Архива за категоријата: Авторитарен популизам

Zasedanie_populizam

Редовно заседание: Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам

По разголувањето на вистинското лице на авторитарната и корумпирана власт во Република Македонија, се поставува прашањето зошто власта сѐ уште не се соочува со масовно изразено незадоволство и зошто сѐ уште голем дел од граѓаните ѝ веруваат. Дел од причините за ова може да се бараат во клиентелистичкиот систем на „морков и стап“ кој сѐ уште приморува голем број граѓани да ја поддржуваат политиката на власта бидејќи од тоа зависи нивната егзистенција. Дополнително, за ова придонесува и ограничениот пристап до објективни информации за што беше пишувано во претходното редовно заседание за медиумската (не)слобода. Еднакво важно, дел од причините за сѐ уште присутната поддршка на власта треба да се бараат и во симболички елементи врз кои се потпира македонскиот авторитарен популизам предводен од ВМРО–ДПМНЕ.

За таа цел, ова заседание опфаќа неколку различни социјални конструкции кои меѓусебно се надополнуваат и заеднички придонесуваат кон градење на популистичкиот мит за ВМРО–ДПМНЕ и нејзиниот претседател, Никола Груевски. Петте осврти дискутираат како преку манипулација со јазикот, себе-идентификацијата, историјата, родот и стравот од непријателите се создава инертно и некритичко гласачко тело кое има изразено колективистички и илиберален дух, што сериозно ги загрозува основните вредности на либералната демократија:

 

Координатор на заседание: Борјан Ѓузелов

Фото: Република

Владеењето на народот и (не)демократијата во популистичкиот дискурс

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Љупчо Петковски

Македонскиот премиер Никола Груевски и неговите политики кои имаат за цел да ги направат гласачите задоволни со тоа што ја купуваат нивната поддршка се вообичаено означени како популизам од страна неговите политички противници и медиумите. Сепак, ваквите чинови е подобро да се опишат како клиентелизам, демагогија или опортунизам. Излишно е да се каже дека Груевски е популист, но поради причини кои се различни од оние кои вообичаено ги имаме на ум. Груевски е популист и ВМРО-ДПМНЕ е популистичка партија , бидејќи ја отсликуваат и конструираат македонската општествена и политичка стварност како општеството да е поделено на два непомирливи табори – народот наспроти оттуѓените политички, интелектуални и економски елити од минатото. Единствениот претставник на народот, се разбира, и самиот Груевски. И народот и непријателот се повеќе лизгави категории отколку фиксни термини што значи дека станува збор повеќе за перформативни отколку описни концепти.

Популистичките дискурси се тесно поврзани со редефинирање на празните означувачи – клучните симболи кои служат како означувачи на поделбите кои постојат во општеството. Празните означувачи можат да артикулираат каква било идеологија – и прогресивна левичарска и конзервативна десна. Функцијата на популистичките дискурси е да изразуваат револт, страсти и некои од во основа непретставливите, но неопходни симболи, кои го спојуваат општеството како правда, демократија, слобода, итн.

Популистичките дискурси се спротивставуваат на поадминистративните, поинклузивните и посинтагматски дискурси, кои Ернесто Лаклау ги нарекува логиката на разликата. Логиката на разликата е доминантна логика и единствен легитимен начин на репрезентација на општеството во актуелниот пост-демократски и пост-политички дух на времето во доцниот либерализам. Таа се базира на претпоставката дека во современите општества не постојат општествени поделби, или, со други зборови, дека живееме во помирени општества во кои антагонизмите од минатото се застарени. Популизмот е еден вид потсетник дека историјата (сѐ уште) не е завршена.

Што е проблематично со популистичкиот тип на претставување од гледна точка на, да кажеме, поединец чие разбирање на демократијата е под влијание на либералната симболична рамка? Ако демократијата е владеење на народот – како што самата етимологија на концептот наведува – зошто се плашиме од популизмот? Демократијата како што ја познаваме и според која судиме дали одреден политички систем или општество се демократски е, всушност, либералната демократија. Во либералните демократии, волјата на мнозинството (народот) е ограничена на многу начини преку институциите како што се уставните судови и судскиот систем, кои се одговорни за одржување на систем на проверки и рамнотежи за гарантирање и заштита на индивидуалните права и слободи. Во изминатите неколку децении, либералниот или административниот дел на демократијата беше дополнително зајакнат со подемот на технократски тела за донесување одлуки.

Популистите по правило се непријателски расположени кон ограничувањата поставени од страна на либерални принципи и многу често нивната политика се изразува како демократски илиберализам. Ова е случај и со Груевски – неговиот народ е отсликан како финален судија во каков било општествен спор, дури и во правните спорови. Со други зборови, сѐ додека народот поддржува некоја негова политика или политичко дејствување, од второстепено значење е дали истите се незаконски или неморални. Исто така, во популистички дискурси само две субјектни позиции се прикажани како легитимни. Поединецот е или дел од народот, кој е прикажан како да има личност со карактеристики кои се усогласени со наводно доминантната култура на општеството, или пак е дел од непријателските Други кои се опишани како нешто што не може да биде легитимен дел од општеството (предавници, непријатели на државата, соросоиди – теориите на заговор се многу присутни во популистичките дискурси). Поради ова во симболичката рамка на македонскиот популизам нема место за автономија на политички барања, а несогласувањата кои доаѓаат од инаку хетерогените групи од граѓанското општество автоматски се опишани од страна на популистите како наводно поттикнати од разни центри на моќ и се дискредитирани како неавтентични.

Конечно, популизмот ги еманципира (ревносните противници на популизмот би рекле искривува) значењата на празните означители кои го изразуваат (невозможното) единство на општеството. Демократијата во популистички дискурси е реинтерпертирана и има различно значење од своето нормално, либерално демократско значење.

Наративната контрола врз јавниот дискурс: идентификацијата како средство на популизмот

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Миша Поповиќ

Да парафразирам една мисла од Дина: „кој го контролира наративот, ја контролира и политиката.“ Националните наративи се суштествен дел од начинот на кој политичките елити се легитимираат. Во обид да се избегне употребата на идентитетот како фиксна категорија, ќе се служам со терминот идентификација кој го потцртува истиот концепт како процес на постојано (пре)раскажување на националната имагинација.

Воспоставувањето контрола врз процесот на прераскажување на нацијата во таа смисла е клучно за разбирање и на македонската политика. Тргнувајќи од Роџерс Брубејкер, процесите на национална идентификација можеме да ги гледаме како резултанта од мрежните интеракции помеѓу различни чинители во општеството.

Во последниот период, таа резултанта е под сериозно влијание на векторот наречен ВМРО-ДПМНЕ. Произлегувајќи од контрапунктот на социјалистичката приказна за Македонија, политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ имаше интерес да ги видоизмени основните постулати на македонската национална имагинација. Меѓутоа целта не е поправање на историска неправда, туку инструментализирање на националната имагинација за да се обезбеди единствена сопственост врз два основни постулати на националната идентификација: како поединецот се замислува себеси и како ја замислува нацијата.

Во својата доктрина, ВМРО-ДПМНЕ зборува за реалниот човек. Реконцептуализирајќи го македонскиот архетип, тие успеваат да креираат слика за Македонецот како верник и семеен човек, кој преку овие две заедници, во содејство со својата национална припадност, го наоѓа своето место во светот. Уште повеќе, доктрината на ВМРО-ДПМНЕ ги зацврсти постулатите дека нацијата е простор за делување на поединецот. Во самата доктрина, личната слобода како вредност за која се залага партијата е нераскинливо врзана со националната слобода. На тој начин, се концептуализира папочната врвца помеѓу мајката (нацијата) и детето (поединецот) преку една од фундаменталните вредности на современото општество – слободата.

Вториот постулат на наративната контрола врз македонската политика е поширокиот национален имагинариум. Основата овде е (ре)конструкцијата на националната историска митологија, а подмножество е името. Видлив производ на ова е Скопје 2014. Анастас Вангели, градејќи врз теоретската основа на повеќе автори (меѓу кои и Ентони Смит), во својата книга „Античка сегашност“ покажува дека митологијата позади идентитетскиот спор со Грција е инструментализирана на повеќе од еден начин. Се издвојуваат употребата на политичката митологија за да се индуцира ескапизам од современите прашања, а сегашните премрежја се поставуваат наспроти замисленото златно доба. Во таа смисла, Скопје 2014 е и неправда, но и споменик за замислената неправда – неправдата дека не сме биле Европа во минатото, но и дека истото е одземено од сегашноста и иднината.

Токму на наративот на оваа неправда, неправда кон Македонија и неправда кон реалниот човек, вирее современиот македонски популизам. Одземеното златно доба, историски права и европскиот статус стануваат централна тема на македонската политика. Јавниот политички дискурс е ставен на овие шини кои центрифугално ги исфрлаат сите останати теми или спротивставени наративи кон маргините на јавната дебата.

А сопственикот на овие теми е владејачката партија и каков било обид за спротивставување е игра на нееднаков терен. На сентиментот на неправда, ВМРО-ДПМНЕ на симболично ниво станува единствениот заштитник на македонштината и реалниот Македонец.

 

„Историската неправда“ како алатка во рацете на популистичката и авторитарна власт: спомени од митотворните музејски зандани

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Дарко Стојанов

Во литературата за историски митови на Балканот, Македонија е дел од дебатата преку три конкретни митови: митот за вечната жртва, митот за вековниот политички континуитет и, во поново време, митот за античкото потекло. Накратко ќе се осврнам на првиот – митот за (себе-)виктимизација.

Својата основа овој мит ја бара во идејата за „историска неправда“. Во академската историографија, концептот за историска неправда има точно определено значење во контекст на конфликтите од 20 век и во таа смисла, најчесто го среќаваме како дел од меѓународните дебати за воени уништувања и плаќање отштета. Настрана од тоа, изразот се среќава и во националистички дискурси, но со полабаво значење. Во последните две-три децении историската неправда беше централен дел во политичките и интелектуалните дискурси на Балканот и имаше важна функција во крвавите војни при распадот на Југославија. Во регионот не постои држава која не верува дека била или е жртва на историска неправда. Во Македонија, националистичкото сфаќање за „историска неправда“ сѐ уште е лајт мотив во популистичката реторика на владејачката партија. „Товарот на историјата“ се наметнува преку политички говори, учебници по историја, историографски дела, документарни филмови, па и преку јавниот простор.

Во тој контекст, неодамна бев фасциниран од еден интересен случај. Минатата година, Музејот на македонската борба во Скопје свечено ја промовираше својата втора поставка во присуство на државниот врв. Во тоа време, како историчар заинтересиран за современите сфаќања на минатото, веќе двапати ја имав посетено и анализирано главната поставка на музејот, и сметав дека веќе ништо не може да ме изненади. Но… Во 20-минутниот хорор кој следеше се соочив со едно сфаќање на историјата кое се среќава само при проучувањата на одамна згаснати режими и идеологии. Во клаустрофобично тесен и темен простор, украсен со исечени глави набиени на кол, осакатени тела и справи за мачење, придружени од постојани врисоци од мачени патриоти и нивните сопруги и мајки во истрошени црни облеки, османските, бугарските и српските (или комунистички) џелати во уверлива актерска игра ги мачат своите жртви, тормозејќи ги притоа и посетителите на музејот.

Музејот го доживеав како фабрика за создавање на историски митови со силна визуелизација на националистичката крвава реторика. Место каде историската неправда преоѓа во мит, а потоа и во пропаганда. Митот за виктимизација, кој се базира на идејата/чувството за историска неправда, се смета за еден од најопасните историски/политички митови. Неговиот запаллив потенцијал лежи во задирањето во најдлабоките човечки емоции на страв и несигурност. Тој имплицира изразено непријателска и фиксна претстава за „Другиот“, како и чувство на морална супериорност. Овие две заедно во одредени околности можат да доведат до агресија.

Музејот не е само приказ на мрачно минато, туку е и повик за мрачна иднина. Човек оттаму излегува со гнев кон луѓе кои не постојат и со траума од настани кои никогаш не ги доживеал. Овој феномен, и покрај својата ирационалност, е сепак моќно орудие во рацете на власта. Инсистирањето на историја на страдања, на митот за себевиктимизација, е доста успешно во мобилизацијата на граѓаните преку поигрување со атавистичките емоции на толпата. Крајната улога на таков тип на музеј е создавање на еден ментален пејзаж во кој сите архетипни непријатели се оживеани, а посетителот влегува во улогата на жртва на злите намери на разни странски и домашни непријатели. Токму ова, всушност, е една од главните алатки на власта денес – постојаното посочување на непријатели и шпиони, поделбата на граѓаните на патриоти и предавници.

Накратко, оваа приказна е пример за тоа како една популистичка и авторитарна власт може да го користи т.н. „употребливо минато“ како алатка за практикување на својата моќ. Така, во одреден контекст, инсистирањето на виктимизацијата, т.е. на историската неправда, е всушност мобилизација, повик за униформност и слепо следење на водачот и партијата.

Жената во македонскиот мачо-популизам

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Ана Василева

Како и во повеќето режими што се стремат кон тоталитарност и во кои моќта е сконцентрирана во рацете на многу ограничен број на луѓе (или можеби подобро би било да речам – хетеро, привилегирани мажи), така и македонското општество позициите на моќ во голема мера ги гради врз дихотомијата маж – жена, дефинирани во согласност со традиционалните вредности.

Во голем степен мачо-популизмот на Владата се базира врз идентификување со „чистиот Македонец“ како категорија на која припаѓа мнозинството гласачи и што се дефинира најмногу преку она што не е: не-муслиман, не-хомосексуалец, не-жена. Разбирливо, сите овие останати категории на симболичко ниво стануваат непосакувани или во најмала рака второстепени. Следствено на тоа, жената, неопходна поради нејзината репродуктивна функција во општество кое сака евтина работна рака и партиски војници е сведена на нужно зло, слично на останатите сексуални, етнички, идеолошки малцинства. Ретките новокомпонирани скулптури и споменици на жени, потпикнати меѓу гордите војсководци и крвопролевачи што ги освоија нашите јавни простори, се или мајки, или трудници или наречени со сомнителниот назив „шмизли“, што реално ја одразува и јавната перцепција за улогата на жената во општеството денес. Владините кампањи за многудетност и против правото на избор добиваат форма преку телото на жената, кое својата вредност ја стекнува преку способноста и продуктивноста во процесот на создавање на нови гласачи за партијата.

Сликата во политичкиот живот е конзистентна со онаа на општествено ниво. И покрај Законот за еднакви можности од 2006 година со кој се воведе квота од задолжително присуство на 30 проценти жени во Парламентот, типичната пратеничка во Македонија не успеа да избега од сенката на патријархалниот императив на „послушна ќерка“. Небулозно дозволувајќи закони што директно задираат и го силуваат женското право на избор воопшто да дојдат на дневен ред, жените во Парламентот не покажаа политичка зрелост да ги одржат женските права кои и онака беа под опсада, а не пак да направат некаков суштински исчекор кон подобро за непривилегираните жени низ земјата. Освен тоа, и покрај огромната јавна поддршка против родово-базираното насилство и кампањите за подигнување свест, во пракса имаме еден тромав и неефикасен институционален систем што не нуди никаква заштита и е светлосни години далеку од тоа да обезбеди можност за економска поддршка и реинтеграција на жртвите во општеството.

Врзани за сферата на приватното, на жените најголемо поле за докажување традиционално им остана она на разните тортијади, пифтијади и други „јади“ во кои својата покорност ја докажуваат креативно зачинувајќи ги делата со декорации во чест на „Пастирот“. На оние жени со поголеми амбиции, повторно, во согласност со маскулинистичката патријархална општествена идеологија најдостапна и најпожелна опција за напредување (и покрај реалните или претпоставени високи професионални квалификации) им е таа преку умилкување на машки авторитети. Тука се и оние што го прифаќаат традиционално „машкиот“ модел на однесување играјќи ја улогата на строги, „челични дами“, кои на никаков начин не се разликуваат од своите колеги мажи, дури и ги надминуваат во суровоста.

Може да се заклучи дека местото на жената во мачо-популизмот и понатаму останува врзано за стереотипните поимања за женскоста во најрудиментарна форма. Ограничени со нормите на „пристоен“ изглед и „дамско“ однесување, обременети со низа закони и кампањи, и понатаму остануваме во меѓупростор, растргнати помеѓу надворешните очекувања и внатрешниот порив за ослободување и самореализација.

„Непријателот“ како основа на македонскиот популизам

Дел од редовното заседание „Симболички елементи на македонскиот авторитарен популизам. Автор: Борјан Ѓузелов

Во 2009 година во отворено писмо до своето членство, ВМРО-ДПМНЕ им порача на своите членови да се подготват за „финална пресметка со транзициските политичари“. Тоа беше еден од првите чекори на борбата против непријателите на Македонија која што веќе беше почната со насилниот контрапротест против Архибригада во март истата година и со реториката на неколкумина популарни, широко прифатени гласноговорници на режимот. Во периодот што следуваше, во јавниот дискурс имаше сѐ повеќе наводни домашни и странски непријатели, предавници, платеници, не-Македонци, соросоиди, педери, богохулници итн. Денес самиот Груевски директно изјавува дека Македонија е под сериозна опасност од здружената закана на странските служби и домашните „предавници“ од опозицијата.

Ваквиот дискурс е типичен за популистичките режими кои ја црпат својата поддршка врз база на конфликтот помеѓу народот како „ние“ и непријателите како „тие“. Овие два поими (народот и непријателите) се всушност фиктивни јазични конструкции, кои имаат улога на празни означувачи бидејќи нивното значење варира од дневнополитичкиот интерес на популистичката власт. Според Ернесто Лаклау, популизмот го упростува политичкото на симболична поделба на општеството на народот, кој речиси секогаш ја има улогата на обесправен, и сѐ останато, односно Другиот, кој во македонскиот случај го сочинуваат опозицијата, Албанците, Грција, Европа, Америка итн. Во ваквиот контекст, борбата против Другиот, т.е. непријателот, е основен извор на легитимитет за популистичките лидери. Иронично, непријателот е маркер на нивната политичка понуда, која вклучува зачувување на народната посебност од „опасноста“ што ја носи непријателот. Соодветно, колку посилно е претставен наводниот непријател, толку е поголемо чувството на заговор и загрозеност кај масите, па оттука поголема е и потребата од некаква привидна сплотеност за да се одговори на опасноста.

Сето ова доведува до состојба на вонредност, каде што примарно место има наративот на заштитување (securitisation) на „нас“ од „нив“. Ваквата состојба на вонредност тежнее кон истиснување на сите други општествено политички теми надвор од јавниот дискурс. Притоа, јавноста се дефокусира од можните неуспешни политики и корупциски афери на власта, а минимизиран е и просторот за било каков агрументиран политички дијалог. Од друга страна, политиката на заштитување на „нас“ од „нив“ креира реална опасност од дестабилизација и конфликт. Имено, ваквата состојбата на вонредност предизвикува емоции на страв, омраза и ксенофобија кај масите и води кон народна мобилизација од милитантен карактер што директно влијае врз реалната безбедност.

Емоционалните реакции на страв и омраза, кои произлегуваат од дискурсот на внатрешни и надворешни непријатели, ги извлекуваат на површина најниските страсти од човекот и го трансформираат граѓанството во толпа чиешто сврзно ткиво е паланечката нетрпеливост кон различното и поединечното. Во ваквиот систем нема место за критичко преиспитување на вистината, ниту пак за индивидуалистичко однесување базирано на разум. Напротив, сѐ мора да биде подредено на униформната покорност кон наративот на заштитување на „нас“ од „нив“, чијшто суверен владетел е неоспорниот авторитет на авторитарниот лидер со својата божемна заштитничка улога.