Архива за ознаката: борјан_ѓузелов

969780_206260143047677_2408807666267817011_n

Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија

Граѓанското општество е концепт кој опфаќа широк дијапазон на значења. Најопштата дефиниција за граѓанско општество ги опфаќа сите форми на организирање помеѓу семејството и државата. Правото на здружување е основно политичко право на секој граѓанин и е клучен аспект на секое демократско општество. Во посткомунистичкиот период во новите демократии, особено во текот на 1990-тите и 2000-тите, „граѓанско општество” беше релативно нов концепт, чие значење допрва требаше да се оформува. Тоа, во голема мера финансирано од странски развојни фондации, најчесто беше видено како своевиден синоним на прогресивно, демократско и праведно дејствување. Значителното присуство на донатори кои преферираа финансирање на формални организации придонесе кон тоа граѓанските невладини организации да се наметнат како доминантна форма на здружување и кон своевидна НВО-изација на граѓанското општество. Од друга страна, особено во последните неколку години, се јавија и многу општествени, често студентски и активистички движења кои ги активираа граѓаните, вон редовните активности на невладините организации. Ваквите различни концепти креираа своевидна тензија помеѓу формалните и неформалните облици на граѓанско здружување. Оттаму, ова заседание го става под лупа концептот на граѓанско општество во Македонија и неговиот развој, навлегува во разликите кои постојат помеѓу различните видови здружувања на граѓан(к)и, но и го анализира односот помеѓу општествените активистички движења, самоникнатите и самоорганизирани иницијативи и невладините организации.

Во ова заседание ви претставуваме четири осврти на оваа тема:

 

Уредници на заседание: Борјан Ѓузелов и Елена Б. Ставревска

Фото: Битола – град на културата

За граѓаните, граѓанските иницијативи и организации

Дел од виртуелното заседание „Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија“. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 2015 година граѓанското организирање во Македонија го достигна својот врв. Се организираа студентите, средношколците, професорите, хонорарците и многумина граѓани кои кафеаните ги заменија со улицата и граѓанските пленуми. Активни беа граѓани од различни позадини (етнички, возрасни, професионални) кои застанаа зад заеднички вредности и цели. Покрај граѓанското здружување, важна улога имаа и граѓанските организации кои будно ја следеа работа на институциите и политичките елити. Иако денес изгледа дека организираните граѓани сепак не ја победија летаргијата и партизираниот политички дискурс, сепак тие направија поместување во процесот на „учење“ на демократијата.

Зголемената граѓанска активност на виделина извади и повеќе стари и нови полемики и несогласувања помеѓу различните актери во граѓанското општество кои на моменти изгледаа како монтипајтоновска битка за тоа кој е поголем опозиционер, „полев“ левичар осносно поавтентичен претставник на граѓаните и граѓанските вредности.

Ширината на концептот на граѓанско општество во Македонија, како и во другите земји, вклучува многу различни форми на организирање кои пак вклучуваат повеќе дихотомии: волонтеризам наспроти професионализам, идеолошки наспроти ад хок, ад хок наспроти проектен пристап, членство и членарина наспроти донаторска поддршка итн. Иако не е исклучено овие дихтомии да се испреплетуваат и меѓусебно неутрализираат, од нив произлегуваат две идеалтипски форми на граѓанско општество: граѓански иницијативи (движења) и граѓански (невладини) организации. И покрај тоа што двете форми несомнено припаѓаат на граѓанското општество и дел од својот легитимитет црпат од уставно загарантираното право на здружување, сепак изгледа како тие меѓу себе да имаат повеќе разлики отколку сличности.

Граѓанските иницијативи (движења) ги сочинуваат самоорганизирани граѓани кои застануваат зад една цел и споделуваат исти или слични вредности. Основен двигател на овие движења е ентузијазмот и волонтеризмот – нивниот мотив е активистички, а нивната структура е најчесто хоризонтална. Тие потекнуваат од граѓаните и влијаат позитивно врз мобилизацијата на нови граѓани. Во таа смисла, ваквите иницијативи имаат свои конституенти и се продукт на пошироко граѓанско организирање и притоа знаат да бидат многу респонзивни кон тековните општествени проблеми. Од друга страна, најголем број вакви движења немаат посериозно воспоставена (институционална) структура, ниту пак финансиски ресурси што ги прави ранливи и неодржливи. Оттука, голем дел од ваквите иницијативи и покрај тоа што се во можност да мобилизираат луѓе на улица, не секогаш се способни успешно да влијаат врз јавните политики во рамките на постоечките институции.

Граѓански (невладини) организации имаат постабилна институционализирана структура со раководни и извршни органи, како и дефинирани (барем на хартија) вредности. Најчесто се финансираат од донатори и работат на проектна основа: нивните активности се однапред предвидени и се во линија на тоа што донаторите очекуваат од нив. Ваквиот начин на работа им овозможува одржливост и конзистентност. Граѓанските (невладини) организации иако се нарекуваат граѓански, со чест на исклучоци, немаат база на граѓани (конституенти) позади нив. Нивната агенда во голема мера е исцртана од донаторските стратегии на странските развојни фондови. Сепак тоа не значи дека граѓанските организации се нелегитимни: наместо граѓани, граѓанските организации со помош на донаторските пари застапуваат и едуцираат вредности, обезбедуваат социјални услуги и обезбедуваат развојна поддршка. За жал нивниот опфат е прилично тесен – иако имаат капацитет и знаење во одредени специфични области, најчесто не се способни да анимираат и организираат поширока група на граѓани.

Граѓанските иницијативи (движења) и граѓанските (невладини) организации треба да заземат уште позначајна улога во 2016 година. Иако имаат повеќе разлики отколку сличности, нивното коегзистирање, соработка и меѓусебно надополнување ќе бидат клучни за опстанокот на и онака кревката македонска демократија. Во услови кога симболичкиот популизам и заробените медиуми се закануваат да воспостават монопол врз (не)вистината, токму плурализмот и различностите треба да бидат сржта на македонското граѓанско општество. Оттука, секој треба да биде свесен за својата улога и вредност, почитувајќи ја улогата и вредноста на различниот… На македонското општество му се потребни повеќе и различни граѓански чинители.

Нека победи плурализмот!

Borjan

Македонската празна демократија

Текстот првично и интегрално беше објавен на англиски јазик за New Eastern Europe на 2 јуни 2015 година. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 1997 Фаред Закарија во својот познат есеј „Подемот на илибералната демократија“ забележа дека слободните и фер избори не секогаш се доволен предуслов за воспоставување на моделот на либерална демократија кој постои во развиените западни држави. Наспроти тоа, тој истакна дека повеќепартиските избори во некои од демократиите во развој може да дадат легитимитет на нова генерација на автократски и корумпирани политичари кои што не ги почитуваат основните либерални вредности на поделба на власта, владеење на правото, почитување на човековите права и така натаму.

Денес Македонија е типичен пример за хибридна, илиберална, односно ограничена демократија. За првпат избран во 2006 година, премиерот Никола Груевски, со својата реформирана ВМРО-ДПМНЕ понуди ентузијастичка програма за реформи наречена „Преродба“. Во следните неколку години, неговиот нов технократски пристап кој иницијално требаше да придонесе кон еконономски раст и вработувања, всушност креираше „политички левијатан“, каде што слично како во социјализмот, државата повторно беше изедначена со партијата. Имено, одлуките за вработување во јавниот сектор и дистрибуцијата на јавни ресурси беа арбитрарно контролирани од страна на највисоките партиски функционери, надзорните органи и судството беа злоупотребувани за пресметка со политичките непријатели, додека медиумите беа ставени под директна контрола на владејачката партија.

Оттогаш наваму, во последните девет години, Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ успеаја да воспостават стабилна база на јавна поддршка којашто им обезбеди победи на сите изборни циклуси во меѓувреме. Оваа поддршка, покрај вообичаените демократски причини, во голема мера се базираше и на неколку исклучително авторитарни и илиберални особини на власта.

Имено, уште од почетокот на владеењето на Груевски, неговиот микроменаџмент на јавните институции и ресурси, како и нивната злоупотреба за партиски интереси креираше распространет клиентелизам каде што граѓаните беа условени да ја подржуваат партијата како услов да добијат вработување или пак да ја задржат својата работа во јавниот сектор. Исто така, бизнисите кои што не беа блиски до партијата се соочуваа со нефер конкуренција: јавните набавки беа исто така под влијание на партијата, додека пак инспекцискиот надзор имаше селективен пристап и беше особено агресивен кон фирмите кои не се блиски до партијата.

Дополнително, речиси целиот медиумски пазар стана доминиран од владејачката партија, бидејќи медиумските сопственици беа поткупени со големите средства за јавно рекламирање на проектите на Владата и другите бизнис привилегии кои доаѓаа со блискоста до партијата. Така на пример, главните медиуми не известуваа за можните корупциски афери на власта, но секогаш беа изразено непријателски настроени кон опозицијата или кон оние кои ја критикуваат власта, етикетирајќи ги како предавници и странски платеници, односно непријатели на нацијата. Истовремено, преостанатите критички медиуми и новинари се соочија со големи политички притисоци и беа приморани да исплатат големи суми по основ на пресуди за клевета, што пак ги натера да се самоцензурираат.

Конечно, симболичкиот национализам го достигна својот врв преку редефинирање на македонската историја и контраверзниот проект Скопје 2014, кој целосно го промени описот на македонскиот главен град.

Во меѓувреме, во деветте години додека ВМРО–ДПМНЕ ја развиваше својата илиберална демократија, опозицијата беше слаба и не успеваше да ја врати довербата на граѓаните, ниту пак да ја ограничи моќта на Груевски. Пред три месеци, опозицијата го објави огромниот скандал со прислушувањето во кој, според нејзиниот лидер Зоран Заев, Управата за безбедност и контраразузнавање неовластено прислушувала разговори на повеќе од 20.000 граѓани. Покрај многуте нелегално прислушувани разговори се и разговорите на највисоките државни функционери и министри, чијашто содржина ги потврди претходните сомневања за злоупотреба на јавните ресурси и институции за партиски интереси. Досега, со 35-те рунди на објавени материјали се потврдија претходно опишаните сомневања: Груевски и неговите најблиски соработници редовно ги злоупотребувале институциите на извршната, парламентарната и судската власт за остварување на сопствени, односно партиски интереси.

Иако многумина очекуваа дека скандалот ќе испровоцира голема граѓанска реакција и оставка на Владата, ниту едното, ниту другото не се случи. Сепак, овој скандал имаше значајно влијание врз целосниот политички контекст и ја мобилизираше опозицијата и граѓанското општество против власта.

Како резултат на многубројните протести, а најмногу на притисокот на меѓународната заедница, тројца од клучните соработници на Груевски дадоа оставки: братучедот на Груевски и Директор на агенцијата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, Министерската за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Исто така, Груевски и Заев започнаа преговори коишто се поддржани од меѓународната заедница и за кои многумина веруваат дека ќе бидат почеток на решението на кризата. Иако никој не знае што точно се дискутира зад затворени врати, изледа дека единствено решение кое би можело да ги ослободи институциите од нивната узурпација од страна на владејачката партија е воспоставувањето на преодна или техничка влада.

Имено, доколку правосудството и обвинителството се сѐ уште контролирани од Груевски и неговите најблиски соработници, како што можеше да се забележи во објавените снимки, тогаш овие институции нема да бидат во можност да ги истражат сомнежите за злоупотреби и да ги гонат функционерите на владејачката партија. Оттука, сѐ додека Груевски е премиер, институциите ќе продолжат да бидат дел од проблемот и нема да може да станат дел од решението.

Во меѓувреме Груевски и ВМРО-ДМПНЕ сѐ уште цврсто ги држат работите во свои раце: се организираат контрапротести, провладините медиуми шират агресивна пропаганда против опозицијата, додека пак опозицискиот лидер Заев сѐ уште се соочува со неколку кривични пријави за државен удар и корупција.

Оттука, концентрацијата на моќ во ВМРО-ДМПНЕ го прави решението на проблемот тешко изводливо. Објавените разговори покажаа дека институциите го немаат ниту минималниот интегритет и непристрасност, па затоа дури и изборната поддршка која со години ја добиваше ВМРО-ДМПНЕ сега е под знак прашалник, бидејќи сите тие избори беа организирани од институции чијшто кредибилитет, сега после објавените разговори, е целосно поткопан. Имено, какви било идни избори организирани во вакви услови на „зграпчена држава“ и узурпирани институции од страна на владејачката партија ќе го немаат потребниот кредибилитет да обезбедат еднаков терен за политички натпревар, ниту пак демократски легитимитет за избраните претставници.

Затоа денес дури и терминот илиберална демократија, дефиниран од страна на Закарија, се чини несоодветен бидејќи евентуални идни избори организирани од страна на сегашните узурпирани институции ќе бидат со право оспорени од страна на опозицијата. Она што сега го имаме во Македонија е демократија без основните демократски вредности – одговорна и отчетна влада, систем на проверки и рамнотежа (checks and balances), владеење на правото и слобода на изразување. Овие вредности ја обезбедуваат содржината на демократијата. Без оваа содржина, македонската демократија во моментов е празна демократија: иако избрана на избори, власта го нема потребниот легитимитет да продолжи демократски да ја раководи државата.

 

Фотографија: Радован Вујовиќ

Zasedanie_populizam

Редовно заседание: Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам

По разголувањето на вистинското лице на авторитарната и корумпирана власт во Република Македонија, се поставува прашањето зошто власта сѐ уште не се соочува со масовно изразено незадоволство и зошто сѐ уште голем дел од граѓаните ѝ веруваат. Дел од причините за ова може да се бараат во клиентелистичкиот систем на „морков и стап“ кој сѐ уште приморува голем број граѓани да ја поддржуваат политиката на власта бидејќи од тоа зависи нивната егзистенција. Дополнително, за ова придонесува и ограничениот пристап до објективни информации за што беше пишувано во претходното редовно заседание за медиумската (не)слобода. Еднакво важно, дел од причините за сѐ уште присутната поддршка на власта треба да се бараат и во симболички елементи врз кои се потпира македонскиот авторитарен популизам предводен од ВМРО–ДПМНЕ.

За таа цел, ова заседание опфаќа неколку различни социјални конструкции кои меѓусебно се надополнуваат и заеднички придонесуваат кон градење на популистичкиот мит за ВМРО–ДПМНЕ и нејзиниот претседател, Никола Груевски. Петте осврти дискутираат како преку манипулација со јазикот, себе-идентификацијата, историјата, родот и стравот од непријателите се создава инертно и некритичко гласачко тело кое има изразено колективистички и илиберален дух, што сериозно ги загрозува основните вредности на либералната демократија:

 

Координатор на заседание: Борјан Ѓузелов

Фото: Република

„Непријателот“ како основа на македонскиот популизам

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 2009 година во отворено писмо до своето членство, ВМРО-ДПМНЕ им порача на своите членови да се подготват за „финална пресметка со транзициските политичари“. Тоа беше еден од првите чекори на борбата против непријателите на Македонија која што веќе беше почната со насилниот контрапротест против Архибригада во март истата година и со реториката на неколкумина популарни, широко прифатени гласноговорници на режимот. Во периодот што следуваше, во јавниот дискурс имаше сѐ повеќе наводни домашни и странски непријатели, предавници, платеници, не-Македонци, соросоиди, педери, богохулници итн. Денес самиот Груевски директно изјавува дека Македонија е под сериозна опасност од здружената закана на странските служби и домашните „предавници“ од опозицијата.

Ваквиот дискурс е типичен за популистичките режими кои ја црпат својата поддршка врз база на конфликтот помеѓу народот како „ние“ и непријателите како „тие“. Овие два поими (народот и непријателите) се всушност фиктивни јазични конструкции, кои имаат улога на празни означувачи бидејќи нивното значење варира од дневнополитичкиот интерес на популистичката власт. Според Ернесто Лаклау, популизмот го упростува политичкото на симболична поделба на општеството на народот, кој речиси секогаш ја има улогата на обесправен, и сѐ останато, односно Другиот, кој во македонскиот случај го сочинуваат опозицијата, Албанците, Грција, Европа, Америка итн. Во ваквиот контекст, борбата против Другиот, т.е. непријателот, е основен извор на легитимитет за популистичките лидери. Иронично, непријателот е маркер на нивната политичка понуда, која вклучува зачувување на народната посебност од „опасноста“ што ја носи непријателот. Соодветно, колку посилно е претставен наводниот непријател, толку е поголемо чувството на заговор и загрозеност кај масите, па оттука поголема е и потребата од некаква привидна сплотеност за да се одговори на опасноста.

Сето ова доведува до состојба на вонредност, каде што примарно место има наративот на заштитување (securitisation) на „нас“ од „нив“. Ваквата состојба на вонредност тежнее кон истиснување на сите други општествено политички теми надвор од јавниот дискурс. Притоа, јавноста се дефокусира од можните неуспешни политики и корупциски афери на власта, а минимизиран е и просторот за било каков агрументиран политички дијалог. Од друга страна, политиката на заштитување на „нас“ од „нив“ креира реална опасност од дестабилизација и конфликт. Имено, ваквата состојбата на вонредност предизвикува емоции на страв, омраза и ксенофобија кај масите и води кон народна мобилизација од милитантен карактер што директно влијае врз реалната безбедност.

Емоционалните реакции на страв и омраза, кои произлегуваат од дискурсот на внатрешни и надворешни непријатели, ги извлекуваат на површина најниските страсти од човекот и го трансформираат граѓанството во толпа чиешто сврзно ткиво е паланечката нетрпеливост кон различното и поединечното. Во ваквиот систем нема место за критичко преиспитување на вистината, ниту пак за индивидуалистичко однесување базирано на разум. Напротив, сѐ мора да биде подредено на униформната покорност кон наративот на заштитување на „нас“ од „нив“, чијшто суверен владетел е неоспорниот авторитет на авторитарниот лидер со својата божемна заштитничка улога.

Медиуми

Редовно заседание: Медиумската (не)слобода

Македонија не е демократија, а една од причините за тоа е и целосно контролираната и корумпирана медиумска сфера. Македонија е црна дупка во Европа во поглед на слободата на медиумите. Со чест на неколку исклучоци – повеќето мејнстрим медиуми (а за тоа веќе имаме и докази), работат како продолжена рака на владејачката елита. Критичките новинари пак, се изложени на притисоци од секаков вид.

Ова заседание беше подготвувано додека експлодираа првите „бомби“ најавени од опозицијата. Она што го посведочивме, и од содржината на снимките, но и од гласниот молк на повеќето мејнстрим медиуми по прашањето на најголемиот политички скандал во историјата на независна Македонија, само ги потврди работите кои ги знаевме претходно.

Ова заседание донесува три критички текстови, кои заедно нудат и теоретска рамка за процесирање на она што го знаеме и дознаваме за медиумската (не)слобода во Македонија, но и го покренуваат прашањето како ќе треба да се делува во иднина – не само со цел да се излезе од кошмарот, туку и ваквата ситуација никогаш да не се повтори:

 

Фото: Томислав Георгиев

Македонската „зграпчена држава“ во еквилибриум помеѓу контролираните медиуми и неинформираните граѓани

Дел од редовното заседание Медиумската (не)слобода“. Оригинално пишувано помеѓу првите неколку„бомби“. Автор: Борјан Ѓузелов

Неодамна македонскиот Премиер на посебна прес конференција ѝ се обрати на јавноста за да објасни дека е поведена истрага против лидерот на опозицијата, поради негова наводна соработка со странски служби со цел организирање на државен удар. Неколку часа подоцна, лидерот на опозицијата исто така свика прес конференција со цел да одговори на обвинувањата и уште еднаш да најави дека има компромитирачки материјал за работењето на Премиерот и неговите најблиски соработници. Додека првата прес конференција (т.е. обраќање на Премиерот на јавноста) беше пренесена буквално од секој медиум во државата, истиот ден втората прес конференција беше игнорирана од сите главни медиуми и беше пренесена само од неколку алтернативни интернет портали и една или две национални телевизии. Во следните неколку дена, главните телевизии и весници наместо да известуваат балансирано и непристрастно, целосно ја зазедоа страната на владејачката гарнитура и исковаа десетици различни конспиративни сценарија како надополнување на тезата на Премиерот за наводниот „обид за државен удар“ од страна на опозицијата и нејзината наводна соработка со странски (односно грчки) тајни служби.

Споменатиот случај најдобро го рефлектира функционирањето на провладината медиумска машинерија, која во недостаток на доволно силни објективни и/или опозиционерски медиумски конкуренти, има пропаганден монопол врз јавниот дискурс. Ваквата манипулација е најочигледна во ситуации кога постојат сомнежи за корупција во највисоките владини кругови. Во такви случаи влијанието на власта врз јавното мислење е најистакнато, а манипулирање на јавноста се протега од организирање на контрапротести и контраграѓански иницијативи за една употреба, преку злоупотреба на стандардните национални сензитивни теми (името, идентитетот, меѓуетничките односи), па сѐ до директно компромитирање на критичарите на власта.

Државната контрола врз јавниот дискурс преку контролата врз медиумите е еден од најочигледните знаци на постоењето на „заробена“ или „зграпчена“ држава (state capture), односно за постоење на највисоко ниво на политичка корупција каде што јавните институции и ресурси се „зграпчени“ и злоупотребени од врвот на владејачката елита за остварување на нејзините приватни интереси. Покрај ваквото најопшто дефинирање, зграпчената држава се манифестира и како збир на повеќе коруптивни и недемократски практики (Карклинс, 2002) кои во Македонија се сѐ повеќе присутни: формирање на нетранспарентни (тајни) мрежи на политичко влијание врз пазарната економија, влијание врз изборниот процес преку трошење на јавни ресурси и скриен политички маркетинг во предизборието, злоупотреба на законодавната моќ, влијание врз судството, злоупотреба на истражните и надзорните органи и секако корупција во и на медиумите.

Меѓутоа, провладините медиуми не се само последица на зграпчената држава. Тие се и причина за нејзината моќ и одржливост. Провладините медиуми работат во служба на зграпчената држава преку сеопфатна манипулација на јавното мислење. Тоа доведува до состојба на еквилибриум помеѓу неограничената моќ на власта и ограничената слобода на медиумите и сериозно ја загрозува и оневозможува контролната улога на опозицијата, граѓаните и граѓанското општество врз власта. Притоа, мнозинството од граѓан(к)ите ги градат своите политички ставови врз основа на однапред сервираната „вистина“ од страна на власта што директно влијае врз нивното политичко убедување и нивната евентуална граѓанска активност.

Сепак, и покрај постоењето на овој загрижувачки еквилибриум кој ѝ дава одржливост на владејачката елита, се зголемува бројот на граѓан(к)ите кои стануваат свесни за провладината медиумска пропаганда. Затоа очекувам истата со секое свое засилување во иднина, по принципот на балон ефект, да станува всушност сѐ понеодржлива. Неодамнешните масовни протести организирани од Студенскиот пленум покажаа дека компромитирачките методи за дисквалификација на критички ориентираните граѓани може да имаат контраефект и да придонесат кон зголемен граѓански револт и дополнителна мобилизација на политички индиферентните граѓани.

Останува да видиме дали овој тренд ќе се продолжи и понатаму и дали петте минути од централните вести на Сител ќе бидат препознаени од мнозинството како главен аргумент против владеењето на Груевски.