Граѓаните во средиштето на политиката – стара борба за нови вредности

Дел од вонредното заседание „Граѓански отпор: кохезија, омасовување, претставување“. Автор: Бојан Маричиќ

По неколкуте големи студентски протести и слободни студентски зони на универзитетите низ Македонија кон крајот на 2014 и почеток на 2015 година, граѓаните се охрабрија и повеќе различни групи на граѓани со различни каузи (новинари, хонорарци и сл.) организираа протести со кои ги заземаа улиците како центар на политичките збиднувања. Во овој текст елаборирам за моментално најмасовната форма на граѓански отпор кон власта во Македонија и Груевизмот како концепт која се појави во овој активистички бран, а тоа е коалицијата „Граѓаните за Македонија“.

Зошто „Граѓаните за Македонија“?

По објавувањето на серија таканеречени бомби од страна на опозициската СДСМ, најголем дел од граѓанските активисти и граѓанските организации ги потврдија стравовите и претпоставките кои со години ги потенцираа во својата работа. Имено, тие снимки покажаа дека институциите се заробени од грст моќници на власт, дека владеачките партии ги контролираат сите гранки на власта (законодавна, извршна и судска), дека практично не постои институција, независно тело или политички процес во кој граѓаните можат да веруваат или пак да влијаат.

Нормалната улога на граѓанското општество во демократските држави е да биде коректор на политиките на власта во име на граѓанскиот (јавниот) интерес, притоа не борејќи се да стекне власт. Тоа е клучната дистинкција меѓу призмата на граѓанското општество и онаа на политичките партии, кои јавниот, но и партикуларниот интерес на нивната идеолошка програма го остваруваат преку борбата за власт и влијание во институциите на претставничка демократија. Сепак, во ненормални услови каде граѓанските организации и активисти се секојдневна мета на демонизација, говор на омраза, институционална репресија и медиумска хајка, невозможно е границите меѓу политичкото и партиското, макар привремено, да не се толкуваат екстензивно.

Желбата за окрупнување на опозицискиот фронт против Груевски и неговата врхушка лежи во немоќта на која било политичка група (без разлика дали се бори за власт или пак за влијание во јавен интерес) самостојно да направи широк и успешен фронт кој ќе ги надминува границите на сопственото досегашно делување во услови на тотална медиумска контрола, институционална заробеност и оркестрирана репресија од страна на власта. Бидејќи општеството повеќе не е демократско, а власта одбива да се вразуми, преостануваше да се направи обид за единствената варијанта која до сега не беше испробана – натпартиска, граѓанска коалиција од политички партии од опозицијата предводени од СДСМ и граѓански организации и активистички групи (но и поединци) која беше создадена во мај 2015 година под името „Граѓаните за Македонија“ (ГзМ) и обелоденета со заедничка Декларација.

Нови вредности кои се создадоа низ досегашната борба

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ овозможи артикулација на најголем дел од оние помали фронтови против Груевски и Груевизмот како концепт да се слеат во еден поголем фронт кој ниту Груевски ниту меѓународната заедница ќе можат да го игнорираат повеќе. Дополнително, кампот пред Влада стана симбол за истрајноста и решеноста во заедничката борба за заминување на актуелниот режим. Населувањето на сериозна бројка граѓани, кои притоа не доаѓаат само од политичките партии на опозицијата, пред зградата на Владата на Македонија изврши притисок врз Груевски и неговата клика која секојдневно мора да се соочува со граѓанскиот револт. Тоа не е единствена точка на револтот, но е единствена која трае 24 часа на едно видливо место.

Понатаму, тоа е симболичен простор кој беше затворен за граѓански протести од 6 мај до 17 мај, периодот кога траеше секојдневното протестирање како резултат на објавувањето на снимките од разговорите како власта се обидувала да го затскрие трагичниот случај на убиството на Мартин Нешкоски во јуни 2011 година. Со повторното освојување на овој простор, од 17 мај наваму, на власта ѝ беше предочено дека граѓанскиот отпор нема да се потчини на „забранети зони“ како форма на ограничување на правото на протест, а револтот ќе се излева секојдневно токму под прозорецот на владетелот.

„Граѓаните за Македонија“ како концепт охрабри многумина кои себеси се гледаат како „неутрални“, „аполитични“, „неопределени“, а сепак воедно и крајно незадоволни од актуелната власт. Во таа смисла концептот покажа дека конфронтацијата со врхушката на власт ја надминува обичната меѓупартиска битка за власт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Оваа платформа докажа дека всушност се работи за темелен судир меѓу најголем дел од граѓаните од различен профил кои бараат демократија, слобода и социјална правда од една страна и Груевски и неговата партиска и лична владеачка врхушка која посегнува кон антидемократски методи за одржување и злоупотреба на власта од друга страна.

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ изроди нов граѓански дух на заедништво кој ги надминува вообичаените етнички, верски, родови, морални, идеолошки, па и интересни разлики. Чинот на повлекување на партиските знамиња на масовниот граѓански протест е повеќе од симболичен. Тој претставува подготвеност на жртвување на доминацијата на партиите во опозицискиот кампус и отворање на форум за заеднички акции без никакво условување или уценување. Кампот, исто така, обезбеди простор за различни луѓе со иста цел да бидат на едно место. Тоа подразбираше меѓусебно учење и комуникација меѓу партиски членови и граѓански активисти, луѓе од Скопје и луѓе од другите градови, луѓе од различни етникуми и определби, луѓе подготвени за отворени дискусии и акции кои ќе придонесат кон повеќе демократија.

„Граѓаните за Македонија“ е најголемиот и најмоќниот фронт со над 15 политички партии и над 80 граѓански организации или активистички групи. Овој фронт не е, ниту пак претендира да биде единствен во борбата против Груевизмот како метод на владеење. Страничните фронтови надвор од ГзМ само можат да помогнат да се разбере многузначноста на борбата против владеачкиот концепт во Македонија.

Една од клучните пораки на „Граѓаните за Македонија“ е дека моќта на која било идна власт мора да се намали и дека мора да се обезбедат услови, поттик и поддршка за активни, гласни и критички граѓани. Тоа значи дека секоја идна власт мора да се откаже од репресивните инструменти против неистомислениците или пак од методите за медиумско, институционално или вонинститционално гушење на критиката и граѓанскиот активизам. Оваа лекција е почетна точка за граѓанското општество во неговото идно делување како коректив на идната власт. Всушност гласноста на граѓанското општество денес, во овие тешки услови, обезбедува простор за зајакнување на граѓанското општество како можност за притисок врз секоја идна власт и поголемо демократско учество во обликувањето на јавните политики.

Најпосле, времетраењето на оваа коалиција е временски ограничено до падот на Груевски. Потешката задача на искоренување на Груевизмот како метод останува заеднички потфат на сите субјекти од „Граѓаните за Македонија“. Сепак, таа борба ќе ја води секој од својата позиција, ние од позиција на граѓани кои организирано се борат за јавниот интерес без желба за власт, а партиите во борба за власт и остварување на својата програма. Оваа коалиција нема да биде пречка за граѓанските организации да ја критикуваат и СДСМ како идна власт, напротив. Граѓанското општество има обврска да покаже дека не се откажува од политиката ниту им ја препушта само на политичарите, а секогаш ќе биде тука да го критикува и контролира оној кој ја држи палката на моќта.

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *