Од еднопартиски систем, преку демократија до етнократија: случајот Македонија

Дел од виртуелното заседание „Во каква состојба е демократијата во Македонија?“ Автор: Горан Јанев

Првите повеќепартиски избори во Македонија се одвиваа додека републиката сѐ уште беше дел од федерацијата. Tазе формираната ВМРО-ДПМНЕ во предизборието предложи да се побара од македонските сограѓани етнички Албанци да потпишат документ со кој ќе ја прокламираат својата лојалност кон Република Македонија. Допирајќи го најниското ниво на политичка комуникација овој повик за атавистичко примитивно трибалистичко приклонување сепак успеа да мобилизира значителен дел од македонскиот електорат. Таа партија неколку дена подоцна ја доби најголемата поддршка кај гласачите освојувајќи 38 мандати од 120 можни, иако не успеа да формира влада. Речиси цела декада владееа реформираните комунисти и не успеаа да дефинираат инклузивни политики на отворен и искрен мултикултурализам, туку играа помеѓу популизмот и задскриениот национализам. Така се остави доволно простор да порадикалните националисти ја засилат својата позиција и во 1998 ВМРО-ДПМНЕ за прв пат успева да ја освои власта.

Среде првиот мандат на македонската националистичка опција, зад привидот на борба за поголеми политички и социо-економски права на Албанците во Македонија беа убиени преку 70 припадници на воените и полициските сили. По потпишаното примирје, тие што ги формираа и раководеа вооружените единици на етничките Албанци се трансформираа во политичка партија и повеќе од десет години ги добиваат сите избори кај албанскиот електорат. Заедно со партијата која се бори за македонските национални идеали ја делат власта веќе 6 години по ред. Во 2006 ВМРО ДПМНЕ се враќа триумфално на власт и убедливо ги добива сите избори до денес.

Сумирајќи ги изборните резултати од независноста до денес може да се заклучи дека етнонационалистичката мобилизација се етаблира како најсилно и најсигурно политичко орудие. Последиците од тоа се воспоставување на етнократски поредок во кој етничката припадност е примарниот детерминатор на општествена мобилност и е основен одредник на општествено диференцирање и идентификација. Денес во Македонија растат генерации кои лојалноста кон државата не ја потпишуваат, но лојалноста кон своите етнички групи секојдневно мораат да ја докажуваат.

Политичката мобилизација на етницитетот започна уште пред да се стекне независноста. Корените ги влече во воспоставениот општествен поредок кој ја премолчуваше етничката стратификација уште во социјализмот во периодот на изградба на македонската нација и националните институции. Денес етничката политичка мобилизација е потполна и сосема успешно спроведена. Етнократскиот поредок беше дефинитивно воспоставен вонпарламентарно со составувањето и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор под силен меѓународен притисок, за подоцна да биде само аминуван од собраниските пратеници. По осум години заедничко владеење на двете крајно спротивставени политички опции етнократското уредување денес го досега својот зенит и добива обележја на режим. Режим во кој етничката припадност му одредува на поединецот образовни, професионални, политички, културни, верски, медиумски, спортски и какви се не полиња и сфери на делување и опстојување кои се етнички дефинирани и детерминирани.

Речиси целосната контрола врз јавната сфера и јавниот простор е насочена кон продлабочување на меѓуетничкиот јаз кој се шири до евентуална идна непремостливост. Сегреграцијата во образованието на сите нивоа ги носи плодовите на неразбирање и непознавање. Одамна се премина од уживањето на религиозните права во секуларно општество кон инструментализација на верските поделби за цементирање на етничката раздвоеност. Медиумскиот простор, културните манифестации, па и забавните содржини се сосема издвоени, или приспоени кон пошироките јазично-културни екумени. Јавниот простор е симболички пребоен и преуреден за да ги отсликува и одбележува етничките територии, па и сред градското ткиво.

Во етнократскиот поредок, во атмосфера на непријателство и анимозитет, демократијата е сведена на право на избор на порадикалните и поубедливите бранители на етничките групи. Манипулацијата со етницитетот го достига својот врв и примитивниот трибализам обоен како етнонационализам е политички императив одобрен од сообразно категоризираните маси. Етницизираните граѓани се заслепени за низата пропусти и намерни политики кои ги сведуваат на ефтина и зависна работна сила која во услови на крајна социјална неизвесност практично “моли“ да биде експлоатирана за да си обезбеди минимум егзистенција.

Можеме со сигурност да тврдиме дека најуспешниот колонијален механизам за управување со неосвестени граѓани е сосема успешно спроведен. Македонија денес е сведена на загноено ткиво од никогаш зараснатите рани од нерешеното Македонско Прашање. Затоа на крај, да се осврнеме накусо и на уделот на меѓународната заедница во развивањето на етнократијата во Македонија. Овие релации, покрај посредувањето и наметнувањето на политичкиот систем кој се базира на премисите на етницитет и ги реификува и востановува како основни политички категории, можеби се најдобро илустрирани од нерамноправниот однос кон Македонија и нејзините граѓани. Доколку прифатиме дека прашањето на името на земјата, кое инаку е без преседан во меѓународната пракса, е одлучувачкиот фактор за одбивањето на членство во ЕУ и во НАТО, како тогаш овие мултилатерални тела би го објасниле игнорирањето на одлуката на Меѓународниот Суд за кршењето на привремената спогодба помеѓу Македонија и Грција за непопречување прием под наметнатата привремена референца за нашата земја? Притоа, прашањето за одговорноста за спроведување на одлуката не е повеќе кај нашиот јужен сосед туку до овие две тела директно.

Сепак, да ги оставиме настрана туѓите интереси или незаинтересираност и да се позанимаваме со себе, што и е приоритетна мисија. Потребна е смелост да ги надраснеме етничките поделби и да изградиме демократско општество во кое нема да има потреба да се срамиме од своите деца кога ќе треба да им објасниме зошто сме дозволиле да поминат толку години пред да престанеме да ги негуваме омразата и примитивниот етнонационализам како врвни демократски и општествени дострели.

 

Други текстови на ова заседание:

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *