Финансиското опкружување и ликот на граѓанските организации во Македонија: време за промени?

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Милка Ивановска Хаџиевска

Граѓанските иницијативи често можат да бидат успешни и без никаква финансиска поддршка, но сепак, за голем број на активности потребни се ресурси – финансиски и нефинансиски. Така граѓанските (невладини) организации (понатаму ГО) значително зависат и во голема мера се обликувани од финансиското опкружување во кое делуваат. Во Македонија, во услови на ограничена државна финансиска поддршка и скромни пракси на индивидуална и корпоративна филантропија, ГО доминантно зависат од поддршката на странски донатори. Иако има правна основа, давањето на услуги како економска активност и извор на средства за организациите не е многу развиено во пракса. На локално ниво, општините не овозможуваат значајна финансиска поддршка, а дополнително, и даночниот режим не е стимулативен за работата на граѓанските организации.

Критиките упатени кон ГО во Македонија за нивното „претерано“ и „некритичко“ прилагодување кон донаторските агенди превидуваат дека НВО-изацијата во голема мера е резултат на самите модели на финансирање кои доминираат. Со други зборови, донаторите се во позиција на моќ и тие заедно со државата ги креираат условите во кои организациите се развиваат и со тоа влијаат на нивниот карактер. Моделите на финансирање и отчетност кои ги воспоставија меѓународните донатори охрабруваа(т) професионализација и бирократизација на организациите, учество во институциите на системот, тематска специјализација, брендирање и изразено компетитивно однесување. Организациите кои не успеваат да ги развијат овие карактеристики се третираат како неуспешни и честопати не можат да се квалификуваат за (понатамошна) финансиска поддршка. Оттаму, граѓанското општество во Македонија го населија мал број на главно формални, централизирани и професионализирани ГО, способни да управуваат со финансиски средства и континуирано да аплицираат за грантови како главен извор на финансиска одржливост.

Бидејќи ваквите ГО главно се потпираат на алатки за експертско и институционално застапување и спроведување на проектни активности (конференции, јавни дебати, извештаи, мониторинг вежби) кои имаат за цел да го коригираат системот на владеење, тие имаат ограничен капацитет за мобилизирање на граѓаните и вон-институционално делување. Па така, како последица на затворањето на институциите и медиумскиот простор за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од страна на некои донатори и ГО се увиде потребата од поинакво граѓанско општество и активизам, кои се темелат на вмрежување и мобилизирање на граѓанско учество преку неформални инцијативи. Се погласно почна да се зборува за потребата од ГО кои имаат темели во заедниците (се засноваат на конституенти/ имаат членство) и поттикнување на граѓанско општество кое би било јадро на отпорот против авторитарната власт.

Како последица на ваквите согледувања од страна на донаторите и граѓанските активисти, се појавија донаторски програми кои поддржуваат вмрежување и заеднички акции на ГО, грантови за неформални групи, ад хок, акциски и мали грантови кои се наменети за актери кои не се формално организирани (пр. проектот на УСАИД за граѓанско општество, програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас, 2014-2018“). Се чини дека неформалното граѓанско здружување и активизам беа подзаборавени, па сега одново откриени од страна на донаторите и гласноговорниците за граѓански активизам во Македонија.

И покрај обидот за адаптирање на моделите на финансирање на неколку клучни странски донатори во Македонија, финансирање преку грантови за кои можат да се квалификуваат веќе професионализираните ГО останува доминантен модел на поддршка за граѓанското општество. Ова донекаде се должи на искуствата на донаторите, според кои финансирањето на професионализирани ГО им гарантира чесно и транспарентно управување со средствата и завршени проекти кои постигнале прифатлива „вредност за парите“. Од друга страна, донаторите ги креираат нивните програми честопати без активно и суштинско учество на различни граѓански организации и активисти, а нивните одлуки се условени од сопствените основачки мисии и институционални механизми за отчетност. Тие самите се производ на „непрофитниот индустриски комплекс“ и како такви имаат ограничен потенцијал за отстапување од веќе проверените модели на поддршка за ГО.

Не треба да се заборави и потцени придонесот на веќе воспоставените ГО, кои прават што можат во дадените услови и честопати со значајни резултати. Но истовремено, постои итна потреба од критичко промислување на механизмите кои ги туркаат ГО кон еден одреден тип на организациски модел, бидејќи тоа директно влијае на врската меѓу организираното граѓанско општество и граѓаните и неговиот потенцијал да поттикне темелни општествени промени. „Новото“ граѓанско општество, кое би било двигател на демократизацијата на Македонија, има потреба од алтернативни модели за негово стимулирање и одржливост. Повеќе од било кога потребни се мерки за диверзификација на финансиските извори и модели со цел да се поттикне разнолико граѓанско општество втемелено во заедниците, активно и ориентирано кон остварување на општествена промена, а не организациско преживување. Средствата и влијанието на странските донатори во земјата (пр. ЕУ) треба да се насочат кон реформирање на државното финансирање за ГО и негова децентрализација. Потребно е поттикнување на нови граѓански инцијативи на локално ниво, поттикнување на организации засновани на членство и финансирање преку членарини, воспоставување на онлајн платформи за индивидуални донации и crowdfunding за граѓански инцијативи. Време е за експерименти.

Comments

comments

2 коментари на “Финансиското опкружување и ликот на граѓанските организации во Македонија: време за промени?

  1. Темата е супер и насоката која ја предлага Милка. Моите коментари се повеќе wish list за што би сакала да видам како предмет на емпириско истражување, но ќе се обидам да ги врзам со темата. Ми делува дека има неколку претпоставки во тектстот , кои иако логични можеби и точни, остануваат недокажани. На пример: ‘оттаму, граѓанското општество во Македонија го населија мал број на главно формални, централизирани и професионализирани ГО…’

    Дали имаме методологија да ги мапираме граѓанските форми на здружување, која е поинклузивна од Законот за здруженија и фондации, на начин на кој ќе може да ги опфатиме и формите на здружување кои не нужно се регистрирани и ги исполнуваат условите од Законот, за да заклучиме дека во граѓанското општество доминира ГО како форма на здружување?

    Од тука, да прејдеме на бројот на ГО како што се дефинирани во Закон за здруженија и фондации. Колкав е всушност бројот на регистрирани? Колку од нив ги почитуваат минимум стандардите пропишани во Законот, а колку од нив одат подалеку во централизацијата на сопствената структура? Или обратно, дали можеби има некаква манифестација на централизација во граѓанските движења и конечно што ја мотивира централизацијата? Во СП како движење имаше процес на формализација (креирање на структура, базирана на делегатски систем, што е одстапка од идеалот на хоризонтала), што дојде меѓудругото како реакција на централизација на моќта во пар луѓе, вклучително и монопол на информации (во неколку наврати оваа позиција беше оправдувана како логична последица на потребата за ефикасност на движењето), што предизвика револт и покажа на потребата да се воведат механизми за внатрешна контрола. Немањето на званична позиција на моќ, не значи и дека таа дефакто не постои. Па така да централизацијата ми се чини дека не е нужно врзана со барањата на донаторите, нити е својствена само за ГО.

    Во делот на финансирање, би било интересно да се проанализираат манифестациите на моќ на релација донатор-ГО-обратно. На пример да го разгледаме моментот на носење одлуката на ГО да аплицира на конкретниот X повик за финансирање. Дали текстот тврди дека македонските граѓански организации ги адаптираат своите цели, стратегии и фокус зависно од типот на финансии кои се достапни? Ова е последица на претпоставката дека ГО е преокупирана со сопственото преживување и секогаш е подготвена да прави компромиси, макар и на сметка на идејата за нејзиното постоење. Другата опција би била ГО да применуваат селективност при аплицирање зависно од тоа кои им се однапред зацртаните цели, стратегии и фокус. Иако првото сценарио можеби е и она кое реално ја опишува траекторијата на разовој на тие чинам околку 6000 регистрирани организации во 2011 сепак ми фали емпирија за да потврдиме.

    Поздравиии!

    1. Здраво Марија,

      Ти благодарам за коментарите и насоките. Навистина се радувам дека вакви прашања и wish list испровоцира текстот.

      Се согласувам со тебе дека потребни се сериозни емпириски истражувања за да се „тестираат“ или едноставно да се (до)одговорат некои од прашањата кои ги отвара текстот. Тоа беше и целта, да почнеме да мислиме во насока во која не нужно се истражувало досега, а не дека воопшто не се истражува во Македонија за граѓанско општество. Има основни податоци (благодарение на МЦМС, БЦСДН и други).

      Во Македонија, во 2014, според актуелниот Закон за здруженија и фондации има 4.156 пререгистрирани организации. Во регистерот инаку има податоци за вкупно 13.656 асоцијации и фондации (Види дел за Македонија:http://www.balkancsd.net/novo/wp-content/uploads/2015/11/63-12-Report-on-the-Economic-Value-of-the-Non-Profit-Sector-in-the-WBT_final.pdf) регистрирани според стариот закон. Јас сметам дека оние кои се пререгистрирале и кои поднесуваат завршна сметка или одлука се активни ГО. Некои истражувачи не би се сложиле со ова и мојата ‘мерка’ би се сметала за престрога. Ако се спореди оваа бројка од 4.156 со бројот на граѓански неформални иницијативи зад кои стојат неформално организирани граѓани и други форми на здружување (нерегистрирани локални клубови, community организации итн.), па макар да се земат еве и само оние ГО кои поднесуваат завршна сметка како субјекти со буџет над 2 500 евра (1 388 субјекти), во изминатата година, мислам дека пак ГО доминираат како форма на здружување во Македонија. Јас редовно следам од 2011 наваму изблици на неформални граѓански иницијативи на локално и национално ниво и мислам дека се значително помалку застапени. Ама ова не е базирано на систематско мапирање на истите.

      Инаку, да, постојат истражувања фокусирани на други земји (пр. Велика Британија) кои користат методологија која се труди да ги мапира оние граѓанските форми на здружување кои се below the radar (нерегистрирани, локални, неформални). И бидејќи таквата методологија не е новост, мислам дека треба да се прави мапирање на популацијата на ГО и на други форми на здружување во Македонија, и тоа редовно, на неколку години.

      Се сложувам дека централизацијата не е нужно поврзана со барањата на донаторите. Но, се претпоставува во литературата дека финансирањето е значаен фактор кој турка кон централизација. Централизација може да биде операционализирана различно при анализа. Така, јас овде под централизација мислам на организациски процедури и пракса каде членството (ако го има), би имало мало или незначајно влијание во процесот на донесување важни одлуки. Не се потпирам на концептите хоризонтална/хиерархиска структура, туку на принципи и пракси на донесување одлуки каде членството има/нема значајно учество. Поконкретно, прашањето е кој одлучува, дали повеќето луѓе (вработени, членови, основачи и како правата за одлучување се распределени меѓу истите) во организацијата или еден/неколкумина?

      Мислам дека идејата за истражување на односот ГО – донатор е многу интересна. Да, тоа не е еднонасочен однос дефинитивно и постојат квалитативни истражувања кои истражуваат форми на организациски отпор кон донаторски агенди или пак negotiating donor agendas од страна на ГО кои се во договорен однос. Овој текст дефинитивно не тврди дека ГО во Македонија нужно ги адаптираат мисиите и целите зависно од типот на финансии кои се достапни. Не се сите ГО исти, меѓутоа според мене, тендецијата е (и не само во Македонија и слични држави, туку и во развиени демократии) ГО да ги адаптираат своите организациски структури и стратегии за дејствување (не мисии и цели) кон барањата на правната рамка, воспоставените норми за професионализам во секторот и кон правилата кои ги наметнуваат донаторите/финансиското опкружување.

      Заклучокот е дека дефинитивно недостасува емпирија, и треба да се создаде. Ова се важни прашања и секако една колумна од 800 зборови нема за цел, а не ни може да ги адресира.

      Ти благодарам за одвоеното време!
      Поздрав,

      Милка

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *