Што стои зад идејата за „државен испит“

Дел од вонредното заседание на Прекуграничниот комитет „Студентски протести“. Автор: Горан Лазаревски

Навистина не се сомневам во Владата кога велат дека нивната намера е да го подобрат квалитетот на високото образование. Како што не се сомневам и дека методот за кого се определиле може да биде плод само на уникатна историска комбинација на ограничен ум и неограничена желба за контрола. Концептот за државен испит е без преседан насекаде во светот, без разлика што се повикуваат на некакви компаративни меѓународни искуства. Постојат т.н. професионални државни испити за лиценцирање на еден тесен круг технички занимања (право, медицина итн.), но никаде нема да најдете земји во кои државата спроведува испити на додипломско ниво за сите струки. Причината за ова е очигледна – квантумот на знаење во поголемиот дел од дисциплините едноставно не е мерлив со прашања со абвг-одговори. Само некој што фундаментално погрешно го разбира концептот на високо образование, може да помисли дека книжевност и уметност може да тестирате со прашања за авторство на некое дело, или историја со прашања за годината на некоја битка. Така не се создаваат мислечки индивидуи, туку бубаторски машини. Веројатно на ист начин се има и стекнато со диплома мозокот кој стои зад оваа идеја.

Да го оставиме за момент настрана прашањето за автономијата на универзитетот, бидејќи доколку Владата науми има доволно моќ да ја ко-оптира универзитетската управа во спроведувањето на нејзините деструктивни реформи, како што се случи и со законот за високо образование во 2008. Подривањето на автономијата на професорот е она што во срж концептуално ја делегитимизира оваа идеја. Долгогодишната специјализирана научно-истражувачка работа ги прави професорите единствено компетентни да одлучуваат што ќе предаваат и како ќе оценуваат по својот предмет; збир од компетенции кое не можат тукутака да бидат заменети со 9-члена комисија на сезнајни мудреци. Со предлог законот за Комисија избрана од Владата која ќе ги одобрува и составува прашањата во сите области по сите предмети, што е смешно неефикасно, се задушува плурализмот во научната мисла. Особено на удар се општествените науки, бидејќи се наметнува потребата сите професори да предаваат по истата програма, онаа одобрена од сезнајната 9-члена Владина комисија, своевидна праодија на Орвеловското министерство за Вистина.

Зад оваа намера се наѕира сомничавоста и недовербата со која власта гледа на својата академска заедница, што совршено се вклопува во досега прокламираниот анти-интелектуален курс. За нив, лекарите и професорите се непријателот, генераторот на сите проблеми во здравството и образованието. Така, здравството е во колапс не затоа што директорите на клиниките се партиски кадри без никакво искуство и познавање, не затоа што единствениот критериум за унапредување е партиската лојалност, не затоа што се крадат огромни суми пари преку тендери за набавки, туку затоа што некои медицински сестри не биле доволно љубезни, и затоа што имало пациенти што влегувале преку ред. На истиот начин, и во образованието проблемите не ги гледаат во тоталната партизирност на општеството кое им дава шанса на најпослушните наместо на најуспешните, ниту во масовната акредитација на универзитети во секое село (бидејќи, според досегашната мантра, Македонија требаше да има 99% „образована“ сила за да привлече странски инвестиции), ниту во ниските плати на наставниците, туку во професорите што лошо предавале и во учениците што не учеле. Затоа потребно е да се дисциплинираат: едните ќе ги пратат на екстерно, а другите на Државна Академија. Само Владата е безгрешна и воопшто нема потреба да се дискутира за ништо. Наше е само да ги прифатиме законите што како Мојсеј од Синај ќе ни ги донесе Адеми. Време е да прифатиме дека оваа Влада е во отворена војна со интелигенцијата во својата сопствена земја. Тоа е војна помеѓу Глупоста и Моќта од една и Интелигенцијата и Правдата од друга страна, и постои само една алтернатива за победник.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *