Лицата на невидливиот град

Автори: Иван Блажев и Владимир Јанковски [1]

(…) Српскиот архитект и скулптор Богдан Богдановиќ во една пригода ќе напише дека со години, со децении се обидувал од многубројните растурени делчиња на градовите кои расеано некогаш ги видел, или кои воопшто не ги видел, туку само на невидено ги сакал, да состави еден единствен „свој“ град. Ние пробавме да ја превртиме оваа логика. Наместо мозаик за идеален град кој ќе го составува една личност, се одлучивме за сложувалка во која различни луѓе донираат по едно свое парче за градот. Да го конструираме градот во форма на хетероген мозаик. Таквото Скопје на мигови наликува на кубистички портрет – истовремено постојат бројни површини и пресеци, а тоа што понекогаш едната ја исклучува другата се прифаќа само како предност. Зашто градот е токму тоа – некое постојано вклучување на различностите. Исклучување и порамнувањето, хомогенизацијата е спротивна на неговата логика. Поинтересни се градовите што создаваат разлики, во контрадикција се со себеси, отколку оние кои се обидуваат да се реплицираат и повторат. Скопје е како сунѓер – тоа впива сѐ докажувајќи дека градовите истовремено можат да бидат сечии и ничии – патникот што само неколку часа е во градот, заради материјализацијата на доживеаните мигови и присвојувањето на одредени ситуации, го има истото право на градот како и некој што со децении живее во него.

(…) Оној „нашиот“ град е по малку невидлив за другите. Некои од неговите скулптури, премини, напуштени објекти, пешачки патеки… можеби ги делиме со другите луѓе, оние што ги познаваат или дури и ги избираат да влезат во нивната антологија на посебни градски фрагменти. Но, независно од поклопувањата, постојано постои мало изместување, ситна разлика, отцепен празен простор што го одвојува нашиот поглед од погледот на другиот, нашата дефиниција од замислата на другиот. „Нашиот“ град е спој од видливото и она што ние сме. А тој спој постојано го умножува невидливото во градот, она што ние го бараме. Другата невидливост се реализира кога конкретниот простор го користиме како почеток, сцена за недоживеаното што треба да ни се случи. Навраќањето на омилените простори е доближување до празнината, истрага. Реконструкцијата на случениот настан во конкретниот простор го бара отсутното во грчот на конкретниот урбан микрокосмос.

[1] Фотографиите и текстовите што следуваат претставуваат избор од книгата „Лицата на невидливиот град“, објавена кон крајот на 2010 година. Книгата е составена од 36 портрети на луѓе на нивните омилени места во Скопје, кои ја раскажуваат приказната зошто го избрале токму тоа место од градот. Избраните места, делови од градот, се портрети на едно навидум невидливо Скопје, исцртано и мапирано во интимните биографии на неговите жители, а не во дискурсите на моќ на политичките и елитите на капиталот. Претходните два фрагмента се извадок од воведниот текст во книгата.

Nikola Eftomov

НИКОЛА ЕФТИМОВ 

Некаде меѓу минатото и иднината, под дождливите облаци на сегашноста, стојам на петата фасада на Градскиот трговски центар во Скопје. Ми велат: сплоти се со просторот и присети се зошто дојдовме на ова место.

Се обидувам да се сетам, а детето скриено во моето четириесетгодишно тело ме прашува: ти текнува ли кога мечтаеше токму тука, во стакленикот да го направиш својот дом?

Стакленикот и цвеќарницата одамна ги нема, а мојот дом на Октомвриска 8, некако спонтано започна да се претвора во зимска градина. Сето тоа е убаво, но јас одново се прашувам, овој пат за целта на текстов, па нели требаше да биде посветен на моето омилено место во Скопје?

Можеби приказната не е само за местото во кое како мал го чувствував дишењето на тропските билки, а нешто подоцна си замислував како го пијам утринското кафе под некој раскошен лист на палма.

Најверојатно ова место го сакам, поради погледот од 360 степени на различните архитектонски траги на мојот град; можеби затоа што од оваа позиција не се толку видливи новите грди лузни на неговото жилаво тело, а можеби поради небото над Скопје, што изгледа постојано се труди да постави нова/ стара барокна кулиса над овој нов/стар град…

Скопје го сакам поради Скопјаните и убавото небо над него!

Miliana Lenak

МИЛИАНА ЛЕНАК

Таа мирисаше гадно кога бев дете. Секое утро чекав автобус за училиште точно пред неа, фабриката за сапуни „Цветан Димов“. Потоа престана да мириса гадно и еден по еден почнаа да паѓаат стаклата на нејзините прозорци. Јас почнав да чекам едни други автобуси, кои ме носеа во едно училиште во Софија, да учам како се станува актерка.

Кога конечно се вратив, за да останам и за да се подарам себеси на Скопје, времето за фабриката и за мене престана да тече. Немаше веќе прозорци за ронење, а заспаната фабрика, времето почна да го мери според висината на дивите грмушки кои почнаа да никнат околу неа. Се среќававме сонувајќи, јас и фабриката, и така дознав дека таа во својот и јас во мојот сон сме на едно исто место. Поточно јас сум во неа, а таа низ мене се создава. Не само низ мене, нѐ има многу. И таа е дом за сите нас. Само не ја викаме веќе фабрика, ја викаме театар.

Не знам како ми успеа, зошто тоа е многу чудно да успее во град чија најголема гордост е еден застанат часовник, но ете пак велам, не знам како, но мене ми успеа да се разбудам. И брзо брзо, штом се разбудив го создадов Буден Театар. Сега тој ми помага да го придвижувам времето и да го мерам преку претставите кои ги создаваме.

Ја посетувам понекогаш заспаната убавица. Мечтателно гледам во нејзините високи ѕидови, ѝ зборувам, и таа ми го прифаќа гласот и ми го враќа назад, како да ја граделе најдобрите театарски акустичари. Ја прашувам „како јас тебе да те разбудам?“ И знам дека е итно да ја разбудам и да ја потсетам што сонувавме заедно. Зашто туку види, некој си ко божем принц, дојде, и ја заколе така заспана, и потоа врз нејзиното мртво тело изгради уште еден трговски центар. Таа е моето омилено место во Скопје. Да, не ова Скопје, ама сепак едно можно Скопје, од некоја поубава верзија на иднината.

Filip Stojanovski

ФИЛИП СТОЈАНОВСКИ

Пределот на „долно“ Топанско Поле и улицата „Џон Кенеди“ кои гравитираат кон ОУ „Васил Главинов“ има развиен маалски идентитет кој луѓето што живееле таму го носат и ако се преселат. Иако е доволно близу до центарот на Скопје за да може да се излегува и пешки, неговиот урбан фолклор се темели на генерациите израснати на рок музиката од предградијата на поголемите градови од бивша Југославија и приказните за уличните херои во кои сите жители имаат некоја улога, врз основа на заслугите.

За растењето во Топанско во осумдесеттите беше карактеристична разнообразноста. Заедно со Роми, Бошњаци, Албанци, Срби, Власи и Македонци со различно потекло придонесуваа со обичаи, како давањето прекари по прилепски. Во семејствата на многу Егејци при присилните патешествија низ Источниот блок доброволно се вклучиле и Полјаци и Чеси, па така во иста зграда може да се најдат и православни и католици христијани, муслимани, како и отворени атеисти. За оние што јадат манџи по комшии (а срамота е да одбиеш кога те нудат) ова значи дека имаат на располагање сите јадења карактеристични за балканските региони, етнички групи и верски празници, туку и вегетаријански чорбички можеби настанати од искуствата при гладувањето по планините на Грција, или слатки по рецепт од Ташкент.

Иако во секојдневниот говор се користат стереотипи и етнички вицови, тоа не се прави зад грб, а практичноста на секојдневното заедничко соочување со исти проблеми дејствува како противотров за тензии и канализирање на напнатости.

Bojana Stojmenovska

БОЈАНА СТОЈМЕНОВСКА

Се сеќавам дека како малечка уживав да се пентарам по споменикот на Жената борец во скопскиот Жена парк. Секако дека не сум била единствена во таквиот обид, но ден денес секој пат кога ќе минам низ паркот во нечие друштво, одново ги прераскажувам моите детски потфати. Како да барам да ми зададат предизвик за повторно да се обидам да го сторам истото.

Паркот сам по себе често успева да ме смири и да ми го одвлече вниманието бидејќи во него секогаш има посетители кои се опседнати со сосема различни активности на начин кој, според мене, е нетипичен за другите паркови во Скопје. Гостите се редовни и си имаат свое катче, дури и воајерите имаат своја претопена припадност.

За мене, при секоја посета на паркот, споменикот е јадрото. Постојано се фаќам себеси како ги отстранувам сите други мисли и се опседувам со прашањето: „Дали сѐ уште можам да се протнам низ отворот на споменикот? Ќе ме собере ли?“ Тој отвор за мене е скришно мерило кое за првпат го откривам. Се додека успешно замислувам дека ме собира – не сум пораснала премногу. А со сигурност тврдам дека сѐ уште ме собира.

Djordje Jovanovic

ЃОРЃЕ ЈОВАНОВИЌ

Авторите на книгава ме замолија да напишам кратка белешка за моите омилени места во Скопје. Цел ден размислував. Два дена бесцелно шетав. Три дена ги барав. Ги нема.

На плоштадот што јас го сакав, нераскопан и неподелен, навечер се собираа луѓе, разговаравме. На платото пред „Љубов“, навечер се собираа луѓе, разговаравме, се смеевме. Во дворот на кафулето „Лудница“ се собираа луѓе, разговараа, се смееја. Ателјето на Узуновски во Безистен – таму со Никола сликавме и таму навечер доаѓаа луѓе, седеа и долго разговараа. Луѓето сѐ помалку разговараат. Сега е модерно да се фотографираш пред некој чудесен објект што изникнал во меѓувреме. Јас се сликав пред моето најнеомилено место во Скопје – куќата на Мајка Тереза. Не заради тоа што имам нешто против големата хуманистка, туку заради страшното здание изградено во чест на нејзиното дело, како е некој монструозен споменик на сите омилени места во Скопје што веќе ги нема.

Marko Dragovic

МАРКО ДРАГОВИЌ

Еве го. Еве сум. Игралиштето и јас. Ова е моето место, тоа во мене и јас во него (во „моето“ и „јас“ се содржани личностите на сите кои тука одиграле барем некоја партија фудбал). Делче од овој град кое ме трпи верно веќе 17 години. Клишето „како дома” е неизбежно, оти не е клише, туку суштина. Точка едвај забележлива на Google earth, а за мене – мал свет, мој воспитувач и старател.

Местото кое заедно со сите невидливи сили, тивко ги преобразуваше нашите самоуништувачки енергии во пубертетот (а и подоцна), човекот сега го преобразува во „прекрасен” и „светкав” трговски центар. Ете… судбината на моето игралиште е уште една икона на жртва, голтната од потрошувачкото чудовиште.

Igor Angjelkov

ИГОР АНЃЕЛКОВ

„Скопје е само начин на кој ќе умреме.“

Порано го мразев овој стих на Вртев, но веќе не. Скопје е насекаде околу мене, и најмногу – во мене! И нема бегање. Стотици места, приказни, ситуации, сеќавања… Изборот на една единствена локација која на овој или на оној начин ми значи нешто беше тежок. Одлуката падна врз една приказна од минатата декада, кога во напливот на филмски ентузијазам, низ неколку прошетки со пријателите се обидувавме да најдеме простори идеални за одредено филмско дејствие, кои се тука, меѓу нас, поминуваме крај нив, а сепак остануваат недофатни и незабележани. Резултатот на крајот беше фасцинантен. Навидум познати зграда и улица, а само неколку метри зад нив, зад аголот, простор како создаден за сцена од некој добар „филм ноар“. Веднаш замислуваш како Годар и Трифо, во тандем, снимаат некој свој филм од новиот бран од 60-тите. Башка, Скопје во последната декада на минатиот век, поради распаѓањето на едниот и доаѓањето на сцена на другиот систем на вредности, се претвори во град кој изобилува со филмски локации сами по себе.

И така, на крајот се одлучив за скалите на Калето, спроти „бувљакот“, оние што водат до Француските гробишта. Прекрасни по својата грандиозност, филмични „пар екселанс“, и навистина ме чуди што ниту еден домашен филмаџија не се инспирирал да сними некоја сцена токму тука. Можеби тоа ќе се случи набргу, веднаш по ова нивно реоткривање. И не само тоа. Ова е повик и до градските власти да се погрижат за нив, давајќи им нов сјај.

„Скопје е само начин на кој…“

Iskra Geshoska

ИСКРА ГЕШОСКА

Просторот во кој се пресекуваат множествата на разни фрагменти од животот, каде што светот е возбудливо и опасно мноштвен а не еден, каде што привидот и стварноста се секогаш рака под рака, каде што гневот, љубовта, стравовите, дилемите, одлуките, прашањата, одговорите, крстосниците, патеките, солзите и насмевките се стекнуваат како силен и моќен водопад е не-место кое ми беше дом. Таму ја наоѓав утописката слика за семејството. Таму, копнеев, самував, растев, стареев уште кога бев дете. Таму научив како морам стрпливо да чекам да заврши „претставата“, не само онаа, на сцената, каде што мајка ми и татко ми беа дел од туѓи, позајмени приказни, туку и онаа животната, каде што јас требаше да ја „одиграм“, создадам и претставам својата приказна. Животот зад кулисите, во гримиорните и на сцената ме подучи дека спокојството и немирот знаат што е соживот. Ми покажа зошто е нужно да се прибегне кон стилизација на светот, на болката, на радоста. Во театарот се изведуваше, се одигруваше прологот на мојот живот, она што го посакував и она од кое стравував. Мојот театарски дом ме натера да се смирам пред фактот дека животот не е ништо друго туку копнежливо и радосно исчекување да заврши последниот чин.

Донесоа одлука – ќе го срушат Драмски театар. Ќе направеле поубав. Јас им велам: чувството за дом ниту еден багер не може да го сруши, ниту една градежна компанија не може да го изгради.

Jasna Dobrichic

ЈАСНА ДОБРИЧИЌ

Водно е спокојство, тишина, природа, зеленило, воздух, бескрајност, самотија, адреналин, енергија, мисла… Водно е сонце, небо, пеперутки, шишарки, топол чај, мирис на излупен портокал… Водно е урбано и диво; дел од градот и посебно; поврзано и изолирано; блиску и далеку… секогаш мое, искрено и едноставно. Водно е (мое) место во Скопје за бегство од Скопје.

Filip Jovanovski

ФИЛИП ЈОВАНОВСКИ

На оваа тераса за последните 3 години биле присутни 734 луѓе. Од нив 370 мажи, а 364 биле жени. Од жените 113 носеле црвена блуза. Од тие што носеле црвена блуза, 53 имале црна коса. Од нив 47 имале убава насмевка. Од тие со убава насмевка убав разговор сум имал со 13. Од тие 13, со 3 девојки сум останал на балконот до длабоко во ноќта. Од нив, со една…

Оставам сето она што е само започнато со бројките самите да го довршите, да си го раскажете онака како што приказната ќе ве одведе.

Станот се наоѓа на улицата Партизански одреди 7/4. Во него живеев 31 месец. Од крајот на 2004 година до средината на 2007 година.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *