Дијаспорски дилеми: кој, зошто и како гласа во странство

Дел од виртуелното заседание „Политика на далечина: Предизборни осврти на „дијаспората““. Авторка: Елена Б. Ставревска

 

Треба ли дијаспората да гласа? Ова е прашање кое се враќа во македонскиот јавен дискурс пред секои парламентарни и претседателски избори од 2011 година, кога првпат беше спроведено такво гласање.

Во дискусијата може да се идентификуваат најмалку три различни аспекти. Едниот, би го нарекла социјализирачки аспект, се однесува на врската помеѓу „татковината“ и (привремено) иселените. Додека едни тврдат дека давањето глас на дијаспората ја зајакнува таа врска, други сметаат дека врската не е доволно силна за иселените да бидат добро запознаени со политичкиот контекст во земјата како би можеле информирано да гласаат. Во време на лесно достапни онлајн информации и на сѐ поширока употреба на социјалните мрежи и онлајн алатките за комуникација, станува полесно за иселениците не само да добијат информации за состојбата во државата, туку и да го почувствуваат секојдневието преку искуствата на нивните блиски кои останале во Македонија. Оттаму, социјализирачкиот аспект во дискусијата станува помалку релевантен.

Друг аспект кој неретко се споменува е економскиот. Овој аспект конкретно се однесува на уделот на дознаките во македонската економија. Иако дознаките значително придонесуваат кон подобрување на економската состојба на многу семејства, како што е објаснето во друг текст во ова заседание, неопходно е да се укаже дека не постои очигледна каузална врска помеѓу правото на глас на дијаспората и бројот на дознаки. Во македонскиот случај, ова лесно може да се согледа преку споредба на дознаките пред и по воведувањето на таканареченото дијаспорско гласање. Покрај тоа, многу земји со рекордно мал број на дознаки овозможуваат гласање вон државата. Во тој контекст, и економскиот аспект на дискусијата за правото на глас станува помалку релевантен.

И најпосле, третиот важен аспект во дискусијата е демократскиот, односно републиканскиот аспект. Во изминативе неколку години се бележи растечки тренд во светот на воведување можност за гласање во странство; така денес поголемиот број демократски земји ја има воведено оваа изборна можност. Во таа насока, прашањето дали државјаните кои се привремено во странство треба да гласаат е неспорно. Членот 22 од Уставот на Република Македонија јасно предвидува дека секоја граѓанка и граѓанин над 18 години има избирачко право, кое е еднакво, општо, тајно и непосредно. Ова секако ги вклучува и граѓаните, односно државјанките кои имаат „пријавено последно живеалиште во Република Македонија, a на денот на изборите привремено престојуваат во странство повеќе од три месеци или се на привремена работа или престој во странство повеќе од една година“. Важно е да се напомене дека иако имаат право на државјанство на Република Македонија, како земја каде државјанство се добива според потекло, а не место на раѓање, генерациите иселеници кои никогаш немаат живеено во Македонија не можат да гласаат на избори. Ова е една од почестите грешни претпоставки во јавната дискусија на оваа тема. Со тоа, избирачко право всушност има само еден дел од дијаспората. Концептот на „дијаспора“ самиот по себе не е правен, туку идентитетски концепт и зависи исклучително од чувството на припадност кон таа заедница. Таквите заедници се широки, лабави и недефинирани, па може да опфаќаат и луѓе кои имаат одредено потекло и државјанство но никогаш и не ја посетиле земјата, како и луѓе кои воопшто немаат државјанство на таа земја.

Што е тогаш спорно околу гласањето во странство? Ако ги тргнеме настрана изборните нерегуларности забележани кај гласањето во странство досега, можеби најспорниот елемент е нееднаквоста на гласот во Македонија и во странство. Имено, од една страна, до неодамна постоеја три изборни единици вон Македонија: ИЕ7 (Европа и Африка), ИЕ8 (Северна и Јужна Америка) и ИЕ9 (Австралија и Азија) и шест во земјата. На изборите во 2014 во ИЕ9 доволно беа само 800 гласа за избор на пратеник, додека потребниот број на гласови за избор во шестата изборна единица на територијата на Македонија, каде одзивот беше најнизок, беше околу 7.000. Со измените на Изборниот законик кои произлегоа од Пржинскиот договор, ова значително се менува. Сега сите гласачи вон територијата на Македонија гласаат во една изборна единица (ИЕ7). Освен тоа, овојпат како и во останатите изборни единици, и во ИЕ7 ќе се применува пропорционален изборен модел. Со други зборови, овојпат и во дијаспората ќе се гласа за кандидатски листи на партии, а не за поединечни канидати. Со најновите измени, најнискиот неопходен број гласови за кандидатка од дијаспората да биде избрана за пратеничка е еднаков на најнискиот потребен број гласови за избран кандидат на територијата на Република Македонија на претходните избори. Во случајов, тој број е некаде околу 6.500 гласови. Овие измени овозможуваат делумна еднаквост на гласот.

Сепак, тоа што останува спорно е репрезентативноста. Ваквиот модел претпоставува, од една страна, одредена хомогеност на дијаспората и нејзините интереси, а од друга страна, врска помеѓу еден пратеник и електоратот распространет низ целиот свет. Интересно е што и покрај тоа што моделот нуди можност за надетничка кампања и позиционирање, кандидатите остануваат во таканаречените етнички кампови, каде македонските кандидати ја бараат довербата на етнички македонските иселеници, а албанските кандидати на етнички албанските иселеници.

Постојат најмалку два начини за целосно решавање на проблемот на еднаквоста на гласот, иако тие би го нужно решиле и проблемот на репресентативноста. Во рамките на постоечкиот модел на шест изборни едници во Македонија, најбезболниот и најправеден начин е интегрирање на гласовите од странство во изборните единици асоцирани со местото на живеење на гласачот пред напуштањето на земјата. Ова е нешто што го практикуваат голем број земји. Другиот начин е со можна промена на моделот во една изборна единица, како предлог кој често го слушаме во јавноста, со што нееднаквоста на гласот како проблем целосно се отстранува.

Посебна анализа е потребна за трошоците што ги наметнува гласањето во странство, како и ограничувањата поврзани со личното гласање, но тие две теми не се предмет на овој текст. Засега, останува во недела да видиме како ќе функционира новиот модел и дали дијаспората воопшто ќе успее да изгласа претставник. Но во секој случај, со постепеното еволуирање на изборниот модел за нашите сограѓанки и сограѓани кои живеат во странство, Македонија полека се обидува да го најде балансот помеѓу демократските и републикански вредности и мобилноста на нејзиното население во глобални рамки.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *