Архива за ознаката: александар_шопов

Насловна фотографија

Редовно заседание: Урбанизацијата и правото на градот

Во предвечерјето на првиот локален референдум во Македонија закажан за 26 април 2015 година, ова заседание се осврнува на значењето на сегашниот момент, граѓаните за првпат со директна одлука да го обликуваат својот град. Околу 43.000 жители на општина Центар ќе може да се изјаснат за или против зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар (ГТЦ), за чие значење можеа да се информираат преку референдумската кампања и новата публикација за ГТЦ.

Постоечките аргументи на страните за и против смена на автентичниот израз на ГТЦ се костат околу функцијата и значењето на објектот. Од една страна, поддржувачите на планираните промени аргументираат дека ГТЦ треба да се преобликува во простор кој ќе биде попријатен за потрошувачите, затворен и заштитен од временски непогоди. Од друга страна, граѓанските иницијативи и Асоцијацијата на архитекти аргументираат против обликување на ГТЦ кое би го свело од изграден простор отворен за различни искуства што не се ограничени на потрошувачкото, во шопинг комплекси.

Заседанието ги става во разговор постоечките аргументи околу преобликувањето на ГТЦ како урбанистички зафат со општествените врски што опстојуваат за и околу концептите за урбанизацијата и за можноста и/или неопходноста граѓаните директно да учествуваат во обликувањето на градот. Граѓанскиот референдум го заменува честопати оневозможеното и симболично право за учеството во консултативниот процес на урбанистичките планови. Со директно учество, граѓаните прават чекор кон остварувањето на правото на град— колективно да одлучуваат во уредувањето на просторот околу нив. Остварувајќи го правото на град ги менуваат односите со светот што ги опкружува.

Оттука прашуваме, какви можности, простори и врски се создаваат со граѓанското директно дејствување во планирањето на градот? Дали урбанистичкото планирање и архитектурата можат да го помогнат тоа дејствување и дали можат да го осознаат градот преку граѓаните и нивните искуства? И конечно, дали планерите, архитектите и институциите во Македонија може да овозможат планирање на град на и за сите граѓани?

На овие прашања се осврнаа:

Координаторки на заседание: Мила Шопова и Леонора Грчева

Фото: Леонора Грчева

За Скопје и неолибералниот град

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Александар Шопов

Дејвид Харви го карактеризира неолибералниот град меѓу другото како простор во кој со воспоставувањето на нови начини на градско управување или создавање јавно-приватно партнерство, на шпекулативен начин се подобрува сликата наместо условите на градско живеење, како што се образованието или достапноста на станбен простор. Целта е да се создадат нови простори за зголемување на потрошувачката.

Токму во центaрот на Скопје возможно е да се види тоа ново партнерство. Изградба на деловни и станбени простори преку приватизацијата на државно земјиште и уништувањето на јавни површини можеше да се оправда само со барокно шминкање кое требаше да го претвори градот во европска метропола. Новата форма на градско управување започна токму во центарот на градот каде трговскиот центар Рамстор беше изграден со продажба на државно земјиште по повластени цени и непосредни преговори. Тука беа и првите обиди да се претстави ова партнерство како придобивка за граѓаните кои добија современ простор кој одговара на нивните потреби. Бројни се примерите во последните 10 години на продажба на земјиште во центарот, но и во останати делови од градот, преку слични партнерства помеѓу владата, градските власти и инвеститорите, при што со буџетски средства владата дирекно учествува во самата изградба, а користењето и сопственоста се отстапуваат на приватни фирми. Еден таков пример е изградбата на луксузната населба Сончев град каде владата одвојува десетина милиони евра во изградбата на инфраструктурата за странската инвестиција.

Во неолибералниот град насилство од ваквите партнерства се дистрибуира врз веќе маргинализирани групи на население. Жителите на селото Патишка Река кое се наоѓа на падините на Караџица се жртва на урбаниот процес, нивната вода се одзема и ќе се користи за елитната населба Сончев град. Потенцијалот да се претвори ова насилство во застрашувачка катастрофа е огромен за стотици ромски семејства во Топаана кои, доколку успеат плановите за трансформација на касарната Илинден во меѓународна финансиска зона, ќе се најдат притиснати помеѓу новата американска амбасада и просторот во кој инвеститори ќе се натпреваруваат за што повеќе градежен простор. Обезпоседувањето кое се анализира во Правото на град од Харви, а се случува во дузина светски метрополи, веќе е на повидок. Урбанизацијата на општина Аеродром добива форма на отворена расна дискриминација кон Ромите чии привремени живеалишта се претвораат во паркинг и парк. Неолибералниот град ја зголемува верската, етничката и расна нетрпеливост. Приватизацијата на огромен простор во централното градско јадро не можеше да се изврши без создавање на нова естетска вредност како необарокниот идеал. А изградбата на десетици споменици низ центарот на градот кои го фаворизираат минатото на една етничка група е во голема мера насочено кон маргинализирање на оние етнички и религиозни групи кои му стојат на патот на новиот урбан процес.

Урбанизацијата во Скопје е класен феномен. Автомеханичарски работилници и работници кои се дел од историјата на скопското Ново Маало беа насилно отстранети со цел да се изгради трговскиот центар Веро спроти Народна банка. Неолиберализмот во Македонија и светот ја засили класната моќ на богатите и ја намали можноста на останатите да се спротистават на економската експлоатација и новиот урбан процес. Со новото просторно организирање на градот дури и паркот-шума Водно стана жртва на неолибералниот град. Во вакви услови обидот за зачувување на ликот на ГТЦ од барокните планови до кои ќе се пристигне со ново јавно-приватно партнерство, треба да биде неразделив од борбата против новите форми на градско управување и отпорот против ново-воспоставената хегемонија.