Јавниот долг во годините што следуваат

Дел од виртуелното заседание „Има ли Република Македонија проблем со долгот?“ Автор: Бранимир Јовановиќ

Ајде да претпоставиме дека владата е во право кога вели дека јавниот долг сè уште не е висок. Дека тоа навистина се потврдува со тоа што еврообврзницата што беше издадена во јули 2014 достигна камата од околу 4%. То ест, дека ниската камата не е заради поволните услови на глобалните финансиски пазари во тој момент, туку затоа што пазарот има позитивна перцепција за македонската економија.

Ајде да претпоставиме дека владата е во право и кога вели дека прагот за висок јавен долг за Македонија е 60% од БДП, како што се предлага со уставните измени. Всушност, како што е пропишано со Мастришките критериуми за влез во еврозоната, кои се однесуваат на земји членки на ЕУ, т.е. на развиени земји, кои секогаш имаат повисок праг за висока задолженост. Односно, да претпоставиме дека тоа што земјите во развој обично не толерираат толку високи нивоа на долг и обично банкротираат при пониска задолженост (на пример, Аргентина во 2001, при јавен долг од околу 50%), не се однесува и на Македонија.

И, ајде да пробаме да го симулираме нивото на македонскиот јавен долг во наредните години. Да видиме дали постојат шанси да се достигне критичната граница од 60% наскоро. Да го направиме тоа со едноставната равенка за динамиката на јавниот долг:

D= D-1*(1+r-g)+prim

Равенката кажува дека долгот на крајот од оваа година (D) е еднаков на долгот од крајот на претходната година (D-1), зголемен за разликата помеѓу реалната каматна стапка на долгот (r) и реалниот економски раст (g) и за износот на примарниот буџетски дефицит, т.е. дефицитот без каматите (prim). Реалната камата (r) понатаму може да се изрази како разлика помеѓу номиналната камата (i) и инфлацијата (inf), со што равенката станува:

D= D-1*(1+i-inf-g)+prim

Според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), примарниот буџетски дефицит на општата влада (т.е. централната влада и општините) во периодот 2015-2017 се очекува да изнесува околу 2% од БДП. Ако на ова се додаде планираното задолжување на Јавното претпријатие за државни патишта за 2015-2017 од Петгодишната програма, од околу 480 милиони евра, се добива дека примарниот дефицит на вкупниот јавен сектор во 2015-2017 би бил околу 3.5% од БДП. Инфлацијата ММФ ја проектира на околу 2%, а економскиот раст на околу 4%. Ако за каматната стапка претпоставиме дека ќе изнесува 4%, колку што изнесуваше каматата на последната еврообврзница, ова значи дека до крајот на 2017 година јавниот долг би пораснал на околу 55%, што е сè уште под критичното ниво од 60%.

Но, постои голема неизвесност околу изнесените претпоставки. На пример, светот се наоѓа пред крајот на периодот на ниски камати, како резултат на затегањето на монетарната политика во САД. Дополнително, многу е веројатно инфлацијата да е пониска од проектираните 2%, бидејќи инфлацијата во 2014 беше околу нула, и бидејќи еврозоната се наоѓа пред дефлација. Конечно, можно е растот да биде понизок од овие 4%, со оглед на забавувањето на растот во еврозоната. Ако се претпостави дека каматата на долгот ќе порасне на 6% (што не е неразумно, бидејќи претходната еврообврзница имаше камата од 10%, и бидејќи стратегијата на владата е да се задолжува надвор а не дома), дека инфлацијата ќе изнесува 1.5% а економскиот раст 3%, се добива дека јавниот долг во 2017 ќе го надмине критичното ниво од 60%.

Значи, и да не е проблем денеска, јавниот долг може многу лесно да стане тоа во годините што следуваат. Најдобриот начин да се спречи ова е преку намалување на примарниот буџетски дефицит. Ова би можело да се постигне или со зголемување на приходите, преку воведување на прогресивно оданочување, на пример, или со кратење на непродуктивните трошења и со зголемувањето на ефикасноста на јавните набавки. Но, за тоа некој друг пат.

 

* ставовите изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *