За граѓаните, граѓанските иницијативи и организации

Дел од виртуелното заседание „Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија“. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 2015 година граѓанското организирање во Македонија го достигна својот врв. Се организираа студентите, средношколците, професорите, хонорарците и многумина граѓани кои кафеаните ги заменија со улицата и граѓанските пленуми. Активни беа граѓани од различни позадини (етнички, возрасни, професионални) кои застанаа зад заеднички вредности и цели. Покрај граѓанското здружување, важна улога имаа и граѓанските организации кои будно ја следеа работа на институциите и политичките елити. Иако денес изгледа дека организираните граѓани сепак не ја победија летаргијата и партизираниот политички дискурс, сепак тие направија поместување во процесот на „учење“ на демократијата.

Зголемената граѓанска активност на виделина извади и повеќе стари и нови полемики и несогласувања помеѓу различните актери во граѓанското општество кои на моменти изгледаа како монтипајтоновска битка за тоа кој е поголем опозиционер, „полев“ левичар осносно поавтентичен претставник на граѓаните и граѓанските вредности.

Ширината на концептот на граѓанско општество во Македонија, како и во другите земји, вклучува многу различни форми на организирање кои пак вклучуваат повеќе дихотомии: волонтеризам наспроти професионализам, идеолошки наспроти ад хок, ад хок наспроти проектен пристап, членство и членарина наспроти донаторска поддршка итн. Иако не е исклучено овие дихтомии да се испреплетуваат и меѓусебно неутрализираат, од нив произлегуваат две идеалтипски форми на граѓанско општество: граѓански иницијативи (движења) и граѓански (невладини) организации. И покрај тоа што двете форми несомнено припаѓаат на граѓанското општество и дел од својот легитимитет црпат од уставно загарантираното право на здружување, сепак изгледа како тие меѓу себе да имаат повеќе разлики отколку сличности.

Граѓанските иницијативи (движења) ги сочинуваат самоорганизирани граѓани кои застануваат зад една цел и споделуваат исти или слични вредности. Основен двигател на овие движења е ентузијазмот и волонтеризмот – нивниот мотив е активистички, а нивната структура е најчесто хоризонтална. Тие потекнуваат од граѓаните и влијаат позитивно врз мобилизацијата на нови граѓани. Во таа смисла, ваквите иницијативи имаат свои конституенти и се продукт на пошироко граѓанско организирање и притоа знаат да бидат многу респонзивни кон тековните општествени проблеми. Од друга страна, најголем број вакви движења немаат посериозно воспоставена (институционална) структура, ниту пак финансиски ресурси што ги прави ранливи и неодржливи. Оттука, голем дел од ваквите иницијативи и покрај тоа што се во можност да мобилизираат луѓе на улица, не секогаш се способни успешно да влијаат врз јавните политики во рамките на постоечките институции.

Граѓански (невладини) организации имаат постабилна институционализирана структура со раководни и извршни органи, како и дефинирани (барем на хартија) вредности. Најчесто се финансираат од донатори и работат на проектна основа: нивните активности се однапред предвидени и се во линија на тоа што донаторите очекуваат од нив. Ваквиот начин на работа им овозможува одржливост и конзистентност. Граѓанските (невладини) организации иако се нарекуваат граѓански, со чест на исклучоци, немаат база на граѓани (конституенти) позади нив. Нивната агенда во голема мера е исцртана од донаторските стратегии на странските развојни фондови. Сепак тоа не значи дека граѓанските организации се нелегитимни: наместо граѓани, граѓанските организации со помош на донаторските пари застапуваат и едуцираат вредности, обезбедуваат социјални услуги и обезбедуваат развојна поддршка. За жал нивниот опфат е прилично тесен – иако имаат капацитет и знаење во одредени специфични области, најчесто не се способни да анимираат и организираат поширока група на граѓани.

Граѓанските иницијативи (движења) и граѓанските (невладини) организации треба да заземат уште позначајна улога во 2016 година. Иако имаат повеќе разлики отколку сличности, нивното коегзистирање, соработка и меѓусебно надополнување ќе бидат клучни за опстанокот на и онака кревката македонска демократија. Во услови кога симболичкиот популизам и заробените медиуми се закануваат да воспостават монопол врз (не)вистината, токму плурализмот и различностите треба да бидат сржта на македонското граѓанско општество. Оттука, секој треба да биде свесен за својата улога и вредност, почитувајќи ја улогата и вредноста на различниот… На македонското општество му се потребни повеќе и различни граѓански чинители.

Нека победи плурализмот!

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *