Работничките права од гледна точка на еден фетишист

Дел од виртуелното заседние „Работнички права во неолиберална и постсоцијалистичка Македонија“  Автор: Бранимир Јовановиќ

За миг, ќе се ставам во улога на тесноумен макроекономист, кој се грижи само за економски раст. БДП фетишист, што би рекол Џозеф Стиглиц. Зошто би ми биле важни работничките права тогаш?

Работничките права влијаат на преговарачкиот процес помеѓу работниците и работодавачите. Помали права значат помала преговарачка моќ на работниците. Ова значи дека при раст на доходот, помал дел од него ќе завршува кај работниците, а поголем кај работодавачите. Како ова ќе се одрази понатаму врз економскиот раст зависи од ефектот на мултиплицирање, кој пак зависи од маргиналната склоност кон трошење, т.е. од тоа колкав дел од новиот доход се троши, а колкав се штеди. Доколку маргиналната склоноста кон трошење е повисока, и растот ќе биде повисок. Економистите обично сметаат дека маргиналната склоност кон трошење се намалува како што расте доходот (едноставно, можностите за трошење на парите се намалуваат). Работодавачите пак обично имаат повисоки доходи од работниците. Затоа, помалите работнички права можат да резултираат во понизок економски раст, затоа што прават поголем дел од доходот да оди кај работодавачите (сопствениците на капиталот), кои пак повеќе штедат, а помалку трошат.

Ова се однесува на растот на краток рок. Може да има и други ефекти, кои би влијаеле на растот на подолг рок. На пример, преку нееднаквоста. Бидејќи помалите работнички права значат дека доходот на сопствениците на капиталот расте повеќе од доходот на работниците, и бидејќи сопствениците на капиталот се побогати од работниците, помалите работничките права ја зголемуваат доходовната нееднаквост. Доходовната нееднаквост, пак, се смета дека го забавува растот на среден и долг рок.

Колку овие механизми се присутни во Македонија? Во Македонија е забележливо намалувањето на работничките права од 2005 наваму. Така, според Извештајот за економска слобода во светот, индексот за регулација на пазарот на труд во 2005 бил 5.9 (како Австрија), а во 2012 е 7.6 (како Сингапур), што е големо намалување на регулацијата, т.е. на работничките права. Согласно аргументот за редистрибуција, во овој период се забележува висок раст на доходот на богатите и само мал раст на доходот на останатите – реалниот доходот на најбогатите 1% помеѓу 2010 и 2005 пораснал скоро тројно, за разлика од доходот на останатите 99%, кој пораснал само за 11%. Согласно аргументот за мала склоност кон трошење на побогатите, во овој период има раст и на штедењето, но уште поважно, и на „пасивните пари“, т.е. на средствата кои завршуваат во благајничките записи на централната банка, наместо во кредити. Тие во 2005 биле околу 3% од БДП (9 милијарди денари), а во 2012 достигнале 6% од БДП (26 милијарди денари). Во овој период има раст и кај доходовната нееднаквост – учеството на најбогатите 1% во вкупниот доход во 2005 било околу 5%, а во 2010 достигнало 12%. Конечно, сите овие движења се следени и со забавување на економскиот раст – реалниот раст на БДП по глава на жител во периодот 2003-2007, кога просечниот индекс на работнички права е 6.1, изнесува 4.4% годишно, додека во периодот 2008-2013, кога индексот на работнички права изнесува 7.8, растот на БДП е намален на само 1.7% годишно. Наодите остануваат непроменети и доколку растот се гледа во сооднос со светскиот БДП, или се исклучи кризната 2009 година, или 2007 година се стави во вториот под-период. Се разбира, ова се само стилизирани факти, базирани на едноставни корелации, но, според мене, доволно се индикативни.

Но, доколку ја напуштам улогата на БДП фетишист и се вратам во моето вистинско јас, и се запрашам тогаш зошто се важни работничките права, одговорот би бил далеку поедноставен – работничките права се важни затоа што бeз нив би се вратиле во крепосништвото.

 

*ставовите изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан.

 

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *