Архива за категоријата: Јавен долг

Министерство за финансии

Редовно заседание: Има ли Република Македонија проблем со долгот?

Почнувајќи од 2008 година, нивото на државниот долг на Република Македонија како процент од бруто домашниот производ (БДП) е во постојан годишен пораст – од 20.5% во 2008 до сегашното ниво 39.3% (септември 2014). Вкупниот јавен долг, кој го вклучува и долгот на јавните претпријатија, во истиот период пораснува од 23% на 46.6% од БДП. Но и покрај овој пораст, Македонија и понатаму е една од најмалку задолжените земји во Европа, поточно трета најмалку задолжена. Дали Владата троши премногу? Има ли Република Македонија проблем со долгот?

Ова заседание донесува три аналитички осврти на оваа тема:

фото: Макфакс

Долгот уште долго ќе расте

Дел од виртуелното заседание „Има ли Република Македонија проблем со долгот?“ Автор: Горан Лазаревски

Нужно е да се направи разлика помеѓу проблемот на долгот како апсолутна бројка и проблемот на задолжувањето како владина политика. Во таа смисла, Македонија нема проблем со долгот во споредба со речиси сите останати држави во Европа. Доколку државата продолжи со истото засилено темпо на задолжување како и во изминатиот период (15.7% од БДП за 5 години), што поради глобалните економски неприлики и се очекува и препорачува да биде зголемено, тогаш таа ќе го достигне моменталното ниво на задолженост на Албанија за 10 години, држава која и понатаму без проблем склучува аранжмани со ММФ. Меѓународните финансиски институции ги условуваат нивните заеми пред се со макроекономска стабилност, навремено исплаќање на обврските и отвореност за странски капитал. Тоа значи дека се додека државата има пари за враќање и се придржува до правилата на игра, класично лихварски новите заеми ќе продолжат да ги покриваат старите. Дури и хипотетички доколку отстапи Македонија од овие цврсти стратешки заложби, тука е секогаш пазарот на приватни кредитори кој би го финансирал нашиот долг за соодветна (повисока) цена.

Ова значи дека сите оние „експертски“ анализи кои предвидуваат дека Владата сама од себе ќе падне за некоја година поради презадолженост, дека ќе секнат кредитите, и на тоа ја базираат својата стратегија за доаѓање на власт, се ништо повеќе од аматеризам и wishful thinking. Зад сите оние сензационалистички написи дека на Владата наредната година и доспевале неколку стотици милиони евра долг, кои немала како да ги врати, стои елементарно непознавање на тоа како функционираат јавните финансии на една држава – државата во секое време може да издаде обврзници и да го рефинансира доспеаниот долг. Како инаку би функционирала Македонија со континуиран буџетски дефицит во последниве 6 години? Дури и во едно најпесимистичко сценарио во кое Скопје 2014 станува Скопје 2024, и во кое глобалната рецесија трае уште 10 години, власта комотно може да продолжи со своето екстравагантно темпо на трошење барем уште 10 години. Времето не работи за вас, господо опозиционери.

Од друга страна, проблемот на задолжувањето како фискална политика во себе го подразбира и клучното прашање на што се трошат овие позајмени пари. Сведоци сме дека најголемата „капитална инвестиција“ на оваа власт, проектот Скопје 2014, со своите задирања во културниот идентитет на Македонецот, со длабоките поделби што ги создаде во националното ткиво и со сомневањата за корупција, всушност претставува една голема анти-инвестиција, која го уништува нашиот социјален и културен капитал. Меѓусебната доверба и целисходноста на демократската процедура, како дел од тој социјален капитал, се сериозно оштетени благодарение на начинот на кој беше спроведен овој проект. Допрва останува да се види уште колку дополнителна енергија, ресурси и конфликт ќе повлече овој проект, кога некоја друга партија ќе дојде на власт. Поради тоа, Скопје 2014 е најголемата нето-анти-инвестиција кога било на овие простори. Истовремено, не е остварена ниту една значајна капитална инвестиција, која би можела реално на подолг рок да ги оплоди и врати вложените средства. Со зајмени пари издржуваме армија социјалци и административци, градиме потемкинови фасади, додека образованата работна сила, нашата најпродуктивна инвестиција, си заминува од државата. Без овие кадри, Македонија едноставно нема да може на долг рок да генерира доволно вредност за да ги отплати долгот. За жал или за среќа Македонија од Југославија излезе како ниско-задолжена држава, и како таква овозможени ни се уште многу години расипничка неодговорност пред навистина да се најдеме во безизлена ситуација.

Раст на долгот во услови на намалена буџетска транспарентност и фискална дисциплина

Дел од виртуелното заседание „Има ли Република Македонија проблем со долгот?“ Автор: Марија Башевска

Податокот дека Македонија е една од најниско задолжените земји во Европа често го истакнуваат нашите власти при секое известување за ново задолжување, но тој податок сам по себе не кажува ништо за капацитетот за отплата на јавниот долг на нашата земја, ниту пак за неговата долгорочна одржливост. За да знаеме дали Македонија има проблеми со долгот и дали во изминатите пет години државата премногу трошеше, треба да се знае на што се потрошија најголемиот дел од средствата кои го генерираа долгот во анализираниот период, кој е капацитетот на земјата за отплата на долгот, дали македонските власти имаат одржлива стратегија за намалување на долгот на среден рок и дали ќе бидат доследни во нејзиното спроведување без драстични последици и товар за овие и следните генерации граѓани на Македонија.

Досегашните јавни расходи и генерираниот долг во изминатите пет години беа во голема мера нерационално вложени, запоставувајќи ги приоритетните потреби и клучните предуслови за одржлив и инклузивен иден раст на земјата. Беа запоставени потребите за подобрување на условите во јавните здравствени установи и зголемување на достапноста на здравствените услуги, потребите за подигнување на квалитетот на образованието и поттикнување на истражувачките и иновативните капацитети на универзитетите и приватниот сектор. Не се вложуваше доволно во намалувањето на сиромаштијата, ниту пак во обезбедувањето на елементарни услови за живот сè уште недостапни во некои региони и населени места во земјата. Се запоставија вложувањата во патната и енергетската инфраструктура, како и вложувањата во одржувањето и заштитата на животната средина. Изостанаа овие, но и други развојни инвестиции кои креираат додадена вредност и зголемени приходи, имаат позитивни ефекти врз растот на среден и долг рок, влијаат на идниот економски развој на земјата, а со тоа и на капацитетот за отплата на долговите.

Државата во анализираниот период повеќе трошеше на тековни расходи и проекти кои имаа краткорочен импакт врз економскиот раст. Капиталните расходи заземаа релативно мал дел од вкупните расходи, често дополнително се намалуваа со ребалансите на буџетите и беа склони кон нецелосна реализација. Во структурата на капиталните расходи во изминатите пет години доминираше градежништвото и голем дел од средствата се одлеваа за градежните зафати предвидени со проектот Скопје 2014, а растот на БДП во најголема мера се должеше на силниот раст остварен токму во градежниот сектор.

Бидејќи досегашниот долг (до 2014 г.) не беше искористен во насока на подобрување на сите претходно набројани аспекти и инфраструктурни потреби кои недостасуваат во земјата, во идниот период потребата од продуктивни инвестиции ќе се зголемува, како што ќе се зголемуваат и доспеаните обврски за наплата.

Министерството за финансии во Фискалната стратегија за 2014 – 2016 година, најави планирано постепено стабилизирање на буџетскиот дефицит на 2.6% од БДП во 2016 г., но оваа стратегија веќе доживеа нагорно ревидирање со оглед на ребалансот на буџетот и надминувањето на планираниот буџетски дефицит за 2014 година, од планирани – 3.5% на – 3.9% од БДП. Оттука, имајќи ги предвид и сите предупредувања кои доаѓаат од последните извештаи на Европската комисија и ММФ, Македонија веќе има потешкотии со одржливоста на долгот, што може да се види од начинот и темпото на новите задолжувања, како и од новите бројни давачки наметнати кон граѓаните, дали во форми на нови оданочувања за малите бизниси, нови давачки за лиценци, дополнително оданочување со социјални придонеси за хонорарните приходи, казни итн. Следните две години се клучни за консолидирање на постојниот долг. Доколку во 2015 и 2016 година буџетските дефицити продолжат да растат над ревидираните таргети и доколку задолжувањето не се намали, Македонија може да има сериозни проблеми со долгот и понатамошните услови под кои ќе може да се задолжува.

Јавниот долг во годините што следуваат

Дел од виртуелното заседание „Има ли Република Македонија проблем со долгот?“ Автор: Бранимир Јовановиќ

Ајде да претпоставиме дека владата е во право кога вели дека јавниот долг сè уште не е висок. Дека тоа навистина се потврдува со тоа што еврообврзницата што беше издадена во јули 2014 достигна камата од околу 4%. То ест, дека ниската камата не е заради поволните услови на глобалните финансиски пазари во тој момент, туку затоа што пазарот има позитивна перцепција за македонската економија.

Ајде да претпоставиме дека владата е во право и кога вели дека прагот за висок јавен долг за Македонија е 60% од БДП, како што се предлага со уставните измени. Всушност, како што е пропишано со Мастришките критериуми за влез во еврозоната, кои се однесуваат на земји членки на ЕУ, т.е. на развиени земји, кои секогаш имаат повисок праг за висока задолженост. Односно, да претпоставиме дека тоа што земјите во развој обично не толерираат толку високи нивоа на долг и обично банкротираат при пониска задолженост (на пример, Аргентина во 2001, при јавен долг од околу 50%), не се однесува и на Македонија.

И, ајде да пробаме да го симулираме нивото на македонскиот јавен долг во наредните години. Да видиме дали постојат шанси да се достигне критичната граница од 60% наскоро. Да го направиме тоа со едноставната равенка за динамиката на јавниот долг:

D= D-1*(1+r-g)+prim

Равенката кажува дека долгот на крајот од оваа година (D) е еднаков на долгот од крајот на претходната година (D-1), зголемен за разликата помеѓу реалната каматна стапка на долгот (r) и реалниот економски раст (g) и за износот на примарниот буџетски дефицит, т.е. дефицитот без каматите (prim). Реалната камата (r) понатаму може да се изрази како разлика помеѓу номиналната камата (i) и инфлацијата (inf), со што равенката станува:

D= D-1*(1+i-inf-g)+prim

Според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), примарниот буџетски дефицит на општата влада (т.е. централната влада и општините) во периодот 2015-2017 се очекува да изнесува околу 2% од БДП. Ако на ова се додаде планираното задолжување на Јавното претпријатие за државни патишта за 2015-2017 од Петгодишната програма, од околу 480 милиони евра, се добива дека примарниот дефицит на вкупниот јавен сектор во 2015-2017 би бил околу 3.5% од БДП. Инфлацијата ММФ ја проектира на околу 2%, а економскиот раст на околу 4%. Ако за каматната стапка претпоставиме дека ќе изнесува 4%, колку што изнесуваше каматата на последната еврообврзница, ова значи дека до крајот на 2017 година јавниот долг би пораснал на околу 55%, што е сè уште под критичното ниво од 60%.

Но, постои голема неизвесност околу изнесените претпоставки. На пример, светот се наоѓа пред крајот на периодот на ниски камати, како резултат на затегањето на монетарната политика во САД. Дополнително, многу е веројатно инфлацијата да е пониска од проектираните 2%, бидејќи инфлацијата во 2014 беше околу нула, и бидејќи еврозоната се наоѓа пред дефлација. Конечно, можно е растот да биде понизок од овие 4%, со оглед на забавувањето на растот во еврозоната. Ако се претпостави дека каматата на долгот ќе порасне на 6% (што не е неразумно, бидејќи претходната еврообврзница имаше камата од 10%, и бидејќи стратегијата на владата е да се задолжува надвор а не дома), дека инфлацијата ќе изнесува 1.5% а економскиот раст 3%, се добива дека јавниот долг во 2017 ќе го надмине критичното ниво од 60%.

Значи, и да не е проблем денеска, јавниот долг може многу лесно да стане тоа во годините што следуваат. Најдобриот начин да се спречи ова е преку намалување на примарниот буџетски дефицит. Ова би можело да се постигне или со зголемување на приходите, преку воведување на прогресивно оданочување, на пример, или со кратење на непродуктивните трошења и со зголемувањето на ефикасноста на јавните набавки. Но, за тоа некој друг пат.

 

* ставовите изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институциите со кои тој е поврзан.