„Народот е нашата сила“: дали некои животни се поеднакви од другите на македонската фарма?

Дел од виртуелното заседание „Во каква состојба е демократијата во Македонија?“ Автор: Елена Б. Ставревска

Она што дефиницијата на „демократија“ како облик на државно уредување каде суверената власт му припаѓа на народот, односно мнозинството, не го појаснува е позицијата и улогата на делот од народот вон мнозинството. Изразувајќи сомнеж во апсолутна власт концентрирана во рацете на мнозинството, Алексис де Токвил уште во 1835 во „Демократијата во Америка“пишува за ризикот од таканаречена тиранија на мнозинството. „Ако се признае дека човек со апсолутна власт може да ја злоупотреби таа моќ напакостувајќи им на неговите противници, зошто не би било и мнозинството подложно на истиот суд?“ прашува де Токвил. Имено, повеќето функционални демократии денес имаат различни механизми за заштита на малцинствата, биле тие идеолошки, културолошки или малцинства од некој друг вид. Во случајот на Република Македонија, која е со Уставот дефинирана како демократска држава, со години разноразни политики се оправдувани преку гласот на мнозинството дискутабилно претставен во форма на демократски легитимитет. Меѓутоа, праксата неспорно покажува постоење на тиранија на мнозинството.

Од една страна, во последните неколку години слободата на изразување и независност на медиумите во земјата е во постојан пад, за што говори и рангирањето од страна на „Репортери без граници“, според кои во 2009 година Македонија беше на 34-то место, а во 2014 е на 123-то место. Забелешките во речиси сите меѓународни извештаи се однесуваат на затворањето и притисоците врз медиумите кои не се блиски до власта, но и на општата клима на автоцензура заради страв од можни тужби за клевета и високи парични казни во услови на партизирано судство. Во тој поглед, постои агресивно маргинализирање на неистомислениците.

Од друга страна, тиранија на мнозинството постои и во однос на парламентарната опозиција. Тешко е да се најде посимболично олицетворение на ваквата тиранија од случувањата на 24 декември 2012. Но дури и денес, а во контекст на непризнавањето на априлските избори од страна на СДСМ и враќањето на мандатите, Парламентот функционира без опозиција. Неспорејќи дека за решавање на политичката криза се потребни напори и од власта и од опозицијата, она што загрижува е инсистирањето на парламентарното мнозинство на усвојување на низа уставни измени, без оглед на кризата и невклученоста на идеолошкото малцинство во овој процес.

Најпосле, гледано низ призмата на различните демократски алатки замислени како можни корективи на власта, меѓу кои и јавната дискусија, истите во Македонија се сведени на церемонијални собири на истомисленици. Од речиси 9-годишното непостоење на какво било јавно соочување на Премиерот со лидерите на опозицијата, до трагикомично несреќно наречената „јавна“ дебата зад затворени врати во Министерството на образование и наука по повод измените на Законот за високото образование, властодршците одбиваат воопшто да се изложат на она што според нивните сфаќања се мислења на малцинството. Во ретките случаи кога тоа се случува, како што е примерот со студентските протести, свесно затвораат очи пред различните мислења, повторно повикувајќи се на нивниот наводен демократски легитимитет заснован врз изборот на мнозинството гласачи.

Историски гледано, денешната идеолошка тиранија е особено парадоксална и шизофренична во контекст на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, партија која е гласен застапник на наратив со кој се осудува тиранијата врз малцинството кое се залагало за поголема самостојност на Републиката во услови на владеење на пројугословенско мнозинство во пост-асномска Македонија.

Време e конечно да го деконструираме митот дека гласот на мнозинството, кој иако е неопходен, е доволен услов за владеењето да биде демократско. Ако ги наречеме нештата според нивното вистинско име, денешна Македонија е во најдобар случај оклократија или народски кажано – толпократија, односно владеење на толпата. Во најлош и многу пореален случај, ова е клептократија, во која сите животни се еднакви, но блиските на македонскиот Наполеон се сепак многу поеднакви од другите.

 

Други текстови на ова заседание:

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *