Кон идејата за дома во контекст на масовната иселеност: социолошки поглед

Дел од виртуелното заседание „Политика на далечина: Предизборни осврти на „дијаспората““. Авторка: Ана Ацеска

 

Да имаш место кое лесно можеш да го наречеш дома не е само субјективно расудување или лично чувство, туку е тесно поврзано со политиките и дискурсите во еден општествен контекст. Во демократиите не постојат директни политики за тоа што е дома и како да се чувстуваш дома на одреден простор, но идеите за тоа се создаваат во целата јавна сфера, во медиумите, образованието, политиките поврзани со просторот и телото, партиските идеологии и пошироко. Кој може да припаѓа, а кој не во просторот што го викаме дома, кој и на каков начин има слобода некој друг простор надвор од границите на државата да го нарече дома и каков е односот меѓу човекот и местото во кое е роден, се пред сѐ политички прашања.

Во Македонија во последните години системски се наметна ставот дека човекот има дом, а со тоа и интегритет и достоинство, само ако живее во државата во која е роден. Дома се разбира како едно и единствено место кое некој “природно” или го има или го нема, и околу кое не се преговара, а дома и надвор од дома станааат дихотомии, спротивставености, црно-бели светови.

Оваа исклучително регресивна идеја за тоа што е дома посебно се однесува на дијаспората. Шестотини и триесет илјади лица, колку што брои македонската дијаспора според Светска банка, можеби секојдневно го дефинираат и редефинираат своето поимање за тоа каде е дома. А ние како општество сме целосно бесчувствителни кон тоа. На универзитетите и во истражувачките центри во Македонија ова не се истражува воопшто, а и литературните кругови многу малку зборуваат за тоа. Во јавната сфера, за дома се разговара само низ партиските идеологии и тоа епизодно, еднострано, секогаш низ лични и емотивни приказни, раскажани низ порталите на многу селективен начин. Само тие кои не заминале и само тие кои се вратиле да живеат во Македонија знаат што е дома, ви порачува Владата.

Тука е и проблемот. Од една страна, се наметна ставот дека иселениците се економски калкуланти кои не ја разбираат вредноста на дома, а со тоа немаат ни интегритет ни достоинство. Но, од друга страна, членовите на дијаспората без проблем се признаваат како луѓе со оформено чувство за дома кога е тоа потребно за партиски цели, пред избори, кога “правилно” гласаат.

Ова е и поширок проблем кој се однесува на политички наметнатото разбирање за врската помеѓу човекот и просторот од каде потекнува. Од една страна, нам ни се создава сликата дека сме европско општество, поврзано со светот, но од друга страна, сите оние кои не се родени кај нас – странците, мигрантите, туристите – се доживуваат како надвор од пејзажот на нашата дома. Ние како општество сѐ уште не знаеме како да размислуваме за странците кои живеат кај нас, на пример. Нив ги доживуваме најчесто како авантуристи, кои само поминуваат низ нашиот простор и не припаѓаат во нашите пејзажи. Во јавната сфера воопшто не се вреднува идејата да се доживуваат други простори како блиски, да се поврзуваме со различните од нас, да имаме пријатели или партнери кои зборуваат различен јазик или се родиле на некое друго поинакво место.

Тука некаде е и идејата за туристот која се наметна со т.н. проект Скопје 2014. Надлежните денес го оправдуваат изгледот на скопскиот плоштад со идејата дека тој како таков добро му служи на туристот. Но, во исто време, туристот не се признава како важен дел од плоштадот, како некој кој го менува плоштадот на некаков уникатен начин, како некој кој е тука со нас и ние сите заедно го делиме и го создаваме тој простор. Туристот се доживува како некој кој е дојден во сцената на плоштадот која ние ја поставуваме и режираме.

Начинот на кој ги доживувавме мигрантите кои поминуваа пеш низ нашата земја е уште еден пример. Нив ги гледавме како бездомници, кои загубиле буквално сѐ во животот. Тие навистина го имаа загубено домот во материјална и секаква друга смисла, имаа загубено многу свои блиски луѓе и многу повеќе од тоа. Но тоа што ние не успеавме да видиме е дека тие не ја загубиле целосно идејата или желбата за дома, не ги загубиле своите идеи, вредности и потреби да припаѓаат на некое место. Во многу земји во Европа за време на мигрантската криза се разви идејата дека мигрантите не смеат да се третираат како луѓе кои немаат ништо, туку се правеа обиди на нив да се гледа како луѓе кои се во процес на создавање на нови идеи за тоа што е дома, на кои треба да им се пристапи со похумани имиња и ознаки.

Истражувачите и теоретичарите во светот со децении повикуваат на проширување на идејата за дома. Тие бараат прогресивна идеја за дома, која не е ограничена на еден пејзаж, на едно име, или едно разбирање и која може постојано да се доградува и менува. Таа прогресивна идеја треба да го прифати и туристот и странецот и мигрантот не како случаен минувач, туку како дел од просторот, дел од дома. Ќе речете дека тоа е преголема цел за било кое општество денес. И така е. Но, ние не сме било кое општество. Ние имаме итен проблем: шестотини и триесет илјади раселени лица можеби секојдневно преговараат со себе и со другите за тоа каде е нивната дома, а исто толку остануваат да живеат во места во кои многу нивни соседи и роднини се иселени, меѓу празни куќи и спуштени ролетни. Како ли е да си дома во место во кое има толку многу иселени? Многу од нас денес се прашуваат истото, а ние немаме ни соодветен јазик, ниту разбирање за тоа.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *