Архива за ознаката: бранимир_јовановиќ

%d0%b4%d0%b8%d1%98%d0%b0%d1%81%d0%bf%d0%be%d1%80%d0%b0

Политика на далечина: Предизборни осврти на „дијаспората“

Република Македонија е неспорно емигрантска држава. Според податоците на Светска банка, се проценува дека до 2013 година од Македонија се иселиле 630.000 луѓе. Вистинската бројка на тоа колку македонски државјани има низ светот денес е веројатно многу поголема. Од нив, 20.573 се пријавиле за да го искористат своето право на глас на престојните парламентарни избори. Иако дијаспорското гласање и улогата на дијаспората се многу присутни во предизборната реторика, од иселувањето на младите до немање на национална стратегија, речиси и не постои сериозна анализа на тоа какво е влијанието на дијаспората во Македонија и обратно. Во обид да отпочнат процес на проблематизирање на оваа тема, текстовите во ова заседание нудат кратки анализи на јавните перцепции и наративи за поимот „дома“, што е суштински поврзано со поимањето за дијаспората, на економската улога на дијаспората, политичкиот аспект на овозможување на гласање во странство, како и адаптираноста на македонската правна рамка на мобилноста на нејзиното население.

Во ова заседание ви претставуваме четири осврти:

Уреднички на заседание: Елена Б. Ставревска и Ана Ацеска

Фото: xkcd

Значењето на дијаспората за македонската економија

Дел од виртуелното заседание „Политика на далечина: Предизборни осврти на „дијаспората““. Автор: Бранимир Јовановиќ

 

Шестотини и триесет илјади лица. Толку изнесува македонската дијаспора според проценките на Светска банка, направени на база на податоци од повеќе од илјада пописи во светот. Тоа е околу 30% од официјалната популација на Македонија и е една од највисоките стапки на миграција во Источна Европа, иако одредени балкански земји имаат стапки и од 45% од населението (Графикон 1).

Графикон 1 – Стапки на миграција во земјите од Источна Европа во 2013 година

(% од популацијата)

 

brane1

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Најмногу македонски иселеници има во Германија (114 илјади), па во САД (90 илјади), па во Турција (83 илјади). Во Италија има 69 илјади, во Швајцарија 58 илјади, а во Австралија 53 илјади (Графикон 2).

Графикон 2 – Земји со најмногу македонски иселеници (илјади лица)

brane2

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Овие 630 илјади иселени лица во 2015 година пратиле во Македонија 300 милиони американски долари, што е околу 3% од бруто домашниот производ. Тоа е повеќе од странските директни инвестиции кои влегле во Македонија истата година, кои изнесувале околу 200 милиони долари. Всушност, парите кои македонските иселениците ги праќаат постојано ги надминуваат странските инвестиции во Македонија. Во последните 6 години, во Македонија влегле вкупно 2 милијарди долари странски инвестиции, а 2.6 милијарди долари дознаки од странство (Графикон 3). Треба да се нагласи и дека овие податоци за дознаките се всушност конзервативната проценка, т.е. се однесуваат на парите кои влегуваат во Македонија преку официјалните канали (банки, агенции за трансфер на пари и сл.). Доколку се земат и странските девизи кои се разменуваат во менувачниците во Македонија, проценките за дознаките достигнуваат и до 2 милијарди долари годишно.

Графикон 3 – Странски инвестиции и дознаки кои влегуваат во Македонија, 2009-2015 (милиони САД долари)

brane3

 

 

 

 

 

 

 

 

 

За разлика од странските директни инвестиции, за дознаките не се потребни владини реклами, роуд шоуа, економски промотори, министри за странски инвестиции, даночни ослободувања и бројни други поволности.

За разлика од странските директни инвестиции кои директно ги помагаат оние десетина илјади семејства на луѓето кои се вработени во нив, дознаките од странство директно помагаат околу 120.000 домаќинства, затоа што околу 21% од македонските домаќинства примаат дознаки од странство. Во просек, овие семејства примаат околу 2000 евра годишно по основ на дознаки од странство, што е околу една половина од нивните вкупни примања.

Најголем дел од дознаките се трошат за тековна потрошувачка (48%) и за инвестирање во живеалиште (16%). За здравство се користат 8%, а за образование 6%. Со други зборови, 80% од овие пари се трошат за задоволување на најосновните потреби на домаќинствата (Графикон 4).

Графикон 4 – На што се користат дознаките од странство (%)

 

brane5

 

 

 

 

 

 

 

 

Колку се значајни дознаките за „социјалата“ може да се согледа и од овие податоци. Тие ја намалуваат сиромаштијата за 3,5 процентни поени, а Џини коефициентот за доходот на домаќинствата за 2,5 процентни поени. Овие ефекти се всушност посилни од ефектите на државните социјални трансфери. На пример, според Државниот завод за статистика, социјалните трансфери ја намалуваат сиромаштијата во Македонија за само 2 процентни поени.

Освен за сиромаштијата и нееднаквоста, дознаките од странство се многу значајни и за макроекономската стабилност во Македонија. Тие покриваат значаен дел од трговскиот дефицит и обезбедуваат прилив на девизни средства кои се неопходни за зачувување на режимот на фиксен девизен курс.

Затоа, може слободно да се каже дека македонската дијаспора е од витално значење за македонската економија. Без неа, состојбата на македонската економија би била далеку полоша. Сепак, дали ова значи дека иселениците треба да гласаат на избори е сосема друго прашање. Прашање за друг текст.

 

Работничките права од гледна точка на еден фетишист

Дел од виртуелното заседние „Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија“  Автор: Бранимир Јовановиќ

За миг, ќе се ставам во улога на тесноумен макроекономист, кој се грижи само за економски раст. БДП фетишист, што би рекол Џозеф Стиглиц. Зошто би ми биле важни работничките права тогаш?

Работничките права влијаат на преговарачкиот процес помеѓу работниците и работодавачите. Помали права значат помала преговарачка моќ на работниците. Ова значи дека при раст на доходот, помал дел од него ќе завршува кај работниците, а поголем кај работодавачите. Како ова ќе се одрази понатаму врз економскиот раст зависи од ефектот на мултиплицирање, кој пак зависи од маргиналната склоност кон трошење, т.е. од тоа колкав дел од новиот доход се троши, а колкав се штеди. Доколку маргиналната склоноста кон трошење е повисока, и растот ќе биде повисок. Економистите обично сметаат дека маргиналната склоност кон трошење се намалува како што расте доходот (едноставно, можностите за трошење на парите се намалуваат). Работодавачите пак обично имаат повисоки доходи од работниците. Затоа, помалите работнички права можат да резултираат во понизок економски раст, затоа што прават поголем дел од доходот да оди кај работодавачите (сопствениците на капиталот), кои пак повеќе штедат, а помалку трошат.

Ова се однесува на растот на краток рок. Може да има и други ефекти, кои би влијаеле на растот на подолг рок. На пример, преку нееднаквоста. Бидејќи помалите работнички права значат дека доходот на сопствениците на капиталот расте повеќе од доходот на работниците, и бидејќи сопствениците на капиталот се побогати од работниците, помалите работничките права ја зголемуваат доходовната нееднаквост. Доходовната нееднаквост, пак, се смета дека го забавува растот на среден и долг рок.

Колку овие механизми се присутни во Македонија? Во Македонија е забележливо намалувањето на работничките права од 2005 наваму. Така, според Извештајот за економска слобода во светот, индексот за регулација на пазарот на труд во 2005 бил 5.9 (како Австрија), а во 2012 е 7.6 (како Сингапур), што е големо намалување на регулацијата, т.е. на работничките права. Согласно аргументот за редистрибуција, во овој период се забележува висок раст на доходот на богатите и само мал раст на доходот на останатите – реалниот доходот на најбогатите 1% помеѓу 2010 и 2005 пораснал скоро тројно, за разлика од доходот на останатите 99%, кој пораснал само за 11%. Согласно аргументот за мала склоност кон трошење на побогатите, во овој период има раст и на штедењето, но уште поважно, и на „пасивните пари“, т.е. на средствата кои завршуваат во благајничките записи на централната банка, наместо во кредити. Тие во 2005 биле околу 3% од БДП (9 милијарди денари), а во 2012 достигнале 6% од БДП (26 милијарди денари). Во овој период има раст и кај доходовната нееднаквост – учеството на најбогатите 1% во вкупниот доход во 2005 било околу 5%, а во 2010 достигнало 12%. Конечно, сите овие движења се следени и со забавување на економскиот раст – реалниот раст на БДП по глава на жител во периодот 2003-2007, кога просечниот индекс на работнички права е 6.1, изнесува 4.4% годишно, додека во периодот 2008-2013, кога индексот на работнички права изнесува 7.8, растот на БДП е намален на само 1.7% годишно. Наодите остануваат непроменети и доколку растот се гледа во сооднос со светскиот БДП, или се исклучи кризната 2009 година, или 2007 година се стави во вториот под-период. Се разбира, ова се само стилизирани факти, базирани на едноставни корелации, но, според мене, доволно се индикативни.

Но, доколку ја напуштам улогата на БДП фетишист и се вратам во моето вистинско јас, и се запрашам тогаш зошто се важни работничките права, одговорот би бил далеку поедноставен – работничките права се важни затоа што бeз нив би се вратиле во крепосништвото.

 

*ставовите изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан.

 

Јавниот долг во годините што следуваат

Дел од виртуелното заседание „Има ли Република Македонија проблем со долгот?“ Автор: Бранимир Јовановиќ

Ајде да претпоставиме дека владата е во право кога вели дека јавниот долг сè уште не е висок. Дека тоа навистина се потврдува со тоа што еврообврзницата што беше издадена во јули 2014 достигна камата од околу 4%. То ест, дека ниската камата не е заради поволните услови на глобалните финансиски пазари во тој момент, туку затоа што пазарот има позитивна перцепција за македонската економија.

Ајде да претпоставиме дека владата е во право и кога вели дека прагот за висок јавен долг за Македонија е 60% од БДП, како што се предлага со уставните измени. Всушност, како што е пропишано со Мастришките критериуми за влез во еврозоната, кои се однесуваат на земји членки на ЕУ, т.е. на развиени земји, кои секогаш имаат повисок праг за висока задолженост. Односно, да претпоставиме дека тоа што земјите во развој обично не толерираат толку високи нивоа на долг и обично банкротираат при пониска задолженост (на пример, Аргентина во 2001, при јавен долг од околу 50%), не се однесува и на Македонија.

И, ајде да пробаме да го симулираме нивото на македонскиот јавен долг во наредните години. Да видиме дали постојат шанси да се достигне критичната граница од 60% наскоро. Да го направиме тоа со едноставната равенка за динамиката на јавниот долг:

D= D-1*(1+r-g)+prim

Равенката кажува дека долгот на крајот од оваа година (D) е еднаков на долгот од крајот на претходната година (D-1), зголемен за разликата помеѓу реалната каматна стапка на долгот (r) и реалниот економски раст (g) и за износот на примарниот буџетски дефицит, т.е. дефицитот без каматите (prim). Реалната камата (r) понатаму може да се изрази како разлика помеѓу номиналната камата (i) и инфлацијата (inf), со што равенката станува:

D= D-1*(1+i-inf-g)+prim

Според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), примарниот буџетски дефицит на општата влада (т.е. централната влада и општините) во периодот 2015-2017 се очекува да изнесува околу 2% од БДП. Ако на ова се додаде планираното задолжување на Јавното претпријатие за државни патишта за 2015-2017 од Петгодишната програма, од околу 480 милиони евра, се добива дека примарниот дефицит на вкупниот јавен сектор во 2015-2017 би бил околу 3.5% од БДП. Инфлацијата ММФ ја проектира на околу 2%, а економскиот раст на околу 4%. Ако за каматната стапка претпоставиме дека ќе изнесува 4%, колку што изнесуваше каматата на последната еврообврзница, ова значи дека до крајот на 2017 година јавниот долг би пораснал на околу 55%, што е сè уште под критичното ниво од 60%.

Но, постои голема неизвесност околу изнесените претпоставки. На пример, светот се наоѓа пред крајот на периодот на ниски камати, како резултат на затегањето на монетарната политика во САД. Дополнително, многу е веројатно инфлацијата да е пониска од проектираните 2%, бидејќи инфлацијата во 2014 беше околу нула, и бидејќи еврозоната се наоѓа пред дефлација. Конечно, можно е растот да биде понизок од овие 4%, со оглед на забавувањето на растот во еврозоната. Ако се претпостави дека каматата на долгот ќе порасне на 6% (што не е неразумно, бидејќи претходната еврообврзница имаше камата од 10%, и бидејќи стратегијата на владата е да се задолжува надвор а не дома), дека инфлацијата ќе изнесува 1.5% а економскиот раст 3%, се добива дека јавниот долг во 2017 ќе го надмине критичното ниво од 60%.

Значи, и да не е проблем денеска, јавниот долг може многу лесно да стане тоа во годините што следуваат. Најдобриот начин да се спречи ова е преку намалување на примарниот буџетски дефицит. Ова би можело да се постигне или со зголемување на приходите, преку воведување на прогресивно оданочување, на пример, или со кратење на непродуктивните трошења и со зголемувањето на ефикасноста на јавните набавки. Но, за тоа некој друг пат.

 

* ставовите изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан.