Архива за ознаката: вистина

Условите се тешки, но битката може да се победи

Дел од редовното заседание Медиумската (не)слобода“. Оригинално пишувано помеѓу првите неколку „бомби“.  Автор: Тања Милевска

Затворањето на А1 телевизија во 2011-та година претставуваше трагична загуба за македонскиот медиумски простор и за македонскиот демократски развој од повеќе причини: прва приватна телевизија, најгледана, највлијателна и единствена медиумска платформа која, и покрај редовните притисоци и структурните слабости на самата фирма, сепак успеваше да ја задржи професионалноста, колку што условите во Македонија во тоа време дозволуваа.

Како и со сите други столбови на демократијата во Македонија, така и во новинарството, се случи системско и планирано уништување на кревките темели; и новинарството, како и сѐ друго денеска, е обвиено со вел од лаги и игнорантност, кои, досега барем, можеа да просперираат благодарение на општата мрзеливост во струката и самата поттикната од катастофалните економски услови во кои мора да функционира фелата.

Така беше до пред некој ден.

Но, на новинарите, а и на јавноста, им е сѐ потесно во сопствената кожа.

Последните случувања на политичката сцена – објавените и најавените „бомби“ на опозицијата, ужасната и неправедна смрт на малата Тамара, студентските протести, хонорарците, итн. – фрлија светло врз итната потреба за наоѓање излез од наметната состојба и недостигот од, или поточно отсуството на, платформа каде сите актери на македонското општеството ќе можат да бидат слушнати, информациите да бидат споделени, размена на мислења и ставови да биде овозможена, и со тоа да почнеме одново да градиме модерно и демократско општество, составено од просветлени, свесни и информирани граѓани кои утре ќе гласаат за подобро утро, а не за столче во некоја администрација.

Задачата е тешка, условите се партизански, но мисијата не е невозможна.

За жал – или за среќа, зависно од перспективата – прашањето стана акутно (само) по прес конференцијата на Зоран Заев и експлодирањето на првата бомба за нелегалното прислушкување од страна на тајните служби. Иако во истата седмица почина малата Тамара, а кај студентите започна историско будење, теми кои заслужуваат еднакво голем одек и медиумски простор.

Но, како отсега па натаму?

Во интервјуто на 24 Вести, Зоран Заев вели дека опозицијата не располага со медиумски простор. Точно е тоа, но само од аспект на традиционалните медиуми: телевизија, радио, печат. Во истото интервју, тој го призна и огромниот пропуст на партијата да организира веб стриминг во живо на прес конференцијата.

Опозицијата пропушти златна шанса нејзиниот глас да допре до што пошироки маси со тоа што немаше капацитет, волја или време (или трите) своето излагање да го подготви професионално и сериозно. За сѐ има оправдување, но за сѐ има и решение, а на тоа морале да мислат оние кои се за тоа задолжени во партијата. А, доколку такви нема, треба да има.

Но, вистинската причина позади недостатокот од организираност за овој настан лежи во инертноста на политичката класа, навикната на традиционалните канали на комуникација: прес конференција или интервју емитувани на ТВ, прераскажани во весник.

Работите се сменети и тоа многу. Не, Македонија не е поразлична од другите земји во светот; да, Македонците се поврзани и своите информации ги црпат на интернет.

Во прилог на оваа теза оди и есенското испитување на јавното мислење на Евробарометарот: од сите медиумски платформи, довербата на Македонецот е најголема во телевизијата (43%), но веднаш потоа, со минимална разлика, доаѓа интернетот (42%), па социјалните мрежи (32%); радиото и печатот се големите губитници на оваа анкета.

Опозицијата, невладините организации, студентите, обичните граѓани, сите можеме да ѝ контрираме на пропагандата на власта ако прифатиме дека не сме во позиција на губитници затоа што немаме пристап до Сител. И онака Сител не е посебно гледана, само е најмалку негледана. Уште во времето на А1, разликата во гледаност помеѓу двете телевизии беше веќе огромна. Затворањето на А1 не ги префрли гледачите кај Сител, туку по автоматизам ја донесе оваа телевизија на прво место, во отсуство на првакот. И тоа е сѐ.

Пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ успеа да нѐ убеди дека сме немоќни. Во услови на недоверба во ниту една институција, во услови на целосна потчинетост на сите власти, области и столбови на општеството, ние не можеме да веруваме во ништо – ниту бројки, ниту статистики, сите податоци ги примаме со резерва и живееме во постојана лага и заблуда, отсечени од реалноста на светот.

Тоа е несомнено најголемото злосторство на ВМРО-ДПМНЕ, но исто така несомнено не е фаталност.

(Не)вистината, (не)демократијата и потребата од принципиелност во времето што доаѓа

Дел од редовното заседание Медиумската (не)слобода“. Оригинално пишувано помеѓу првите неколку „бомби“, финализирано после четвртата. Автор: Анастас Вангели

Не е важна вистината, важно е луѓето да ти веруваат тебе повеќе отколку на твојот противник. Не се важни аргументите, важни се етикетите – предавници, шпиони, платеници – па макар биле и конструкции.Тоа е геслото на недемократите на 21-от век, од ковот на Груевски и дружината. Таквиот принцип не им смета ниту на Груевци, ниту на медиумите, ниту на новинарите-соработници кои се активни чинители во остварување на тесно-партиските интереси на власта, преку необјективно и непринципиелно известување. „Вестите се куртон и владина пропаганда“ – чуено од устата на главниот и одговорен „началник“ на најгледаната телевизија во Македонија, кој исто така самиот си признава дека сиве овие години „испорачуел услуга“ за бенефициите кои оваа власт му ги овозможувала.

Каде да се лоцира причината за ваквото деградирање на улогата на мејнстрим медиумите во 21-от век? Во прв ред, секако дека станува збор за структурен проблем. Во неолибералниот контекст, каде што и политиката и општеството се раководени од пазарниот фундаментализам и од интересите и од желбата да се максимизира профитот, вистината е нешто што со пари се купува. (Не)вистината е релативна, таа може да се (пре)обликува или целосно да се искривоколчи и да се користи по потреба, затоа што таа е само еден од инструментите кои им стојат на располаѓање на моќниците.

Сервилноста на медиумите кон тие кои имаат политичка и финансиска моќ не е проблем само во Македонија. Ваквиот тип на спрега меѓу политичките и медиумските структури е рецепт кој се среќава и во други недемократии и зграпчени држави (пр. Раша Тудеј), но и во „демократии“ (пр. Фокс Њуз во САД). Можеби и не треба до тој степен да нѐ изненадува спрегата помеѓу медиумите и оние кои се на власт со цел – не промовирање на одредена идеја или дискурс – туку едноставно извлекување на максимум корист од секоја ситуација. Тоа е систематски проблем за кој не е доволно само политичка промена,  ниту промена на законската рамка, туку длабока, вредносна промена која нема да се случи прекуноќ.

Протечените снимки, сепак, укажуваат и на проблемот на агенсот во сево ова – самите „новинари“ и оние кои ја држат моќта, имаат голем удел во уривањето на интегритетот на мејнстрим медиумите. Да, неолиберализмот царува насекаде низ светот, но дури и во најмаркетизираните и најперверзните политички средини, елитите – политички и медиумски – имаат дно. Минимумот одговорност секогаш мора да биде запазен и токму тоа е една од клучните точки по кои се разликуваат демократијата и недемократијата. Воедно, во ниту една друга средина не би се случило протекувањето на такви блатантни докази за корумпираност, а тоа да помине без преземање на било каква одговорност.

Воедно, она што веројатно е повеќе проблем на агенсот отколку на структурата, е и леснотијата со која се замолчува оној кој противречи. Оние кои ги загрозуваат тесните интереси на власта биле следени и обработувани од службите; како што протечените снимки ни потврдија, некои од нив се соочуваат со „летање од работа“; а веројатно и со секакви видови на казнување (свеж ни е случајот со Кежаровски) – и сево ова, со знак прашалник што допрва ќе дознаеме за случајот на Никола Младенов.

Прашањето што се поставува е како понатаму, и особено, како по паѓањето на оваа власт? Предизвикот ќе биде, првенствено, лустрација на сите виновници за, помеѓу другите злодела, креирањето на паралелна реалност и задртата пропаганда со која влијаеле на сите општествено-политички текови во државата, но кои многу веројатно имале и свои жртви. Следно би било обврзувањето – барем на националниот сервис – за фер и балансирано известување и давање на подеднаква шанса на различните стојалишта, особено во периоди на изборни кампањи и слично. Партиципативно креирање на програмата (како што сервисот партиципативно е финансиран од граѓаните) е само еден од примерите за промени кои треба да уследат.

Сепак, она што ќе биде уште поголем предизвик е востановувањето и имплементирањето на критериум за минимум одговорност и обврска за кажување на вистината во јавност, налик на стандардите кои постојат во академската заедница (кои, повторно, не се совршени – но барем принципот е востановен како светост). Структурно, тоа ќе биде поврзано со целата битка против корупцијата, клиентелизмот и опортунизмот, но се чини најважно ќе биде едукативното делување во рамките на општеството, затоа што ова е нешто што не може да се регулира, туку едноставно ќе мора да се научи и пренесе како знаење на останатите. Во прв ред, многу ќе биде важно професионалните новинари, а особено и ние, општествено ангажираните личности, дури и додека ги коваме последните шајки во ковчегот на власта на Груевци, да ги задржиме минимум стандардите за објективност, принципиелност и аргументираност – но и взаемна проверка (peer review) при нашето делување во јавната сфера, не дозволувајќи да спаднеме на нивното ниво. Со тоа, ќе си дадеме шанса да расчистиме не само со нив самите, туку и со нивниот начин на делување.

Нема да биде лесно и збирниот резултат ќе зависи од трудот вложен од секој поединец, и затоа не смееме да си дозволиме ниту одмор, ниту пропуст.