Автономните зони како простор за организирање на отпорот

Дел од првиот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза. Автор: Мила Шопова

Власта одбива да се соочи со недемократските процеси што ги воведе во институциите за да оствари непречена моќ и да спречи секаков обид за институционална контрола на таа моќ. Партиската опозиција и дел од формалните граѓански здруженија поставуваат дијагнози и ги игнорираат условите што доведоа до состојбите во која неодложни се општествени и системски промени. Во услови на реактивна партиска опозиција, нелегитимна партиска власт и старонови имиња што се реактивираат на политичката сцена (Димитров, Лазаревиќ, Димшоски), парламентарни избори не можат сами по себе да ги остварат потребните промени во Македонија, исто како што е невозможно политичката криза да се изедначи со објавата и содржините на противуставната пракса на прислушкување.

Да појдеме од аналитичкиот пристап со кој кризата претставува појдовна обзервација и работен концепт, а не само фактичка состојба. Така сме чекор поблиску до историите и политиките на дискриминација зад процесите што ги сведочиме денес.[1] Ако кризата е момент кога станува видлива опсежноста на моќта, тогаш треба да го насочиме вниманието на местата и нештата во процесот на утврдување моќ како што се манипулацијата, дискриминацијата и експлоатацијата и моделите што успешно пружаат отпор.

Во моментот кога во Македонија се случува објавувањето на незаконски практики, како прислушувањето, социјалната нееднаквост е во историски подем, работничките права се ништат, јавниот простор се стеснува во и надвор од градовите со пренамена и распродажба на јавното земјиште, во градските населби ЛГБТ заедницата, Ромите, осиромашените и други слоеви од непривилегираното население, вклучувајќи и жени, се маргинализираат, стануваат мета и жртва на разни видови насилствo, обесправеност и обеспоседеност. Сето ова се случува организирано од државните институции. Ова е препознатлива состојба во неолибералниот свет денес, а горенаведените точки се оските околу кои треба да се гради отпорот. Притоа, отпорот мора да биде заснован на демократски принципи, а не принципи што ќе овозможуваат само одредена група луѓе да имаат непречена контрола врз знаењето и информацијата. Во оваа група се вбројува и партиската опозиција. Таа опстојува врз истите услови, ги користи истите простори и доаѓа до информации по истите канали како тие на власт со цел да опстои. Со калкулантска ангажираност, таа ги банализира засведочените неправди: кога бомбите се темпирани, а темпото по некое време станува предвидливо, експлозиите се нормализираат и стануваат дел од очекуваниот репертоар на секојдневието. Да не заборавиме, партиските опозиции немаат интерес да посочат каде се линиите на обесправеност, зашто тоа би значело дека и тие ќе треба да се соочат со својата дискриминаторска историја и да се подведат под поголема контрола на граѓаните. Во овие околности, единствено граѓанското организирање може да доведе до општествени и системски промени, во простор формиран и услови определени од граѓаните.

Автономните зони по примерот на студентските и професорските пленуми се покажаа како успешен простор за граѓанска мобилизација. Неформалното окупирање на физички простор е аналогија за одново освојување на загарантирани, но неовозможени права, можност колективно да се учествува во обмислување на нови процеси за демократско управување кога репрезентативните ќе прераснат во дискриминаторски. Мора да продолжиме со автономните зони, да ги мултиплицираме и надвор од универзитетот. Ова се простори на географско слепило, на привремена недржавност, на ослободување од општествениот договор и од идеалот дека даденото право е реализирано право. За да се реализираат дадените права, треба да постојат услови тие да бидат практикувани. Автономните зони се правецот до општо граѓанско организирање околу моќта на граѓаните колективно да ги подобрат условите за да ги остварат своите права.

Колективното размислување и солидарноста се два принципи за организирање на автономните зони. Размислувањето како колективен процес, а чија важност го препознава Хана Аренд, расчистува со класниот феномен на „интелектуалецот“ и со монополот на институционалните центри на образованието врз знаењето и искуството. Во тој процес, по принципот на солидарност ќе се препознаат и здружат историите на обесправеност. Принципот на солидарност има своја историја, а во денешниот момент е важен зашто привремено ги одолжува пресудите за тоа како треба да се живее и постои. Во тој привремен застој никнуваат дотогаш обесправени гласови, знаења втемелени во искуства, истории. Никнува отпорот. Солидарноста е една можност да се дејствува по пат на прифаќање, а не пресуди и предрасуди.

Во автономните зони, со принципите на колективно размислување и солидарност, секој од нас ќе треба да се соочи со своите и колективните предрасуди и да ги препознае експлоатацијата и обесправеноста. Така ќе се создаваат нови форми на отпор.

 

[1] Овој пристап е неопходен за да размислиме како понатаму и да ја надминеме патологијата и ахисторичноста на сегашниот момент. Во спротивно, единствената промена што претстои е смена на позициите по пат на избори, без промена на процесите за контрола и демократска распределба на моќта.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *