Архива за категоријата: Сценарија за излез од кризата

слика2

Вонредно заседание, втор дел: Сценарија за излез од политичката криза

Со објавувањето на „бомбите“ на Заев, Македонија влегува во една од најголемите политички кризи во својата историја. Влоговите се високи и на двете страни. Каква предвидувате дека ќе биде разврската на оваа криза? Како би требало да се постави опозицијата во текот на настаните што следат?

Вториот дел од ова дводелно вонредно заседание донесува пет осврти:

 

Фото: Небојша Гелевски

Доста е од понуди што не можат да се одбијат

Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Елена Б. Ставревска

Некои од разговорите објавени како дел од „бомбите“ потсетуваат на сцената во првиот дел на култниот филм „Кум“ во која Мајкл Корлеоне, планирајќи го убиството на полицискиот началник Меккласки, прашува дали немаат новинари на нивниот платен список кои би ја спинувале сторијата во нивна корист. Но големата слика на овој скандал повеќе наликува на третиот дел на „Кум“: фокусот останува на динамиката и работењето на фамијата, но со потпросечни глумци и лошо сценарио. Единствено е неизвесно дали и крајот на оваа политичка криза ќе наликува на тој во филмот.

Деновиве и меѓународната заедница се обидува активно да се вклучи во режирањето на крајот на кризата. Последниве неколку години, кога меѓународниот фактор во Македонија замижуваше пред бројните загрозувања на демократијата и човековите права, покажаа дека меѓународната заедница, вклучително Европската унија, секогаш ќе приоритизира стабилизација пред демократизација во својата „периферија“. Меѓутоа, во ситуација кога политичкиот капитал на Груевски е недоволен за гаранција на стабилноста, вклучувањето на ЕУ и НАТО е очекувано. Соочени со недостаток на „моркови“ заради грчкото вето, многу поверојатно е да играат на картата „раздели, па владеј“ во однос на владејачката коалиција. Имено, двете најголеми партии на власт имаат некомпатибилни дискурси: ВМРО-ДПМНЕ, особено од 2008 наваму, активно работи на градењето имиџ на „чувар“ на името и идентитетот, додека ДУИ се профилираше како партија според која промена на името е ниска цена за плаќање во однос на членството во ЕУ и НАТО. Единствено со оваа стратегија мирна политичка разврска и формирање на преодна влада со мандат да ги спроведе неопходните реформи и да организира избори се чини возможна.

Но, која и да е стратегијата на меѓународната заедница, оваа криза ќе послужи како рестартирање на процесот на градење демократска држава со функционални институции и контрола на политичката моќ ако и само ако во процесот се вклучат граѓаните и граѓанското општество. Ова не смее да се сведе единствено на предавање на палката на власт, ниту на меѓупартиски калкулирања и препукувања на партиски митинзи.

Политичките случувања во земјава од нејзиното осамостојување, со изминативе девет години како невиден катализатор, резултираа не само во целосна блокада, нефункционирање и недоверба во институциите и медиумски мрак, туку и во атомизирано и поларизирано општество со уништени многубројни меѓучовечки односи и агресивна и непродуктивна политичка култура. Жртви на ваквата општествена поставеност не се членовите на оваа или онаа политичка партија, туку буквално сите граѓани на Република Македонија, освен неколкумината одбрани властодршци и луѓето блиски ним. Оттаму, процесот на презентирање на снимките мора да биде поинклузивен и потранспарентен од сегашната стратегија на опозицијата, неоставајќи простор за сомнеж дека презентираното е всушност соџвакана и калкулирано ограничена верзија на вистината. Само со активно вклучување на граѓанското општество, сфатено во поширока смисла, е возможно да се избегне реваншизам и да се постави овој процес на надпартиска и надетничка патека.

Паралелно со запознавањето со содржината на снимките на сѐ поголем дел од јавноста, станува појасно против што треба да се обединат граѓаните, но за долготрајна и одржлива промена на корумпираниот систем и општеството на страв неопходно е и кристализирање на визијата за што точно е тоа обединување. Доста е, се чини, од понуди што не можат да се одбијат.

Патот до преодна влада

Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Трајче Панов

Скандалот со прислушкувањето и објавувањето на бројни разговори кои содржат докази за политички и економски криминал, целосна контрола на медиуми и судската власт и бројни изборни нерегуларности може единствено да доведе до кристализирање на работите во Македонија. Оттука, „бомбите“ се всушност и шансата за државата да се извлече од оваа незавидна состојба, тие се шансата за создавање на една широка коалиција на прогресивните елементи во државата со цел возобновување и изградба на едно прогресивно, мултикултурно, демократско и економски справедливо општество.

Груевки и ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од својата цврста позиција. Заев и опозицијата исто така. Во ваков распоред на силите и јасна рововска поставеност, можноста за компромис е минимална. СДСМ не смее во никој случај да прифати организација на избори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со ваков избирачки систем и со целосна узурпација на моќта од страна на Груевски. Избори организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ без постоење на контролни механизми е всушност гаранција дека изборната измама ќе се повтори. Можностите за воспоставување на ново мнозинство се минимални и тоа всушност ќе ја остави ВМРО-ДПМНЕ исклучително моќна да излезе на следните избори. Оттука, единствена солуција е преодна влада со јасно утврдени задачи чиј мандат ќе заврши со организирање на нови избори.

Груевски и ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласат на ваква солуција. Владејачката партија и коалиција ја одржува својата привидна кохезивност и покрај бројните докази за внатрешна нетрпеливост. Колку подолго власта се труди да го одржува својот привиден мир, толку е поголема опасноста дека внатрешниот распад ќе биде потежок и поболен за ВМРО-ДПМНЕ. Оттука, СДСМ мора да продолжи со притисок преку „бомбите“ кои би довеле до ситуација состојбите внатре во партијата на власт да бидат неодржливи. Заев мора да го дозира објавувањето на бомбите и да го задржи темпото уште одредено време, бидејќи режимот очигледно располага со одредена документација, а не е исклучено дека прислушкувањето продолжува.

Процесот до доаѓање до преодна власта или некое слично решение ќе потрае уште одредено време. Брзо решение, барем во моментот, е нереална опција. Потрес, внатре во владината коалиција, е исто така исклучително важен елемент кој ќе ја ослабне позицијата на Груевски и Мијалков. ДУИ е важен фактор во оваа ситуација, меѓутоа исто така и помалите коалициони партнери на ВМРО-ДПМНЕ и партиите на помалите етнички заедници. Внатрешниот судар во ВМРО-ДПМНЕ мора да добие на интензитет, сегашната „амстердамска тројка“ не е доволна опасност за Груевски.

Во исто време, СДСМ мора да води паралелен процес на понуда на економски и политички мерки за стабилизација на државата. СДСМ мора силно и јасно да понуди прогресивна политика која ќе ги заштити интересите на сите дискриминирани групи на граѓани по разни основи. Воедно, власта може да биде победена единствено преку дисперзирана стратегија на напад. СДСМ која располага со „бомбите“ ќе го води фронталниот напад, меѓутоа од исклучителна важност ќе бидат страничните напади кои ќе треба да доаѓаат од критични групи на граѓани и активисти. Коалицијата која би го поразила Груевски мора да биде широка коалиција на политички и граѓански прогресивни сили. Падот на Милошевиќ во Србија, од внатреполитички аспект, беше возможен единствено преку воспоставување на таков широк и разноличен фронт на конфронтација.

Меѓународната заедница, првенствено ЕУ, ќе мора да ја препознае критичноста на состојбите во државата. Секаков компромис поддржан или инициран од ЕУ кој ќе му овозможи на ВМРО-ДПМНЕ да организира следни избори е поразителен за иднината на државата.

Да покажеме демократска зрелост

Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Дане Талески

Македонија е подолго време во длабока политичка криза. Првата голема манифестација на политичката криза беше на 24 декември 2012, кога на „црниот понеделник“ пратеници од опозицијата и новирани беа насилно исфрлени од Собранието на Република Македонија. Последователни манифестации на политичката криза имаше на следните циклуси на избори, локалните во 2013 и предвремените парламентарни и редовните претседателски избори во 2014 година. Тогаш видовме дека во Македонија целиот државен апарат е во служба на партијата на власт, дека медиумите се под силна политичка контрола, дека има сериозни недоследности во избирачките списоци и во документите за идентификација (на пример, гласачите од Пустец) и дека има сериозни политички притисоци врз личното право на глас. Кулминацијата на кризата дојде со најавата на опозицијата дека ќе ја бојкотира работата на Собранието. Понатаму, документот што го спреми експертска група за настаните од 24.12.2012, а кој можеше да понуди насока за излез од кризата, беше оквалификуван како „тоалетна хартија“ од страна на власта.

Со објавувањето на „бомбите“, започнува расплетот на кризата. Слушајќи ги веселите разговори на властодршците, како со неподнослива леснотија уништуваат човечки животи, злоупотребуваат деца без родители и починати, како државните институции ги претвориле во партиски штабови, медиумите во партиски телали, граѓаните во човечиња со патент на уста, како нѐ водат во економска катастрофа мантрајќи јавно за потемкиновите села, стануваме свесни за метастазите на политичката криза. Слушаме дека темното сениште што ја гуши демократијата во Македонија било во полн замав од 2010 наваму, а можеби и порано. Тоа значи дека најмалку 5 години, а можеби и повеќе, во Македонија има консолидиран авторитарен режим кој има воспоставено корпоративна контрола врз целиот јавен сектор и голем дел од приватниот сектор.

Во една нормална држава кризата, која пред се произлегува од политичката злоупотреба на власта, би се решавала по институционален пат, со истрага на обвинителството и преку непристрасна судска постапка. Но бидејќи судската власт е под политичка контрола, а авторитарната власт нема да дозволи спроведување на независна и објективна истрага, тогаш поверојатно е дека излезот од кризата ќе биде политички. Барањата за преговори меѓу власта и опозицијата се увертира во создавањето на услови за рамноправно учество во следните избори кои мора да бидат фер и демократски. Меѓународната заедница веќе е вклучена во наоѓањето на решение и ќе ги помага нашите напори да се врати нормалноста, слободата и демократијата. Но тие нема да ги решаваат нашите проблеми. Мора да покажеме дека имаме демократска зрелост да издејствуваме политички промени. Важно е да се каже дека политичката разрешница нема да ја замени институционалната, туку ќе ја одложи до моментот кога во Македонија ќе има услови за објективна истрага и непристрасна судска постапка.

Во идниот период опозицијата ќе ја има клучната улога во обидот да се врати слободата и демократијата во Македонија. Опозицијата мора да биде истрајна, храбра и доследна. Со објавувањето на „бомбите“, опозицијата успеа да врати голем дел од својот кредибилитет. Но сега не смее да дозволи да биде понесена од чувството на морална супериорност. Напротив, опозицијата треба да покаже дека ги научила лекциите на кои се темели релативниот успех на студентскиот и професорскиот пленум во борбата со авторитарната власт. Опозицијата мора да повика на еднаквост, на социјална и етничка солидарност, и да биде отворена и инклузивна. Опозицијата мора да создаде граѓански пленум. Мора да се создаде сенародна критична маса во која ќе се слее мнозинството на граѓани, без разлика на вера и партија, која ќе издејствува заминување на авторитарната власт, враќање на демократијата и формирање на нова власт што ќе биде сервис на граѓаните, а не нејзин владетел.

Секоја криза е и шанса. Ова е шанса за создавање на нова Македонија. Демократска и слободна. Мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална. Толерантна и солидарна. Со почит и заштита на различностите. Држава која ќе биде пристојно место за живеење. Ако не успееме, тогаш. . . Не размислувајте така. Сега нема место за неуспех. Мора да успееме. Ќе победиме!

Неселективно објавување на нови бомби и опозициско окрупнување

Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Бесим Небиу

Во Македонија не постои политичка култура ниту историски преседан на разрешавање на политички конфликти без надворешно посредство. Истовремено, сѐ уште нема критична маса на луѓе кои би застанеле зад еден силен јавен, граѓански притисок кој би предизвикал промена преку антивладини протести. Институционална (правна) разврска е невозможна во услови кога е јасно дека институциите се целосно контролирани од партијата на власт. Оттука, сметам дека ситуацијата е нерешлива без озбилна и робустна дипломатска интервенција и арбитрација на меѓународната заедница, слична на онаа од 2001 година.

ВМРО е сѐ уште апсолутен владетел, но и владетел во голема неволја со оглед на видовите злоупотреби кои секојдневно се објавуваат преку „бомбите“. Првата колатерана жртва од објавувањеето на бомбите за Владата е ефективниот губиток на ПР и пропагандата, потпора преку која до само еден месец моќно се контролираа јавните перцепции . Повеќе од 75% од граѓаните ги следат бомбите – а бидејќи во нив се водат разговори на македонски јазик (чија авентичност не е оспорена од никого) – скоро на сите им е јасна содржината. Пропагандата сега веќе има ограничен ефект, бидејќи и за најспособните пропагандисти е скоро невозможно да се спинува содржината на прислушкуваните разговори.

Владата нема да попушти на краток рок, пред сѐ во тактички цели – бидејќи по бомбите, долгорочното останување на власт на оваа иста политичка гарнитура е веќе неплаузибилно, и тоа сметам дека им е јасно скоро на сите страни. Од друга страна, СДСМ е довчера слаба опозиција, која на голема врата се враќа со обвинувања (потпкрепени со снимки) за тешки криминали и злоупотреби без преседан во демократските земји на Европа.

Динамиката на конфликтот е таква што ВМРО смета дека може да наметне излезно решение, и покрај бомбите – користејќи го фактот дека целосно ги контролира институциите и медиумите, а како што видовме има моќ да неограничено влијае на сите лостови на власта. Одржувајќи внатрешна сплотеност (колку и да е таа привидна или под закана), ВМРО смета дека ќе зачува доволно моќ да диктира решение кое на сегашното раководство ќе му овозможи целосна контрола на текот разрешницата, по принцип на „soft landing“ за сегашното високо раководство на партијата и владата.

Опозијата треба да игра токму на обратното сценарио – на решение кое ќе биде целосен „hard landing”.   Тоа може да го прави единствено со неселективно и интензивно објавување на нови бомби, вклучително и на „безбедносно-сензитивните“. Паралелно, опозицијата мора да се посвети на сопствено окрупнување преку претставување на широка надетничка, отворено прогресивна и радикално подемократска понуда за пост-груевистичка Македонија, која би мобилизирала поголем број граѓани од сите етнички, религиски и социјални групи во Македонија.

Сметам дека за степенот до кој секоја од страните ќе ја диктира разрешницата ќе пресече меѓународната заедница преку начинот на кој ќе интервенира во следните 2-3 месеци – но таа интервенција ќе ја земе предвид „ситуацијата на терен“, односно степенот на успех на двете страни во однос на нивните краткорочни тактички цели.

Не само снимки, туку и работа на терен

Дел од вториот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза“. Автор: Анастас Вангели

Веројатно во моментов Груевци прават исти такви муабети какви што ги слушаме на снимките – помалку за тоа колку е ова „кафана држава“ и како ќе одат затвор кога ќе паднат од власт, а повеќе за тоа како да сотруваат, да манипулираат, да средуваат и стрпуваат луѓе, да палат кафани и да фрлаат фамилии во ендек. Ним нема никогаш да им падне на памет да се повлечат ниту милиметар. Тие ќе одат до крај и на својот пат до дното со себе се спремни да ја повлечат цела Македонија и да ги пукаат гумените куршуми.

Голем број наши сограѓани веројатно не ги чуле целосно снимките и единствено што знаат за македонската криза е дека Заев заедно со Странските Служби спремаат пуч во Македонија. Уште поголем проблем се оние кои ги слушаат снимките и се сосема свесни за работите околу нив, но од било какви причини – лична корист/уцена од власта, омраза кон СДСМ или едноставно недостаток на политичка свест (или пак комбинација од сите три) – одбираат да го релативизираат злото на Груевски. Тие не велат „Чарлс Менсон е невин, тој не убил никого“ туку „па во ред, Чарлс Менсон навистина убил некој овде или онде, но што да правиме – луѓето од секогаш убивале други луѓе и тоа така ќе си остане… да не се водиме од лични предрасуди, да ги извадиме аргументите на маса, сепак Чарлс Менсон е добар татко и човек.“ Тоа е и реториката на Груевски – „луѓе сме, сите грешиме, во афект сме биле, дајте да збориме за сработеното.“

Тоа е веќе сценарио за траен конфликт на две групи кои се водат од два радикално спротивни системи на вредности и уверувања. И ние, и тие, располагаме со истите информации, но се работи за сосема спротивна интерпретација. Истите факти, за нас значат една вистина, а за нив нешто сосема друго.

Затоа, најголемиот фронт во моментов треба да биде санирањето на последиците од таквото релативизирање. Доколку им оставиме преголем простор на таквите, моменталната ситуација ќе стане новото „нормално“ – снимки и контра-снимки од сите страни, целосна недоверба, релативизирање на најголемите зла, наместо „нема докази за евентуална ликвидација“ ќе слушаме „епа брат, си го бараше, многу му збореше устата плус предавник беше, шо сеа.“ Една од последиците на ова би било нова парламентарна победа на ВМРО-ДПМНЕ, и со украдените и гласовите на мртвите, но и со гласовите на оние кои свесно им ја даваат поддршката.

Во таа смисла на опозицијата би ѝ препорачал да ја преобмисли својата стратегија за ракувањето со останатите снимки – објавувањето да не биде сензационалистичко и под кураторство на партијата, а повеќе стручно и во соработка со експерти, медиуми, невладини организации и слично, со нивно масовно дистрибуирање и анализа. Додека експертите ќе се бават со снимките, опозицијата треба да работи на мобилизација, градење нови мостови и вмрежување со целата онаа критична маса која и без нови снимки, веќе е свесна дека власта на Груевски е нелегална, нелегитимна, некомпетентна, а богами и составена од луѓе со проблематичен ментален склоп. Треба да се бориме не само против Груевски, туку и против неговите методи и оние кои се обидуваат таквите методи на владеење да ги оправдаат. На крајот, опозицијата треба да има предвид дека тоа е процес од јавен, а не партиски интерес. Главниот збор им останува граѓаните.

Сценарија

Вонредно заседание, прв дел: Сценарија за излез од политичката криза

Со објавувањето на „бомбите“ на Заев, Македонија влегува во една од најголемите политички кризи во својата историја. Влоговите се високи и на двете страни. Каква предвидувате дека ќе биде разврската на оваа криза? Како би требало да се постави опозицијата во текот на настаните што следат?

Првиот дел од ова дводелно вонредно заседание донесува четири осврти:

 

фото: НОВА

Мост на спасот

Дел од првиот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза. Автор: Горан Лазаревски

Македонските интелектуалци се генерално лоши прогнозери. Повеќето со години предвидуваат пад на Владата, но на секои избори реалноста ги демантира. И овој пат, во игра се неколку сценарија, кои се повеќе листа на желби отколку издржана анализа.

Груевски да си поднесе оставка и да распише избори. Оние кои реално се надеваа(т) на ваков хепи-ендинг, чиј главен пропонент беше токму Заев пред да ги активира бомбите, очигледно не го познаваат менталниот склоп на Премиерот. Некој што е во состојба да изврши такви злосторства за какви што чувме е опериран од секаква морална совест. Од психопатолошки аспект, нарцисоидните личности веруваат дека се безгрешни и непобедливи, што се потврдува од неговото поведение. Поважно можеби, евентуален пораз на избори за Груевски е end game – крај на неговата политичка кариера и почеток на неговиот затворенички живот. Како што и самиот најави: повлекување нема, ќе се бори до последно.

Малку пософистицирана варијација на истата тема е меѓународната заедница да го притисне Груевски да се повлече. Ова доаѓа од истите оние типови кои 9 години чекаат од странците да им ја донесат власта на тацна и постојано остануваат разочарани. Прво, во ситуација кога пристапните преговори со ЕУ/НАТО се блокирани од Грција, меѓународната заедница има на располагање многу малку инструменти за притисок. Второ и поважно, странците за Груевски не се никаков авторитет, туку се непријател за внатрешна употреба со кој веќе со години се мобилизира членството. Секаков притисок од надвор лесно ќе биде спинуван како дел од заверата против Македонија да го смени името и совршено ќе се вклопи во приказната за странски служби, која колку и да е неиздржана, по сѐ изгледа има значителен број приврзаници дома. Мислам дека Груевски е во состојба и сосема да му го сврти грбот на Запад ако добие руска поддршка, судејќи според проруската ориентираност на ударните пропагандистички перјаници на режимот (Никовски, Велиновска, Латас). Русија и официјално изрази претензии за зголемено влијание на Балканот и го поддржа Груевски да се справи со “обидот за пуч“. Ваквиот развој би ја направил поделбата меѓу граѓаните уште подраматична со несогледливи последици за стабилноста на земјата.

Третото сценарио е да дојде до некаков внатрешен преврат во ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето што го заговараат ова несомнено не ја познаваат внатрешната структура на оваа партија. Тоа е всушност помалку партија, а повеќе секта, односно мафија, составена од безрбетници, условени со меници, поткупени со работни места, уценувани со прљав веш, заплашувани со прислушување и тајна полиција. Едноставно немаат ниту морален, ниту организационен капацитет за преврат. Од снимените разговори видовме дека тоа не е ниту класична пирамидална структура, туку своевиден паноптикон, каде секој функционер има пристап до Премиерот и теренецот Миле преку СМС, а овие микро-менаџираат сѐ што се случува. Впрочем, и леснотијата со која Стварески и Јанкулоска беа понижени и ставени под контрола по шестата бомба го потврдува ова.

Постои и т.н. „револуционерно“ сценарио, според кое народот со протести би ја презел власта. Мислам дека ова е чиста фантазија, бидејќи не постои ниту капацитет, ниту политичка волја за такво нешто. А уште помалку е тоа посакувано сценарио, бидејќи таква една власт ќе има уште помалку легитимитет од сегашнава и може само да ѝ се удри од глава на опозицијата.

Сметам дека единственото реално сценарио за излез од кризата е формирање ново мнозинство во Парламентот помеѓу СДСМ и албанските партии. За да дојде до ова, клучно е СДСМ да демонстрира политичка моќ преку масовни протести со цел да ја убеди ДУИ дека коалицирањето со нив е победничка опција. Истовремено важна улога треба да одигра и меѓународниот фактор кој ужива големо влијание кај албанските елити. Грешка би било доколку СДСМ објави компромитирачки материјали за албанските главни играчи. СДСМ мора да гради мостови за сојузништво, а не да ги урива. Ако треба, и да ги искористи снимките како leverage во такви евентуални тајни преговори. Во овој момент главен приоритет е да се сруши Груевски и да се врати нормалноста. Верувам дека Заев е свесен за тоа и досегашниот избор на снимки покажува дека тој ја остава во игра оваа опција. Се надевам СДСМ ќе покажат сенс за реал-политика, дури и по цена на некои од принципите кои јавно ги прокламираа. Зашто штетата што државата ќе ја претрпи од дополнителни три години под Груевски е далеку поголема од нечиј нарушен морален интегритет.

Македонија не смее да продолжи да живее во состојба на „laissez-faire“

Дел од првиот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза. Автор: Јорданка Ивановска

Кој е најбезбедниот начин да замине Никола Груевски од сцената, а да се сочува стабилноста и да не дојде до судири меѓу приврзаниците на двете најголеми партии? И секако, како повторно да се легитимираат институциите ?

За анализа е и до кога набојот од „бомбите“ меѓу двете идеолошки струи ќе може да се држи под контрола. Имаат неколку стотина илјади симпатизери, плус гласачи, кои сметаат дека нивните лидери се во право и кои се на ум дека треба да се измерат силите на улица.

Секако, „бомбите“ и нивното игнорирање од ВМРО-ДПМНЕ не може да бидат вечна состојба, напротив некој мора да понуди излез – избори, преодна влада, некој мора паралалено да работи и на излезот. Во случајов, јавноста не знае дали некој нешто договара, па ние сме во една состојба, може да се каже „laissez-faire”, во која работите се пуштаат да се одвиваат по свое, без предвидлив тек и без контрола на настаните во иднина. Се остава министрите да потклекнат на притисоците и секој сам да замине (да го напуштат Груевски), иако: кој и да замине, ќе го замени некој друг. Станува збор за тврдо-централизирана партија од која не може да си замине кој како сака, особено не сега кога многу криминални нешта се откриени.

Се чини дека Премиерот Никола Груевски целосно е затворен за преговори, а според искуството, таков и ќе остане и тоа ја зголемува тензијата. Себеси се смета за неприкосновен легитимен лидер и тука завршува секој обид да се стори нешто повеќе. Конечниот збор мислам дека сепак ќе биде неговиот, мора сам да реши да замине, да почуствува притисок, а тој сѐ уште цврсто ја држи позицијата и ја има моќта врз институциите. Не е засрамен, а нема намера ни да си оди после првата, втората „бомба“, како што беше уверен опозициониот лидер Зоран Заев. На Груевски му остануваат три години од мандатот, а веќе два месеци се однесува како ништо да не се случува наоколу – отвора чешми, патишта, си оди на работа нормално.

Во заблуда се сите оние кои се на ум дека меѓународниот фактор ќе го натера Груевски на повлекување или дека влада, заглавена до врат со проблеми и на која ѝ виси опасност од апсење на нејзини високи членови во иднина, ќе се реши на мирно повлекување од тронот.

Децидна сум – потребни се нови мирни легитимни избори. Претходно потребна е нова преодна влада, која ќе се погрижи изборите да се одвиваат законски и во тој период да не се злоупотребуваат институциите за купување на гласови (субвенции, пензии, плати на администрација). Предлог од типот на ново парламентарно мнозинство, СДСМ-ДУИ-ДПА плус Павле Трајанов, за уривање на оваа Влада до нови избори, не може да се смета за мирна опција. Може да оди во прилог на власта – на избори да настапи со тврда националистичка реторика (исто како на минатите), дека СДСМ коалицирале со две албански партии што проаѓа кај нивните гласачи.

И секако, програма – пред опозицијата е тешка задача да ги убеди неопределените (неколку стотици илјади кои не излегуваат на избори) дека се разликуваат и дека заслужува да им се даде гласот. Опозицијата мора да знае дека во нив е клучот, а не да ги притиска да се приклонат кон нив. Напротив, треба само да им го побара гласот.

„Бомбите“ ја клекнаа оваа власт, но потребна е економска и социјална реформа која има перспектива. Поинаку, власта на избори ќе излезе со нови лица, наводно „реформирана“, исчистена од „валканите“ и постои реална опасност повторно да ги добие изборите, доколку ги има набрзо. На тоа мора да се смета, не да се оди со начелото „што биде, биде“.

Автономните зони како простор за организирање на отпорот

Дел од првиот дел на вонредното заседание „Сценарија за излез од политичката криза. Автор: Мила Шопова

Власта одбива да се соочи со недемократските процеси што ги воведе во институциите за да оствари непречена моќ и да спречи секаков обид за институционална контрола на таа моќ. Партиската опозиција и дел од формалните граѓански здруженија поставуваат дијагнози и ги игнорираат условите што доведоа до состојбите во која неодложни се општествени и системски промени. Во услови на реактивна партиска опозиција, нелегитимна партиска власт и старонови имиња што се реактивираат на политичката сцена (Димитров, Лазаревиќ, Димшоски), парламентарни избори не можат сами по себе да ги остварат потребните промени во Македонија, исто како што е невозможно политичката криза да се изедначи со објавата и содржините на противуставната пракса на прислушкување.

Да појдеме од аналитичкиот пристап со кој кризата претставува појдовна обзервација и работен концепт, а не само фактичка состојба. Така сме чекор поблиску до историите и политиките на дискриминација зад процесите што ги сведочиме денес.[1] Ако кризата е момент кога станува видлива опсежноста на моќта, тогаш треба да го насочиме вниманието на местата и нештата во процесот на утврдување моќ како што се манипулацијата, дискриминацијата и експлоатацијата и моделите што успешно пружаат отпор.

Во моментот кога во Македонија се случува објавувањето на незаконски практики, како прислушувањето, социјалната нееднаквост е во историски подем, работничките права се ништат, јавниот простор се стеснува во и надвор од градовите со пренамена и распродажба на јавното земјиште, во градските населби ЛГБТ заедницата, Ромите, осиромашените и други слоеви од непривилегираното население, вклучувајќи и жени, се маргинализираат, стануваат мета и жртва на разни видови насилствo, обесправеност и обеспоседеност. Сето ова се случува организирано од државните институции. Ова е препознатлива состојба во неолибералниот свет денес, а горенаведените точки се оските околу кои треба да се гради отпорот. Притоа, отпорот мора да биде заснован на демократски принципи, а не принципи што ќе овозможуваат само одредена група луѓе да имаат непречена контрола врз знаењето и информацијата. Во оваа група се вбројува и партиската опозиција. Таа опстојува врз истите услови, ги користи истите простори и доаѓа до информации по истите канали како тие на власт со цел да опстои. Со калкулантска ангажираност, таа ги банализира засведочените неправди: кога бомбите се темпирани, а темпото по некое време станува предвидливо, експлозиите се нормализираат и стануваат дел од очекуваниот репертоар на секојдневието. Да не заборавиме, партиските опозиции немаат интерес да посочат каде се линиите на обесправеност, зашто тоа би значело дека и тие ќе треба да се соочат со својата дискриминаторска историја и да се подведат под поголема контрола на граѓаните. Во овие околности, единствено граѓанското организирање може да доведе до општествени и системски промени, во простор формиран и услови определени од граѓаните.

Автономните зони по примерот на студентските и професорските пленуми се покажаа како успешен простор за граѓанска мобилизација. Неформалното окупирање на физички простор е аналогија за одново освојување на загарантирани, но неовозможени права, можност колективно да се учествува во обмислување на нови процеси за демократско управување кога репрезентативните ќе прераснат во дискриминаторски. Мора да продолжиме со автономните зони, да ги мултиплицираме и надвор од универзитетот. Ова се простори на географско слепило, на привремена недржавност, на ослободување од општествениот договор и од идеалот дека даденото право е реализирано право. За да се реализираат дадените права, треба да постојат услови тие да бидат практикувани. Автономните зони се правецот до општо граѓанско организирање околу моќта на граѓаните колективно да ги подобрат условите за да ги остварат своите права.

Колективното размислување и солидарноста се два принципи за организирање на автономните зони. Размислувањето како колективен процес, а чија важност го препознава Хана Аренд, расчистува со класниот феномен на „интелектуалецот“ и со монополот на институционалните центри на образованието врз знаењето и искуството. Во тој процес, по принципот на солидарност ќе се препознаат и здружат историите на обесправеност. Принципот на солидарност има своја историја, а во денешниот момент е важен зашто привремено ги одолжува пресудите за тоа како треба да се живее и постои. Во тој привремен застој никнуваат дотогаш обесправени гласови, знаења втемелени во искуства, истории. Никнува отпорот. Солидарноста е една можност да се дејствува по пат на прифаќање, а не пресуди и предрасуди.

Во автономните зони, со принципите на колективно размислување и солидарност, секој од нас ќе треба да се соочи со своите и колективните предрасуди и да ги препознае експлоатацијата и обесправеноста. Така ќе се создаваат нови форми на отпор.

 

[1] Овој пристап е неопходен за да размислиме како понатаму и да ја надминеме патологијата и ахисторичноста на сегашниот момент. Во спротивно, единствената промена што претстои е смена на позициите по пат на избори, без промена на процесите за контрола и демократска распределба на моќта.