Напред, кон наследствата на „посткомунизмот“ на Балканот!

Дел од редовното заседание „Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?.  Автор: Владимир Унковски – Корица. Превод: М. Ш.

Во годините по падот на берлинскиот ѕид, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Советскиот блок и Југославија беа подведени на голем експеримент. Третирани небаре се табула раза, општествата во овие земји станаа лабораторија за опит на неолиберализмот. На многумина рецептот за опитот им е многу добро познат: приватизација, либерална демократија, извозна ориентација базирана на задолжување, европска интеграција… Прашањето не беше дали да се применат овие мерки, туку во која мера, со која динамика, од чија страна и преку кои институции. За кратко време се увиде појава на огромен јаз меѓу земјите, што вообичаено не се должеше на суштински разлики во јавните политики. Оттука и се роди нова наука: како да се објаснат овие разлики според различните наследства, вообичаено од комунизмот.

На Балканот, и конкретно во Југославија, на преден план беа ставени наследствата од Византија и Османлиската империја, но на иста линија се најдоа и засебните наследства од таканачените „комунистички етно-федерализам“, „работничко самоуправување“, „одумирање на државата“ итн. Тоа на што во комунистичкиот свет се гледаше како на извор на благ либерализам, сега, изразено преку идејата за транзиција, прерасна во голема пречка. Според оваа логика, слаби држави не се кадарни да постават на цврсти нозе демократско управување, право на сопственост и владеење на правото. Етничката разноликост првично го забави зацврснувањето на демократскиот процес, а се случи процесот и целосно да го смени текот кога различни групи правеа обиди да воспостават, често и на сила, национална ексклузивност на загарантирани права според територијална припадност. Меѓу широките народни маси, инстинктивната поддршка за социјална држава ја спречи целосната економска либерализација и го овозможи порастот на популистички авторитарни државници гладни за моќ што му свртија грб за правниот систем.

Оттука, развојот на мислата се сврте кон потреба за понатамошна интервенција од надвор со која би се решил проблемот. Во нововоспоставената практика на делување стана неопходна потребата Европската унија да користи различни јадици за да ги намами елитите и граѓанското општество кон демократија, а да отстапат од нивното самоволно делување, но и од кокетирањето во коешто честопати влегуваа со спонзори од редовите на старите Големи сили во Москва и Истанбул. Да се одлучеше ЕУ да биде построга со лошите државници, повеликодушна кон иницијативите на граѓанското општество и поволна за брзо проширување, причините што уназадуваа ќе се отстранеа, а Балканот ќе беше поблиску до Европа, како што тоа и се случи со централно-источна Европа, но и со балтичките земји. Ова можеби и објаснува зашто многу од централно-источните и балтички земји ја поддржаа Германија, колку и да е тоа иронично, во неодамнешните битки да се присили Грција да ги прифати правилата на Еврозоната или да се повлече и повторно стане балканска земја.

Токму тука лежи проблемот: кога ќе ја подигнеме главата од учебниците за неолиберализмот и ќе ги погледнеме реалните состојби во Европа како целина, ќе видиме Европа раскарана со демократијата, налик повеќе на недемократска постмодерна Австро-Унгарија, со елити во земји од центарот што користат бирократија за да владеат со империјата, што ни од далеку не го ослободуваат народот од национални сентименти, туку напротив ги зацврстуваат старите национални поделби на нови начини. Ако погледнеме подобро, ќе откриеме и дека овој европски проект бил присутен многу подолго од само последните 25 години од минатиот век. Трговските врски на Југославија со Германија и Италија доминираа во дваесеттиот век, вклучувајќи и во таканаречениот комунистички период. Зависноста на Југославија од американски кредити започна во 1949 година, а првиот од многубројната низа анаржмани со ММФ се склучи кон средината на 1960-те години. Уште неколку други земји од источниот блок тргнаа по истите стапки во 1970-те и 1980-те години, а со предзнак да се ублажат односите. Европската интеграција трае со децении наназад.

Не изненадува тогаш што работниците често се бунтуваа против таканаречените „работнички држави“, во Полска како најпознат пример, но и Југославија не заостанува со бројот на штрајкови во 1980-те години. Бидејќи модернизацијата во различни погледи наликуваше на тоа што се случуваше на Запад, меѓу работниците нашироко се раскажуваше виц дека во капитализмот, човекот го експлоатира човекот, а во комунизмот, е обратно. Денес за транзициското доба постои уште еден виц, уште поостар во набљудувањето, дека тоа што ни го кажуваа комунистите за комунизмот испадна лага, но тоа што ни го кажаа за капитализмот станува вистина. Не треба да нѐ изненади тоа што многу комунистички партии станаа гласноговорници на неолибералната трансформација, а оттогаш и згаснаа на изборната сцена. Овие партии не се како централно-левичарските во Европа, на пример ПАСОК во Грција. Појавата на авторитаризмот што израсна од корпоратистичките одговори* на неуспесите што ги редеше Европа само маргинално може да се претстави како наследство на комунизмот или неговиот пад и популистичкиот став дека нема друга алтернатива. Новите генерации што ќе доаѓаат на политичката арена ќе сфатат дека неопходна е алтернатива зашто капитализмот работи против демократијата, не само во Грција или Шпанија, туку и во Македонија и Словенија. Можеби дури и ќе сфатат дека Европа значи рестрикции и национализам, а дека Балканот може да значи солидарност и разноликост. Новите генeрации не мора да се вртат кон минато што е дискредитирано од причини што се многу посложени од тие што му ги припишуваат коментатори од главните струи. Напротив, ќе може да возобноват заборавени форми на отпор против авторитарни циклуси на европска интеграција пред европската интеграција. И ќе може да чекорат напред со сигурност, кон наследствата од посткомунизмот: одновото раѓање на автентична левица што ќе му се спротивстави на капитализмот и долгоодложуваната смрт на митот за Европа.

 

* зборот корпоратизам, којшто доаѓа од латинскиот збор corpus, односно тело, се однесува на социо-политичка организација и контрола на општеството од страна на големи лоби групи.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *