Студенти на новото време

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Љубица Спасковска

„Сите школи на македонски“, „Кој експериментира со педагошкиот факултет“, „За Шиптари гасни комори“… Пред седумнаесет години дел од подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ – Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Антонио Милошевски, беа упорни, бунтовни протестанти кои беа спремни да штрајкуваат со глад и да колабираат во име на тоа да не им се дозволи на нивните врсници-Албанци да посетуваат настава на мајчин јазик на скопската Педагошка академија. Влатко Ѓорчев беше средношколец кој дојде и во мојата гимназија да нѐ убедува да им се придружиме на протестите. Денес, овие луѓе се дел од македонската владејачка политичка елита. Овој дел од нивните биографии е ретуширан или подзаборавен, а нивните коалициони партнери очигледно немаат проблем со фактот што соработуваат со луѓе кои флагрантно ги оспорувале јазичните права и повикувале на екстерминација на нивната етничка заедница.

До минатата недела, овие срамни протести важеа за најмасовниот студентски бунт во независна Македонија. Сѐ до минатата недела, шовинистичкиот национализам од 1997 беше најкрупната дамка на македонското студентско организирање. Но, по седумнаесет години, се чини дека една нова политичка генерација е родена. Социолошки, генерациите нужно не се поистоветуваат со специфични возрасни/биолошки групи; Карл Манхајм ја иденитификува како сродни возрасни групи инволвирани во одреден историски-општествен процес. Во овој случај, една нова политичка генерација на прекрасен начин ни покажа дека ерата во која национал-шовинизмот поминуваше како субверзивност и како најефикасниот начин за мобилизација – е завршена. Политичката елита на ДПМНЕ која со години црпеше симболичен капитал од нивното наводно визионерско анти-југословенство, од нивниот анти-албанизам, од анти-комунизмот со кој успејаа да го дестабилизираат македонското антифашистичко наследство и самата македонска државотворност, тој дискурс е поразен од новиот политички јазик на оваа генерација. Паролите на македонски и на албански јазик кои се појавија на протестите, како и сите јавни соопштенија на Студентскиот пленум беа исклучително интелигентни, умно срочени и на едно толку многу повисоко ниво од сѐ што произведе 1997 и од општото дискурзивно и интелектуално ниво на владеачката коалиција и најголемиот дел од медиумите. Овие млади луѓе ни ја вратија вербата дека една поинаква Македонија е возможна! Нивниот протест не е насочен единствено кон овој специфичен контраверзен „државен испит“ – тој е насочен кон целокупната состојба на високото образование, а нивната елоквентност, интелигенција, ентузијазам и ерудиција ќе внесат, односно веќе ја внесоа долгоочекуваната свежина во јавниот простор кој последниве години е буквално загаден од загрижувачки примитивното ниво на политичка и медиумска комуникација.

I have a dream… дека еден ден најдоброто од оваа генерација ќе биде дел од идната, нова македонска елита на вистински високо-образовани, толерантни, отворени, само-критични индивидуи. “Каде што завршува стравот, таму почнува слободата“!

Comments

comments

3 коментари на “Студенти на новото време

  1. Gospogjice ili gospogjo Spaskovska, ubavo ste izbrale zborovi koi polovinata od onie koi ke citaat nema da gi razberat potpolno, izrazot vi e na visoko nivo nema sto.
    No ajde posocete zemja vo koja malcinstvata ucat na svojot jazik na glavnite fakulteti? Mislam tuka ke se pomacite malce poveke, polesno vi bese da najdete nekoi navistina sofisticirani frazi , i uste polesno vi bese da gi narecete nekoi lugje shovinisti. Navistina ideja koja ja turka edno malcinstvo so megalomanski idei kako nikade vo svetot da se uci na niven jazik dodeka ziveat vo zemja vo koja se znae oficijalniot jazik e nacionalisticka od nivna strana, a ne onie koi zastanale da go branat svojot identitet od zagrozuvanje. Site znaeme deka vo malata Makedonija ima megalomanski idei za nekakva “Golema’ druga drzavnost, zarem tie ne se po nacionalisticki i shovinisticki od onie koi zastanale vo odbrana pa spored vas go negiraat malcinstvoto?

    1. Почитуван/а,
      Во право сте – во Македонија има мегаломански идеи за „Големи„ или етнички држави – но вие тоа го лоцирате само кај Албанците. Проблемот е што туркањето на „мегаломански„ идеи во сопствениот етникум се одобрува, а тоа кај другите се осудува. Сите Македонци реагираат на картата на Голема Албанија, но картата на етничка Македонија не ни е контраверзна. Доколку сте принципиелни и го осудувате национал-шовинизмот кај Албанците, треба подеднакво, можеби и уште посилно да го осудите истиот во сопствената заедница, во случајов кај нас Македонците.
      Второ, Албанците фигурираа (заедно со Турците) во преамбулата на македонскиот устав од 1974 (се до 1989 година) и тие немаа статус на малцинство во социјалистичка Македонија. Нивниот статус беше сведен на малцинство (од уставната категорија на „народност„) во независна Македонија. Во Југославија Албанците имаат високо образование на мајчин јазик од 1969.
      Трето, треба да бидеме искрени и да признаеме дека генерално македонскиот однос кон Албанците е расистички – постои огромна нетрпеливост кон нив, кон нивниот јазик, нивните симболи, култура, стереотипи за нив како за помалку вредни, инфериорни, криминални, итн. Секој треба да има право да се образува на сопствениот мајчин јазик – и Албанците во Македонија, и Македонците во Албанија и Грција, и Србите во Косово…

  2. Почитувани,

    Будењето на македонската интелегенција е за поздравување и Македонија долго време чека на тоа. Имам една забелешка за вашиот коментар и вашата анализа на студентските протести од 1997 година. За вас тие протести биле “срамни протести” и “шовинистички национализам од 1997 како најкрупната дамка на македонското студентско организирање”. Со тоа воопшто не можам да се согласам. И денеска како и во 1997 година вратите на македонските универзитети се отворени за сите потенцијални студенти кои имаат желба за знаење и за позитивен допринос за нивната татковина независно од која етничка заедница се. Ти е протести тогаш имаа за цел да се пази Македонија на висинскиот пат, кој за жал сврте на кривината 2001, рамковен договор и настаните после тоа. Кога стидентите се жени за знаење јазикот не им е проблем, македонски студенти учат на светските универзитети на други јазици, меѓутоа отварањето на универзитети на политичка основа е една од причините за падот на квалитетот на образованието во Република Македонија кој води до протестот на студентите од денешните генерации кој апсолутно го подржувам.

    дипл. инж. ел. Атанаско Борис Митрев

Напиши одговор на Љубица Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *