Архива за категоријата: Граѓанско општество

969780_206260143047677_2408807666267817011_n

Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија

Граѓанското општество е концепт кој опфаќа широк дијапазон на значења. Најопштата дефиниција за граѓанско општество ги опфаќа сите форми на организирање помеѓу семејството и државата. Правото на здружување е основно политичко право на секој граѓанин и е клучен аспект на секое демократско општество. Во посткомунистичкиот период во новите демократии, особено во текот на 1990-тите и 2000-тите, „граѓанско општество” беше релативно нов концепт, чие значење допрва требаше да се оформува. Тоа, во голема мера финансирано од странски развојни фондации, најчесто беше видено како своевиден синоним на прогресивно, демократско и праведно дејствување. Значителното присуство на донатори кои преферираа финансирање на формални организации придонесе кон тоа граѓанските невладини организации да се наметнат како доминантна форма на здружување и кон своевидна НВО-изација на граѓанското општество. Од друга страна, особено во последните неколку години, се јавија и многу општествени, често студентски и активистички движења кои ги активираа граѓаните, вон редовните активности на невладините организации. Ваквите различни концепти креираа своевидна тензија помеѓу формалните и неформалните облици на граѓанско здружување. Оттаму, ова заседание го става под лупа концептот на граѓанско општество во Македонија и неговиот развој, навлегува во разликите кои постојат помеѓу различните видови здружувања на граѓан(к)и, но и го анализира односот помеѓу општествените активистички движења, самоникнатите и самоорганизирани иницијативи и невладините организации.

Во ова заседание ви претставуваме четири осврти на оваа тема:

 

Уредници на заседание: Борјан Ѓузелов и Елена Б. Ставревска

Фото: Битола – град на културата

Активист(к)и и невладини: љубов и нетрпеливост во време на „заробена држава“

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Елена Б. Ставревска

Една од дистинкциите кои се прават во однос на граѓанското општество е таа помеѓу граѓански иницијативи и движења, од една страна, и граѓански, односно невладини организации, од друга. Ваквото разграничување на глобално ниво стана уште понагласено и повидливо во периодот на дејствување на движењето Occupy, но на истото укажуваат и приказните од студентското организирање во Загреб, граѓанските пленуми низ Босна и Херцеговина, па и различните пленуми и движења во Македонија кои зедоа замав во 2014/2015. Критиките на невладиниот сектор глобално се бројни и многустрани.

Во периферните и полупериферните земји со недемократски системи, невладините организации (НВО-и) се често јавно претставувани како ентитети во служба на интересите на странските донатори, наместо на потребите и интересите на населението во земјите каде дејствуваат. Понатаму, критикувани се дека и покрај тоа што немаат сопствени конституенти често се вклучени во процесот на креирање политики на институционално ниво „во име“ на граѓан(к)ите и граѓанското општество, на тој начин давајќи легитимитет на одредени политики и одлуки. Друга критика е во насока на оние НВО-и кои пружаат различни видови социјални и хуманитарни услуги, за кои се смета дека на тој начин придонесуваат кон прикривање на неспособноста на државата да ги пружи тие исти услуги на своите граѓан(к)и. Притоа ваквото своевидно аутсорсирање на грижата за најранливите категории граѓани не значи дека улогата на државата севкупно е намалена, туку дека истата има простор да вложи ресурси во други области. Со дејствувањето во оваа област, иако успеваат привремено да помогнат на дел од маргинализираните граѓан(к)и, се маскираат последиците и се придонесува кон амортизирање на народниот гнев.

Со други зборови, суштината на критиката е дека поголемиот дел од невладините, кои особено во транзиционите општества никнуваат како печурки после дожд, се составен дел на системот кој е трул и неправеден. Оттаму, нивното дејствување единствено може да придонесе кон негова реформа во постоечките рамки, но не и кон темелна промена на целиот систем.

Дел од овие критики се основа и за анимозитетот кој е присутен помеѓу граѓанските, често хоризонтални во структура, активистички, самоорганизирани движења и граѓанските, често проектно насочени, професионализирани невладини организации во Македонија. Меѓутоа, она што ја прави дискусијата специфична во македонскиот контекст е постоењето на таканаречената „заробена држава“, односно значајното институционализирано влијание и контрола, водени од лични интереси, на нерепрезентативни чинители врз јавните финансии, медиумите и донесувањето и спроведувањето одлуки. Во вакви услови, функционирањето на НВО-и кои се во улога на watchdogs е не само под огромен притисок, туку и речиси целосно оневозможено. Медиумската машинерија на режимот е ставена во улога на делегитимирање на оние општествени чинители, како што се невладините организации, кои ги доведуваат во прашање различните одлуки и политики на власта. Оттаму, нетрпеливоста помеѓу активистичките движења и невладините организации не придонесува само кон ситнење на отпорот против опресивниот режим, туку и директно помага во процесот на делегитимирање на различните гласови и ставови во општеството. Преку етикетирање, на пример упоребата на недефинираниот, но погрден израз „соросоиди“, се избегнува дискусија околу содржината на ставот и фокусот останува на површното неполитичко ниво околу носителот на ставот, што придонесува кон уште подлабоко деполитизирање на македонското општество.

Второ и можеби поважно е разграничувањето помеѓу индивидуалната дејствителност и агентност на луѓето кои се вработени во различните невладини организации и колективното дејствување на организациите. Дејствителноста, односно агентноста, овде се однесува на способноста и моќта за дејствување во одредена средина. Во услови на комплетна поклопеност на државата, државните институции, па и државните универзитети од страна на партиите на власт, невладиниот сектор е едно од последните упоришта за поголемиот дел млади прогресивни луѓе во земјата, особено за оние од општествените науки. Со тоа работата во невладиниот сектор, наместо барање на одредено партиско вработување и вклучување во постоечкиот клиентелистички систем, е и своевидна форма на отпор кон владејачкиот режим. Покрај ова, голем дел од луѓето вработени во невладиниот сектор се всушност дел од активистички движења во своето слободно време и се често во првите редови на различните самоорганизирани протести. Оттаму, исцртувањето јасна граница помеѓу невладини организации и граѓански движења, доколку се занемари индивидуалната дејствителност, не е само проблематично, туку и невозможно. Колективната способност за дејствување на граѓанските движења, обединети околу заеднички вредности, извира од индивидуалните дејствувања на различните граѓан(к)и, вклучувајќи ги оние кои се единствено активни во конкретното движење, но и оние кои се и вработени во невладини организации или се волонтерски дел од асоцијации од кои немаат директни финансиски бенефиции.

Невладините организации, а со тоа и индивидуите кои работат во нив, и граѓанските движења во кои тие заедно со другите граѓан(к)и учествуваат се централните двигатели на демократизацијата и ослободувањето на државата. За дискусијата околу улогата на НВО-и во суштинска системска и општествена промена воопшто да се случи, неопходно е да се премостат нетрпеливостите во процесот на одзаробување на државата.

 

За граѓаните, граѓанските иницијативи и организации

Дел од виртуелното заседание „Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија“. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 2015 година граѓанското организирање во Македонија го достигна својот врв. Се организираа студентите, средношколците, професорите, хонорарците и многумина граѓани кои кафеаните ги заменија со улицата и граѓанските пленуми. Активни беа граѓани од различни позадини (етнички, возрасни, професионални) кои застанаа зад заеднички вредности и цели. Покрај граѓанското здружување, важна улога имаа и граѓанските организации кои будно ја следеа работа на институциите и политичките елити. Иако денес изгледа дека организираните граѓани сепак не ја победија летаргијата и партизираниот политички дискурс, сепак тие направија поместување во процесот на „учење“ на демократијата.

Зголемената граѓанска активност на виделина извади и повеќе стари и нови полемики и несогласувања помеѓу различните актери во граѓанското општество кои на моменти изгледаа како монтипајтоновска битка за тоа кој е поголем опозиционер, „полев“ левичар осносно поавтентичен претставник на граѓаните и граѓанските вредности.

Ширината на концептот на граѓанско општество во Македонија, како и во другите земји, вклучува многу различни форми на организирање кои пак вклучуваат повеќе дихотомии: волонтеризам наспроти професионализам, идеолошки наспроти ад хок, ад хок наспроти проектен пристап, членство и членарина наспроти донаторска поддршка итн. Иако не е исклучено овие дихтомии да се испреплетуваат и меѓусебно неутрализираат, од нив произлегуваат две идеалтипски форми на граѓанско општество: граѓански иницијативи (движења) и граѓански (невладини) организации. И покрај тоа што двете форми несомнено припаѓаат на граѓанското општество и дел од својот легитимитет црпат од уставно загарантираното право на здружување, сепак изгледа како тие меѓу себе да имаат повеќе разлики отколку сличности.

Граѓанските иницијативи (движења) ги сочинуваат самоорганизирани граѓани кои застануваат зад една цел и споделуваат исти или слични вредности. Основен двигател на овие движења е ентузијазмот и волонтеризмот – нивниот мотив е активистички, а нивната структура е најчесто хоризонтална. Тие потекнуваат од граѓаните и влијаат позитивно врз мобилизацијата на нови граѓани. Во таа смисла, ваквите иницијативи имаат свои конституенти и се продукт на пошироко граѓанско организирање и притоа знаат да бидат многу респонзивни кон тековните општествени проблеми. Од друга страна, најголем број вакви движења немаат посериозно воспоставена (институционална) структура, ниту пак финансиски ресурси што ги прави ранливи и неодржливи. Оттука, голем дел од ваквите иницијативи и покрај тоа што се во можност да мобилизираат луѓе на улица, не секогаш се способни успешно да влијаат врз јавните политики во рамките на постоечките институции.

Граѓански (невладини) организации имаат постабилна институционализирана структура со раководни и извршни органи, како и дефинирани (барем на хартија) вредности. Најчесто се финансираат од донатори и работат на проектна основа: нивните активности се однапред предвидени и се во линија на тоа што донаторите очекуваат од нив. Ваквиот начин на работа им овозможува одржливост и конзистентност. Граѓанските (невладини) организации иако се нарекуваат граѓански, со чест на исклучоци, немаат база на граѓани (конституенти) позади нив. Нивната агенда во голема мера е исцртана од донаторските стратегии на странските развојни фондови. Сепак тоа не значи дека граѓанските организации се нелегитимни: наместо граѓани, граѓанските организации со помош на донаторските пари застапуваат и едуцираат вредности, обезбедуваат социјални услуги и обезбедуваат развојна поддршка. За жал нивниот опфат е прилично тесен – иако имаат капацитет и знаење во одредени специфични области, најчесто не се способни да анимираат и организираат поширока група на граѓани.

Граѓанските иницијативи (движења) и граѓанските (невладини) организации треба да заземат уште позначајна улога во 2016 година. Иако имаат повеќе разлики отколку сличности, нивното коегзистирање, соработка и меѓусебно надополнување ќе бидат клучни за опстанокот на и онака кревката македонска демократија. Во услови кога симболичкиот популизам и заробените медиуми се закануваат да воспостават монопол врз (не)вистината, токму плурализмот и различностите треба да бидат сржта на македонското граѓанско општество. Оттука, секој треба да биде свесен за својата улога и вредност, почитувајќи ја улогата и вредноста на различниот… На македонското општество му се потребни повеќе и различни граѓански чинители.

Нека победи плурализмот!

Финансиското опкружување и ликот на граѓанските организации во Македонија: време за промени?

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторка: Милка Ивановска Хаџиевска

Граѓанските иницијативи често можат да бидат успешни и без никаква финансиска поддршка, но сепак, за голем број на активности потребни се ресурси – финансиски и нефинансиски. Така граѓанските (невладини) организации (понатаму ГО) значително зависат и во голема мера се обликувани од финансиското опкружување во кое делуваат. Во Македонија, во услови на ограничена државна финансиска поддршка и скромни пракси на индивидуална и корпоративна филантропија, ГО доминантно зависат од поддршката на странски донатори. Иако има правна основа, давањето на услуги како економска активност и извор на средства за организациите не е многу развиено во пракса. На локално ниво, општините не овозможуваат значајна финансиска поддршка, а дополнително, и даночниот режим не е стимулативен за работата на граѓанските организации.

Критиките упатени кон ГО во Македонија за нивното „претерано“ и „некритичко“ прилагодување кон донаторските агенди превидуваат дека НВО-изацијата во голема мера е резултат на самите модели на финансирање кои доминираат. Со други зборови, донаторите се во позиција на моќ и тие заедно со државата ги креираат условите во кои организациите се развиваат и со тоа влијаат на нивниот карактер. Моделите на финансирање и отчетност кои ги воспоставија меѓународните донатори охрабруваа(т) професионализација и бирократизација на организациите, учество во институциите на системот, тематска специјализација, брендирање и изразено компетитивно однесување. Организациите кои не успеваат да ги развијат овие карактеристики се третираат како неуспешни и честопати не можат да се квалификуваат за (понатамошна) финансиска поддршка. Оттаму, граѓанското општество во Македонија го населија мал број на главно формални, централизирани и професионализирани ГО, способни да управуваат со финансиски средства и континуирано да аплицираат за грантови како главен извор на финансиска одржливост.

Бидејќи ваквите ГО главно се потпираат на алатки за експертско и институционално застапување и спроведување на проектни активности (конференции, јавни дебати, извештаи, мониторинг вежби) кои имаат за цел да го коригираат системот на владеење, тие имаат ограничен капацитет за мобилизирање на граѓаните и вон-институционално делување. Па така, како последица на затворањето на институциите и медиумскиот простор за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од страна на некои донатори и ГО се увиде потребата од поинакво граѓанско општество и активизам, кои се темелат на вмрежување и мобилизирање на граѓанско учество преку неформални инцијативи. Се погласно почна да се зборува за потребата од ГО кои имаат темели во заедниците (се засноваат на конституенти/ имаат членство) и поттикнување на граѓанско општество кое би било јадро на отпорот против авторитарната власт.

Како последица на ваквите согледувања од страна на донаторите и граѓанските активисти, се појавија донаторски програми кои поддржуваат вмрежување и заеднички акции на ГО, грантови за неформални групи, ад хок, акциски и мали грантови кои се наменети за актери кои не се формално организирани (пр. проектот на УСАИД за граѓанско општество, програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас, 2014-2018“). Се чини дека неформалното граѓанско здружување и активизам беа подзаборавени, па сега одново откриени од страна на донаторите и гласноговорниците за граѓански активизам во Македонија.

И покрај обидот за адаптирање на моделите на финансирање на неколку клучни странски донатори во Македонија, финансирање преку грантови за кои можат да се квалификуваат веќе професионализираните ГО останува доминантен модел на поддршка за граѓанското општество. Ова донекаде се должи на искуствата на донаторите, според кои финансирањето на професионализирани ГО им гарантира чесно и транспарентно управување со средствата и завршени проекти кои постигнале прифатлива „вредност за парите“. Од друга страна, донаторите ги креираат нивните програми честопати без активно и суштинско учество на различни граѓански организации и активисти, а нивните одлуки се условени од сопствените основачки мисии и институционални механизми за отчетност. Тие самите се производ на „непрофитниот индустриски комплекс“ и како такви имаат ограничен потенцијал за отстапување од веќе проверените модели на поддршка за ГО.

Не треба да се заборави и потцени придонесот на веќе воспоставените ГО, кои прават што можат во дадените услови и честопати со значајни резултати. Но истовремено, постои итна потреба од критичко промислување на механизмите кои ги туркаат ГО кон еден одреден тип на организациски модел, бидејќи тоа директно влијае на врската меѓу организираното граѓанско општество и граѓаните и неговиот потенцијал да поттикне темелни општествени промени. „Новото“ граѓанско општество, кое би било двигател на демократизацијата на Македонија, има потреба од алтернативни модели за негово стимулирање и одржливост. Повеќе од било кога потребни се мерки за диверзификација на финансиските извори и модели со цел да се поттикне разнолико граѓанско општество втемелено во заедниците, активно и ориентирано кон остварување на општествена промена, а не организациско преживување. Средствата и влијанието на странските донатори во земјата (пр. ЕУ) треба да се насочат кон реформирање на државното финансирање за ГО и негова децентрализација. Потребно е поттикнување на нови граѓански инцијативи на локално ниво, поттикнување на организации засновани на членство и финансирање преку членарини, воспоставување на онлајн платформи за индивидуални донации и crowdfunding за граѓански инцијативи. Време е за експерименти.

#РетвитниОброк значи достоинствен оброк за сите

Дел од виртуелното заседание Граѓанско општество во Македонија: меѓу улица и канцеларија. Авторки: Ана Голејшка и Злата Голабоска

Сѐ почна од еден твит во кој оброкот што е сликан претставува пресврт за група млади готвачи-аматери. Зошто? Затоа што идејата е да се готви по волја на индивидуата, за заедничка општествена корист. Во Скопје има безброј гладни граѓани со кои секојдневно се разминуваме. Воедно, има исто толку граѓани кои ја фрлаат храната (foodwaste), а истата може да биде преиначена во достоинствен оброк. Кога подготвуваш оброк за себе, влогот, материјален и временски, за уште еден дополнителен оброк  е незначаен и кога тоа би преминало во секојдневна навика кај секој од нас, нема да постои глад во светот. Тоа е нашата стратегија, теоретски. Првиот #РетвитниОброк беше на 4 април 2015 година. Група ентузијасти направија преку стотина оброци и оттогаш, секоја сабота, околу пладне, на платото на Домот на АРМ (позади спомен куќата на Мајка Тереза) овој настан се повторува.

Во реализирањето на оваа идеја, како врска помеѓу волните готвачи и социјално загрозените граѓани, од самиот почеток помага неформалното здружение на граѓани „Вистински дела на љубезност“, кое за овие граѓани се грижи од повеќе аспекти (им обезбедува облека, медикаменти, средства за хигиена…)

Со иницијативата #РетвитниОброк целиме да го поттикнеме секој кој сака да зготви и да сподели оброк со оној кој нема. Поентата на #РетвитниОброк е да се зготви и донесе, без ограничување во поглед на количина. Некои основни начела кои се пренесуваат и меѓу самите нас, кои редовно готвиме, се дека е важно активно да се учествува во чинот на споделување. Секоја донација во облик на продукти е успешно искористена. Истовремено, не сакаме да примаме финансиски донации. Тоа би претставувало не само административен проблем, со оглед на тоа дека #РетвитниОброк нема строго дефинирана структура, туку и би било спротивно на политиката на иницијативата да се труди да поттикне активност. Со донирани финансии, донаторот нема претстава што се случува со неговиот гест. Од друга страна, со донирани намирници или готвена храна, оној кој споделува има проекција за тоа како ќе изгледа нечиј оброк. Идејата почна како храна и враќање на основното достоинство кај нашите најранливи категории граѓани, но и како колективно будење на свеста дека секому му е потребен топол оброк, достоинствен живот и прифаќање. Тие луѓе се на раб на егзистенција, со проблеми што ние не ги разбираме. Пристапуваме човечки и со желба барем за миг да се почувствуваат како дел од заедницата и прифатени од системот кој за жал ги отфрлил.

Многу е важно што во групата волонтери секој е со различна професионална определба и доаѓа со цел да ја одржи иницијативата во континуитет. Емпатијата нѐ поврзува сите и создава убава прилика да си помогнеме не само како сограѓани, туку и како индивидуи кои со оваа акција докажуваат дека со многу малку се постигнува голем ефект. А тоа е доволно за да создадеме подобри услови за заедничка цел што во иднина ќе прави многу повеќе за општеството.

Нашите амбиции се оваа иницијатива да се претвори во секојдневна навика во сите населени места: кога спремаш оброк за себе, спреми два, едниот запакувај го со љубов и подари го некому посакувајќи му добар апетит!