Активист(к)и и невладини: љубов и нетрпеливост во време на „заробена држава“

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Елена Б. Ставревска

Една од дистинкциите кои се прават во однос на граѓанското општество е таа помеѓу граѓански иницијативи и движења, од една страна, и граѓански, односно невладини организации, од друга. Ваквото разграничување на глобално ниво стана уште понагласено и повидливо во периодот на дејствување на движењето Occupy, но на истото укажуваат и приказните од студентското организирање во Загреб, граѓанските пленуми низ Босна и Херцеговина, па и различните пленуми и движења во Македонија кои зедоа замав во 2014/2015. Критиките на невладиниот сектор глобално се бројни и многустрани.

Во периферните и полупериферните земји со недемократски системи, невладините организации (НВО-и) се често јавно претставувани како ентитети во служба на интересите на странските донатори, наместо на потребите и интересите на населението во земјите каде дејствуваат. Понатаму, критикувани се дека и покрај тоа што немаат сопствени конституенти често се вклучени во процесот на креирање политики на институционално ниво „во име“ на граѓан(к)ите и граѓанското општество, на тој начин давајќи легитимитет на одредени политики и одлуки. Друга критика е во насока на оние НВО-и кои пружаат различни видови социјални и хуманитарни услуги, за кои се смета дека на тој начин придонесуваат кон прикривање на неспособноста на државата да ги пружи тие исти услуги на своите граѓан(к)и. Притоа ваквото своевидно аутсорсирање на грижата за најранливите категории граѓани не значи дека улогата на државата севкупно е намалена, туку дека истата има простор да вложи ресурси во други области. Со дејствувањето во оваа област, иако успеваат привремено да помогнат на дел од маргинализираните граѓан(к)и, се маскираат последиците и се придонесува кон амортизирање на народниот гнев.

Со други зборови, суштината на критиката е дека поголемиот дел од невладините, кои особено во транзиционите општества никнуваат како печурки после дожд, се составен дел на системот кој е трул и неправеден. Оттаму, нивното дејствување единствено може да придонесе кон негова реформа во постоечките рамки, но не и кон темелна промена на целиот систем.

Дел од овие критики се основа и за анимозитетот кој е присутен помеѓу граѓанските, често хоризонтални во структура, активистички, самоорганизирани движења и граѓанските, често проектно насочени, професионализирани невладини организации во Македонија. Меѓутоа, она што ја прави дискусијата специфична во македонскиот контекст е постоењето на таканаречената „заробена држава“, односно значајното институционализирано влијание и контрола, водени од лични интереси, на нерепрезентативни чинители врз јавните финансии, медиумите и донесувањето и спроведувањето одлуки. Во вакви услови, функционирањето на НВО-и кои се во улога на watchdogs е не само под огромен притисок, туку и речиси целосно оневозможено. Медиумската машинерија на режимот е ставена во улога на делегитимирање на оние општествени чинители, како што се невладините организации, кои ги доведуваат во прашање различните одлуки и политики на власта. Оттаму, нетрпеливоста помеѓу активистичките движења и невладините организации не придонесува само кон ситнење на отпорот против опресивниот режим, туку и директно помага во процесот на делегитимирање на различните гласови и ставови во општеството. Преку етикетирање, на пример упоребата на недефинираниот, но погрден израз „соросоиди“, се избегнува дискусија околу содржината на ставот и фокусот останува на површното неполитичко ниво околу носителот на ставот, што придонесува кон уште подлабоко деполитизирање на македонското општество.

Второ и можеби поважно е разграничувањето помеѓу индивидуалната дејствителност и агентност на луѓето кои се вработени во различните невладини организации и колективното дејствување на организациите. Дејствителноста, односно агентноста, овде се однесува на способноста и моќта за дејствување во одредена средина. Во услови на комплетна поклопеност на државата, државните институции, па и државните универзитети од страна на партиите на власт, невладиниот сектор е едно од последните упоришта за поголемиот дел млади прогресивни луѓе во земјата, особено за оние од општествените науки. Со тоа работата во невладиниот сектор, наместо барање на одредено партиско вработување и вклучување во постоечкиот клиентелистички систем, е и своевидна форма на отпор кон владејачкиот режим. Покрај ова, голем дел од луѓето вработени во невладиниот сектор се всушност дел од активистички движења во своето слободно време и се често во првите редови на различните самоорганизирани протести. Оттаму, исцртувањето јасна граница помеѓу невладини организации и граѓански движења, доколку се занемари индивидуалната дејствителност, не е само проблематично, туку и невозможно. Колективната способност за дејствување на граѓанските движења, обединети околу заеднички вредности, извира од индивидуалните дејствувања на различните граѓан(к)и, вклучувајќи ги оние кои се единствено активни во конкретното движење, но и оние кои се и вработени во невладини организации или се волонтерски дел од асоцијации од кои немаат директни финансиски бенефиции.

Невладините организации, а со тоа и индивидуите кои работат во нив, и граѓанските движења во кои тие заедно со другите граѓан(к)и учествуваат се централните двигатели на демократизацијата и ослободувањето на државата. За дискусијата околу улогата на НВО-и во суштинска системска и општествена промена воопшто да се случи, неопходно е да се премостат нетрпеливостите во процесот на одзаробување на државата.

 

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *