Давид против Голијат

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Јордан Шишовски

После 17 мај отпорот влезе во длабока криза. Протестите издишаа, а најавуваниот пресврт не се случи. За да можеме воопшто да ги промислиме стратешките насоки на дејствување првин треба да ги испитаме идентитетот на отпорот и природата на неговата криза.

Митингот на 17 мај само го покажа она што многумина одамна јасно го гледаат: СДСМ нема ниту стратегија, ниту визија, ниту сила да предизвика суштинска промена во општеството. Долго најавуваните „бомби“ неосновано ги кренаа очекувањата за посакуваната промена, додека истовремено раководствата на партијата, на коалиционите партии и на коалиционите невладини организации здружени под „Чадорот“, целосно потфрлија во нивната проценка на: (1) силата и решителноста на режимот, (2) сопствените сили и капацитети, (3) интересот на „меѓународната заедница“ за демократијата во земјава и (4) довербата на народот. Последната и најважна грешна проценка укажа дека народот е целосно свесен за степенот на корумпираност на елитите и дека при континуираното исправување пред изборот меѓу две зла веќе нема намера да избира зло, па макар било тоа и помалото зло! Народот избра резигнација. Митингот беше најавуван како помпезен настан со патетичното „Доаѓаме“. На самиот ден излегоа многу луѓе, но нивните очекувања за промена беа изневерени. СДСМ покажа дека не знае зошто извадило толку луѓе на улица. Наредните денови безидејните проектни менаџери на „Кампот на слободата“ лажната надеж ја преточија во апатија.

Во ова светло треба да ја промислиме природата на кризата во отпорот што покажа голема енергија на 5 мај и набргу се вообличи во движењето #Протестирам. Уште првите денови по 5 мај веќе беа воочливи идентитетските проблеми на ова движење. Стануваше збор за идеолошки некохерентно тело. Од една страна тука беа активистите што гравитираат кон СДСМ, а од друга страна тука беа и активистите што се обидуваа да ја потиснат својата недоверба кон СДСМ во име на борба против поголемото зло – авторитарниот режим. Главниот недостаток на движењето се состоеше во суштинската неодржливост на идејата за закопување на сите разлики дур не падне режимот. Се покажа дека разликите се суштински и идеолошки. Додека едните покажуваа силни слободарски и антиавторитарни тенденции, про-СДСМ групацијата се покажа во прилично авторитарно светло. Постојаното инсистирање на целосна и слепа поддршка за раководството на СДСМ, логиката или-сте-со-нас-или-против-нас и демонизирањето на сите што не ја даваат својата безрезервна поддршка на СДСМ, со погрдното „неутралци“, само ја изнесе на виделина авторитарната тенденција во редовите на про-СДСМ крило на отпорот.

Со помпезното „Доаѓаме!“, на 17 мај про-СДСМ крилото целосно беше вовлечено во лажната победоносна еуфорија произлезена од катастрофалната проценка на СДСМ. Лажното чувство на големина и сила произлегуваше од грешната хегелијанска претпоставка дека квантитетот самиот од себе преминува во квалитет. Самата импозантна бројка на излезени граѓани не беше гаранција дека истите се и мотивирани за акција. Ова совршено беше проценето од страна на органите за безбедност – додека на 5 мај на улиците на Скопје имаше илјадници специјалци – „желки“, на 17 мај и целиот нареден период Владата ја „чуваа(т)“ смешно мал број на полицајци. „Доаѓањето“ всушност значеше замена на политичкото со политички импотентен спектакл. Масивноста на митингот со својата гравитација комплетно вовлече голем дел од (про-СДСМ) активистичкото јадро во орбитата на СДСМ/ГМ. Тоа доби лажна аура на триумфалност и уште пред да падне режимот влезе во лешинарско растргнување на „колачот“ на проектираната власт и пресметка со проектираните претенденти на „тронот“. Ова ја изјалови неговата последна, очајничка пресметка со режимот

Наравоучение. Народот ја има целосно загубено довербата во политичката каста. Тој не е подготвен да се вложи повторно во смена на едно зло со помало зло. „Меѓународната“ не е подготвена да ризикува промена на статус кво во Македонија. Режимот покажува висок степен на рационален себе-интерес, флексибилност и моќ за одржување по секоја цена, истовремено со целосното отсуство на морал, одговорност и интерес за иднината на земјата. СДСМ и коалицијата „Граѓаните за Македонија“ покажуваат целосно отсуство на стратегија, визија и моќ како за сопствена промена, така и за општествена промена. Ова може да се види и од договорот од Пржино од 15.07.2015 кој е само обичен технички договор за поделба на власта меѓу коалициони партнери. Во него не се ни споменуваат вредностите како слобода, демократија, правда! Оттука произлегува дека сите прогресивни слободарски сили во општеството треба да се подготват за долготрајна Давид-против-Голијат битка. СДСМ е јалов политички аполитичен ентитет што ниту е корисен сојузник, ниту достоен противник. Борбата против режимот не е борба против личност, ниту против група. Тоа е борба против дводецениските авторитарни, реакционерни тенденции. На оваа обезвреднетост треба да ѝ се спротивстави сила со јасни слободарски и прогресивни вредности. Само преку радикалното практикување на слободарството, демократичноста и транспарентноста на дејствувањето може да се разрови крутата авторитарно логика на политичката каста. Потребно е да се отворат нови авении на отпорот, да се политизира тивкото мнозинство и да се поттикне отпор-од-долу и во-свое-име. Неопходна ни е лудачка надеж и верба во моќта на нашата слабост!

Ќе победиме!

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *