Архива за ознаката: авторитаризам

Активист(к)и и невладини: љубов и нетрпеливост во време на „заробена држава“

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Елена Б. Ставревска

Една од дистинкциите кои се прават во однос на граѓанското општество е таа помеѓу граѓански иницијативи и движења, од една страна, и граѓански, односно невладини организации, од друга. Ваквото разграничување на глобално ниво стана уште понагласено и повидливо во периодот на дејствување на движењето Occupy, но на истото укажуваат и приказните од студентското организирање во Загреб, граѓанските пленуми низ Босна и Херцеговина, па и различните пленуми и движења во Македонија кои зедоа замав во 2014/2015. Критиките на невладиниот сектор глобално се бројни и многустрани.

Во периферните и полупериферните земји со недемократски системи, невладините организации (НВО-и) се често јавно претставувани како ентитети во служба на интересите на странските донатори, наместо на потребите и интересите на населението во земјите каде дејствуваат. Понатаму, критикувани се дека и покрај тоа што немаат сопствени конституенти често се вклучени во процесот на креирање политики на институционално ниво „во име“ на граѓан(к)ите и граѓанското општество, на тој начин давајќи легитимитет на одредени политики и одлуки. Друга критика е во насока на оние НВО-и кои пружаат различни видови социјални и хуманитарни услуги, за кои се смета дека на тој начин придонесуваат кон прикривање на неспособноста на државата да ги пружи тие исти услуги на своите граѓан(к)и. Притоа ваквото своевидно аутсорсирање на грижата за најранливите категории граѓани не значи дека улогата на државата севкупно е намалена, туку дека истата има простор да вложи ресурси во други области. Со дејствувањето во оваа област, иако успеваат привремено да помогнат на дел од маргинализираните граѓан(к)и, се маскираат последиците и се придонесува кон амортизирање на народниот гнев.

Со други зборови, суштината на критиката е дека поголемиот дел од невладините, кои особено во транзиционите општества никнуваат како печурки после дожд, се составен дел на системот кој е трул и неправеден. Оттаму, нивното дејствување единствено може да придонесе кон негова реформа во постоечките рамки, но не и кон темелна промена на целиот систем.

Дел од овие критики се основа и за анимозитетот кој е присутен помеѓу граѓанските, често хоризонтални во структура, активистички, самоорганизирани движења и граѓанските, често проектно насочени, професионализирани невладини организации во Македонија. Меѓутоа, она што ја прави дискусијата специфична во македонскиот контекст е постоењето на таканаречената „заробена држава“, односно значајното институционализирано влијание и контрола, водени од лични интереси, на нерепрезентативни чинители врз јавните финансии, медиумите и донесувањето и спроведувањето одлуки. Во вакви услови, функционирањето на НВО-и кои се во улога на watchdogs е не само под огромен притисок, туку и речиси целосно оневозможено. Медиумската машинерија на режимот е ставена во улога на делегитимирање на оние општествени чинители, како што се невладините организации, кои ги доведуваат во прашање различните одлуки и политики на власта. Оттаму, нетрпеливоста помеѓу активистичките движења и невладините организации не придонесува само кон ситнење на отпорот против опресивниот режим, туку и директно помага во процесот на делегитимирање на различните гласови и ставови во општеството. Преку етикетирање, на пример упоребата на недефинираниот, но погрден израз „соросоиди“, се избегнува дискусија околу содржината на ставот и фокусот останува на површното неполитичко ниво околу носителот на ставот, што придонесува кон уште подлабоко деполитизирање на македонското општество.

Второ и можеби поважно е разграничувањето помеѓу индивидуалната дејствителност и агентност на луѓето кои се вработени во различните невладини организации и колективното дејствување на организациите. Дејствителноста, односно агентноста, овде се однесува на способноста и моќта за дејствување во одредена средина. Во услови на комплетна поклопеност на државата, државните институции, па и државните универзитети од страна на партиите на власт, невладиниот сектор е едно од последните упоришта за поголемиот дел млади прогресивни луѓе во земјата, особено за оние од општествените науки. Со тоа работата во невладиниот сектор, наместо барање на одредено партиско вработување и вклучување во постоечкиот клиентелистички систем, е и своевидна форма на отпор кон владејачкиот режим. Покрај ова, голем дел од луѓето вработени во невладиниот сектор се всушност дел од активистички движења во своето слободно време и се често во првите редови на различните самоорганизирани протести. Оттаму, исцртувањето јасна граница помеѓу невладини организации и граѓански движења, доколку се занемари индивидуалната дејствителност, не е само проблематично, туку и невозможно. Колективната способност за дејствување на граѓанските движења, обединети околу заеднички вредности, извира од индивидуалните дејствувања на различните граѓан(к)и, вклучувајќи ги оние кои се единствено активни во конкретното движење, но и оние кои се и вработени во невладини организации или се волонтерски дел од асоцијации од кои немаат директни финансиски бенефиции.

Невладините организации, а со тоа и индивидуите кои работат во нив, и граѓанските движења во кои тие заедно со другите граѓан(к)и учествуваат се централните двигатели на демократизацијата и ослободувањето на државата. За дискусијата околу улогата на НВО-и во суштинска системска и општествена промена воопшто да се случи, неопходно е да се премостат нетрпеливостите во процесот на одзаробување на државата.

 

New authoritarian tendencies_pic

Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?

Политички партии кои функционираат како агенции за вработување, предизвикувајќи и одржувајќи култура на вкоренета корупција и клиентелизам; слаби државни институции; политичка контрола врз медиумите; распространета нееднаквост; изумирање на државата на благосостојба.„Авторитарното искушение“ се покажа премногу големо за повеќето од новите постјугословенски елити. Додека низ целиот политички спектар (во различна мера) постојат силни тенденции социјалистичкото минато да се претстави како девијација и да се криминализира, намерно бришејќи го од јавниот простор и јавната историја / меморија, и во интелектуалниот и медиумскиот дискурс постои некритичко присвојување на линеарен, површен наратив – присутен во посткомунистичките земји од Централна и Источна Европа – кој сите современи негативни појави му ги припишува на „тоталитарното“ социјалистичко минато.

Ни државите наследнички на СФРЈ не се имуни на тоа што може да се нарече вгнезден антикомунизам (nesting anti-communism, од nesting orientalism). Во Република Македонија, инсистирајќи на недемократската природа на социјалистичкиот режим, владејачката политичка елита успеа да произведе (преку контроверзниот Закон за лустрација, Музејот на жртвите на комунизмот и уништувањето на социјалистичкото / модернистичко архитектонско наследство во главниот град) еден хегемонистички режим на меморија (memory regime) кој всушност е олицетворение на најлошите практики на истиот систем што самите го демонизираат. Сепак, прашањето дали и во која мера новата авторитарна политичка култура во регионот е наследство на еднопартиското социјалистичкото минато вреди да се постави.

Генерално, а и поконкретно во македонскиот случај, припишување на вината за современите проблеми и ововековниот авторитаризам на Тито, елитата околу него, или на „комунизмот“ е само погоден начин за екстремно корумпираните и неодговорни елити на себеамнестирање. Она што е шокантно е дека во некои клучни аспекти состојбата во Македонија во 2015 година е многу полоша отколку пред 40 години. Индексот на нееднаквост (Gini) се зголемил од 28,1 во 1998 на 43,6; речиси една третина од населението живее под линијата на сиромаштијата; земјата падна од 34-то во 2009 година на 117-то место во 2015 година на светскиот индексот за слобода на медиумите; околу една четвртина од населението емигрирала во странство; и стана невозможно да се најде вработување без познанства и членство во партијата на власт (спротивно на популарното мислење дека дури и во социјализмот партиската книшка била пресудна, вреди да се спомене дека Сојузот на комунисти на Југославија најголем дел од своето постоење имал околу 1 милион членови).

Потсетувањето на некои од позитивните карактеристики на социјалистичкиот период не значи и некритичка глорификација или идеализирање на тој систем; тоа е пред сѐ обид да се истакне фактот дека позитивното наследство од тој период (еманципаторските практики, работничките права, социјалната заштита и солидарност, еднаквоста, социјална мобилност, релативната меритократија, активната надворешна политика и компетентната дипломатија) е редуцирано или целосно уништено, а негативното (политичкиот авторитаризам, култот на личноста, контрола врз слободата на говор) е проширено и „усовршено“. Оттука, визијата на Ненси Фрејзер за еден поинаков постсоцијализам – што ќе го инкорпорира, а нема да го отфрли најдоброто од социјализмот – сѐ уште се чини значајна.

Во ова заседание ви пренесуваме четири размислувања на оваа тема со фокус на постјугословенскиот простор:

 

Уредничка на заседание:  Љубица Спасковска

Фото: Љубица Спасковска

Напред, кон наследствата на „посткомунизмот“ на Балканот!

Дел од редовното заседание „Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?.  Автор: Владимир Унковски – Корица. Превод: М. Ш.

Во годините по падот на берлинскиот ѕид, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Советскиот блок и Југославија беа подведени на голем експеримент. Третирани небаре се табула раза, општествата во овие земји станаа лабораторија за опит на неолиберализмот. На многумина рецептот за опитот им е многу добро познат: приватизација, либерална демократија, извозна ориентација базирана на задолжување, европска интеграција… Прашањето не беше дали да се применат овие мерки, туку во која мера, со која динамика, од чија страна и преку кои институции. За кратко време се увиде појава на огромен јаз меѓу земјите, што вообичаено не се должеше на суштински разлики во јавните политики. Оттука и се роди нова наука: како да се објаснат овие разлики според различните наследства, вообичаено од комунизмот.

На Балканот, и конкретно во Југославија, на преден план беа ставени наследствата од Византија и Османлиската империја, но на иста линија се најдоа и засебните наследства од таканачените „комунистички етно-федерализам“, „работничко самоуправување“, „одумирање на државата“ итн. Тоа на што во комунистичкиот свет се гледаше како на извор на благ либерализам, сега, изразено преку идејата за транзиција, прерасна во голема пречка. Според оваа логика, слаби држави не се кадарни да постават на цврсти нозе демократско управување, право на сопственост и владеење на правото. Етничката разноликост првично го забави зацврснувањето на демократскиот процес, а се случи процесот и целосно да го смени текот кога различни групи правеа обиди да воспостават, често и на сила, национална ексклузивност на загарантирани права според територијална припадност. Меѓу широките народни маси, инстинктивната поддршка за социјална држава ја спречи целосната економска либерализација и го овозможи порастот на популистички авторитарни државници гладни за моќ што му свртија грб за правниот систем.

Оттука, развојот на мислата се сврте кон потреба за понатамошна интервенција од надвор со која би се решил проблемот. Во нововоспоставената практика на делување стана неопходна потребата Европската унија да користи различни јадици за да ги намами елитите и граѓанското општество кон демократија, а да отстапат од нивното самоволно делување, но и од кокетирањето во коешто честопати влегуваа со спонзори од редовите на старите Големи сили во Москва и Истанбул. Да се одлучеше ЕУ да биде построга со лошите државници, повеликодушна кон иницијативите на граѓанското општество и поволна за брзо проширување, причините што уназадуваа ќе се отстранеа, а Балканот ќе беше поблиску до Европа, како што тоа и се случи со централно-источна Европа, но и со балтичките земји. Ова можеби и објаснува зашто многу од централно-источните и балтички земји ја поддржаа Германија, колку и да е тоа иронично, во неодамнешните битки да се присили Грција да ги прифати правилата на Еврозоната или да се повлече и повторно стане балканска земја.

Токму тука лежи проблемот: кога ќе ја подигнеме главата од учебниците за неолиберализмот и ќе ги погледнеме реалните состојби во Европа како целина, ќе видиме Европа раскарана со демократијата, налик повеќе на недемократска постмодерна Австро-Унгарија, со елити во земји од центарот што користат бирократија за да владеат со империјата, што ни од далеку не го ослободуваат народот од национални сентименти, туку напротив ги зацврстуваат старите национални поделби на нови начини. Ако погледнеме подобро, ќе откриеме и дека овој европски проект бил присутен многу подолго од само последните 25 години од минатиот век. Трговските врски на Југославија со Германија и Италија доминираа во дваесеттиот век, вклучувајќи и во таканаречениот комунистички период. Зависноста на Југославија од американски кредити започна во 1949 година, а првиот од многубројната низа анаржмани со ММФ се склучи кон средината на 1960-те години. Уште неколку други земји од источниот блок тргнаа по истите стапки во 1970-те и 1980-те години, а со предзнак да се ублажат односите. Европската интеграција трае со децении наназад.

Не изненадува тогаш што работниците често се бунтуваа против таканаречените „работнички држави“, во Полска како најпознат пример, но и Југославија не заостанува со бројот на штрајкови во 1980-те години. Бидејќи модернизацијата во различни погледи наликуваше на тоа што се случуваше на Запад, меѓу работниците нашироко се раскажуваше виц дека во капитализмот, човекот го експлоатира човекот, а во комунизмот, е обратно. Денес за транзициското доба постои уште еден виц, уште поостар во набљудувањето, дека тоа што ни го кажуваа комунистите за комунизмот испадна лага, но тоа што ни го кажаа за капитализмот станува вистина. Не треба да нѐ изненади тоа што многу комунистички партии станаа гласноговорници на неолибералната трансформација, а оттогаш и згаснаа на изборната сцена. Овие партии не се како централно-левичарските во Европа, на пример ПАСОК во Грција. Појавата на авторитаризмот што израсна од корпоратистичките одговори* на неуспесите што ги редеше Европа само маргинално може да се претстави како наследство на комунизмот или неговиот пад и популистичкиот став дека нема друга алтернатива. Новите генерации што ќе доаѓаат на политичката арена ќе сфатат дека неопходна е алтернатива зашто капитализмот работи против демократијата, не само во Грција или Шпанија, туку и во Македонија и Словенија. Можеби дури и ќе сфатат дека Европа значи рестрикции и национализам, а дека Балканот може да значи солидарност и разноликост. Новите генeрации не мора да се вртат кон минато што е дискредитирано од причини што се многу посложени од тие што му ги припишуваат коментатори од главните струи. Напротив, ќе може да возобноват заборавени форми на отпор против авторитарни циклуси на европска интеграција пред европската интеграција. И ќе може да чекорат напред со сигурност, кон наследствата од посткомунизмот: одновото раѓање на автентична левица што ќе му се спротивстави на капитализмот и долгоодложуваната смрт на митот за Европа.

 

* зборот корпоратизам, којшто доаѓа од латинскиот збор corpus, односно тело, се однесува на социо-политичка организација и контрола на општеството од страна на големи лоби групи.

Новиот авторитаризам и новата борба против „старите демони“

Дел од редовното заседание „Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?.  Автор: Гзим Красниќи. Превод: Љ.С.

Четврт век по падот на Берлинскиот ѕид, (полу)авторитарните тенденции и практики сѐ уште се присутни во постјугословенските земји, но и пошироко. Научниците и локалните аналитичари ги припишуваат или на недостатокот на либерално демократска традиција, особено кога станува збор за граѓанското општество, на наследството од комунизмот или, уште полошо, ѝ се враќаат на добро познатата перспектива на автоориентализација која го посматра регионот како неспособен за модерна државотворност и демократизација. Иако причините за овој феномен на ограничена демократизација се многубројни и сложени, често му се приоѓа низ призмата на историски детерминизам, односно поконкретно низ онаа на комунистичкото наследство.

И покрај тоа што не може да се занемари половината век комунистичко владеење во анализата на тековната ситуација, сепак тоа е недоволно. Особено затоа што претставува премногу поедноставен поглед врз минатото, сегашната состојба и социо-економските фактори. Директната корелација која често се поставува помеѓу претходниот систем и современите (полу)авторитарни режими е проблематична од неколку причини. Прво, ова гледиште е најчесто прифатено од страна на десните, анти-комунистички или националистички партии чија raison d’être стана антагонизирањето на идеолошки „другиот“ – било тоа да е социјалистичка Југославија, Сојузот на комунисти на Југославија (СКЈ) или неговите партии-наследнички. Нивниот дискурс како таков имплицира дека она што го имаме денес е само поинаква верзија на стариот партиски систем и нејзините институции. Меѓутоа, насекаде во постјугословенскиот политички простор, антикомунистичките и десничарски партии се тие кои се олицетворение на авторитарните тенденции.

Второ, и можеби најважно, актуелните политички системи во регионот често покажуваат полоши тенденции на монополизација и централизација отколку во социјалистичкиот период. Најголем дел од постјугословенските земји само имаат изградено фасада на институционална демократија. Со исклучок на Словенија, а до одреден степен и на Хрватска, другите држави се она што Лукан Веј и Стивен Левицки (2010) го дефинираат како „компетитивни авторитарните режими“, односно граѓански режими во коишто постојат формални демократски институции што во голема мера се примарно средство за стекнување моќ, но кадешто злоупотребата на јавните функции ги става во значајна предност vis-à-vis нивните политички противници. Претежно националистички десничарски партии и „моќници“ успеаја да создадат илузија на повеќепартиска демократија на локално и национално ниво, истовремено обезличувајќи го изборниот процес. Преку „заробеноста“ на државните институции, медиумската контрола, купувањето гласови, фрагментацијата на опозицијата, тие го кршат еден од клучните принципи на демократијата – непредвидливоста на изборниот процес и промената на власта. Згора на тоа, монополизацијата на власта од страна на сегашните економски, политички и често криминални елити во регионот е далеку поширока и подлабока отколку во социјализмот. Секако, во социјализмот немаше повеќепартиски избори, но социјалната, политичка и економска институционална рамка беше во многу аспекти далеку поинклузивна, подецентрализирана и поправична.

Во крајна линија тоа води до еден поширок парадокс поврзан со посткомунизмот. Во пресрет на големите општествени промени во доцните 1980-ти, антикомунистичките сили во Југославија ветуваа демократизација и слобода преку слободни повеќепартиски избори, и економски просперитет преку либерални економски реформи и приватизација. 25 години подоцна, ниту едно од овие ветувања не е исполнето. Транспарентни, демократски институции постојат само на хартија; граѓанското општество е сведено на неколку невладини организации финансирани од странство; јазот меѓу малцинството на екстремно богати и мнозинството кое се бори за опстанок постојано се зголемува. Во центарот на сето ова е новиот „посткомунистички“ тип на партија која има свои членови и гласачи во јавните институции, медиумите, економскиот сектор, полицијата, армијата, дипломатската служба, во образовните институции. Накусо, посткомунистичките елити не донесоа ниту демократизација, ниту пак економски напредок. Единствената вистинска промена е во економската сфера, односно во економската политика на приватизација и дерегулација, за којашто се залагаше „Новата десница“ во осумдесетите. Но, ова не е нешто со коешто десничарски партии може да се гордеат. Иронично, комунистичките партии во Кина и Виетнам докажаа дека се поспособни во управувањето со државните капиталистички економии од десничарските партии во постјугословенските повеќепартиски системи.

Овој модел на семоќни и сеприсутни партии на чело на „компетититвни авторитарни режими“ е присутен во целиот регион, со извесни разлики. Што се однесува до Косово, најсложената и најатипична постјугословенска држава, и „Косовската алтернатива“ предводена од ЛДК (Демократскиот сојуз на Косово) на Ибрахим Ругова и Ослободителната војска на Косово (ОВК) и нејзиниот наследник, партијата ПДК (Демократска партија на Косово) имаа нескриен антијугословенски и антикомунистички став. Поради специфичноста на Косово во рамките на Југославија, како и поради развојот на настаните во доцните 1980-ти, социјалистичка Југославија, Србија и комунизмот често се изедначуваат. ЛДК се појави како популарно и национално движење кое ѝ се спротивстави и на југословенската држава која не го третираше Косово како еднаква федерална единица, и на комунизмот во името на демократијата, слободата и независноста. Сепак, и покрај исклучителната посветеност на мирен отпор, во пракса ЛДК имаше авторитарни тенденции да го контролира целиот „паралелен систем“ во деведесеттите. Иако нејзината моќ беше прилично ограничена во рамките на српската полициска и воена контрола, ЛДК не беше многу толерантна кон внатрешната опозиција. Слично на тоа, и во УЧК, а подоцна и кај раководството на ПДК има сѐ поголеми тенденции на контрола врз политичките, јавните и економските институции.

И покрај тоа, заробената држава и авторитаризмот во Косово се помалку консолидирани отколку во Македонија, Србија или Црна Гора. Сепак, ова не е резултат на отвореноста и посветеноста на демократските вредности од страна на актуелните косовски политичари. Напротив, тоа е резултат на меѓународниот надзор, на фрагментираната политичка сцена и пропорционалниот изборен систем (со една изборна единица).

Современите авторитарни режими не се директна последица на комунистичкото минато. Тие се производ на процесот на неуспешна демократизација кој произведе национални конфликти, економска и социјална стагнација и еден нов тип на политички партии кои успеаја да ја заробат државата, истовремено проектирајќи илузија на повеќепартиска демократија.

Авторитарни тенденции во регионот помеѓу „тогаш“ и „сега“: недоволно видливата материјалност на регионален авторитаризам

Дел од редовното заседание „Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?. Авторка: Данијела Мајсторовиќ. Превод: Е.Б.С.

Размислувајќи за авторитарните тенденции на Балканот, неизбежно е соочувањето со регионалните „моќници“, коишто, и покрај суштинските разлики меѓу нив, тука за момент ќе бидат претставени како своевиден амалгам. Она што ги одликува е попуштање предискушението на популизмот, луксузниот животен стил и сомнителните бизнис активности без никаква отчетност пред јавноста и пред еден либерален демократски телос, коишто, ако некогаш се оформи, ќе биде и лекот за сето тоа. Припишувањето на овие тенденции на социјалистичкото, еднопартиско југословенско минато е погрешно не само затоа што премногу лесно го отфрла социјалистичкиот политички имагинариум како важно идејно „депо“ на рефлексивна носталгија и на еден поинаков начин на размислување, туку и фрла сенка врз материјалните и политичко-економски аспекти на актуелните политички елити во регионот, нивното доаѓање на власт и нивниот бесчувствителен и пресметан интерес да се стори сѐ само за да се остане на власт. Ова исто така е во спротивност со состојбата на теренот.

Секое психологизирање на авторитаризам или негово сведување на „историја која се повторува“ без да се земе предвид контекстот е длабоко проблематично бидејќи е лишено од конкретна материјалност, која најдобро може да се објасни преку комбинација на политичко-економска анализа и идеолошка критика. Она што им ја обезбедува моќта на етнонационалистичките елити, вклучувајќи ја моќта на Изетбеговиќ или моќта на Додик во босанско-херцеговскиот пример, не е нивниот авторитаризам, туку Дејтонскиот мировен договор. Покрај тоа што донесе мир во БиХ, како резултат на неговиот комплексен механизам за поделба на моќта, Договорот создаде вонредна состојба во која постојано мора да се управува со нередот, како од домашна, така и од меѓународна страна. Незанемарувајќи го тоа дека и некои меѓународни политичари профитираа од Босна, локалните олигарси успеаја да го зачуваат и прошират сопствениот имот, стекнат со помош на војната и сивата економија, со тоа што се ослободени од кривичниот законик на државата и не одговараат пред никого, само врз основа на Дејтонскиот договор.

За време на првата деката после Дејтон, ресурсите беа редистрибуирани од јавна во државна, односно доминантно партиска сопственост. Во периодот 2006-2014 година бевме сведоци на ослабено влијание на меѓународната заедница и зголемено влијание на етнонационалистичките елити, базирано на матни приватизации на стратешки претпријатија. Овој тренд беше надополнет со исклучувачка, националистичка и прото-патрихархална реторика која помогна да се замагли обогатувањето на поствоените елити за време на војната и транзицијата, притоа затскривајќи ги капиталистичките мотиви зад војната, кои имаа за цел да ги уништат или приватизираат државниот имот и заедничките добра, но и заедничките мината, трауми, економии и иднини.

Покрај тоа, војната и приватизацијата ги уништија поранешните индустриски гиганти, како и помалите претпријатија, соголувајќи ги босанско-херцеговските работници од сопственоста на нивните претпријатија и преку масовни отпуштања, лишувајќи ги од нивната основна економска способност. Во повеќето планови за „постконфликтна реконструкција“ на БиХ, приватизацијата беше клучна компонента во пазарната реформа, без воопшто да се размислува за социјалните последици. Меѓународната заедница и локалните елити напорно работеа на безбедно насочување на транзицијата кон капитализам и на уништување на сите сеќавања на постоечкиот социјализам. За време на овој период, авторитаризмот на локалните етнонационалистички елити се засилуваше и сѐ повеќе се вкоренуваше, што и не беше така тешко ако се земе предвид недостатокот на подемократски акции и граѓанско учество во јавниот живот. За сето тоа време изгледаше како војната помеѓу различните етнички групи дискурсивно сѐ уште да трае. После 20 години мир, немаше речиси никаков консензус во врска со минатото и никакво сериозно доведување во прашање на тоа што се случи со заедничките добра.

Болното будење во февруари 2014 во БиХ и мај 2015 во Македонија, видливо во форма на протести и пленуми, успеа барем привремено да пружи отпор на вкоренетата приватизација и поствоениот национализам. Веќе не стануваше збор за Дејтон и демонстрантите за момент ги прекинаа сопствените соучество и вклученост во етнопартократијата и клиентелизмот, поставувајќи се како разгневени субјекти кои во несигурни времиња инсистираа на директна демократија, делумно преку насилство и делумно преку способност за самоорганизирање соочувајќи се со неуспешната држава. На пример, работниците од тузланската фабрика за детергенти „Дита“ со години протестираа и дури ги криеја средствата за производство во надеж дека повторно ќе ги користат за производство и продажба на детергенти и дека ќе можат да живеат од сопствената работа.

Сите овие промени ги потресоа авторитарните тенденции. Но овој пат не беше заради некаква демократска пракса научена од Западот, насочена кон борба против поранешните социјалистички идеолошки навики. Не беше заради тоа што комплексната поделба на власта одеднаш проработе. Беше после неуспешниот државен социјализам во Југославија, чии остатоци се распарчија во војната. Беше откако нашите трауми и економии не можеа веќе да бидат замолчени и беше покрај национализмот кој ги замени некогашните братство и единство. Се надевам дека научената лекцијата, спротивна на сѐ што знаевме после војната во 90-тите, е дека единствен начин да се спротивставиме на авторитаризмот на неколкумина е засекогаш да се откажеме од нивните богатства и капиларниот социјализам кој бара техники и стратегии на владеење.

Zasedanie_populizam

Редовно заседание: Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам

По разголувањето на вистинското лице на авторитарната и корумпирана власт во Република Македонија, се поставува прашањето зошто власта сѐ уште не се соочува со масовно изразено незадоволство и зошто сѐ уште голем дел од граѓаните ѝ веруваат. Дел од причините за ова може да се бараат во клиентелистичкиот систем на „морков и стап“ кој сѐ уште приморува голем број граѓани да ја поддржуваат политиката на власта бидејќи од тоа зависи нивната егзистенција. Дополнително, за ова придонесува и ограничениот пристап до објективни информации за што беше пишувано во претходното редовно заседание за медиумската (не)слобода. Еднакво важно, дел од причините за сѐ уште присутната поддршка на власта треба да се бараат и во симболички елементи врз кои се потпира македонскиот авторитарен популизам предводен од ВМРО–ДПМНЕ.

За таа цел, ова заседание опфаќа неколку различни социјални конструкции кои меѓусебно се надополнуваат и заеднички придонесуваат кон градење на популистичкиот мит за ВМРО–ДПМНЕ и нејзиниот претседател, Никола Груевски. Петте осврти дискутираат како преку манипулација со јазикот, себе-идентификацијата, историјата, родот и стравот од непријателите се создава инертно и некритичко гласачко тело кое има изразено колективистички и илиберален дух, што сериозно ги загрозува основните вредности на либералната демократија:

 

Координатор на заседание: Борјан Ѓузелов

Фото: Република

Наративната контрола врз јавниот дискурс: идентификацијата како средство на популизмот

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Миша Поповиќ

Да парафразирам една мисла од Дина: „кој го контролира наративот, ја контролира и политиката.“ Националните наративи се суштествен дел од начинот на кој политичките елити се легитимираат. Во обид да се избегне употребата на идентитетот како фиксна категорија, ќе се служам со терминот идентификација кој го потцртува истиот концепт како процес на постојано (пре)раскажување на националната имагинација.

Воспоставувањето контрола врз процесот на прераскажување на нацијата во таа смисла е клучно за разбирање и на македонската политика. Тргнувајќи од Роџерс Брубејкер, процесите на национална идентификација можеме да ги гледаме како резултанта од мрежните интеракции помеѓу различни чинители во општеството.

Во последниот период, таа резултанта е под сериозно влијание на векторот наречен ВМРО-ДПМНЕ. Произлегувајќи од контрапунктот на социјалистичката приказна за Македонија, политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ имаше интерес да ги видоизмени основните постулати на македонската национална имагинација. Меѓутоа целта не е поправање на историска неправда, туку инструментализирање на националната имагинација за да се обезбеди единствена сопственост врз два основни постулати на националната идентификација: како поединецот се замислува себеси и како ја замислува нацијата.

Во својата доктрина, ВМРО-ДПМНЕ зборува за реалниот човек. Реконцептуализирајќи го македонскиот архетип, тие успеваат да креираат слика за Македонецот како верник и семеен човек, кој преку овие две заедници, во содејство со својата национална припадност, го наоѓа своето место во светот. Уште повеќе, доктрината на ВМРО-ДПМНЕ ги зацврсти постулатите дека нацијата е простор за делување на поединецот. Во самата доктрина, личната слобода како вредност за која се залага партијата е нераскинливо врзана со националната слобода. На тој начин, се концептуализира папочната врвца помеѓу мајката (нацијата) и детето (поединецот) преку една од фундаменталните вредности на современото општество – слободата.

Вториот постулат на наративната контрола врз македонската политика е поширокиот национален имагинариум. Основата овде е (ре)конструкцијата на националната историска митологија, а подмножество е името. Видлив производ на ова е Скопје 2014. Анастас Вангели, градејќи врз теоретската основа на повеќе автори (меѓу кои и Ентони Смит), во својата книга „Античка сегашност“ покажува дека митологијата позади идентитетскиот спор со Грција е инструментализирана на повеќе од еден начин. Се издвојуваат употребата на политичката митологија за да се индуцира ескапизам од современите прашања, а сегашните премрежја се поставуваат наспроти замисленото златно доба. Во таа смисла, Скопје 2014 е и неправда, но и споменик за замислената неправда – неправдата дека не сме биле Европа во минатото, но и дека истото е одземено од сегашноста и иднината.

Токму на наративот на оваа неправда, неправда кон Македонија и неправда кон реалниот човек, вирее современиот македонски популизам. Одземеното златно доба, историски права и европскиот статус стануваат централна тема на македонската политика. Јавниот политички дискурс е ставен на овие шини кои центрифугално ги исфрлаат сите останати теми или спротивставени наративи кон маргините на јавната дебата.

А сопственикот на овие теми е владејачката партија и каков било обид за спротивставување е игра на нееднаков терен. На сентиментот на неправда, ВМРО-ДПМНЕ на симболично ниво станува единствениот заштитник на македонштината и реалниот Македонец.

 

„Историската неправда“ како алатка во рацете на популистичката и авторитарна власт: спомени од митотворните музејски зандани

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Дарко Стојанов

Во литературата за историски митови на Балканот, Македонија е дел од дебатата преку три конкретни митови: митот за вечната жртва, митот за вековниот политички континуитет и, во поново време, митот за античкото потекло. Накратко ќе се осврнам на првиот – митот за (себе-)виктимизација.

Својата основа овој мит ја бара во идејата за „историска неправда“. Во академската историографија, концептот за историска неправда има точно определено значење во контекст на конфликтите од 20 век и во таа смисла, најчесто го среќаваме како дел од меѓународните дебати за воени уништувања и плаќање отштета. Настрана од тоа, изразот се среќава и во националистички дискурси, но со полабаво значење. Во последните две-три децении историската неправда беше централен дел во политичките и интелектуалните дискурси на Балканот и имаше важна функција во крвавите војни при распадот на Југославија. Во регионот не постои држава која не верува дека била или е жртва на историска неправда. Во Македонија, националистичкото сфаќање за „историска неправда“ сѐ уште е лајт мотив во популистичката реторика на владејачката партија. „Товарот на историјата“ се наметнува преку политички говори, учебници по историја, историографски дела, документарни филмови, па и преку јавниот простор.

Во тој контекст, неодамна бев фасциниран од еден интересен случај. Минатата година, Музејот на македонската борба во Скопје свечено ја промовираше својата втора поставка во присуство на државниот врв. Во тоа време, како историчар заинтересиран за современите сфаќања на минатото, веќе двапати ја имав посетено и анализирано главната поставка на музејот, и сметав дека веќе ништо не може да ме изненади. Но… Во 20-минутниот хорор кој следеше се соочив со едно сфаќање на историјата кое се среќава само при проучувањата на одамна згаснати режими и идеологии. Во клаустрофобично тесен и темен простор, украсен со исечени глави набиени на кол, осакатени тела и справи за мачење, придружени од постојани врисоци од мачени патриоти и нивните сопруги и мајки во истрошени црни облеки, османските, бугарските и српските (или комунистички) џелати во уверлива актерска игра ги мачат своите жртви, тормозејќи ги притоа и посетителите на музејот.

Музејот го доживеав како фабрика за создавање на историски митови со силна визуелизација на националистичката крвава реторика. Место каде историската неправда преоѓа во мит, а потоа и во пропаганда. Митот за виктимизација, кој се базира на идејата/чувството за историска неправда, се смета за еден од најопасните историски/политички митови. Неговиот запаллив потенцијал лежи во задирањето во најдлабоките човечки емоции на страв и несигурност. Тој имплицира изразено непријателска и фиксна претстава за „Другиот“, како и чувство на морална супериорност. Овие две заедно во одредени околности можат да доведат до агресија.

Музејот не е само приказ на мрачно минато, туку е и повик за мрачна иднина. Човек оттаму излегува со гнев кон луѓе кои не постојат и со траума од настани кои никогаш не ги доживеал. Овој феномен, и покрај својата ирационалност, е сепак моќно орудие во рацете на власта. Инсистирањето на историја на страдања, на митот за себевиктимизација, е доста успешно во мобилизацијата на граѓаните преку поигрување со атавистичките емоции на толпата. Крајната улога на таков тип на музеј е создавање на еден ментален пејзаж во кој сите архетипни непријатели се оживеани, а посетителот влегува во улогата на жртва на злите намери на разни странски и домашни непријатели. Токму ова, всушност, е една од главните алатки на власта денес – постојаното посочување на непријатели и шпиони, поделбата на граѓаните на патриоти и предавници.

Накратко, оваа приказна е пример за тоа како една популистичка и авторитарна власт може да го користи т.н. „употребливо минато“ како алатка за практикување на својата моќ. Така, во одреден контекст, инсистирањето на виктимизацијата, т.е. на историската неправда, е всушност мобилизација, повик за униформност и слепо следење на водачот и партијата.

Жената во македонскиот мачо-популизам

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Ана Василева

Како и во повеќето режими што се стремат кон тоталитарност и во кои моќта е сконцентрирана во рацете на многу ограничен број на луѓе (или можеби подобро би било да речам – хетеро, привилегирани мажи), така и македонското општество позициите на моќ во голема мера ги гради врз дихотомијата маж – жена, дефинирани во согласност со традиционалните вредности.

Во голем степен мачо-популизмот на Владата се базира врз идентификување со „чистиот Македонец“ како категорија на која припаѓа мнозинството гласачи и што се дефинира најмногу преку она што не е: не-муслиман, не-хомосексуалец, не-жена. Разбирливо, сите овие останати категории на симболичко ниво стануваат непосакувани или во најмала рака второстепени. Следствено на тоа, жената, неопходна поради нејзината репродуктивна функција во општество кое сака евтина работна рака и партиски војници е сведена на нужно зло, слично на останатите сексуални, етнички, идеолошки малцинства. Ретките новокомпонирани скулптури и споменици на жени, потпикнати меѓу гордите војсководци и крвопролевачи што ги освоија нашите јавни простори, се или мајки, или трудници или наречени со сомнителниот назив „шмизли“, што реално ја одразува и јавната перцепција за улогата на жената во општеството денес. Владините кампањи за многудетност и против правото на избор добиваат форма преку телото на жената, кое својата вредност ја стекнува преку способноста и продуктивноста во процесот на создавање на нови гласачи за партијата.

Сликата во политичкиот живот е конзистентна со онаа на општествено ниво. И покрај Законот за еднакви можности од 2006 година со кој се воведе квота од задолжително присуство на 30 проценти жени во Парламентот, типичната пратеничка во Македонија не успеа да избега од сенката на патријархалниот императив на „послушна ќерка“. Небулозно дозволувајќи закони што директно задираат и го силуваат женското право на избор воопшто да дојдат на дневен ред, жените во Парламентот не покажаа политичка зрелост да ги одржат женските права кои и онака беа под опсада, а не пак да направат некаков суштински исчекор кон подобро за непривилегираните жени низ земјата. Освен тоа, и покрај огромната јавна поддршка против родово-базираното насилство и кампањите за подигнување свест, во пракса имаме еден тромав и неефикасен институционален систем што не нуди никаква заштита и е светлосни години далеку од тоа да обезбеди можност за економска поддршка и реинтеграција на жртвите во општеството.

Врзани за сферата на приватното, на жените најголемо поле за докажување традиционално им остана она на разните тортијади, пифтијади и други „јади“ во кои својата покорност ја докажуваат креативно зачинувајќи ги делата со декорации во чест на „Пастирот“. На оние жени со поголеми амбиции, повторно, во согласност со маскулинистичката патријархална општествена идеологија најдостапна и најпожелна опција за напредување (и покрај реалните или претпоставени високи професионални квалификации) им е таа преку умилкување на машки авторитети. Тука се и оние што го прифаќаат традиционално „машкиот“ модел на однесување играјќи ја улогата на строги, „челични дами“, кои на никаков начин не се разликуваат од своите колеги мажи, дури и ги надминуваат во суровоста.

Може да се заклучи дека местото на жената во мачо-популизмот и понатаму останува врзано за стереотипните поимања за женскоста во најрудиментарна форма. Ограничени со нормите на „пристоен“ изглед и „дамско“ однесување, обременети со низа закони и кампањи, и понатаму остануваме во меѓупростор, растргнати помеѓу надворешните очекувања и внатрешниот порив за ослободување и самореализација.

„Непријателот“ како основа на македонскиот популизам

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 2009 година во отворено писмо до своето членство, ВМРО-ДПМНЕ им порача на своите членови да се подготват за „финална пресметка со транзициските политичари“. Тоа беше еден од првите чекори на борбата против непријателите на Македонија која што веќе беше почната со насилниот контрапротест против Архибригада во март истата година и со реториката на неколкумина популарни, широко прифатени гласноговорници на режимот. Во периодот што следуваше, во јавниот дискурс имаше сѐ повеќе наводни домашни и странски непријатели, предавници, платеници, не-Македонци, соросоиди, педери, богохулници итн. Денес самиот Груевски директно изјавува дека Македонија е под сериозна опасност од здружената закана на странските служби и домашните „предавници“ од опозицијата.

Ваквиот дискурс е типичен за популистичките режими кои ја црпат својата поддршка врз база на конфликтот помеѓу народот како „ние“ и непријателите како „тие“. Овие два поими (народот и непријателите) се всушност фиктивни јазични конструкции, кои имаат улога на празни означувачи бидејќи нивното значење варира од дневнополитичкиот интерес на популистичката власт. Според Ернесто Лаклау, популизмот го упростува политичкото на симболична поделба на општеството на народот, кој речиси секогаш ја има улогата на обесправен, и сѐ останато, односно Другиот, кој во македонскиот случај го сочинуваат опозицијата, Албанците, Грција, Европа, Америка итн. Во ваквиот контекст, борбата против Другиот, т.е. непријателот, е основен извор на легитимитет за популистичките лидери. Иронично, непријателот е маркер на нивната политичка понуда, која вклучува зачувување на народната посебност од „опасноста“ што ја носи непријателот. Соодветно, колку посилно е претставен наводниот непријател, толку е поголемо чувството на заговор и загрозеност кај масите, па оттука поголема е и потребата од некаква привидна сплотеност за да се одговори на опасноста.

Сето ова доведува до состојба на вонредност, каде што примарно место има наративот на заштитување (securitisation) на „нас“ од „нив“. Ваквата состојба на вонредност тежнее кон истиснување на сите други општествено политички теми надвор од јавниот дискурс. Притоа, јавноста се дефокусира од можните неуспешни политики и корупциски афери на власта, а минимизиран е и просторот за било каков агрументиран политички дијалог. Од друга страна, политиката на заштитување на „нас“ од „нив“ креира реална опасност од дестабилизација и конфликт. Имено, ваквата состојбата на вонредност предизвикува емоции на страв, омраза и ксенофобија кај масите и води кон народна мобилизација од милитантен карактер што директно влијае врз реалната безбедност.

Емоционалните реакции на страв и омраза, кои произлегуваат од дискурсот на внатрешни и надворешни непријатели, ги извлекуваат на површина најниските страсти од човекот и го трансформираат граѓанството во толпа чиешто сврзно ткиво е паланечката нетрпеливост кон различното и поединечното. Во ваквиот систем нема место за критичко преиспитување на вистината, ниту пак за индивидуалистичко однесување базирано на разум. Напротив, сѐ мора да биде подредено на униформната покорност кон наративот на заштитување на „нас“ од „нив“, чијшто суверен владетел е неоспорниот авторитет на авторитарниот лидер со својата божемна заштитничка улога.