Мисија

„Прекуграничен комитет“ е иницијатива на млади истражувач(к)и родум од Македонија кои се во процес на докторирање или веќе докторирале во областа на општествените науки на универзитети во странство. „Прекуграничен комитет“ е обид да им се даде глас и можност на младите кои многумина ги сметаат за „одлеани мозоци“ да го насочат своето знаење, вештини и искуство кон активно учество и придонес во македонската јавна дебата.

Оваа иницијатива е резултат и на незадоволството од квалитетот на македонската јавна дебата и она што ние го гледаме како култура на паралелно живеење и размислување, како и меѓусебно исклучување врз основа на етнички, политички и кланско-клиентелистички припадности.

Но исто така, „Прекуграничен комитет“ е и одговор на општествените состојби во Македонија, кои се карактеризираат со криза на легитимитетот, институционализирање на авторитарни тенденции, корупција и клиентелизам, драматично нарушување на медиумските слободи, пролонгиран екомонски пад и меѓународна изолација. Ние сметаме дека овие процеси се погубни и како поединци со интерес и познавање на општествените науки, наше е да одговориме.

Нашата прва цел е создавање на инклузивна и општествено ангажирана платформа за дискусија на актуелни теми за земјата и регионот која ќе отвора нови теми, ќе внесува нови аргументи и ќе промовира нови парадигми во јавната дебата во Македонија. Во исто време, на што и упатува нашето име, целиме кон вклучување на истражувач(к)и од и во Македонија, како и странски истражувач(к)и со интерес за регионот. Наша цел е и поврзување на домашните дебати со оние во странство, но и поврзување на регионалната експертиза за Македонија и регионот со сознанијата од пошироките општествено-научни дисциплини. Нашето име истовремено упатува и на обидот со оваа иницијатива да се преосвојат различни аспекти од минатото преку дискусија и деконструкција на доминантните јавни наративи.

Формите со кои ќе се служиме, освен куси анализи и коментари, се и таканаречени „виртуелни заседанија“, осносно виртуелни панел дискусии, во кои поединечни теми ќе бидат дискутирани од неколку панелисти.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *