photo: Nebojša Gelevski

Македонија: Анатомија на криза

Текстот првично и интегрално беше објавен на openDemocracy на 12 јуни. Автор: Елена Б. Ставревска

Од Русија на Путин, до Турција на Ердоган, Унгарија на Орбан, Србија на Вучиќ и Македонија на Груевски, новите авторитарни режими глумат демократија организирајќи повеќепартиски избори, имитирајќи демократски институции и усвојувајќи демократски јазик. За разлика од старите авторитарни режими, овие властодршци немаат потреба да користат насилство за да се одржат на власт. Наместо тоа, тие владеат преку контрола на информациите и манипулација на верувањата, како и развивање на неопатримонијални и неопребендални економски системи. Една неодамнешна студија на ваквите режими идентификува четири тактики кои обично се користат за одржување на власт: кооптација, цензура, пропаганда и репресија. Особено е важно што студијата укажува на тоа дека режимот е подготвен да употреби репресија, односно насилство против јавноста, само кога масовните верувања не можат да се манипулираат со првите три тактики. Неодамна имаше навестување за токму таков потег во Македонија.

Земјата се соочува со скандал поврзан со масовно прислушување од почетокот на февруари, кога најголемата опозициска партија почна јавно да претставува материјали кои укажуваат на целосно „заробување“ на државата, односно state capture. На 5 мај, нов сет објавени прислушувани материјали содржеше наводни докази за истиот случај на фатална полициска бруталност којшто во 2011 доведе до масовни протести против полициска бруталност. Со повторното покренување на движењето против полициска бруталност како одговор на новите сознанија, илјадници граѓани се собраа пред зградата на Владата да побараат оставки и одговорност. Мирниот протест на крај се претвори во насилен, со голем број приведени и повредени демонстранти. Покрај користењето брутална сила против демонстрантите, полицијата направи и упад во јавна библиотека, каде беа малтретирани студенти.

Полициската репресија имаше контраефект. Таа предизвика протестите да се зголемуваат со секој нареден ден како во бројност, така и географски, ширејќи се низ земјата и низ дијаспората. Протестите единствено беа прекинати на неколку денови за време на безбедносната криза во Куманово. Ова, сепак, им дозволи на демонстрантите да ги кристализираат барањата и да ги обединат дејствувањата околу ново неформално општествено движење познато како #Протестирам. Протестите продолжија секој ден до 17 мај.

Искажувањето граѓанско незадоволство кулминираше на 17 мај, кога илјадници македонски граѓани побараа оставки од Груевски и неговиот најблизок тим. По протестот, кој беше организиран од коалицијата наречена „Граѓаните за Македонија“, координирана од најголемата опозициска партија и голем број на невладини организации, коалицијата постави протестен камп пред седиштето на Владата. На 18 мај, од друга страна, голем провладин митинг се одржа во Скопје, кој резултираше во поставувањето на камп на владини поддржувачи пред зградата на Парламентот. Двата протести всушност беа начин за лидерите на најголемите политички партии, Премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев, да се легитимираат себе и своите барања пред престојниот преговарачки процес.

Преговорите, кои главно се случуваат во Скопје и во Брисел, ги вклучуваат лидерите на четирите најголеми политички партии (две кои се видени како претежно етнички македонски и други две кои се видени како претежно етнички албански партии), а се со посредништво на претставници на Европската унија. Со преговарачкиот процес целосно скриен од очите на јавноста и со многу малку информации достапни на граѓаните, политичкото е одземено и изолирано од јавниот домен. Како резултат на таквото празнење на политичкото од јавното, протестното движење се чини дека ја загуби својата причина за постоење, а камповите се на работ да се сведат на театралност.

Она што се чини јасно е дека преговорите ќе резултираат со исход кој нема да ги задоволи очекувањата на ниедна страна. Опозицијата ги зголеми очекувањата до тој степен што каков било исход кој би дозволил Груевски и неговиот тим да ги задржат позициите во транзиционата влада би се сметал за неприфатлив од оние кои се критички поставени кон владата. Делот од јавноста кој сѐ уште го поддржува Груевски, пак, би го сфатил неговото заминување како отстранување на легитимно избран државник.

Вклученоста на ЕУ во процесот е особено важна. Надвор од секакви заблудни видувања на Унијата како Добриот Самарјанин, во овој случај она што е доведено во прашање е и капацитетот на ЕУ да делува како актер во надворешната политика. Балканот отсекогаш бил не само родното место на надворешната политика на ЕУ, туку и плодна почва за тестирање на сите инструменти во овој домен. Многумина се сеќаваат на злогласната изјава од 1991 година на Жак Пус, тогашниот Министер за надворешни работи на Луксембург, кој зборувајќи во името на Европската заедница рече дека „осамна часот на Европа“, непосредно пред фијаското со југословенските војни. Надворешната политика на ЕУ значително напредна оттогаш, меѓу другото, придонесувајќи кон напорите кои успешно спречија ескалација на етничкиот конфликт во Македонија во 2001 година. Во годините потоа, ЕУ беше клучен актер во процесот на изградбата на македонската држава. Оттаму, повторното поставување на нивната „успешна приказна“ на Балканот на патот кон членство во Унијата е од суштинско значење во зачувувањето на капацитетот на ЕУ како надворешнополитички актер. Истовремено, стравувајќи од креирањето преседани во нестабилно соседство, ЕУ се чини посебно внимателна и свесна за степенот до кој интервенира.

Сето ова ја става Унијата во позиција уште еднаш да даде приоритет на стабилизација пред демократизација, како двете да не се интимно поврзани и како да можат успешно да се случат едноподруго. Ова е пристап од кој можеме да најдеме бројни примери на Балканот. Конкретно во Македонија, меѓународната заедница долго време гледаше на Груевски како на „стабилизатор“, замижувајќи пред назадувањето на демократијата што се случува во земјата последните неколку години. Оттаму, има најмалку три проблеми со начинот на кој моментално се одвиваат преговорите.

Првиот проблем е непостоењето на каква било транспарентност во процесот. Кратките неинформативни, често контрадикторни изјави на инволвираните, вклучувајќи ги и претставниците на ЕУ, се единствените информации достапни на јавноста. Во општество кое со години се соочува со медиумски мрак, недостатокот на информации ги прави преговорите, како и судбината на земјата, уште подалечна од граѓаните. Тоа, истовремено, придонесува и кон продолженото чувство на неизвесност.

Второ, се чини дека постои претпоставка дека сегашните авторитарни тенденции, иако никогаш експлицитно ненаречени така од страна на меѓународни претставници, се во директна спротивставеност со демократијата. Како двете да постојат во дихотомија и како да се очекува, по колапсот на тековниот нелиберален систем, демократија некако природно да се појави. Како ставање фластер на неисчистена рана, се преговара за договор без никакви гаранции за неговата имплементација. Неуспехот на договорот од март 2014 година, исто така постигнат со посредство на ЕУ, да донесе какви било значајни промени или дури и целосно да ја реши кризата, на пример, треба да биде суров потсетник за ограничувањата на овој пристап.

Последен и најважен е проблемот на застапеноста, односно претставеноста. Преговарачкиот процес ја поставува моменталната политичка криза во земјата како конфликт помеѓу политички партии наместо како криза на легитимноста на институциите. Она низ што Македонија поминува е конфликт помеѓу граѓанството и властодршците. Има три важни нешта кои лидерите на политичките партии можеби згодно ги забораваат, но претставниците на ЕУ не смеат. Прво е фактот дека мајскиот излив на јавно незадоволство не се случи во вакуум и не беше единствено резултат на протечените материјали. Всушност, последните протести се случија после месеци исполнети со огромни протести, почнувајќи со протестите на студентите на крајот на 2014 година, хонорарците, медиумските работници, протестите против Министерот за здравство по трагичната смрт на малата Тамара, средношколците и нивните родитени, итн. Вториот важен факт е дека просечната излезност на избори во Македонија е 57.49%, со голем дел од квалификуваните гласачи во земјата кои одбиваат да гласаат, што ги прави непретставени од која било политичка партија, а уште помалку од четирите најголеми. Овие две се поврзани со третата важна реалност, а тоа е постоењето на вистински grassroots, самоорганизиран, автономен капацитет за акција во форма на движењето #Протестирам. Сѐ до 17 мај, секојдневните протести на #Протестирам успеаја да вклучат дел од населението кое е незадоволно не само од тековната влада, туку и од начинот на кој се води политиката во земјата севкупно. Верувајќи дека граѓаните мора да бидат способни да дејствуваат политички и вон политичките партии, демонстрантите бараат одговорност кон граѓаните, не единствено кон партиските членови. Преку маршови и пленуми, овој локален капацитет за акција, и покрај тоа што е неодржлив и со неизвесна иднина, успеа да им даде платформа на непретставените граѓани, за да го искажат своето мислење. Затоа, овој капацитет мора да биде препознаен и искористен во процесот на демократизација на земјата.

Севкупно, ова е ретка можност за „рестартирање“ на системот. Ова е можност одново да се напише општествениот договор помеѓу институциите, владата и граѓаните. Ова е можност каква што се укажува само после тектонски придвижувања и пукнатини, како што се војни или огромни кризи. Во Македонија, ова е можност за конечно да се постават основите на демократско општество и одговорни институции, што неизбежно ќе биде долг и мачен процес, но истовремено и процес којшто најпосле ќе овозможи напредок на земјата.

Фото: Небојша Гелевски

Comments

comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *