и тајна полиција. Едноставно немаат ниту морален, ниту организационен капацитет за преврат. Од снимените разговори видовме дека тоа не е ниту класична пирамидална структура, туку своевиден паноптикон, каде секој функционер има пристап до Премиерот и теренецот Миле преку СМС, а овие микро-менаџираат сѐ што се случува. Впрочем, и леснотијата со која Стварески и Јанкулоска беа понижени и ставени под контрола по шестата бомба го потврдува ова.

Постои и т.н. „револуционерно“ сценарио, според кое народот со протести би ја презел власта. Мислам дека ова е чиста фантазија, бидејќи не постои ниту капацитет, ниту политичка волја за такво нешто. А уште помалку е тоа посакувано сценарио, бидејќи таква една власт ќе има уште помалку легитимитет од сегашнава и може само да ѝ се удри од глава на опозицијата.

Сметам дека единственото реално сценарио за излез од кризата е формирање ново мнозинство во Парламентот помеѓу СДСМ и албанските партии. За да дојде до ова, клучно е СДСМ да демонстрира политичка моќ преку масовни протести со цел да ја убеди ДУИ дека коалицирањето со нив е победничка опција. Истовремено важна улога треба да одигра и меѓународниот фактор кој ужива големо влијание кај албанските елити. Грешка би било доколку СДСМ објави компромитирачки материјали за албанските главни играчи. СДСМ мора да гради мостови за сојузништво, а не да ги урива. Ако треба, и да ги искористи снимките како leverage во такви евентуални тајни преговори. Во овој момент главен приоритет е да се сруши Груевски и да се врати нормалноста. Верувам дека Заев е свесен за тоа и досегашниот избор на снимки покажува дека тој ја остава во игра оваа опција. Се надевам СДСМ ќе покажат сенс за реал-политика, дури и по цена на некои од принципите кои јавно ги прокламираа. Зашто штетата што државата ќе ја претрпи од дополнителни три години под Груевски е далеку поголема од нечиј нарушен морален интегритет.

Неолибералниот проект: Трка до дното

Дел од виртуелното заседние „Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија“  Автор: Горан Лазаревски

Една од главните цели на нашата транзиција кон пазарна економија инспирирана од неолибералната идеологија беше дерегулацијата на пазарот на трудот. Со цел да се постигне овој идеал, голем број работнички права кои беа гарантирани за време на социјализмот, беа одземени, синдикатите беа потиснати, законите за минимална плата укинати (за опширна анализа на овој процес на дерегулација, погледнете ја одличната анализа на Ленка, „Обезвреднување на трудот“). Декади подоцна, резултатот се обесправени, отпуштени и осиромашени работници. Дури и идеолозите на оваа транзиција се согласуваат дека се претрпеа големи штети во форма на човечко страдање, но тие тврдат дека оваа жртва на олтарот на капитализмот беше неопходна со цел нашата економија да стане компетитивна со остатокот од светот. Но оваа компетитивност во пракса не е ништо повеќе отколку трка до дното, во која земјите во развој ширум светот се натпреваруваат која ќе понуди пониски плати и помалку заштита за своите работници со цел да привлечат странски инвеститори. Така, посветеноста на нашата влада кон привлекување странски директни инвестиции е всушност идеолошка посветеност кон нашата крајна цел – стандардот на работникот да го допре дното, како што и сме сведоци со појавата на т.н. „слободни економски зони“ каде даночните стапки се 0%, а платите се исто така заковани на дното.

Сепак, глобализацијата како неолиберален проект има една вградена фабричка мана, а тоа е проблемот со генерирање агрегатна побарувачка кој Кејнз уште многу одамна го опиша. Доколку мнозинството од работната сила во земјите во развој е принудено да ‘рмбачи во фабрики за многу ниски примања, тогаш кој ќе ги купи сите оние софистицирани производи кои овие фабрики би требало да ги произведуваат? Одговорот до сега беше – секако западниот (пред сѐ американскиот) потрошувач, па овој потрошувач беше охрабруван да троши пари кои ги нема за да може да продолжи да функционира глобалната економија. Овие лесно достапни пари од друга страна (ниски каматни стапки) го помогнаа создавањето на меурот на пазарот на хипотеки чие пукнување ја доведе светската економија во моменталната кризна положба.

Сѐ додека не се генерира доволно внатрешна побарувачка во главните пазари во земјите во развој, глобалните трговски дисбаланси, нестабилноста и економската стагнација ќе продолжат и во иднина. Но за ова да се случи, неопходно е сите земји заедно да престанат да се тркаат до дното, т.е. да ги зајакнат синдикатите и да воведат закони за минимална плата со кои ќе им се гарантира на работниците пристоен приход и потрошувачка моќ со која ќе можат да ја стимулираат домашната побарувачка. Европската Унија се наоѓа во уникатна положба во оваа смисла, бидејќи може да усвои легислатива со која ќе ги координира про-трудовите политики во сите нејзини членки, минимизирајќи ја условувачката преговарачка моќ на инвеститорите. ЕУ до одредена мера и носи вакви мерки, поради што и не е изненадување што стандардот на живот во Европа е блиску до американскиот.

Главна економска цел на сите европски земји треба да биде да влезат под тој чадор на ЕУ регулатива и на тој начин да ги заштитат своите работници од експлоатација од мултинационалните корпорации, и притоа да генерираат домашна побарувачка и да поттикнат домашна економска активност. Но за ова да се случи, најпрво европските лидери мора да ја заборават нивната идеолошка посветеност на неолибералната мантра: „ниски даноци, ниски плати и привлекување странски директни инвестиции“, и мора да почнат да се фокусираат на развивањето на продуктивните и потрошувачките капацитети на нивните сопствени економии.

Во конкретниот случај на Македонија, овие препораки треба да се земат во умерена доза поради енормно високиот степен на невработеност во земјата. Во таа смисла, флексибилен пазар на труд е круцијален за поттикнување на вработувањето, но главната поента останува – елиминирањето на минималната плата и синдикатите не ја доведе земјата поблиску до просперитет. Напротив, сиромаштијата и нееднаквоста нараснаа по независноста како никогаш порано во историјата. Поради овие причини, договорот за зголемување на минималната плата во периодот 2014-2016 треба да се поздрави, како и сите потенцијални чекори во оваа насока. Исто така, силни и независни од политичко влијание синдикати се неопходен партнер во едно економски просперитетно општество, а не кочница за економскиот развој како што вообичаено ги сметаат нашите владеачки елити.

Долгот уште долго ќе расте

Дел од виртуелното заседание „Има ли Република Македонија проблем со долгот?“ Автор: Горан Лазаревски

Нужно е да се направи разлика помеѓу проблемот на долгот како апсолутна бројка и проблемот на задолжувањето како владина политика. Во таа смисла, Македонија нема проблем со долгот во споредба со речиси сите останати држави во Европа. Доколку државата продолжи со истото засилено темпо на задолжување како и во изминатиот период (15.7% од БДП за 5 години), што поради глобалните економски неприлики и се очекува и препорачува да биде зголемено, тогаш таа ќе го достигне моменталното ниво на задолженост на Албанија за 10 години, држава која и понатаму без проблем склучува аранжмани со ММФ. Меѓународните финансиски институции ги условуваат нивните заеми пред се со макроекономска стабилност, навремено исплаќање на обврските и отвореност за странски капитал. Тоа значи дека се додека државата има пари за враќање и се придржува до правилата на игра, класично лихварски новите заеми ќе продолжат да ги покриваат старите. Дури и хипотетички доколку отстапи Македонија од овие цврсти стратешки заложби, тука е секогаш пазарот на приватни кредитори кој би го финансирал нашиот долг за соодветна (повисока) цена.

Ова значи дека сите оние „експертски“ анализи кои предвидуваат дека Владата сама од себе ќе падне за некоја година поради презадолженост, дека ќе секнат кредитите, и на тоа ја базираат својата стратегија за доаѓање на власт, се ништо повеќе од аматеризам и wishful thinking. Зад сите оние сензационалистички написи дека на Владата наредната година и доспевале неколку стотици милиони евра долг, кои немала како да ги врати, стои елементарно непознавање на тоа како функционираат јавните финансии на една држава – државата во секое време може да издаде обврзници и да го рефинансира доспеаниот долг. Како инаку би функционирала Македонија со континуиран буџетски дефицит во последниве 6 години? Дури и во едно најпесимистичко сценарио во кое Скопје 2014 станува Скопје 2024, и во кое глобалната рецесија трае уште 10 години, власта комотно може да продолжи со своето екстравагантно темпо на трошење барем уште 10 години. Времето не работи за вас, господо опозиционери.

Од друга страна, проблемот на задолжувањето како фискална политика во себе го подразбира и клучното прашање на што се трошат овие позајмени пари. Сведоци сме дека најголемата „капитална инвестиција“ на оваа власт, проектот Скопје 2014, со своите задирања во културниот идентитет на Македонецот, со длабоките поделби што ги создаде во националното ткиво и со сомневањата за корупција, всушност претставува една голема анти-инвестиција, која го уништува нашиот социјален и културен капитал. Меѓусебната доверба и целисходноста на демократската процедура, како дел од тој социјален капитал, се сериозно оштетени благодарение на начинот на кој беше спроведен овој проект. Допрва останува да се види уште колку дополнителна енергија, ресурси и конфликт ќе повлече овој проект, кога некоја друга партија ќе дојде на власт. Поради тоа, Скопје 2014 е најголемата нето-анти-инвестиција кога било на овие простори. Истовремено, не е остварена ниту една значајна капитална инвестиција, која би можела реално на подолг рок да ги оплоди и врати вложените средства. Со зајмени пари издржуваме армија социјалци и административци, градиме потемкинови фасади, додека образованата работна сила, нашата најпродуктивна инвестиција, си заминува од државата. Без овие кадри, Македонија едноставно нема да може на долг рок да генерира доволно вредност за да ги отплати долгот. За жал или за среќа Македонија од Југославија излезе како ниско-задолжена држава, и како таква овозможени ни се уште многу години расипничка неодговорност пред навистина да се најдеме во безизлена ситуација.

Што стои зад идејата за „државен испит“

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Горан Лазаревски

Навистина не се сомневам во Владата кога велат дека нивната намера е да го подобрат квалитетот на високото образование. Како што не се сомневам и дека методот за кого се определиле може да биде плод само на уникатна историска комбинација на ограничен ум и неограничена желба за контрола. Концептот за државен испит е без преседан насекаде во светот, без разлика што се повикуваат на некакви компаративни меѓународни искуства. Постојат т.н. професионални државни испити за лиценцирање на еден тесен круг технички занимања (право, медицина итн.), но никаде нема да најдете земји во кои државата спроведува испити на додипломско ниво за сите струки. Причината за ова е очигледна – квантумот на знаење во поголемиот дел од дисциплините едноставно не е мерлив со прашања со абвг-одговори. Само некој што фундаментално погрешно го разбира концептот на високо образование, може да помисли дека книжевност и уметност може да тестирате со прашања за авторство на некое дело, или историја со прашања за годината на некоја битка. Така не се создаваат мислечки индивидуи, туку бубаторски машини. Веројатно на ист начин се има и стекнато со диплома мозокот кој стои зад оваа идеја.

Да го оставиме за момент настрана прашањето за автономијата на универзитетот, бидејќи доколку Владата науми има доволно моќ да ја ко-оптира универзитетската управа во спроведувањето на нејзините деструктивни реформи, како што се случи и со законот за високо образование во 2008. Подривањето на автономијата на професорот е она што во срж концептуално ја делегитимизира оваа идеја. Долгогодишната специјализирана научно-истражувачка работа ги прави професорите единствено компетентни да одлучуваат што ќе предаваат и како ќе оценуваат по својот предмет; збир од компетенции кое не можат тукутака да бидат заменети со 9-члена комисија на сезнајни мудреци. Со предлог законот за Комисија избрана од Владата која ќе ги одобрува и составува прашањата во сите области по сите предмети, што е смешно неефикасно, се задушува плурализмот во научната мисла. Особено на удар се општествените науки, бидејќи се наметнува потребата сите професори да предаваат по истата програма, онаа одобрена од сезнајната 9-члена Владина комисија, своевидна праодија на Орвеловското министерство за Вистина.

Зад оваа намера се наѕира сомничавоста и недовербата со која власта гледа на својата академска заедница, што совршено се вклопува во досега прокламираниот анти-интелектуален курс. За нив, лекарите и професорите се непријателот, генераторот на сите проблеми во здравството и образованието. Така, здравството е во колапс не затоа што директорите на клиниките се партиски кадри без никакво искуство и познавање, не затоа што единствениот критериум за унапредување е партиската лојалност, не затоа што се крадат огромни суми пари преку тендери за набавки, туку затоа што некои медицински сестри не биле доволно љубезни, и затоа што имало пациенти што влегувале преку ред. На истиот начин, и во образованието проблемите не ги гледаат во тоталната партизирност на општеството кое им дава шанса на најпослушните наместо на најуспешните, ниту во масовната акредитација на универзитети во секое село (бидејќи, според досегашната мантра, Македонија требаше да има 99% „образована“ сила за да привлече странски инвестиции), ниту во ниските плати на наставниците, туку во професорите што лошо предавале и во учениците што не учеле. Затоа потребно е да се дисциплинираат: едните ќе ги пратат на екстерно, а другите на Државна Академија. Само Владата е безгрешна и воопшто нема потреба да се дискутира за ништо. Наше е само да ги прифатиме законите што како Мојсеј од Синај ќе ни ги донесе Адеми. Време е да прифатиме дека оваа Влада е во отворена војна со интелигенцијата во својата сопствена земја. Тоа е војна помеѓу Глупоста и Моќта од една и Интелигенцијата и Правдата од друга страна, и постои само една алтернатива за победник.

Економско-социјалната слика за Македонија во четири графици

Блог пост на Горан Лазаревски, во кој преку четири графици се илустрира економскиот колапс по најважните четири социјални димензии: плати, невработеност, сиромаштија и нееднаквост.

Зошто пропаѓаат нациите

Зошто пропаѓаат нациите (“Why nations fail: the origins of power, prosperity and poverty”) од Дарон Аџемоглу (МИТ) и Џејмс Робинсон (Харвард) е името на новата книга која излезе овој февруари и полека станува една од најзначајните популарни книги од областа на развојната економија. Уште првата недела дебитираше на листата на бестселери на Њујорк Тајмс и понатаму добива одлични критики од сите значајни сватски списанија. Во неа авторите се обидуваат да дадат одговор на прашањето содржано во насловот: зошто некои држави се богати и просперираат, а зошто други тонат во сиромаштија?, и како втор дел: зошто пропаѓа Македонија?, пишува Горан Лазаревски.