Копнеж по изгубената способност за делување

Дел од редовното заседание „Новите авторитарни тенденции – наследство од минатото?“. Авторка: Тања Петровиќ. Превод: Е.Б.С.

Хрватскиот филозоф Борис Буден зборува за постсоцијалистички субјекти како деца на комунизмот, притоа предупредувајќи дека тоа не е метафора, туку симптом на имагинација во која транзицијата кон демократија е радикална реконструкција што започнува од ништо: „Источна Европа по 1989 година наликува на предел на историски урнатини кој е населен само со деца, незрели луѓе неспособни да ги организираат своите животи на демократски начин без водството на некој друг.“

Оваа слика на постсоцијалистичките индивидуи како беспомошни, незрели и зависни деца многу често одекнува во начинот на кој им се пристапува на луѓето од поранешните југословенски општества од многу различни позиции на моќ: од претставниците на „меѓународната заедница“, кои ги гледаат овие општества како табула раза, полигон за спроведување различни општествени и политички експерименти, како и од новите локални елити, кои за катастрофалната економска ситуација одговорноста ја препишуваат на самите граѓани, обвинувајќи ги за неможност или неволност да се адаптираат на новата, пазарно ориентирана реалност, која изискува индивидуална иницијатива и самостојност. Многу често причините за оваа неможност и неволност „да се грижат за себе“ се лоцираат во проблематичното социјалистичко наследство, кога луѓето живееја со верување дека државата или некој друг треба и ќе се грижи за нив.

Таков поглед на социјализмот не само што го поддржува брзото размонтирање на социјалната држава во постјугословенските општества, туку и често служи како корисно објаснување за секакви видови реакционерски политички ставови, коишто се присутни во регионот од 90-тите наваму. На „децата на комунизмот“, се вели, не само што им се потребни водство, заштита и надзор, туку тие копнеат и по силен лидер со широка контрола, којшто ќе се грижи за сѐ – авторитетна татковска фигура како таа на Јосип Броз Тито за време на југословенскиот социјализам. Во овој контекст, каква било носталгија или позитивен став кон социјализмот се смета за знак на слабост, нерационалност и неможност за снаоѓање во тековните социјални и економски трансформации. Се гледа како „резултат на чувство на загуба во транзицијата од комунизам кон демократија“, како што тврдат политиколозите Јоаким Екман и Јонас Линде.

Но ако посериозно ги разгледаме позитивните референци на граѓаните во постјугословенските општества, согласно она што го предлага американскиот антрополог Доминик Бојер, ќе видиме дека позитивните аспекти на нивните социјалистички искуства не се однесуваат единствено на изгубената социјална сигурност, социјалната заштита и имањето некој којшто се грижи за сѐ. Тие многу повеќе се однесуваат на изгубената способност за делување и самопоимањето како чинител во сопствениот живот, но и во пошироките економски и општествени процеси. Спротивно на укажувањата на распространетите неолиберални и „транзициски“ политички дискурси во однос на социјализмот, граѓаните многу повеќе се сметаа себеси за чинители за време на социјализмот отколку денес, кога се чувствуваат неспособни да ги реализираат своите желби и визии. Во случајот на постсоцијалистичка Србија, Маја Петровиќ Штегер опишува како нејзините испитаници „често наведувале дека секојдневните факти од нивните животи им отежнуваат да се замислат како активни учесници во преобликувањето, или само во оспорувањето на политичкото и економското ткиво во современа Србија.“

Тоа е причината зошто ретки и исклучителни настани во кои граѓаните успеваат повторно да добијат одреден степен на способност за делување – како масовните мобилизации за пружање помош и солидаризирање за време на катастрофалните поплави во регионот во мај 2014 година или граѓанските пленуми како форми на директна демократија во Босна и Херцеговина – се преполни со повикувања на формите на општествена организација и акција карактеристични за југословенскиот социјализам.

Во ваков контекст, видена како копнеж по изгубената способност за делување, носталгијата по социјализмот не е реакционерен, ирационален и прототалитарен став, туку пракса од мобилизирачки, легитимирачки, па дури и еманципирачки карактер. Таа е потсетник не само на минатото, туку и на неопходните вредности за замислување иднина, како што се меѓугенерациска и универзална солидарност, одговорност, заедништво, вредност на работата како таква и можеби пред сѐ, лична и колективна автономија.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *