Архива за ознаката: биљана_гинова

Слика

Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување (втор дел)

Во вториот дел од дводелното вонредно заседание, ангажираме различни искуства на политичкото организирање и граѓанскиот отпор против владеачкиот режим во Република Македонија.

Поттик за вонредното заседание беа протестите што отпочнаа во Македонија на 5 мај 2015 година за правда и против полициско насилство. Секојдневните протести дополнително се проширија со барање за оставка и правна одговорност на целата Влада и се надоврзаа на долгогодишната приказна за граѓанско незадоволство од владините политики. Ангажирани граѓани и организации дотогаш веќе имаа отворено различни фронтови и бараа увид и поголема контрола на граѓаните во одлуки што политичари од институциите ги носат во нивно име. Освен против полициско насилство, се протестираше против моделите на урбанизација, загадувањето, во одбрана на студентските права и достапноста на квалитетно јавно образование, за еднаквост пред институциите, во име на социјалната правда и работничките права, против хомофобијата и хетеронормативните закони, и за медиумската слобода.

Целта на вториот дел на заседанието е да ангажираме искуства што критички се осврнуваат на прашањето за омасовување на отпорот, неговата кохезија и начините на застапеност (кој зборува, за кого и за што дејствува). Во првиот дел вклучивме меѓународни искуства, додека во вториот се фокусираме на искуства на граѓанскиот отпор во Македонија. Прашуваме, кон што е насочен граѓанскиот отпор и како се гради?

Вториот дел од ова заседание донесува четири осврти:

 

Уредници на заседание: Елена Б. СтавревскаМила Шопова и Анастас Вангели

Фото: Небојша Гелевски

„Од 5 мај до крај“

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Авторка: Биљана Гинова

На петти мај лидерот на опозицијата ја објави 29-тата „бомба“ во која го чувме сето она во што се сомневавме за убиството на Нешкоски и за што со денови протестиравме во 2011. Тоа беше тригерот да се излезе на улица, но револтот на граѓан(к)ите таму беше многу постар од „бомбите“ на Заев. Гневот кој со години го голтавме, згуснат како голема кнедла во грлото која не ти дава да изустиш ни збор без да го згрчи целото тело од болка, изби во прескокнување на барикадите и окупирање на владиниот двор. Илјадници луѓе, преминувајќи ја оградата ги преминуваа сопствените граници на очекуваното, а окупирајќи го владиниот двор, си ја враќаа политичката одговорност во свои раце. Тој ден се вадеше секое делче гнев насобран низ угнетувачката историја на независна Македонија: од букурешкото разочарување и болката од ударите врз студентите од архитектонски, преку гладот на стечајците пред Собрание и лутината за убиството на Мартин Нешкоски, до угнетувањето со еден врз друг лоши закони за заштита од дискриминација, за абортус, за хонорари, за високо образование, за да кулминира со безначајноста на човечкиот живот за владеачката елита.

Протестите кои започнаа овој петти мај обединија илјадници граѓан(к)и во движење кое беше индивидуално и сеопфатно во исто време – #Протестирам. Луѓето во ова движење, сите со своите лични приказни, се наметнаа како политички одговорни субјекти кои се посветени на промените кои сакаме да ги видиме во оваа земја. Како и што започна движењето, барањата се дефинираа на уличен пленум и ги обединија сите лични борби и стремежи во дадениот контекст. Иако за остварување на тие барања природен сојузник беше партиската опозиција, голем дел од граѓаните беа скептични за нивните методи и за нивната посветеност кон целосна ревизија и демократизација на општеството.

Како и за многумина, петти мај беше изненадување за опозицијата. Се покажа дека тие сакаа народ на улица, ама народ кој ќе им даде преговарачка моќ и ќе го следи нивниот план и темпо, а не самоорганизирани граѓани кои конечно бараат суштинска промена. Па, иако логично, наместо да се приклучи на самоорганизираниот граѓански отпор, опозицијата по 17 мај се обиде да го стави револтот под еден чадор и да го пренасочи кон партиски организираниот отпор прикажан во камп пред владината зграда. На тоа се приклучија и ad hominem напади и етикетирања од страна на активист(к)и блиски до овој отпор во обид да се делегитимира #Протестирам и активист(к)ите кои го критикуваат (не)влијанието од преговорите кои започнаа во меѓувреме.

Преговорите помеѓу четирите лидери на најголемите партии се водеа далеку од очите на јавноста, без граѓанско учество и без гаранција дека граѓанските барања се застапувани во тие преговори. Во недостиг на целосен увид во самите преговори, единствен извор на информации беа изјавите на лидерите после средбите кои често беа различни, а понекогаш и спротивни. Договорот од 2 јуни, пак, од кој се очекуваше да ја постави рамката за понатамошни преговори, остави многу отворени прашања, а забележливо беше и отсуството на клучни барања кои ги имаа граѓаните. Со седнувањето на преговарачка маса, се изгуби смислата на отпорот на улица, а исто така ја снема и паниката кај врхушката на власт која ја видовме уште со самата најава на „бомбите“ на Заев. Преговорите завршија со прогласување на победа од страна на сите вклучени во преговарањето. А таму во ниеден момент, на никаков начин не беа вклучени граѓан(к)ите кои не се претставувани од политичките партии чии лидери преговараа до самиот крај.

И покрај предизвиците и загушувањето, сметам дека протестите беа успешни. Ја направија улицата место за политичка артикулација на граѓан(к)ите, но исто така покажаа дека во овој контекст во кој се наоѓа државата, отпорот треба да се отцепи од партиската опозиција и да еволуира во некоја поинаква форма на политичко учество. Како тоа ќе изгледа, ќе видиме во деновите што следат, но секако би сакала да видам позиционирање на што е можно повеќе граѓан(к)и како независни политички субјекти во државава кои ќе нудат лична визија без (оглед на) партиска припадност.