Раст на долгот во услови на намалена буџетска транспарентност и фискална дисциплина

Дел од виртуелното заседание „Има ли Република Македонија проблем со долгот?“ Автор: Марија Башевска

Податокот дека Македонија е една од најниско задолжените земји во Европа често го истакнуваат нашите власти при секое известување за ново задолжување, но тој податок сам по себе не кажува ништо за капацитетот за отплата на јавниот долг на нашата земја, ниту пак за неговата долгорочна одржливост. За да знаеме дали Македонија има проблеми со долгот и дали во изминатите пет години државата премногу трошеше, треба да се знае на што се потрошија најголемиот дел од средствата кои го генерираа долгот во анализираниот период, кој е капацитетот на земјата за отплата на долгот, дали македонските власти имаат одржлива стратегија за намалување на долгот на среден рок и дали ќе бидат доследни во нејзиното спроведување без драстични последици и товар за овие и следните генерации граѓани на Македонија.

Досегашните јавни расходи и генерираниот долг во изминатите пет години беа во голема мера нерационално вложени, запоставувајќи ги приоритетните потреби и клучните предуслови за одржлив и инклузивен иден раст на земјата. Беа запоставени потребите за подобрување на условите во јавните здравствени установи и зголемување на достапноста на здравствените услуги, потребите за подигнување на квалитетот на образованието и поттикнување на истражувачките и иновативните капацитети на универзитетите и приватниот сектор. Не се вложуваше доволно во намалувањето на сиромаштијата, ниту пак во обезбедувањето на елементарни услови за живот сè уште недостапни во некои региони и населени места во земјата. Се запоставија вложувањата во патната и енергетската инфраструктура, како и вложувањата во одржувањето и заштитата на животната средина. Изостанаа овие, но и други развојни инвестиции кои креираат додадена вредност и зголемени приходи, имаат позитивни ефекти врз растот на среден и долг рок, влијаат на идниот економски развој на земјата, а со тоа и на капацитетот за отплата на долговите.

Државата во анализираниот период повеќе трошеше на тековни расходи и проекти кои имаа краткорочен импакт врз економскиот раст. Капиталните расходи заземаа релативно мал дел од вкупните расходи, често дополнително се намалуваа со ребалансите на буџетите и беа склони кон нецелосна реализација. Во структурата на капиталните расходи во изминатите пет години доминираше градежништвото и голем дел од средствата се одлеваа за градежните зафати предвидени со проектот Скопје 2014, а растот на БДП во најголема мера се должеше на силниот раст остварен токму во градежниот сектор.

Бидејќи досегашниот долг (до 2014 г.) не беше искористен во насока на подобрување на сите претходно набројани аспекти и инфраструктурни потреби кои недостасуваат во земјата, во идниот период потребата од продуктивни инвестиции ќе се зголемува, како што ќе се зголемуваат и доспеаните обврски за наплата.

Министерството за финансии во Фискалната стратегија за 2014 – 2016 година, најави планирано постепено стабилизирање на буџетскиот дефицит на 2.6% од БДП во 2016 г., но оваа стратегија веќе доживеа нагорно ревидирање со оглед на ребалансот на буџетот и надминувањето на планираниот буџетски дефицит за 2014 година, од планирани – 3.5% на – 3.9% од БДП. Оттука, имајќи ги предвид и сите предупредувања кои доаѓаат од последните извештаи на Европската комисија и ММФ, Македонија веќе има потешкотии со одржливоста на долгот, што може да се види од начинот и темпото на новите задолжувања, како и од новите бројни давачки наметнати кон граѓаните, дали во форми на нови оданочувања за малите бизниси, нови давачки за лиценци, дополнително оданочување со социјални придонеси за хонорарните приходи, казни итн. Следните две години се клучни за консолидирање на постојниот долг. Доколку во 2015 и 2016 година буџетските дефицити продолжат да растат над ревидираните таргети и доколку задолжувањето не се намали, Македонија може да има сериозни проблеми со долгот и понатамошните услови под кои ќе може да се задолжува.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *