Град за сите: утопија или можна реалност

Дел од редовното заседание „Урбанизацијата и правото на градот“ Автор: Ана Ацеска

Референдумот за ГТЦ во одреден поглед го демократизира процесот на урбанизација во Скопје. Соочени за првпат со таков процес, нужно е сега да се прашаме што е навистина „град за сите“ и дали институциите во Скопје можат да го овозможат.

ГТЦ, како и трговскиот „Бисер“ или пазарчето во Бутел, или како било кој друг објект во било кој друг град, нема никогаш и во ниеден контекст да биде место на и за сите граѓани. Но, токму во тоа е суштината и убавината на градот: тој е место во кое живеат луѓе кои имаат различни идентитети, навики, потреби и вкусови, потекнуваат од различни места и говорат на различни јазици. Во идеалниот град тие имаат еднаков пристап до ресурси и привилегии, живеат во солидарност, заедништво и разбирање, и токму во градот можат да бараат и добијат правда. Но, ниеден град не е толку совршен. Иронично, токму тие различности во кои е вплеткан и комплексноста на неговиот систем него го прават ранлив и поразен. Затоа добриот град постојано се преиспитува себеси, се преобликува и променува за да се доближи до вредноста „град за сите“ најблиску што може.

Скопје не е таков град. Неговите жители со децении се дискриминирани по разни основи, немаат еднаков пристап до инфраструктура, ресурси и информации, и меѓу другото се соочени со неправедна приватизација, небалансирана моќ и отсуство на правда. Тоа што се нарекува „Проект Скопје 2014“ ги одбегнува не само овие, туку и сите останати принципи на градење на град, и е погрешен во секој поглед.

Скопје, понатаму, се соочува со проблемот на отсуство на основното разбирање на процесите на системската и општествена нееднаквост кај сите актери кои учествуваат во градењето на градот. На пример, не само во општото поимање и секојдневиот говор, туку и во стручните анализи градот се разбира само во дихотомии: оваа и таа страна на Вардар, центар и периферија, еден начин на „градско“ живеење и „многу други“, една вистина и многу лаги. Неговата етничка и класна поделеност се сметаат за нормални. За него се зборува најчесто во метафори и ретки се искрените крици ослободени од доминантинте наративи кои кружат наоколу. Пример за ова е сеприсутната теза изнесена во јавноста дека „градот имаше дух (само еден!?) и дојдоа (некои, неписмени) и ни го земаа“ која стана несоборлива догма која во секој поглед ја легитимира нееднаквоста во градот. И оттука прашањето: а тие другите, различните, родени на друго место, со поинакви вкусови и потреби немаат право на град? Или: што со тие жители на кои духот на градот (како и да го дефинираме тој поим) е поинаков и е поврзан со други простори? Скопје не се познава на поинаков начин и неговите социолошки димензии не се истражуваат, ниту се разбираат.

Системската и општествена неедкаквост најчесто се создава и репродуцира на ниво на државата, но важно е да се разбере дека во тие процеси градот е многу важен. Тој не е само центар на големите социјални и економски процеси, туку голем дел од конфликтите произлезени од тие процеси ги имаат своите непосредни и директни последици токму во секојдневниот живот во градот. Тие процеси се репродуцираат и токму во градот се создаваат нови форми на нееднаквост кои веќе не потекнуваат само од државата, туку стануваат суштествено градски – затоа токму на тоа микро ниво треба да се насочат правилните политики за да се создадат услови за градење на град за сите. Оттаму, идното урбано планирање на Скопје треба да се ослободи од симболичките димензии и директно да се соочи со процесите на системска нееднаквост.

Токму тоа е уште една причина поради која треба да го одбраниме сегашниот изглед на ГТЦ и да ги поддржиме настаните и дебатите кои му се посветени. ГТЦ ни сега, ни по референдумот, нема и не треба да биде место на и за сите граѓани. Но, ако вистински се соочиме со прашањата и проблемите на нееднаквост во градот и ако доволно силно се обидеме, токму на тој референдум и токму ние треба да ја започнеме долгата борба за „град за сите“.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *