Појаснувања, проблеми и препораки за гласањето во дијаспората

Дел од виртуелното заседание „Политика на далечина: Предизборни осврти на „дијаспората““. Автор: Златко Димитриоски

 

Гласањето на граѓаните кои се на привремена работа или престојуваат во странство, т.н. гласање на дијаспората, за првпат беше воведено со измените на Изборниот законик од 2008 година, а за првпат се спроведе на парламентарните избори во 2011 година. Дијаспората на гласачките места во странство може да гласа на парламентарни и претседателски избори, а оние граѓани кои имаат живеалиште во Република Македонија (РМ), односно лична карта, може да гласаат и на локални избори, доколку на изборниот ден се наоѓаат во Македонија.

Според Изборниот законик, правото на глас им е овозможено на сите граѓани кои на денот на изборите привремено престојуваат во странство повеќе од три месеци или се на привремена работа или престој во странство повеќе од една година. Овие лица се запишуваат во посебен извод од Избирачкиот список, според нивното последно живеалиште во РМ пред заминувањето во странство. Ова значи дека правото на запишување во Избирачкиот список треба да се однесува само на првата генерација иселеници, имајќи предвид дека нивните потомци никогаш не би имале регистрирано живеалиште во РМ и соодветно на тоа, не би можеле да бидат запишани во Избирачкиот список. Истовремено, важно е да се нагласи дека според моменталната правна рамка, времето на престој во странство не е ограничувачки услов за остварување на избирачкото право, како што е тоа во други држави, како на пример Германија, Велика Британија и Канада.

Во однос на начинот на гласање, гласањето е лично, во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) на РМ и конзуларните канцеларии. Ова решение го доведе во прашање правото на еднаков пристап до гласачкото место, имајќи ја предвид слабо развиената дипломатска мрежа на РМ, особено во Јужна Америка, Африка и Азија. Дополнително, согласно нивните надлежности, дел од ДКП-ата беа или се задолжени за покривање и на други држави, а најиндикативeн пример за ова беше ДКП во Виена кое до изборите во 2014 година беше задолжено и за Јапонија.

Од воведувањето, гласањето во странство не претрпи измени, со исклучок на изборниот модел, кој не е предмет на оваа анализа.

Што се однесува до вкупниот број на лица кои се наоѓаат на посебниот извод од Избирачкиот список за гласање во странство, тој во април 2012 изнесуваше 81.304 избирачи, на изборите во 2014 беше 83.508, а пред одржувањето на овие избори изнесува 76.721 избирачи.

Интересно е да се споредат овие бројки со официјалната бројка на државјани на РМ и проценката за бројот на жители на Државниот завод за статистика. Имено, Државната изборна комисија на својата 40-та седница одржана на 10.05.2016 објави дека бројот на државјани на РМ изнесува 2.464.266, додека пак бројот на населението на РМ на 31.12.2015, според процената на Државниот завод за статистика, изнесувал 2.071.278 жители. Доколку се одземе овој број од бројот на државјани, се доаѓа до бројка од околу 390.000 лица кои престојуваат во странство и тоа во моментов е единствената процена што може да се направи во однос на бројот на иселени граѓани, според официјалните податоци. 76.721 граѓани се официјално пријавени дека престојуваат во странство, што значи дека останатите околу 315.000 лица не се регистрирани дека престојуваат во странство.

Ова нѐ доведува до прашањето како овие лица се пријавуваат и како се евидентираат од страна на надлежните органи.

Согласно Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето, граѓанинот кој има намера да престојува во странство повеќе од 3 месеци, должен е да се пријави во Министерството за внатрешни работи, на граничниот премин или во ДКП на РМ во таа земја. Сепак, имајќи предвид дека ова е оставено на волјата на граѓаните, невозможно е да се утврди дали сите граѓани кои се отселиле во странство се пријавиле, што се гледа и од бројките погоре. Ова се потврди и практично при пријавувањето за гласање во странство за овие избори, каде согласно извештајот на ДИК, 11.745 од 20.591 граѓани се граѓани кои претходно не биле пријавени дека престојуваат во странство.

Сегашниот начин на евидентирање на граѓаните кои престојуваат во странство во Избирачкиот список (според нивното последно пријавено живеалиште во РМ) многу лесно може да доведе до негова неажурност. На пример, кога на адресата на која живеело некое лице кое се преселило во странство ќе се насели некој друг, на таа адреса ќе бидат запишани и тој што се отселил и тој што дошол да живее на таа адреса.

Тука исто така постои и проблемот на запишување на адресата во пасошите на оние граѓани во странство на кои тоа им е единствен документ за идентификација во РМ. Имено, во некои пасоши стои адресата од странство, а во други адресата од РМ на која лицето имало последно живеалиште пред да замине во странство. Овој проблем се појави на локалните избори во 2013, имајќи предвид дека за да може да гласа на локални избори гласачот мора да има живеалиште на територијата на соодветната општина. Во првиот изборен круг на гласачките места се појавија граѓани кои се идентификуваа со македонски пасош во кој како место на живеење беше наведена Република Албанија, по што ДИК донесе заклучок за вториот круг да не се дозволи гласање на лица со пасоши во кои не е наведена адреса на живеење во РМ. Со оглед на тоа дека лица од Република Албанија гласаа и во вториот изборен круг и прегласувањето, тоа не беше можно да го направат без да извадат лични карти помеѓу двата изборни круга, имајќи го предвид заклучокот на ДИК.

Од сето погоре наведено може да се заклучи дека во иднина треба да се размислува за промена на начинот на гласање (по пошта или електронски), како и за начинот на пријавување и евидентирање на граѓаните кои се отселиле во странство, при што можеби би било добро да се направи дистинкција помеѓу две категории: лица кои трајно се отселиле и лица кои само привремено престојуваат во странство. Првата категорија граѓани би биле запишани во Избирачкиот список без последно живеалиште и би имале право да гласаат само во странство (на претседателски и парламентарни избори), додека втората категорија граѓани би можеле тоа да го направат и во странство и во РМ (на сите видови избори). На тој начин би се избегнале проблемите со последното живеалиште, како и со различното запишување на адресата во пасошите на граѓаните кои престојуваат во странство.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *