Архива за ознаката: високо образование

via Studentski Plenum

Вонредно заседание на Прекуграничниот комитет: Студентски протести

Студентските протести и работата на Студентскиот пленум оваа есен ја разбрануваа македонската јавност, внесоа доза на оптимизам спроти општата деморализираност и предизвикаа многу дискусии. Како поранешни студенти на општествени науки во македонскиот високообразовен систем, иако моментално лоцирани на универзитети во странство, основачите на Прекуграничниот комитетот со особено задоволство првиот виртуелен панел, првото заседание на Комитетот, на оваа веб страница им го посветуваат на студентските протести, дискутирајќи некои од централните прашања поврзани со истите.

Ова вонредно заседание на Прекуграничниот комитет донесува четири осврти:

фото: Студентски пленум

Студенти на новото време

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Љубица Спасковска

„Сите школи на македонски“, „Кој експериментира со педагошкиот факултет“, „За Шиптари гасни комори“… Пред седумнаесет години дел од подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ – Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Антонио Милошевски, беа упорни, бунтовни протестанти кои беа спремни да штрајкуваат со глад и да колабираат во име на тоа да не им се дозволи на нивните врсници-Албанци да посетуваат настава на мајчин јазик на скопската Педагошка академија. Влатко Ѓорчев беше средношколец кој дојде и во мојата гимназија да нѐ убедува да им се придружиме на протестите. Денес, овие луѓе се дел од македонската владејачка политичка елита. Овој дел од нивните биографии е ретуширан или подзаборавен, а нивните коалициони партнери очигледно немаат проблем со фактот што соработуваат со луѓе кои флагрантно ги оспорувале јазичните права и повикувале на екстерминација на нивната етничка заедница.

До минатата недела, овие срамни протести важеа за најмасовниот студентски бунт во независна Македонија. Сѐ до минатата недела, шовинистичкиот национализам од 1997 беше најкрупната дамка на македонското студентско организирање. Но, по седумнаесет години, се чини дека една нова политичка генерација е родена. Социолошки, генерациите нужно не се поистоветуваат со специфични возрасни/биолошки групи; Карл Манхајм ја иденитификува како сродни возрасни групи инволвирани во одреден историски-општествен процес. Во овој случај, една нова политичка генерација на прекрасен начин ни покажа дека ерата во која национал-шовинизмот поминуваше како субверзивност и како најефикасниот начин за мобилизација – е завршена. Политичката елита на ДПМНЕ која со години црпеше симболичен капитал од нивното наводно визионерско анти-југословенство, од нивниот анти-албанизам, од анти-комунизмот со кој успејаа да го дестабилизираат македонското антифашистичко наследство и самата македонска државотворност, тој дискурс е поразен од новиот политички јазик на оваа генерација. Паролите на македонски и на албански јазик кои се појавија на протестите, како и сите јавни соопштенија на Студентскиот пленум беа исклучително интелигентни, умно срочени и на едно толку многу повисоко ниво од сѐ што произведе 1997 и од општото дискурзивно и интелектуално ниво на владеачката коалиција и најголемиот дел од медиумите. Овие млади луѓе ни ја вратија вербата дека една поинаква Македонија е возможна! Нивниот протест не е насочен единствено кон овој специфичен контраверзен „државен испит“ – тој е насочен кон целокупната состојба на високото образование, а нивната елоквентност, интелигенција, ентузијазам и ерудиција ќе внесат, односно веќе ја внесоа долгоочекуваната свежина во јавниот простор кој последниве години е буквално загаден од загрижувачки примитивното ниво на политичка и медиумска комуникација.

I have a dream… дека еден ден најдоброто од оваа генерација ќе биде дел од идната, нова македонска елита на вистински високо-образовани, толерантни, отворени, само-критични индивидуи. “Каде што завршува стравот, таму почнува слободата“!

Што стои зад идејата за „државен испит“

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Горан Лазаревски

Навистина не се сомневам во Владата кога велат дека нивната намера е да го подобрат квалитетот на високото образование. Како што не се сомневам и дека методот за кого се определиле може да биде плод само на уникатна историска комбинација на ограничен ум и неограничена желба за контрола. Концептот за државен испит е без преседан насекаде во светот, без разлика што се повикуваат на некакви компаративни меѓународни искуства. Постојат т.н. професионални државни испити за лиценцирање на еден тесен круг технички занимања (право, медицина итн.), но никаде нема да најдете земји во кои државата спроведува испити на додипломско ниво за сите струки. Причината за ова е очигледна – квантумот на знаење во поголемиот дел од дисциплините едноставно не е мерлив со прашања со абвг-одговори. Само некој што фундаментално погрешно го разбира концептот на високо образование, може да помисли дека книжевност и уметност може да тестирате со прашања за авторство на некое дело, или историја со прашања за годината на некоја битка. Така не се создаваат мислечки индивидуи, туку бубаторски машини. Веројатно на ист начин се има и стекнато со диплома мозокот кој стои зад оваа идеја.

Да го оставиме за момент настрана прашањето за автономијата на универзитетот, бидејќи доколку Владата науми има доволно моќ да ја ко-оптира универзитетската управа во спроведувањето на нејзините деструктивни реформи, како што се случи и со законот за високо образование во 2008. Подривањето на автономијата на професорот е она што во срж концептуално ја делегитимизира оваа идеја. Долгогодишната специјализирана научно-истражувачка работа ги прави професорите единствено компетентни да одлучуваат што ќе предаваат и како ќе оценуваат по својот предмет; збир од компетенции кое не можат тукутака да бидат заменети со 9-члена комисија на сезнајни мудреци. Со предлог законот за Комисија избрана од Владата која ќе ги одобрува и составува прашањата во сите области по сите предмети, што е смешно неефикасно, се задушува плурализмот во научната мисла. Особено на удар се општествените науки, бидејќи се наметнува потребата сите професори да предаваат по истата програма, онаа одобрена од сезнајната 9-члена Владина комисија, своевидна праодија на Орвеловското министерство за Вистина.

Зад оваа намера се наѕира сомничавоста и недовербата со која власта гледа на својата академска заедница, што совршено се вклопува во досега прокламираниот анти-интелектуален курс. За нив, лекарите и професорите се непријателот, генераторот на сите проблеми во здравството и образованието. Така, здравството е во колапс не затоа што директорите на клиниките се партиски кадри без никакво искуство и познавање, не затоа што единствениот критериум за унапредување е партиската лојалност, не затоа што се крадат огромни суми пари преку тендери за набавки, туку затоа што некои медицински сестри не биле доволно љубезни, и затоа што имало пациенти што влегувале преку ред. На истиот начин, и во образованието проблемите не ги гледаат во тоталната партизирност на општеството кое им дава шанса на најпослушните наместо на најуспешните, ниту во масовната акредитација на универзитети во секое село (бидејќи, според досегашната мантра, Македонија требаше да има 99% „образована“ сила за да привлече странски инвестиции), ниту во ниските плати на наставниците, туку во професорите што лошо предавале и во учениците што не учеле. Затоа потребно е да се дисциплинираат: едните ќе ги пратат на екстерно, а другите на Државна Академија. Само Владата е безгрешна и воопшто нема потреба да се дискутира за ништо. Наше е само да ги прифатиме законите што како Мојсеј од Синај ќе ни ги донесе Адеми. Време е да прифатиме дека оваа Влада е во отворена војна со интелигенцијата во својата сопствена земја. Тоа е војна помеѓу Глупоста и Моќта од една и Интелигенцијата и Правдата од друга страна, и постои само една алтернатива за победник.

Студентската борба е борба во прво лице множина

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Елена Б. Ставревска

Студентскиот марш на 10 декември беше еден од најдобрите примери на студентско здружување, но и на солидарност во историјата на независна Македонија. Второво затоа што заедно со илјадниците студенти маршираа и илјадници граѓани од сите возрасти. Многумина се приклучија солидаризирајќи се со каузата како луѓе кои некогаш самите биле студенти или еден ден ќе бидат родители на студенти. Меѓутоа, предложените измени во Законот за високото образование кои во корен ја поткопуваат автономијата на универзитетот го тангираат буквално секој граѓанин на Република Македонија од следниве три причини:

  1. Прогрес. Универзитетите се сметаат за главните двигатели на општествениот напредок. Концептот на автономија на универзитетот не е нова и влече корени уште од времето на Аристотел. За важноста универзитетите и универзитетските професори да имаат автономија при одлучувањето на наставните, но и на истражувачките приоритети, говори и фактот што автономијата на универзитетот и академската слобода се загарантирана со Уставот на Република Македонија, со членовите 46 и 47. Улогата на универзитетите, меѓу другото, е преиспитување на утврдените верувања и општествени догми и промовирање на прогресивни идеи. Реформите што се предлагаат наметнуваат научни приоритети одредени од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, наместо од самите академици и научници. Ова неспорно лесно може да послужи како инструмент за цензура на академската мисла и кочница на општествениот прогрес.
  1. Плурализам на мислења. Како пост-комунистичко општество, критичката мисла во Македонија е сѐ уште во зародиш, а преминот од високообразовен систем што промовира унифицирано размислување кон систем што охрабрува разновидност на мислења ни блиску до целосен. Овој процес целосно би бил загрозен од воведување на испит што оценувањето на целокупниот повеќегодишен интелектуален развој во една област го сведува на неколку прашања со четири точно дефинирани, понудени решенија. Со други зборови, државниот испит би бил уште една алатка за вкалапување мислења и создавање послушни граѓани, односно општествено едноумие.
  1. Пари. Предложените реформи, особено државниот испит, имаат најмалку две очигледни финансиски последици. Првата е неопходноста на обезбедување на техничка опрема и кадар што би можел административно да ги спроведе и содржински да ги обмисли и евалуира испитите во области за кои често имаме не повеќе од еден-два експерти во земјата, кои веќе се дел од наставниот кадар на универзитетите. Според предлог законот, двајца од деветчлениот Одборот за акредитација и евалуација на високото образование би биле странски државјани од некои од 500-те највисоко рангирани високообразовни установи според Шангајската листа. Сето ова бездруго наметнува нови буџетски трошоци. Другата е, секако, поврзана со најчесто родителската повеќегодишна инвестиција наречена школување на детето што е доведена во прашање со еден испит.

За крај, несомнено е дека на македонскиот високообразовен систем му се неопходни суштински промени. Но предложените реформи се далеку од соодветни. Во таа насока, деновиве слушнавме изјави дека државниот испит се воведува со цел подобрување на квалитетот на образованието. Дури и да постои корелација помеѓу предложениот испит и квалитетот на дипломираните кадри (не со квалитетот на самото образование), што секако е спорно, причинско-последична врска во никој случај не постои. Со други зборови, државниот испит би компензирал за недостатоците во наставниот процес колку што нови ќерамиди би компензирале за слаби темели. Можеби предлагачите на реформите би ја забележале проблематичноста и неоснованоста на ваквиот аргумент доколку постоеше државен испит по логика за министри.

Ова може да биде почеток на нешто големо

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Анастас Вангели

Минатата недела, Македонија ги виде најмасовните студентски протести од своето осамостојување до денес. 17 години по „гасните комори“, на скопските и битолските улици студентите повикуваа на солидарност и разум (и на македонски и на албански), притоа на своја страна придобивајќи многумина прогресивни активисти и граѓани, разобличувајќи ја силната медиумска пропаганда која проба да ги оцрни и делигитимира. Протестот беше (и сѐ уште е) нужен за справување со мерка како екстерното тестирање, промовирана на начинот на кој што беше промовирана.

Сепак, екстерното тестирање и неговата вистинска природа може да се увидат само во контекст на политичко-општествената ситуација во Македонија: тоа е само уште еден видлив симптом на една големо, метастазирано малигно заболување на македонското општество. Дури и да успее Студентскиот Пленум да издејствува повлекување на предлог-законот, доколку не се атакува на изворот таа болештина ќе продолжи да се развива и ќе развива поинакви и посилни симптоми, а македонската студентарија (и сите останати) ќе продолжат да патат под спектакуларно деструктивната власт во Македонија. Во таа смисла, студентското организирање, воспоставувањето на Пленумот, и заземањето на силен став по прашањето на екстерното ќе имаат вистинска и трајна вредност само ако за неколку години од сега на нив гледаме како на важен пресвртен момент; како на момент на нов зачеток, а не кулминација на студентската свест и општествена одговорност.

Студентските движења по дефиниција се на готовс во борбата против лоши реформи во образованието, но тие се пред сѐ се меѓу главните носители на борбата за социјална правда и подобро утре на целото општество. Тоа е така затоа што борбата на младите луѓе не цели само кон поправање на работите на краток рок, туку е борба за одржливи, долготрајни промени. Дополнително, студентите – особено оние од општествените и хуманистички науки – се единствената општествена категорија која активно (треба да) се занимава со проучување на општествено-политичките и социјални проблеми, и токму од тие млади, идеалистички луѓе произлегува понекогаш емотивниот крик за подобро утре; а неретко и добро елаборирана критика, како и креативни решенија за тие проблеми.

Мобилизацијата против екстерното тестирање дава досега невидена надеж за градење на силно студентско движење и во Македонија. Македонските студенти од овој момент мора да бидат уште похрабри, полуцидни и поистрајни. Првенствено, тие треба да го ослободат од фобијата од политика, да работат на своjата сопствена политичка наобразба и да ги политизираат своите ставови. Политиката е гнасна работа, но некој мора да се занимава со неа; ако некој веќе мора, нека бидат тоа најпаметните, најдобрите и најкреативните. Затоа што токму најпаметните, најдобрите и најкреативните се тие кои од самостојноста на Македонија се дистанцираат од политиката, ја фетишизираат неутралноста, па дури и се поставуваат како да се над политичките дебати, промовирајќи дискурс базиран на дефетизам и недостаток на чувство за општествена одговорност. Тоа е грешката на претходните генерации – без никаква борба, без трошка совест, толку лесно и наивно им ја препуштија политиката на оние кои се денес политичка елита.

Оваа генерација има потенцијал да направи рез со „незамарањето со политика“. Студентите не само што успешно ја наметнаа агендата, туку тие повикаа на солидарност – и ја добија – од нивните професори, работниците, хонорарниот прекаријат, стечајците итн. Солидарноста е двонасочен процес, и сега ред е на студентите да се заложат и за останатите социјално непривилегирани и измалтретирани категории, за нивното движење да го исполни својот вистински трансформативен потенцијал. Само храбро напред, независни и силни!