Месечна архива: мај 2015

Зошто е погрешна тезата дека конфликтот во Македонија е инициран за да се спречи изградбата на „Турски тек“?

Оваа теза е апсолутно погрешна, а гледам дека пропагандата ја пласира и сака да ја наметне како релевантна и исто така да послужи како изговор за конфликтот што се случува кај нас и со тоа да префрли дел од вината на друг. Јас, заедно со луѓето со кои работиме во Центарот за ресурна економија при Руската претседателска академија, ги правев пресметките за економската исплаливост на „Турски тек“.

„Турски тек“ е многу неисплатлив проект. NPV (Net Present Value) на проектот се мери во негативна милијарда долари и по ниедна економска логика таков проект не треба да се реализира. Единствено нешто што сѐ уште го држи во живот овој проект е потенцијалната политичка придобивка од него, бидејќи Газпром не е управуван како корпоративна фирма, туку служи и како политичка алатка на Русија.

Турција не сака да учествува со толкав процент во проектот колку што бара Газпром т.е. не сака да даде толку пари колку што бара Газпром, а Грција и да сака, нема од каде да најде пари во овој момент. Тоа го знаат на запад, знаат дека веројатноста да не се реализира овој проект е доста голема. Дополнителен товар да не се реализира проектот е тоа што Газпром го диверзифицира својот извоз кон Кина. Европа исто така сака да стане помалку зависна од рускиот гас и секоја година купува сѐ помалку руски гас.

Затоа, Русија реално нема потреба да гради нова инфраструктура за пренос на гас кон Европа. Дури ни постоечките капацитети од „Северен тек“ не се максимално искористени. Регулативата во ЕУ за транспорт на гас е исто така тешко прашање кое треба да го решат ЕУ и Русија, а барем во блиска иднина не се наѕира некој компромис. Сѐ е насочено кон проектот „Силата на Сибир“, преку кој Кина ќе купува гас од Русија, но тој проект во најголем дел го финансира Кина, како после би користела поевтин гас од Русија. Со тоа, Русија влегува во пазарот на најголемиот потрошувач на гас во светот, со што се намалува потребата да продава гас на Европа.

Следна причина е што поради падот на рубљата, не е во интерес на Русија да инвестира во странски проекти, особено во проекти кои во нивната основа не се економски исплатливи. Заклучокот е дека приказната со „Турски тек“ е многу неизвесна и прашање на време е кога тоа и официјално ќе се соопшти.

 

Никола Ќурчиски

Центар за ресурна економија,
Руска претседателска академија за национална економија и јавна администрација

 

Референци:

1. Stern, Jonathan, Simon Pirani, and Katja Yafimava, Does the Cancellation of South Stream Signal a Fundamental Reorientation of Russian Gas Export Policy?, Oxford Institute for Energy Studies (2015).

2. Russia’s New Turkish Stream Gas Strategy More Bark Than Bite. The Moscow Times (2015)

3. EU energy chief voices concern over Russia’s Turkish pipeline plan. Reuters (2015)